У.бр.247/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.247/2024
Скопје, 19.11.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 2 и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 19 ноември 2025 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 1 алинеја 2 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на“, член 15 став 2 во делот „против кои е дозволена жалба“, член 23 став 1 во делот „поништувањето, укинувањето или изменувањето на“ и член 71 став 1 во делот „доколку не е поинаку определено со закон“ од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 150/2024 и 220/2024).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Образложение

I

Александар Наумовски од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите од членовите 4, 15, 23 и 71 и став 4 од член 69 од Законот за управните спорови од Законот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека, оспорените делови од одредбите и оспорената одредба од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 и членовите 9, 16, 51, 54, 55 и 58 од Уставот на Република Северна Македонија, член 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) и член 1 од Протокол бр. 12 на ЕКЧП.

Според наводите од иницијативата, оспорените делови од член 4 став 1 алинеја 2, член 15 став 2 и член 23 став 1 од Законот, се спротивни на член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9 и 50 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот и членовите 6, 14, 17 и 18 од ЕКЧП бидејќи со истите се условува, ограничува и загрозува статусот на заинтересираните лица признат со горецитираните одредби на Уставот и ЕКЧП и следствено на ова се повредуваат правата, слободите и правните интереси на граѓаните и правните субјекти како тужители и тужени во управно-судската постапка. Имено, на сите заинтересирани лица треба да им биде признат статусот на странка во управно-судската постапка, со цел остварување или заштита на своите права, слободи и правни интереси.

Исто така, се наведува дека оспорениот член 69 став 4 и член 71 став 1 во делот „доколку не е поинаку определено со закон“ се спротивни на Амандманот XXI на Уставот, со кој е изменет член 15 од Уставот, на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 50 став 2 и член 51 од Уставот и на членовите 6, 13, 14, 17 и 18 од ЕКЧП и на член 10 од Законот за судовите бидејќи со истите се повредува правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, принципот на правична судска постапка, правото на судење во разумен рок, правото на судска заштита во однос на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, правото на правна заштита на сопственоста и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Подносителот се повикува на Одлуката У.бр. 231/2008 од 16 септември 2009 година на Уставниот суд, и наведува дека изнесените ставови на Судот во оваа одлука треба да бидат земени предвид при одлучување и во овој предмет.

Се предлага Уставниот суд, до донесувањето на конечната одлука да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените делови од одредбите и оспорената одредба бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 4 став 1 алинеја 2 од Закон за управните спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 150/2024 и 220/2024) „заинтересирано лице“ е секое физичко или правно лице на кое поништувањето, укинувањето или изменувањето на оспорениот акт или дејствие му штети на некое негово право или правен интерес.

Во член 15 став 2 од истиот закон е предвидено дека Вишиот управен суд, одлучува по жалби против пресудите на Управниот суд и решенијата на Управниот суд против кои е дозволена жалба, а во прв степен и за судир на надлежностите меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините во градот Скопје и градот Скопје, меѓу општините, градот Скопје, општините во градот Скопје и јавните органи ако тоа е утврдено со закон.

Според член 23 став 1 од овој закон заинтересирано лице е секое физичко или правно лице на кое поништувањето, укинувањето или изменувањето на оспорениот акт или дејствие му штети на некое негово право или правен интерес.

Во член 69 став 4 од истиот закон е уредено дека жалбата не е дозволена против пресуда со која поединечниот управен акт е поништен или е прогласен за ништовен и предметот е вратен на повторно постапување на јавниот орган, како ни против пресуда со која судот му наложил на јавниот орган да го донесе поединечниот акт кој не бил донесен во утврдениот рок.

Согласно со член 71 став 1 од овој закон, против решение на Управниот суд дозволена е жалба, доколку не е поинаку определено со закон.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредност на Уставниот поредок.

Согласно со член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според став 2 од овој член граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во точка 1 став 1 на Амандмaн XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се предвидува дека се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Според став 2 од истата точка, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Согласно со став 2 од истиот член, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Во став 3 од истиот член е предвидено дека граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита

Согласно со член 51 став 1 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Според став 2 од овој член секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Согласно со став 2 на овој член, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Во став 3 од овој член е предвидено дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 6 став 1 од Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП), меѓу другото, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски.

Во член 13 од ЕКЧП е предвидено дека секој човек, чии права и слободи признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службена должност.

Според член 14 од ЕКЧП, уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Во член 38 алинеја 2 од Актот на Судот, е предвидено дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според член 10 став 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 62/2006, 35/2008, 61/2008, 118/2008, 16/2009, 150/2010, 39/2012, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019), постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз следните начела: законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност и транспарентност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана, односно застапување, слободна оцена на доказите и економичност.

IV

Според Судот неосновани се наводите дека оспорениот дел „поништувањето, укинувањето или изменувањето на“ од член 4 став 1 алинеја 2 од Законот за управните спорови, е спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, членовите 9 и 50 и член 54 ставовите 1 и 3 од Уставот и членовите 6, 14, 17 и 18 од ЕКЧП бидејќи со истите се условува, ограничува и загрозува статусот на заинтересираните лица признат со горецитираните одредби на Уставот и ЕКЧП и следствено на ова се повредуваат правата и слободите. Oва од причина што со член 4 став 1 алинеја 2 од наведениот закон само се дефинира поимот „заинтересирано лице“. Имено, одредбата е јасна, прецизна, концизна и не создава правна несигурност.

Судот, исто така, оцени дека наведениот оспорен дел од член 4 став 1 алинеја 2 од Законот е во согласност со член 9 од Уставот, бидејќи со истиот не се создава нееднаквост во однос на субјектите на правото односно истиот се однесува еднакво на сите субјекти на правото чии права или интереси се засегнати со поништување, укинување или изменување на управен акт или дејствие. Имено, за да стане збор за повреда на принципот на еднаквост потребно е субјектите на правото кои се наоѓаат во еднаква или слична правна положба, во конкретниот случај субјектите чии права или интереси се засегнати со поништување, укинување или изменување на управен акт или дејствие, да бидат третирани на различен начин, што не е случај со оспорената одредба бидејќи истата се однесува подеднакво во однос на сите заинтересирани лица.

Покрај ова, Судот оцени дека наведениот оспорен дел е во согласност и со член 50 од Уставот, бидејќи истиот не забранува односно не го ограничува правото на граѓаните на судска заштита. Имено, на сите физички или правни лица на кои поништувањето, укинувањето или изменувањето на оспорениот акт или дејство им нанесува штета на некое право или правен интерес, како заинтересирани лица, може да побараат судска заштита.

Судот оцени дека наведениот оспорен дел е во согласност и со член 54 од Уставот, бидејќи со истиот се дефинира поимот „заинтересирано лице“, искористен во Законот и не предвидува ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Според Судот, е неоснован наводот дека оспорениот дел „против кои е дозволена жалба“ од член 15 став 2 од Законот е спротивен на Амандманот XXI на Уставот, член 13 од ЕКЧП и член 10 од Законот за судовите. Ова од причина што ставот во кој е содржан оспорениот дел се однесува на надлежноста на Вишиот управен суд да одлучува по жалби против пресудите на Управниот суд и решенијата на Управниот суд против кои е дозволена жалба, а во прв степен и за судир на надлежностите меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините во Градот Скопје и Градот Скопје, меѓу општините, Градот Скопје, општините во Градот Скопје и јавните органи ако тоа е утврдено со закон, додека наведениот амандман од Уставот се однесува на правото на жалба како дел од правото на правна заштита.

Со оглед на фактот дека содржината на оспорениот дел од член 23 став 1 од Законот е идентична со содржината на оспорениот дел од член 4 став 1 алинеја 2 од истиот закон, а притоа наводите на подносителот се во иста насока, Судот оцени дека образложението дадено во однос на оспорениот дел од член 4 став 1 алинеја 2 од овој закон е валидно и за оспорениот дел од член 23 став 1 од Законот.

Во однос на наводите дека оспорениот член 69 став 4 од Законот е спротивен на Амандманот XXI, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 50 став 2 и член 51 од Уставот, Судот, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот, одлучи да ја отфрли иницијативата во овој дел од причина што наведената одредба од Законот била предмет на уставно-судска оцена. Имено со Решението У.бр.4/2021 од 5 мај 2023 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 69 став 4 од Законот за управни спорови („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.96/2019), додека со решенијата У.бр.57/2022 од 7 септември 2022 година, У.бр.48/2023 од 02.05.2023 година и У.бр.163/2024 и У.бр.164/2024 ги отфрлил иницијативите за поведување постапка, со образложение дека за истата работа веќе е одлучено.

Според Судот, неосновани се наводите дека оспорениот дел „доколку не е поинаку определено со закон“ од член 71 став 1 од Законот е спротивен на Амандманот XXI, на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 50 став 2 и член 51 од Уставот, на членовите 6, 13, 14, 17 и 18 од ЕКЧП и на член 10 од Законот за судовите. Ова од причина што според член 67 став 1 од Законот, Судот со решение одлучува за прашањата кои се однесуваат на постапката или се појавуваат во врска со постапката, доколку со овој закон не е поинаку утврдено. Имено, член 71 став 1 од Законот, јасно прави разлика помеѓу два вида решенија што ги донесува Управниот суд. Првиот вид се решенија против кои со закон е дозволена жалба до Вишиот управен суд, а вториот вид се решенија против кои не е предвидено посебна жалба. Оваа поделба се заснова врз карактерот на решенијата. Со првите решенија се одлучува за постапката како и за управниот спор и поради тоа е предвидена жалба до Вишиот управен суд. Со вторите решенија, пак, се одлучува за конкретни процедурални прашања и состојби, коишто имаат влијание врз постапката, но не и директно врз исходот на управниот спор и поради тоа е предвиден правен лек – жалба што се изјавува против пресудата донесена во управниот спор. Следствено на наведеното, Судот оцени дека предвиденото законско решение во оспорениот дел е во согласност со начелото на економичност во судските постапки и се оневозможува пролонгирањето на управно-судски постапки поради несодржински причини во однос на предметот на управниот спор.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека со оспорениот дел „доколку не е поинаку определено со закон“ од член 71 став 1 од Законот не се суспендира правото на реална жалба односно правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, начелото на двостепеност и законитост и легитимност, правото на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите.

Во однос на наводите дека оспорените делови од одредбите од членовите 4, 15, 23 и 71 и став 4 од член 69 од Законот за управните спорови не се во согласност со наведените одредби од ЕКПЧ и одредбите од Законот за судовите, Судот оцени дека станува збор за прашања, коишто излегуваат надвор од уставната рамка на надлежностите на Судот. Имено, Судот не е надлежен да оценува меѓусебна согласност на закони и согласност на закон со меѓународен акт.

Од горенаведеното произлегува дека оспорените делови од одредбите и оспорениот став од Законот се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7 и членовите 9, 16, 51, 54, 55 и 58 од Уставот на Република Северна Македонија, од аспект на наводите во иницијативата.

Судот оцени дека не се исполнети условите за донесување решение од член 37 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот, едногласно во однос на точката 1 и со мнозинство гласови во однос на точката 2 од Решението, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.247/2024

Издвоено мислење по предметот У.бр.247/2024