Одржана конференција во рамки на билатералната посета на Република Косово во Уставниот суд на Република Северна Македонија

Делегација од Уставниот суд на Република Косово, предводена од претседателот Неџми Реџепи,  престојува во билатерална посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата се одржа Конференција на тема „Уставна контрола на законите и другите акти (материјални и процедурални аспекти)”, на која се дискутираше за современите предизвици и искуства во примената на уставната контрола.

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски изрази задоволство од досегашната конструктивна комуникација и соработка и во текот на своето излагање сподели дел од праксата на Уставниот суд, која се однесува на уставната контрола. 

„Оценката на формалната уставност на законите според моето мислење треба да се интерпретира во најширока смисла, бидејќи тоа не е еднозначно прашање туку станува збор за состојба. Честопати зборувам на оваа тема и неминовно е споменувањето на двете спротивставени теории за толкувањето на Уставот, од една страна е оригинализмот и конзервативниот пристап, а од друга страна е живиот конституционализам. Јас сум приврзаник на умерениот жив конституционализам, не ја поддржувам било која екстремна форма без оглед дали станува збор за конзервативните сфаќања или пак премногу либералните кои може да предизвикаат судократија. Токму во оваа насока и ќе посочам две одлуки на Уставниот суд кој се охрабри да оценува спорни закони, како што беа измените во Кривичниот законик и Изборниот законик. Не само што констатиравме дека има пропусти од формален аспект, како што е злоупотреба на европско знаменце, без да има приложено европска легислатива за пример во самите закони, туку навлеговме и во оценување на постапката, која се коси со основни човекови права, заштитени со Уставот, изјави Костадиновски. ”

Уставните судии од Косово искажаа особен интерес за уставната контрола, прашањето на надлежноста на судовите и можноста за одлучување при судир на два закона. Претседателот на Судот во Косово, сподели примери од последните неколку години со кои ја објасни разликата во одлучувањето и донесувањето на храбри одлуки во насока на владеењето на правото. 

„Се сеќавам на една дискусија со Роберт Бадентер и главното прашање кое беше поставено беше, колку далеку може да оди Уставниот суд при одлучувањето? Ние имаме дилема, за една седница која беше многу важна во политичко-општествен контекст, кога до Уставниот суд се обратија со продцедурални прашања, а притоа Собранието беше блокирано и се определивме  да одлучиме колку пати може да се гласа за еден кандидат во државен орган. Ние донесовме одлука како процедурален критериум, според која за еден кандидат може да се гласа најмногу во три круга. До овој заклучок дојдовме следејќи го духот на текстот на Уставот, а Судот остана единствен орган да донесе одлука по оваа тема, што значи собравме храброст и одлучивме. Имаше критики, но поголемиот дел од јавноста, а и тие што критикуваа ја сфатија поентата и значењето на она што беше одлучено, изјави претседателот Реџепи.

 

Во контекст на интерпретацијата на Уставот и современите предизвици дел од судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија имаа свое излагање. 

Судијата Ана Павловска Данева изјави: 

„Јас го користам својот комодитет да ја применам теоријата во Уставниот суд, бидејќи сум професор на Правниот факултет во Скопје. Во двата случаи кои ги потенцираше претседателот Костадиновски имавме можност да цениме дали законите се во согласност со Деловникот на Собранието. Хиерархиски, како што е поставен Деловникот, тој не е на ниво на Закон, но го анализиравме од два аспектa. Прво, се поставува прашањето дали уставноста ќе ја цениме само од формален аспект и ќе внимаваме на секоја точка, запирка и буква или уставноста ќе ја толкуваме како збир на акти, вклучително и Деловникот којшто е подзаконски акт, но чија примена претставува (не)придржување кон начелата и темелните вредности на Уставот. Мнозинството во Судот на мое задоволство, одлучи дека иако Деловникот на Собранието не е Устав, тој беше прекршен во носењето на клучни закони, како што се Изборниот законик и Кривичниот законик. Кога имате таква ситуација и неуставност како рефлексија на правата и и обврските на сите граѓани во државата, според мене апсолутно беше клучно да ја примениме уставно-правната теорија дека Устанвиот суд од случај во случај ќе го цени општествениот контекст и значење на секој предмет и секаде каде што може ќе ја толкува широко својата надлежност. Оти само така можеме да го применуваме начелото на владеењето на правото. Инаку генерално, оценката на уставноста на законите е нешто што најдобро го прави овој суд и не само во овој состав туку и во изминатите 60 години откако постои, бидејќи ние немаме уставна жалба и секој состав е исклучиво сконцентриран на оценување на уставноста на законите  или подзаконските акти,” изјави судијата Павловска-Данева. 

Судијата Добрила Кацарска во своето излагање изјави: 

Нашата надлежност е утврдена исклучиво со Уставот и тоа во членот 110 и не можеме сами да си ја прошируваме надлежноста. За тие два закона што ги спомена претседателот на Судот, гласав против, бидејќи ние не можеме да ја преземеме надлежноста на Собранието. Јас прва го критикував Законот за измена и дополнување на КЗ, но притоа кажав дека изјавата ја давам како граѓанин и долгогодишен судија во Кривичниот суд, во никој случај како уставен судија, ова од причина што како судија на Уставниот суд ги ценам одредбите од законите дали се во согласност со Уставот или не. Сметам дека не е наша надлежност да кажуваме колкави треба да се казните за секое кривично дело во Кривчниот законик или колку потписи се потребни за независните кандидати во Изборниот законик, тоа е надлежност на Собранието. За прашањето дали некој закон треба да се донесе со европско знаменце или не, треба да води сметка Законодавецот, затоа што тоа е нивна надлежност. Со укинувањето на одредбите од Кривичниот законик и Изборниот законик сметам дека ние ја преземавме улогата на Собранието,”изјави судијата Кацарска. 

Судијата Татјана Васиќ-Бозаџиева во својот говор истакна: 

„Одговорот на прашањето дали Уставниот суд на Република Северна Македонија има уставна надлежност да оценува формална уставност на законите е содржан во членот 108 од Уставот, според кој овој Суд е орган на Републиката кој ја штити уставноста. Оваа уставна одредба го овластува Судот да ја оценува уставноста како уставен принцип во целина која ги опфаќа двете димензии на уставноста: формалната и материјалната уставност, без да исклучува една од овие два вида уставност. Оттука кога одлучува за формалната уставност на донесен закон, Уставниот суд не ја пречекорува својата надлежност. Ваквиот став е различен од досегашната уставно-судска пракса на Уставниот суд на Република Северна Македонија според која овој Суд нема надлежност да ја оценува формалната уставност поради што има донесено само неколку одлуки со кои ја оценува оваа уставност. Прва одлука која претходела на одлуките за Изборниот законик и Кривичниот законик, е Одлуката У.бр.115/2019-1 од 14/05/2020 со која се укинува Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 101/2019) поради тоа што тој закон не бил донесен со потребното мнозинство”, изјави судијата Бозаџиева-Васиќ.

Судијата Насер Ајдари во обраќањето истакна: 

„Имам дилеми во однос на формалната контрола на законите, бидејќи ако преширко одиме можеме да станеме ние позитивен Законодавец што не е добро. Нашите надлежности се точно утврдени во член 110 од Уставот”, кажа судијата Ајдари.

Претставници на двете делегации остварија средба со претседателката на Република Северна Македонија, Н.Е Гордана Сиљановска-Давкова. 

На средбата, уставните судии ја запознаа претседателката Сиљановска-Давкова со континуираната и плодна соработка на двата суда кои во рамки на посетата потпишаа Меморандум за разбирање и соработка.  

Посетата помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство,  уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда. 

Галерија од билатералната посета на Делегацијата на Уставниот суд на Република Косово: