Уставните судови на Република Северна Македонија и Република Косово потпишаа Меморандум за разбирање и соработка

Уставниот суд на Република Северна Македонија и Уставниот суд на Република Косово денеска(09.10.2025) потпишаа Меморандум за разбирање и заемна соработка во области од заеднички интерес.

Со овој документ, што го потпишаа претседателите на двата суда, д-р Дарко Костадиновски и Неџми Реџепи, се поставуваат основите за продлабочување и институционализирање на соработката меѓу уставните судови на двете земји.

Меморандумот претставува резултат на досегашната успешна и конструктивна комуникација, а неговата цел е да овозможи континуиран развој на односите, унапредување на професионалните капацитети и подобрување на квалитетот на судската пракса и донесените одлуки.

Во рамките на соработката се предвидува организирање на заеднички научни конференции, семинари и стручни обуки, како и размена на искуства, судска пракса, истражувачки резултати и релевантна литература. Со тоа се создава платформа за поголема меѓусебна поддршка и размена на добри практики во областа на уставното судство.

Потпишаниот Меморандум за разбирање стапува во сила веднаш и ќе има важност од пет години, со можност за продолжување по истекот на тој период.