Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.251/2024
Скопје, 25 јуни 2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” број 115/2024), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ дел II „Општ дел“ точка 5 потточка 1 во делот „,Вкупно резидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ и потточка 2 во делот „,Вкупно нерезидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021).
2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива на Скендер Реџепи од Скопје, на седницата одржана на 12 март 2025 година, донесе Решение У.бр.251/2024 со кое се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на деловите од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година (во натамошниот текст: Методологија), означени во диспозитивот на оваа одлука.
Ова од причина што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од Методологијата, со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*.
II
Судот утврди дека оспорениот дел „,Вкупно резидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ е содржан во потточка 1 од точката 5 („Категории на население за кои ќе се обезбедат податоци со пописот“) од делот II „Општ дел“ од Методологијата.
Потточката 1 има четири алинеи кои се однесуваат на тоа кои лица го сочинуваат резидентното население и тоа: лицата државјани со место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во Република Северна Македонија; лицата – странци кои престојуваат во Република Северна Македонија подолго од 12 месеци (една година), со одобрение за постојан или за привремен престој; лицата што имаат место на живеење во Република Северна Македонија и се нејзини државјани, а во времето на Пописот престојуваат во странство помалку од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; лицата што имаат место на вообичаено живеење во Република Северна Македонија, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на домаќинствата што привремено престојуваат во странство со наведените лица (независно од должината на престојот во странство по некој од наведените основи).
Оваа потточка содржи посебен став со четири алинеи кој се однесува на тоа кои лица освен претходно наведените, спаѓаат во вкупното резидентно население под услов ако се континуирано присутни во земјата повеќе од 12 месеци и тоа: странците со признат статус на бегалец што ќе се најдат во Република Северна Македонија во времето на Пописот; странците со признато право на азил поради супсидијарна заштита, кои во времето на Пописот се нашле во Република Северна Македонија; странците со поднесено барање за признавање право на азил што се нашле во Република Северна Македонија во времето на Пописот и други лица што ќе се најдат на територијата на Република Северна Македонија во време на Пописот (а кои ги исполнуваат претходно дефинираните критериуми).
Исто така, Судот утврди дека оспорениот дел „,Вкупно нерезидентно население’ го сочинуваат следните лица – единици на Попис“ е содржан во потточка 2 од точката 5 од делот II „Општ дел“ од Методологијата.
Потточката 2 има две алинеи кои се однесуваат на тоа кои лица се во категоријата вкупно нерезидентно население: лицата државјани на Република Северна Македонија, кои во времето на Пописот престојуваат во странство повеќе од 12 месеци (една година) поради работа или друга причина, како и членовите на нивните домаќинства кои престојуваат со нив; и лицата-странци кои престојуваат во Република Северна Македонија до 12 месеци (помалку од една година), со одобрение за привремен престој.
III
Владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Член 110 алинеја 2 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 112 став 2 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија ако утврди дека тие не се во согласност со Уставот или со закон.
Во член 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година* („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.19/2021 и 73/2021) е предвидено дека со овој закон се уредуваат содржината, подготовката, организацијата и спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година (во натамошниот текст: Пописот), надлежните органи за спроведување на Пописот, правата и обврските на надлежните органи, стручните тела и другите учесници во спроведувањето на Пописот, правата и обврските на давателите на податоците во Пописот, единиците кои се опфаќаат со Пописот, пописните реони, употребата на јазиците во Пописот, начинот на спроведување на Пописот, користењето, чувањето и заштитата на податоците од Пописот, обработката и објавувањето на податоците од Пописот, информирањето на населението за целите и значењето на Пописот и неговото финансирање.
Согласно член 4 став 1 од овој закон, Пописот ќе се спроведе во периодот од 5 до 30 септември 2021 година, додека според став 2 од истиот член, Пописот ќе се спроведе според состојбата на 4 септември 2021 година, во 24:00 часот (критичен момент на Пописот).
Во член 5 став 1 од Законот е определено кои податоци ќе се приберат со Пописот (за населението, домаќинствата и становите на територијата на Република Северна Македонија).
Законот, содржи посебна глава II насловена „Единици кои ќе се опфатат со Пописот“ (членови 6-12). Консеквентно на цитираниот член 5 од Законот, со член 6 од истиот е определен опфатот на Пописот.
Така, согласно став 1 на овој член, тоа се лица: државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во Република Северна Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија или во странство (алинеја 1); странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој (алинеја 2); и лица без државјанство кои во моментот на спроведување на Пописот се затекнати во Република Северна Македонија (алинеја 3). Потоа, според ставот 2 на истиот член, тоа се и домаќинствата на лицата од ставот 1 на овој член. И на крајот, ставот 3 на овој член определува дека со Пописот ќе бидат опфатени станови и други населени простории.
Покрај определувањето на опфатот на Пописот, со член 7 алинеи 1-3 од Законот е дефинирано кои лица нема да бидат опфатени со истиот. Тоа се: дипломатскиот персонал на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства (алинеја 1); странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и институции кои во моментот на Пописот престојуваат во Република Северна Македонија (алинеја 2); и странските државјани кои во времето на Пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија заради службен пат, приватна посета, лекување, туристички и слични патувања (алинеја 3).
Според член 15 од истиот закон, Пописот го организира и спроведува Државниот завод за статистика.
Со ставот 2 на член 17 од Законот се утврдени овластувањата на директорот на Државниот завод за статистика во врска со Пописот. Меѓу другото, директорот пропишува Методологија за Пописот со дефиниции на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци (алинеја 1).
Врз основа на овластувањето од член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*, директорот на Државниот завод за статистика ja донел Методологијата којашто е објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.30/2021 од 4 февруари 2021 година.
Од анализата на одредбите од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година* и Методологијата, произлегува дека пописот е статистичка операција уредена со законски и подзаконски норми во која се прибираат, обработуваат, оценуваат, анализираат и дисеминираат податоци за населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија во определен временски интервал.
За Судот, во конретниот случај е неспорно постоењето на законско овластување за директорот на Државниот завод за статистика со подзаконски акт, да уреди прашања определени со закон.
Овластувањето се состои во тоа, директорот со подзаконски акт утврден со закон (Методологија), да ги пропише дефинициите на единиците што се попишуваат и белезите за кои се прибираат податоци.
Меѓутоа, кај оспорените делови од Методологијата, не станува збор за подзаконско уредување какво што е предвидено со Законот, туку за категоризирање за што директорот на Државниот завод нема законско овластување, ниту пак Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година* предвидува категоризацијата на населението да се разработи со подзаконски акт. Всушност, тоа е предмет на овој закон, кој во членовите 6 и 7 ги уредил овие прашања и тоа на поинаков начин.
Поради ова, Судот оцени дека означените делови од Методологијата, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 6, 7 и 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година*.
IV
Врз основа на наведеното, Судот со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски