Издвоено мислење по предметот У.бр.2/2025

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.2/2025 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 2 јули 2025 година не поведе постапка за оценување на уставноста на автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 267/24) и автентичното толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија” бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/13, 39/14, 61/15 и 226/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 267/24), го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со почит кон различните ставови на другите судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, а во врска со автентичното толкување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи, не се согласувам со Решението У.бр.2/2025 од 2 јули 2025 година, на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со кое Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на наведеното автентично толкување.

Имено, член 39 став 3 од Законот за надворешни работи пред да биде донесено автентичното толкување гласи:

„По завршниот разговор кандидатот за амбасадор ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или  меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика.“

Собранието на Република Северна Македонија, оценило дека оваа норма наводно не била доволно јасна и прецизна, па поради таа околност, нашол за потребно, а согласно со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, да го даде следното толкување:

„Одредбата од ставот 3 на член 39 треба да се толкува така што „презентирањето на своите согледувања кандидатот за амбасадор, за односите со државата на приемот или  меѓународната организација пред работното тело на Собранието за надворешна политика е законска обврска, без која што не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“.“

Автентичното толкување на законите како институт има за цел толкување или разјаснување на одредена законска одредба за нејзиното значење или примена, односно истата да биде јасна, прецизна и да не се дозволи арбитрарност во применувањето на законите. Во конкретниот случај, законодавецот во член 39 став 3, по зборот политика, ги додал следните зборови „е законска обврска, без која што не може да биде потпишан указ за поставување на амбасадор од страна на претседателот“.

Вака додадените зборови не се во прилог и функција на толкувањето, односно истите не претставуваат толкување. Во овој случај, законодавецот место појаснување на член 39 став 3 од Законот за надворешни работи, креирал нова правна норма, за која легитимно би било истата да биде донесена со Законот за изменување и дополнување на Законот за  надворешни работи. Ова дотолку повеќе што нормата содржана во ставот 3 на член 39 од наведениот закон, е јасна и прецизна. Ваквата намера на законодавецот е погрешна и не е во прилог на појаснување на нормата, истата ретроактивно го менува значењето на нормата и навлегува во надлежностите на извршната власт. Со тоа законодавецот преку толкувањето наметнува нови услови за именување амбасадор и нови основи за разрешување и престанок на функцијата амбасадор.

Имајќи го во вид изнесеното, во целост се основани наводите во иницијативата и следствено на тоа, наведеното автентично толкување е уставноправно проблематично и спротивно на одредбите содржани во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, повредувајќи го начелото на правна сигурност како составен дел од владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.2/2025