Издвоено мислење по предметот У.бр.165/2024

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Одлуката У.бр.165/2024 со која Уставниот суд, на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, го одби барањето на подносителот во својство на потврден независен кандидат, Билјана Ванковска-Цветковска, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на правото на политичко дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност, го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со почит кон изнесените ставови во рефератот во врска со наведеното барање за заштита на слободи и права најпрвин сакам да ја истакнам неговата непосредна поврзаност со предметот У.бр.149/2024, во кој беше оспорено Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 година бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

По однос на предметот У.бр.149/2024, иако како судија-известител предложив да се поведе постапка за овој предмет, Судот, со мнозинство гласови, одлучи да ја отфрли иницијативата поради темпоралниот карактер на Упатството, односно дека на оспореното упатство му истекол рокот за применување и истото било надвор од правниот поредок, иако овде тоа не беше случај. Ова од причина што оспореното упатство, во моментот на одлучувањето на Уставниот суд, сè уште формално правно важеше заклучно со 4 мај 2024 година, (до 24 часот, додека траеше изборниот молк). Спомнав дека барањето за заштита на слободи и права, по кое Судот сега одлучи е непосредно поврзано со горенаведеното упатство, од причини што доколку се поведеше постапка за истото, односно доколку беше изразен сомнеж за неговата законитост, предметното барање за заштита на слободи и права немаше да биде поднесено. Доколку се поведеше постапка Уставниот суд со својата одлука за поведување, ќе испратеше јасна и недвосмислена порака до доносителот за противуставноста и противзаконитоста на наведеното упатство, така што доносителот во иднина да има во вид да не донесува противуставни и противзаконити акти, како што впрочем беше спорното упатство.

Не се согласувам со ставот на мнозинството судии изнесен во Одлуката за одбивање на барањето на подносителот за заштита на слободи и права, дека при применувањето на одредбите на Изборниот законик кои се однесуваат на медиумското претставување на кандидатите за претседател на државата и за кандидатите за пратеници постоела законска празнина или нејаснотија. Ова го наведувам од причина што во член 75-а став 1 од Изборниот законик е наведено дека радиодифузерите ќе обезбедат избалансирано покривање на целиот изборен процес низ сите облици на медиумско претставување, а националните дифузери ќе обезбедат избалансирано покривање на изборите во сите облици на медиумско претставување на пристапен и достапен јазик и формат, како и на знаковен јазик на следниов начин:

а) за избор на претседател на Републиката, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг од изборите.
б) за избор на пратеници во Собранието на Републиката во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници.
в) за локалните избори:
– за избор на градоначалник на општината, односно за градоначалник на градот Скопје, во согласност со принципите за еднаквост на сите кандидати за градоначалници и во првиот и во вториот круг од изборите и
– за избор на членови на советите на општините, односно членови на градот скопје, за радиодифузерите на дражавно и регионално ниво во согласност со принципот според бројот на потврдени листи, на кандидатите за членови на советите на општините, односно градот Скопје, а за радиодифузерите на локално ниво, во согласност со принципот на еднаквост.

Според став 2 од истиот член, е пропишано дека при утврдувањето на избалансираноста во покривањето на изборниот процес ќе се има предвид интензитетот на активностите во рамки на кампања, а според став 3 од истиот член на Законот, принципот на пропорционалност, односно еднаквост, се иззема платеното политичко рекламирање.

Притоа, законодавецот јасно и децидно разграничил како и на кој начин ќе се врши медиумско претставување на сите учесници во изборниот процес, како за кандидатите за претседател на државата, така и за кандидатите за пратеници и кандидатите за претставници на локалната самоуправа. Кога станува збор за кандидати за претседател, законодавецот  се определил за принципот на еднаквост, додека пак за кандидатите за пратеници и за советници во единиците на локалната самоуправа се определил за принципот на пропорционалност.

Мојот став е дека доносителот на Упатството, при операционализација на Изборниот законик во делот за медиумското претставување на кандидатите за претседател на државата, погрешно го применил член 75-ѓ став 1.

Член 75-ѓ став 1 од Законот, за време на изборната кампања и во првиот и во вториот изборен круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за двете најголеми политички партии во опозицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договори за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија или кандидатите можат да одвојат триесет секунди кои се рспределуваат по претходен  писмен договор. По мое мислење, јасни се и другите одредби од содржината на наведениот член.

Неоснован е ставот на мнозинството судии изнесен во Одлуката на овој суд дека Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 година бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, има карактер на општ акт, а не поединечен. Како такво истото било применувано подеднакво спрема сите учесници во изборниот процес, истото не можело да произведува дејствие, односно поинаков третман по основ на политичка припадност, ниту пак Упатството има елементи на дискриминација или каков било начин со кој го повредува уставно загарантираното право на политичко дејствување.

Ова од причина што во конкретниот случај, според мое мислење, доносителот на веќе еднаш оспореното упатство, при носењето на истото во делот за кандидатите за претседател на државата требало да се повика исклучиво на член 75-а став 1 точка „а“ и да го примени принципот на еднаквост, односно сите кандидати за претседател на Република Северна Македонија, да имаат подеднакво време за медиумско претставување. Ова дотолку повеќе што кандидатите за претседател на државата својата листа не ја поднесуваат преку партиите, туку во согласност со член 59 став 1 од Изборниот законик кој гласи „Право да поднесат листа на кандидат за претседател на Републиката имаат најмалку 10.000 избирачи или 30 пратеници“.

Уште еднаш укажувам дека со донесеното упатство членот 75-ѓ став 1, истовремено е погрешно применет и за кандидатите за претседател на државата и за кандидатите за пратеници. Во конкретниот случај, Уставниот суд иако претходно не изрази сомнеж за уставноста и законитоста на веќе наведеното упатство, сепак преку методот за екстензивно толкување на уставните норми што го има на располагање, имаше можност да утврди повреда на правото на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност. Поради тоа сметам дека наводите на подносителот на барањето, Билјана Ванковска-Цветковска од Скопје, за заштита на слободите и правата во целост се основани, со што со донесеното Упатство за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 година, бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е сторена повреда на правото на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечна одлука У.бр.165/2024