У.бр.165/2024


Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.165/2024
Скопје, 25.06.2025 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 алинеја 2 и член 78 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 25 јуни 2025 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Билјана Ванковска-Цветковска од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, што се однесуваат на правото на политичко дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Билјана Ванковска-Цветковска, во својство на потврден независен претседателски кандидат, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на правото на политичко дејствување и забраната на дискриминација по основ на политичка припадност за коишто смета дека и се повредени со дејствие од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29 март 2024 година, донесен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Подносителката на барањето најпрвин наведува дека стварна надлежност на Уставниот суд е да воспостави уставно-судска заштита на слободите и правата на граѓаните загарантирани со Уставот од повреди сторени од страна на органите на јавната власт. Оваа заштитничка улога на Уставниот суд е одраз на фактот дека тој е чувар на конституционализмот во Републиката изразен преку темелната вредност на уставниот поредок – владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори. Во сржта на конституционализмот е барањето работата на државните органи да не биде волунтаристичка, субјективна и арбитрарна. Оттука, ова барање има за цел контрола in concreto на едно арбитрарно, волунтаристичко, противправно дејствије на една од државните институции која е најодговорна во процесот на спроведување на фер и демократски избори и обезбедување на политички плурализам во Републиката – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Подносителката на барањето за овие дејствија дознала на 29 март 2024 година и смета дека и се повредени уставно загарантираните субјективни права на политичко дејствување и еднаквост пред законите и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.

Понатаму во барањето дава опис на дејствието со кое е сторена споменатата повреда од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Државната изборна комисија преку Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29 март 2024 година, како подзаконски општ правен акт, донесен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во наводите од барањето се наведува дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во согласност со член 96-в од Изборниот законик, е должна да врши перманентен мониторинг и да го следи изборното медумско претставување и програмскиот сервис на радиодифузерите во Република Северна Македонија од денот на распишување на изборите до завршување на гласањето на денот на одржување на изборите. Агеницијата, во рамки на нејзината надлежност и службена должност го издала сега оспореното упатство кое има за цел на радиодифузерите да им го појасни начинот на примена на правилата и ограничувањата предвидени во Изборниот законик за претседателските и парламентарните избори 2024 година, односно ја утврдува распределбата на минути за платено медиумско политичко рекламирање кое им следува на претседателските кандидати и политички партии за време на изборната кампања.

Во барањето се цитира во целост точката 3 од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29.03.2024 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (објавено на веб-сајтот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги):

Точка 3

„Во согласност со распределбата на времето за платено политичко рекламирање утврдена во член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, вкупно деветте минути и триесет секунди (00:09:30) на реален час емитувана програма, подносителите на листи ќе ги користат на следниов начин:

– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии од позицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Стево Пендаровски поддржан од политичката партија СДСМ; и Бујар Османи, поддржан од политичката партија ДУИ.

– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ; и Арбен Таравари, поддржан од политичките партии Алтернатива и Движење БЕСА.

– Во максимум 1-та минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од политичка партија Левица; и Стевчо Јакимовски, поддржан од политичката партија ГРОМ.

– Во преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителот на листа/кандидатот за претседател – Максим Димитриевски, поддржан од политичката партија ЗНАМ.“

Подносителката на барањето Билјана Ванковска-Цветковска смета дека со точката 3 од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29 март 2024 година, како подзаконски општ правен акт, донесен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги e направена дискриминација по основ на политичка припадност и го повредува уставно загарантираното право на политичко дејствување. Упатството, според подносителката, го прекршува Изборниот законик при распределбата на минутажата за платено политичко рекламирање на претседателските избори 2024 година со произволно и неточно толкување на одредбите на Изборниот законик и погрешно утврдена фактичка состојба во однос на позиционирањето на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија и императивните правила ius cogens. Точката 3 од Упатството е заснована на неприменлива и нерелевантна законска одредба in concreto врз основа на член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик која норма de jure и de facto е неприменлива за претседателските избори воопшто, а особено е неприменлива на овие конкретни Претседателски избори 2024.

Член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик исклучиво оперира со терминот „партии” и детално ја уредува медиумската минутажа за платено политичко рекламирање ППР кое им следува во изборната кампања на партиите, а не на претседателските кандидати. На овие претседателски избори 2024 година од вкупно седуммина потврдени претседателски кандидати дури шестмина, со исклучок на Гордана Силјановска-Давкова која поднела кандидатура со пратенички потписи, имаат стекнат законски статус и правен третман на независни кандидати бидејќи согласно изборниот законик независен кандидат е кандидат за избор на претседател ,на пратеник, градоначалник или член на совет кој е поддржан од група избирачи“ (член 2, став 1, алинеја 7 од Изборниот законик). Оттука, според позитивните законски прописи и домашното право, шест од седуминита претседателски кандидати се граѓански/независни, а не партиски кандидати. Впрочем, и во самите решенија од ДИК исправно стои формулацијата дека тие се поддржани од група граѓани, а не од партии. Според тоа, политичката поддршка е едно, но стрикната и прецизна правна формулација со која оперира Законот е нешто сосема друго и таа треба доследно да се почитува како императивна ius cogens норма и задолжителен правен режим без простор за „креативни решенија “ од страна на регулаторот АВМУ.

Понатаму во своето барање, подносителката наведува дека доколку се повикаме на член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, а водејќи се по нормативните законски дефиниции, сите шестмина независни претседателски кандидати: Стево Пендаровски, Бујар Османи, Арбен Таравари, Билјана Ванковска-Цветковска, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски би требало да се стават во групата на „политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија или кандидати“, на кои според член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик смее да им се подели вкупно само триесет секунди во етерот што, според неа, е апсурд, сам по себе.

Механизмот за распределба од член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик несомнено го отсликува принципот на пропорционалност кој важи за парламентарни, а никако за претседателски избори – бидејќи буквално станува збор за два одделни и сосем различни изборни процеси, кои се квалитативно и суштински различни избори (претседателски и парламентарни), кои немаат ништо заедничко, освен што се преклопуваат неколку дена од изборната кампања. Па така, за претседателските избори – при што се бира инокосен орган, важи мнозински систем, со уставен цензус и два круга на гласање во една изборна единица на секои пет години; а за парламентарните избори – при што се бира колегијален орган, важи пропорционален изборен систем, со Д’онтов модел на пресметка на мандатите, без никаков цензус и еден круг на гласање во шест изборни единици – на секои четири години.

Од горенаведените принципи, АВМУ нe смеела со една измешана, хибридна, споена и т.н. „единствена формула“ да ги распредели на ист начин медиумската минутажа за ППР за Претседателските и за Парламентарните избори 2024 година. Правно и номотехнички е невозможно да се донесе едно единствено упатство за два одделни и сосем различни изборни процеси – па АВМУ требало и морало да донесе две одделни Упатства за радиодифузерите и ППР со две различни применливи методологии: едно за Претседателските избори 2024, а друго за Парламентарните избори 2024 – како што, впрочем, и претседателот на Собранието ex lege ги распишал со две одделни решенија, а не со истото.

Со вака опишаното дејствие, според подносителката на барањето, е сторена повреда на нејзиното загарантирано субјективно уставно право на политичко дејствување односно правото како граѓанин активно да учествува во политичкиот живот преку кандидирање за вршење на јавни функции и да биде избрана на фер и демократски избори. Нејзините политички права како потврден кандидат за претседател на Републиката ги има стекнато со исполнување на условите за претседателска кандидатура предвидени во член 80 и член 81 од Уставот на Република Северна Македонија односно со поддршка на нејзината кандидатура од најмалку 10 000 избирачи во Република Северна Македонија. Основен предуслов за обезбедување на нејзиното право на политичко дејствување и учество во овие избори за претседател на Републиката е нејзината достапност до медиумите и избалансираното медиумско покривање на сите политички опции и програми. Здравото функционирање на демократијата и нејзиното право на политичко дејствување зависи од тоа колку електоратот ќе се запознае со нејзината програма и ќе направи избор врз основа на знаење и информираност, а тоа пак зависи од информациите кои електоратот ги добива од страна на медиумите.

Медиумот/радиодифузерот, како институција сепак ја ужива неприкосновената позиција на доверлив примарен извор на вести и информации. Затоа од непроценлива важност за демократијата во Републиката е сите изборни кандидати да имаат рамноправен и законит пристап до медиумите како најлесен и честопати единствен пристап до избирачите. Оттука произлегува дека Уставниот суд има обврска да ја чува и обезбеди демократијата преку заштита на законитоста во распределбата на достапната медиумска минутажа за платеното политичко рекламирање за секој кандидат на претседателските избори во 2024 година. Од овие причини со дејствие кое е спротивно на уставните, законските и деловничките норми кое мошне опасно по темелните уставни вредности, АВМУ еклатантно и ноторно го повредува нејзиното уставно заштитено право на политичко дејствување кое во својство на касационен суд треба да го констатира.

Понатаму, подносителката наведува дека со своето очигледно нелегално постапување во однос на распределбата на минутажата за медиумското ППР за Претседателските избори 2024, АВМУ врши јасна и отворена дискриминација по основ на политичка припадност и политичко мислење и ја довело во нееднаква и неповолна правна положба во поглед на нејзиното политичко дејствување наспроти останатите претседателски кандидати, особено оние со поголема доделена минутажа. Имено, таа смета како потврден кандидат за претседател на Републиката, поддржана од опозициската парламентарна политичка партија „Левица”, па оттука, ноторна е нејзината политичка припадност, со што јасно е дека ги има заштитените карактеристики, односно статусни обележја – „политичка припадност”, како можен дискриминаторски основ.

Со ова, според подносителката, се докажува дискриминаторското постапување на АВМУ, доведувајќи политички неистомисленик на власта и опозиционер во понеповолна положба во однос на другите претседателски кандидати. Противуставното и незаконско дејствување на АВМУ со донесувањето на спорната точка 3 од Упатството во целост го исполнува битието на постапување кое претставува директна дискриминација, врз дискриминаторска основа – политичка припадност.

Имајќи ги предвид изнесените факти и правни аргументи, подносителката на ова барање предлага Уставниот суд да донесе одлука со која ќе се утврди дека на лицето Билјана Ванковска-Цветковска од Скопје ѝ е повредено правото на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, да се поништи Упатството за радиодифузерите за претседателските избори и за парламентарните избори 2024 бр. 01-1550/1 од 29.03.2024 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и да се задолжи АВМУ да донесе ново упатство за радиодифузерите во кое минутажата за платено политичко рекламирање ќе биде поделена рамноправно на сите 7 кандидати ( по 81,5 секунди за секој поединечно).

II

На седницата Судот, врз основа на наводите во барањето и доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба:

Со Решението (образец бр. 6а) бр. 09-933/2 од 21. 03. 2024 година, Државната изборна комисија врз основа на член 67 став 3 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр. 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17, 25/17, 38/18, 99/18, 140/18, 27/19, „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19, 146/19, 42/20, 74/21, 215/21 и 58/24) ја потврдила листата на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија Билјана Ванковска-Цветковска поднесена по предлог од најмалку 10.000 избирачи.

Како субјект кој учествува во изборната кампања е упишана во Централниот регистар со назив „За изборна кампања за Билјана Ванковска-Цветковска за претседателски избори 2024 година” со ЕМБС 7748787 и ЕДБ 4032024561970 видно од Тековната состојба од 13. 03. 2024 и Потврда за упис на вистински сопственици од 14.03.2024 година. Во графата овластени лица, како овластено лице кое ја застапува изборната кампања е регистрирана лично Билјана Ванковска-Цветковска а овластено лице за материјално и финансиско работење е лицето Реџеп Исмаил.

Согледувајќи ги извесните неправилности кои можат да настанат во поглед на интерпретација на уставните и законските норми во контекст на претседателските избори 2024 година, Димитар Апасиев се обраќа со претставка до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на несоодветната примена на одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на платеното политичко рекламирање за претседателските избори и од Агенцијата добиле одговор УПП бр. 03-8 од 12. 04. 2024 година со образложение дека:

„Членот 75-ѓ став 1 од Изборниот законик е особено проблематичен, затоа што не говори за учесници во изборната кампања кои, согласно член 70 од Изборниот законик, единствено имаат право да организираат кампања и имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, туку за политички партии (од власта и од опозициjата, партии што не формирале пратеничка група и партии што не се застапени во Собранието), и секој нов изборен процес, оваа одредба одново предизвикува дилеми и различни толкувања. Освен што одредбата не е прилагодена на различните видови изборни процеси (претседателски, парламентарни и локални), таа не обезбедува ни еднакви можности за учесниците во изборите, односно ги фаворизира четирите партии од позицијата и опозицијата кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.”

Во поглед на Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година и неговата спорна прераспределба на платеното политичко рекламирање со претставка бр. 119/24 од 25. 03. 2024 година, Димитар Апасиев се обратил до Државниот завод за ревизија кој согласно член 85 од Изборниот законик е надлежен да врши ревизија на вкупниот финансиски извештај со спецификација за трошоците за приходите и расходите во изборната кампања на учесникот во изборната кампања.

Во одговорот по претставката бр. 47-453/2 од 02. 04. 2024 година од Државниот завод за ревизија истакнале дека наводите во претставката ќе бидат земени во предвид во процесот на ревизија на финансиските извештаи на учесниците во изборната кампања за парламентарните и претседателски избори 2024 година, како и во утврдување на системски слабости во примена на законските и подзаконските прописи кои ја сочинуваат правната рамка на изборното законодавство во Републиката и истото ќе биде обелоденето во конечните ревизорски извештаи.

Билјана Ванковска-Цветковска со иницијатива за оценка на уставноста и законитоста на Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година бр. 01-1550/1 од 29.03.2024 година, се обратила и до Уставниот суд на Република Северна Македонија. Судот, со Решението У. бр. 149/2024 од 13 април 2024 година ја отфрлил иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста со образложение дека Упатството има темпорален, времен карактер, со важност до крајот на изборната кампања за претседателските избори со што е исцрпен во примената и повеќе не е во важност.

На 23 април 2024 година, подносителката се обраќа до Уставниот Суд со барање за заштита на слободите и правата во поглед на политичко дејствување и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност предизвикани од дејствието на Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година.

III

Темелните вредности на уставниот поредок на Републиката во себе го содржат основното и темелното значење на уставниот поредок. Според третата темелна вредност, владеењето на правото се заснова на неколку постулати како што се човековите права, постоењето на ограничена државна власт, поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, постоење на независно судство, правна сигурност на човекот и граѓанинот и почитување на Уставот и законите.

Петтата темелна вредност е посветена на политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори, кои меѓусебно се поврзани сегменти и зависни еден од друг.

Политичкиот плурализам претставува поширок поим од повеќепартизмот, бидејќи во себе ги опфаќа и политичките движења, здруженија на граѓани, заинтересирани групи и поединци како носители на политички идеи. Од друга страна слободните непосредни избори значат можност за граѓаните непосредно да ги избираат своите претставници во власта, во услови кога постојат кандидати со различни програми, независно дали станува збор за програми на поединци или за програми на политички партии, и други заинтересирани групи инволвирани во изборниот процес. Демократски избори се избори кои овозможуваат рамноправно учество на кандидатите во изборниот процес и слободно изразување на волјата на избирачкото тело.

Правото на забрана на дискриминација е право на човекот на еднаквост во сферата на слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, етничкото и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба како и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите е содржано во член 9 од Уставот .

Во член 22 ставови 1 и 2 од Уставот, е нормирано дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право кое е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање.

Член 23 од Уставот на Репбулика Северна Македонија, пропишува дека секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавни функции.

Според член 80 од Уставот, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години а со член 81 став 1 од Уставот е определено дека кандидат за претседател на Републиката можат да предложат најмалку 10.000 избирачи или најмалку 30 пратеници.

Со Амандманот XXXI уставотворецот го определил изборниот цензус за избор на кандидат за претседател на Републиката. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.

Од овие уставни одредби произлегува дека право е на секој граѓанин на 18-годишна возраст да избира пратеници, членови на советите и градоначалници на општините, како и да учествува во изборот на претседател на Републиката.

Понатаму, уставното овластување на законодавецот, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори, му дава должност да го уреди прашањето на изборите кои се однесуваат помеѓу другото и за избор на претседател на Републиката и избор на пратеници во Собранието, како што тоа го уредил во Изборниот законик.

Согласно со член 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија” бр.40/06, 127/06, 136/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 32/14, 31/15, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 57/17, 67/17, 125/17, 35/18, 99/18, 140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 98/19, 42/20, 72/20, 160/20, 74/21, 215/21, 58/24 и 76/24), со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката покрај другото и за избор на претседател на Република Северна Македонија.

Во конкретната ситуација со член 59 од Изборниот законик е операционализиран член 80 и член 81 од Уставот во делот на „Подносител на листа на кандидат за претседател на Републиката”.

Имено, според став 1 од член 59, право да поднесат листа на кандидат за претседател на Републиката имаат најмалку 10.000 избирачи или 30 пратеници.

Според став 2, кога подносител на листа на кандидат за претседател на Републиката е група избирачи потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список.

Со став 3 е определено дека кога подносител на листа на кандидат за претседател на Републиката се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Наспроти ова, за „Подносител на листа на кандидати за пратеници, членови на совет и градоначалник” во член 60 став 1 е определено дека право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.

Според член 70 став 1, подносителот на листа на кандидати чии листи на кандидати за избор на претседател на Републиката, пратеници, членови на совет, односно листа на кандидати за градоначалник се потврдени од надлежната изборна комисија, имаат право да организираат изборна кампања (во натамошниот текст: учесници во изборната кампања), а според став 2, учесниците во изборната кампања имаат право на рамноправен пристап и под еднакви услови да ги користат сите видови на политичка пропаганда, известување и други облици на пропаганда чија цел е да се влијае на одлуката на избирачите при гласањето.
Понатаму во главата VI, со наслов „Изборна кампања“, во точка 2 со поднаслов „Медиумско претставување“ со член 75-а став 1 е пропишано дека радиодифузерите ќе обезбедат избалансирано покривање на изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување, а националните радиодифузери ќе обезбедат избалансирано покривање на изборите во сите облици на изборно медиумско претставување на пристапен и достапен јазик и формат, како и на знаковен јазик на следниов начин:

а) за избор на претседател на Републиката, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг од изборите.

б) за избор на пратеници во Собранието на Републиката, во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници.

в) за локалните избори:
– за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на градот Скопје, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за градоначалници и во првиот и во вториот круг од изборите и
– за избор на членови на советите на општините, односно членови на советот на градот Скопје, за радиодифузерите на државно и регионално ниво во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за членови на советите на општините, односно членови на градот Скопје, а за радиодифузерите на локално ниво во согласност со принципот на еднаквост.

Во став 2 од истиот член е пропишано дека при утврдување на избалансираноста во покривањето на изборниот процес ќе се има предвид интензитетот на активностите во рамки на кампањите на учесниците во изборната кампања, а според став 3 од истиот член е потенцирано дека од принципот на пропорционалност, односно еднаквост, се иззема платеното политичко рекламирање.

Според член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, за време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови можат да одвојат најмногу четири минути кои се распределуваат по претходен писмен договор, за политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група можат да одвојат една минута која се распределува по претходен писмен договор и за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија или кандидати можат да одвојат триесет секунди кои се распределуваат по претходен писмен договор.

Понатаму во член 75-ѓ став 12 е регулирано дека рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, се распределува по следниве критериуми:

– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии од позицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 45% од рекламниот простор може да се даде на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија освоиле најмногу гласови,
– најмногу 7% од рекламниот простор може да се даде на политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и
– најмногу 3% од рекламниот простор може да се даде на политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија или кандидати.

Во член 76 од Изборниот законик детално е разработен начинот, временските интервали, ценовниците и критериумите за распределба на медиумскиот простор на платенотото политичко рекламирање (ППР) додека во член 76-а став 2 е определено дека за време на изборната кампања јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Северна Македонија и за независните кандидати а во став 8 е регулирано дека Програмскиoт сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Северна Македонија во времетраење од по три часа ќе обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Северна Македонија, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Северна Македонија. Во однос на користењето на трите часа односно на едниот час, учесниците во кампањата можат да одлучат да достават снимен материјал од активности за спроведување на изборна кампања или своето време може да го искористат и за директно обраќање од студио.

Според овие законски одредби радиодифузерите, односно јавниот радиодифузен сервис, трговските радиодифузни друштва и електронските медиуми (интернет-порталите) што одлучиле да го покриваат изборниот процес, се должни тоа да го прават на пристапен и достапен формат и јазик како и на знаковен јазик. Радиодифузерите се должни за време на изборната кампања на учесниците во кампањата да им овозможат избалансирано покривање ( согласно интензитетот на нивните кампањи) на изборниот процес во сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми (дебати, интервјуа, ТВ и радио соочувања и сл.) бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање.

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (во понатамошниот текст: АВМУ), врз основа на горенаведените пропишани законски норми со коишто меѓу другото е уредено и платеното политичко рекламирање, донел Упатство како општ правен акт наменет за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година, со цел да им појасни на радијата и телевизиите, меѓу другото, како да применуваат одредени одредби од Изборниот законик особено за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), распределбата на времето во вести кај јавниот радиодифузен сервис(ЈРС) и бесплатното политичко претставување на кандидатите.

Со точката 3 од Упатството, АВМУ направила распределба на времето за платено политичко рекламирање „Во согласност со распределбата на времето за платено политичко рекламирање утврдена во член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик, вкупно деветте минути и триесет секунди (00:09:30) на реален час емитувана програма, подносителите на листи ќе ги користат на следниов начин:

– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии од позицијата, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател- Стево Пендаровски поддржан од политичката партија СДСМ; и Бујар Османи, поддржан од политичката партија ДУИ.

– Во максимум 4-те минути наменети за двете најголеми политички партии во опозиција, кои на последните парламентарни избори освоиле најмногу гласови, ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ; и Арбен Таравари, поддржан од политичките партии Алтернатива и Движење БЕСА.

– Во максимум 1-та минута наменета за политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителите на листи/кандидатите за претседател – Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од политичка партија Левица; и Стевчо Јакимовски, поддржан од политичката партија ГРОМ.

– Во преостанатите 30 секунди наменети за политичките партии кои не се застапени во Собранието или кандидати ќе се емитува платеното политичко рекламирање на подносителот на листа/кандидатот за претседател – Максим Димитриевски, поддржан од политичката партија ЗНАМ.“

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019, 256/2020 и 65/2021), секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според наводите во барањето, подносителката смета дека ѝ е повредено уставното право на политичко дејствување и е дискриминирана по основ на политичка припадност со дејствие предизвикано од Упатството за радиодифузерите за претседателските и за парламентарните избори 2024 бр.01-1550/1 од 29 март 2024 година, донесен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во поглед на распределбата на времето за платеното политичко за рекламирање за време на изборната кампања за претседателските избори во првиот круг на гласање, на начин што во Упатството, каде што таа се јавува како кандидат за претседател била дискриминирана во однос на другите претседателски кандидати, коишто со својата политичка поддршка биле привилегирани при примена на правото односно Законикот при утврдување на распределба на минутите во платеното политичко рекламирање во Упатството.

Всушност, подносителката смета дека е сторена повреда при примена на материјалното право, односно дека погрешно се интерпретирани законските одредби од Изборниот законик и погрешно се применети во конкретниот случај.

Ваквите наводи на подносителот, Судот оцени дека се неосновани од следните причини:

Упатството е донесено од страна на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуели медиумски услуги (АВМУ) којшто како надлежен орган со јавни овластувања постапил во согласност со важечките норми од Изборниот законик кој на дециден начин определува во член 75-а став 3 дека од принципот на пропорционалност, односно еднаквост, се иззема платеното политичко рекламирање (ППР).

Во овие законски рамки АВМУ го донела Упатството кое е наменето за да на радиодифузерите им го објасни начинот на примена на правилата и ограничувањата предвидени со Изборниот законик за претседателските, но и за парламентарните избори 2024 година, односно ја утврдила распределбата на минути за платено политичко рекламирање коешто им следува на претседателските кандидати и политички партии за време на изборната кампања.

Со вака воспоставениот правен режим Упатството има за цел да им даде насоки како на радијата така и на телевизиите како медиуми како да постапат во услови кога се поклопуваат два изборни процеси и медиумското покривање на овие кампањи, согласно со нивниот интензитет.

Судот цени дека со вака воспоставениот правен режим, АВМУ преку нормите во Упатството не ја довела во понеповолна положба подносителката на ова барање по основ на нејзиното политичко дејствување и политичка припадност од причини што вака воспоставениот правен режим се однесува за сите кандидати и е еднакво применет за сите потврдени претседателски кандидати во првиот круг од претседателските избори 2024 година.

Оттука, Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 година со број 01-1550/1 од 29 март 2024 година како општ акт, а не поединечен акт, што значи дека се однесува за сите кандидати односно се применува и важи подеднакво за сите учесници во овој изборен процес не може да произведува дејствие односно поинаков третман по основ на политичка припадност, ниту пак Упатството содржи одредби кои создаваат дискриминација или на каков било начин го повредува уставно загарантираното право на политичко дејствување.

Врз основа на утврдената фактичка состојба и законска регулатива, Судот утврди дека нема правно релевантни факти и докази дека во конкретниот случај е сторена повреда од страна на АВМУ преку Упатството, на подносителката на барањето Билјана Ванковска-Цветковска на начин да ѝ била повредена слободата на политичкото дејствување и дека истата била дискриминирана поради политичката припадност, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 56 од Деловникот на Уставниот суд за одбивање на барањето.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски

Издвоено мислење по предметот У.бр.165/2024