Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.9/2024 со кое Уставниот суд на седницата, одржана на 11 јуни 2025 година, со Решение одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 65 ставови 1 и 2 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/23) го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со почит кон изнесените ставови на останатите судии по однос на овој предмет, а во врска со оспорениот член 65 ставови 1 и 2 од Законот за вештачење мојот став е различен од ставот на мнозинството судии изнесен во образложението на Решението за неповедување постапка, со кое решение овој суд се произнесе за неоснованоста на наводите во иницијативата.
Од содржината на оспорените одредби произлегува следното:
Во член 65 став 2 од наведениот закон, според мене, најмногу уставно проблематично е тоа што се дава право на Министерството за правда во рок од 2 месеци да ги основа првите професионални одделенија на Комората, да ги избере раководителите и замениците-раководители на професионалните одделенија и да избере по еден член од секое одделение како претставник на основачкото собрание.
Ако се има предвид член 32, а посебно став 6 на истиот закон, се што е поврзано со основањето, организацијата, работењето и одлучувањето на професионалните одделенија во Комората е оставено во надлежност на Комората, да се регулира со нејзин акт, односно да биде регулирано со Статутот на Комората.
Додека пак во член 33 став 1 од Законот, пропишано е дека работите поврзани со основањето на Собранието, се уредуваат, исто така, со Актот на Комората. Според мене, нејасно е кои се причините поради кои, законодавецот во самиот закон на сосема различен начин уредува една иста надлежност. Со членовите 32 и 33 од Законот тоа право прво е определено да се регулира со Актот на Комората, додека пак со оспорените одредби на член 65 ставови 1 и 2, тоа право го одзема и му го дава на Министерството за правда.
За вакви случаи каде што постои спротивставеност на две одредби во истиот закон, коишто регулираат едно исто прашање на различен начин, овој суд веќе има заземено став и со Одлуката У.бр.113/2022 од 21.03.2023 година ги укина член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2010) и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.139/2014).
Додека, по однос на законите за платите на судиите, членовите на судски совет и обвинителите за иста таква меѓусебна спротивставеност на одредби од исти закон, имам издвоено мислење. За мене овие одредби се уставно проблематични, бидејќи се нејасни, непрецизни и доведуваат до арбитрарност при постапувањето.
По мое мислење, оспорените одредби ги игнорираат, односно ги исклучуваат од примена одредбите содржани во членовите 32 и 33 од истиот закон, а со тоа се доведува во прашање начелотото на владеење на правото и правната сигурност, начелото на самостојноста на Комората на вештаци, загарантирано со член 20 од Уставот на Република Северна Македонија.
За мене нејасно е зошто законодавецот не дал можност на постојната Комора да се транформира во определен временски период, односно да ги формира сите органи што ги предвидел законодавецот врз основа на нивниот Статут. Слободата на здружување на граѓаните не може да биде апсолутна, но нема аргументација во конкретниот случај, во што се состои нарушувањето на јавниот ред, националната безбедност или правата и слободите на другите, доколку не би постоеле оспорените одредби. Се работи за стручно здружение за вештачење, во кое ќе се применуваат правилата на науката, а не за политичко, верско или друг вид здружение.
Во Решението е наведено дека оспорените одредби биле преоден режим и од времен карактер, меѓутоа во преодните и завршните одредби, коишто сега се оспорени, тоа не е наведено, така што нејасно е зошто законодавецот прави дисконтинуитет помеѓу претходната и новоформираната комора на вештаци. По мое мислење, со оспорените одредби коишто не се од времен карактер, му се дава за право на Министерството за правда во секој момент да ги применува оспорените одредби и да ги игнорира претходно наведените членови 32 и 33 од Законот.
По мое мислење, оспорените одредби би имале оправдување од нивно постапување, доколку Комората на вештаци не би постапила во определен временски рок во согласност со членовите 32 и 33 од истиот закон. Во тој случај, оправдано би било истото да го стори Министерството за правда.
Имајќи го во вид изнесеното, според мое мислење основани се наводите во иницијативата, поради што сметам дека оспорените одредби се нејасни, непрецизни, истите доведуваат до арбитрарност при постапувањето, а со тоа и до правна несигурност како составен дел од владеењето на правото. За мене истите се уставноправно проблематични во однос на начелата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, содржани во член 8 став 1 алинеи 1 и 3, начелото за еднаквост на граѓаните, содржано во член 9 и начелото на слободата на здружување, содржано во член 20 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер