Дневен ред за 15. седница на Уставниот суд закажана за 2 јули 2025 година

На 2 јули 2025 година Уставниот суд ќе ја одржи 15. седница со Дневен ред за кој се предвидени девет иницијативи за испитување на уставност и законитост, едно барање за заштита на слободите и правата и за еден предмет е предвидено да се донесе конечна одлука. 

I.    ИНИЦИЈАТИВИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТ И ЗАКОНИТОСТ

1. Реферат У.бр.67/2023

Оспорен: Став 1 и 2 од член 5 и член 5 во целина од Законот за изменување и дополнување на Законот за ловството („Службен весник на Република   Северна Македонија“ бр.91/2023).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека не постои доволна оправданост содржана во целината на оспорената одредба, а ниту во Законот за изменување и дополнување на Законот за ловството или Законот за ловството, зошто би се поништиле започнатите постапки за доделување под концесија на дивечот во ловиштата пред влегувањето во сила на овој закон. Се наведува дека во оспорената одредба не се пропишува надлежност за тоа кој би ја носел одлуката за поништување на постапката. 

2. Реферат У.бр.189/2023

Оспорен: Член 235 став 4 од Царински закон („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2005, 4/2008, 62/2009, 117/2009, 35/2010, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 180/2014, 15/2015,129/2015,154/2015,192/2015, 23/2016, 144/2018 и „Службен    весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2021).

Подносител: Зоран Величковски, адвокат

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот смета дека со наведената одредба е предвидено дека известување на должникот за долгот нема да се спроведува по истекот на рокот од три години од денот на настанувањето на долгот и дека овој рок се прекинува од моментот на поведување на постапка на управен спор, се до моментот на траење на постапката. Според него, не е предвиден рокот кога настапува апсолутна застареност за известување на должникот за долгот, што создава правна несигурност во примената.

3.Реферат У.бр.220/2024

Подносител на иницијативата: д-р Леонид Трпеноски, адвокатско друштво “Трпеноски”

Оспорени одредби: Член 35 став 2 во делот „од членот 33 став (1) на овој закон“, член 58 став   2, член 59 став 2, член 66 став 2, член 88 став 6, член 93 став 1    во делот „најдоцна до завршувањето на истражната постапка“, член   111 став 2 во делот „став (1)“ од Законот за кривичната постапки („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012,142/2016 и 198/2018).

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот, меѓу останатите наводи тврди дека членот 35 став 2 во примената предизвикува правна непредвидливост и неизвесност бидејќи е дадена можност да се бара изземање судија или поротник oд релативни причини до почетокот на главната расправа. Според наводите, одредбата е во колизија со член 36 став 8 од ЗКП. Следствено на ова се тврди дека оспорената одредба не гарантира воедначеност на судската практика, напротив остава можност за различна примена, дали да се дозволи изземање или не по почеток на главната расправа, односно оставено е на секој судија, судирот меѓу двете одредби да го решава на различен начин. Во врска со членот 58 подносителот тврди дека одредбата предвидува можност за кривична тужба поради навреда, што според него е во колизија со член 4 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, каде што тие се декриминализирани. 

4. Реферат У.бр.3/2025

Оспорен акт: Член 40-a став 6 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012, 29/2014, 33/2015,   193/2015 и   71/2016 и „Службен весник на Република Северна       Македонија“ бр.101/2019, 275/2019, 14/2020, 171/2022, 65/2023, 14/2024 и 30/2024).

Подносител на иницијативата: Мултиетнички синдикат Скопје

Од наводите во иницијативата:

Се наведува дека оспорената одредба е дискриминирачка, бидејќи професионалните војници на кои им е исплатена испратнина согласно ставот 1 алинеја 2 на овој член доколку повторно засноваат работен однос во Министерството за одбрана, орагните на државната и локалната власти други државни органи се должни износот на исплатената испратнина да го вратат целосно во Буџетот на Министерството за одбрана во рок од еден месец по засновањето на работниот однос. Подносителот тврди дека со оспорените одредби се прекршуваат правата од член 32 од Уставот на Република Северна Македонија според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при вработувањето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место и секој вработен има право на соодветна заработувачка.       

5. Реферат У.бр.10/2025

Оспорен акт: Член 50 став 2 во деловите „и стручно лице-тренер“ и „други податоци што се значајни за остварениот резултат“ од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 66/2004,  81/2008, 18/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2013, 42/2014,   138/2014, 177/2014, 72/2015, 153/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016,  106/2016 и 190/2016 и „Службен весник на Република Северна  Македонија“ бр. 98/2019, 244/2019, 53/2024, 74/2024, 170/2024 и   59/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека напишаната одредба доведува до правна несигурност бидејќи според него, не е прецизно определено дали станува збор за остварен рекорд во домашни натпревари или треба да стане збор за остварен рекорд во меѓународни натпревари. Се наведува дека не се определува ниту од целината на Законот за спортот и може да доведе до пречка, одредено лице-спортист или учесник во спорт односно спортски натпревар од одредена категорија на спорт и од кои едниот во меѓународен натпревар да не се стекне со називот „категоризиран спортист”, додека во друг национален натпревар да го стекне називот „категоризиран спортист”. Според подносителот се остава можност арбитрерно да се определува кој може, а кој не може да го стекне називот „категоризиран спортист” во една и иста категорија во меѓународен и национален натпревар.

6. Реферат У.бр.48/2025

Член 14 став 1 алинеја 7 во делот „на“ од Законот за супервизија на осигурувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2002, 84/2002, 98/2002, 33/2004, 79/2007, 8/2008, 88/2008, 56/2009, 67/2010, 44/2011, 7/2012, 45/2012, 64/2012, 23/2013, 188/2013, 30/2014, 43/2014, 112/2014, 153/2015, 192/2015, 23/2016, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“     бр.101/2019, 31/2020, 173/2022 и 3/2025).

Подносител на иницијативата: Игорчо Точев

Од наводите во иницијативата: 

Подносителот тврди дека оспорениот дел од одредбата не е доволно јасен и прецизен и може да предизвика забуна при примената. 

7.Реферат У.бр.2/2025

Автентично толкување на член 39 став 3 од Законот за   надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/2013, 39/2014, 61/2015 и 226/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.267/2024) и Автентично толкување на член 45 став 4 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006, 140/2007, 107/2008, 131/2008, 26/2013,      39/2014, 61/2015 и 226/2015 и „Службен весник на Република Северна       Македонија“ бр.267/2024). 

Подносител на иницијативата: Сали Мурати, пратеник

Од наводите во иницијативата:

Подносителот наведува дека со оспорените автентични толкувања е повредено начелото на владеењето на правото бидејќи според него, тие наместо да ја појаснуваат постоечката законска одредба создаваат нови правни норми.Тој како  пример го наведува  автентичното толкување на член 39 став 3 и тврди дека со него се воведува нов услов за именување на амбасадори. Понатаму во иницијативата е наведено дека со оспорените автентични толкувања се прави повреда на наченото на поделба на власта, односно дека се во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Имено, според подносителот, Собранието навлегло во надлежностите на извршната власт во делот на именување и отповикување на амбасадори. 

8. Реферат У.бр.192/2024

Оспорен акт: Член 8 од Статутот на Адвокатската комора на Република Северна Македонија, донесен на 1 јуни 2024 година

Подносители на иницијативата: Александар Ристески и Рајна Наумовска-Марковска, адвокати од Скопје

Од наводите во иницијативата: 

Подносителите сметаат дека со оспорениот член се прави обид за ограничување на уставното право на слободно здружување. Во иницијативата се тврди дека членот 8 од Статутот е спротивен на Законот за адвокатурата и дека Комората ги пречекорила надлежностите, да уредува односи кои се во надлежност на Собранието. Тврдат дека иако се членови на АКРСМ, тоа не ги ограничува и не значи забрана за членување во други здруженија, сојузи, асоцијации во државата и во странство. 

9.Реферат У.бр.30/2024

Член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Центар- Скопје бр.08-4264/1 од 01.10.2020 година

Поради сомнеж за неуставност и незаконитост на одредбите коишто се однесуваат на поднесување барање за давање на автентично толкување на прописите и насловите „Автентично толкување на општи акти“ Судот по сопствена иницијатива поведе постапка и оформи предмет. 

II. БАРАЊА ЗА ЗАШТИТА НА СЛОБОДИ И ПРАВА

У.бр.276/2024

Предмет: Барање за заштита на слободите и правата согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот

Оспорен aкт: Решение од 05.11.2024 година на Судскиот совет примено на 11.11.2024 година

Подносител на барањето: Андреј Димовски

Од наводите во барњето: 

Подносителот наведува дека е ставен во понеповолна положба во споредба со останатите кандидати кои се пријавиле на огласот за избор на судија во Апелационен суд Скопје, бидејќи иако извршувал судиска функција во меѓународен суд цела година, воопшто не му е земен предвид тој ангажман и му е повредено правото на достапност на работно место под еднакви услови и негово унапредување. Тој тврди дека нема јасно утврдени критериуми  за оценување на работата на судиите кои функцијата ја вршеле во меѓународен суд. Подносителот наведува дека е дискриминиран и дека не се наведени доволно образложени причини од страна на Судскиот совет, како е извршена пресметката на бодовите за квалитативните и квантитативните критериуми. 

III. ПРЕДЛОЗИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ СО НАЦРТ-ОДЛУКИ

У.бр.267/2024

Судот поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” број 173/2022 и 47/2025).