Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.91/2024
Скопје, 09.04.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 9 април 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Државната комисија за спречување на корупција, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/2020), како спротивен на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Републкика Северна Македонија.
Во иницијативата како причина за оспорување е наведено дека во оспорениот закон, вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, преку програмата К-5 за правична и соодветна застапеност, биле лица со статус на административни службеници, којшто статус како поим е дефиниран во член 3 од Законот за административни службеници.
Вработените кои ги опфаќа оспорениот закон, биле еднакви како и останатите административни службеници вработени во јавниот сектор и не се разликувале од нив, освен по тоа што тие се вработувале по К-5 програма за правична и соодветна застапеност во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Подносителот наведува дека административните службеници вработени преку програмата К-5 за правична и соодветна застапеност, законодавецот не ги предвидел како посебна категорија на административни службеници, односно не ги предвидел како исклучок од примена на Законот за административни службеници.
Согласно со Законот за вработени во јавниот сектор, едно од начелата на кои се темели овој закон е начелото на еднакви услови, еднаков пристап до работно место, соодветна и правична застапеност.
Во иницијативата се наведува дека со Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, законодавецот го предвидел начелото на правична и соодветна застапеност во јавниот сектор, го дефинирал поимот „административен службеник“ и предвидел категорија на административни службеници кај кои е дозволено со друг закон или колективен договор да се уредат одредени прашања од работниот однос.
Според подносителот, вработените преку К-5 програмата за правична и соодветна застапеност не биле дефинирани како посебна категорија на административни службеници и како такви ги имале истите права и обврски како и сите други останати административни службеници. Со донесување и примена на оспорениот закон, според подносителот, законодавецот ги ставил овие лица во повластена/нееднаква положба над другите граѓани/административни службеници со што биле повредени повеќе уставни одредби.
Во иницијативата се наведува и тоа дека одредбите од оспорениот закон и покрај тоа што биле од времен карактер, сè уште се применувале со оглед на тоа што една од точките на дневниот ред на 217-та седница на Владата одржана на 09.01.2024 година била Информација со Измена и дополнување на План за преземање на нераспределени административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците вработени преку програмата К-5.
Со оспорениот закон се заобиколувал годишниот план за вработување и обврската за подготовка на функционална анализа пред измена на актот за систематизација. За подносителот, суштинско е тоа дека со оспорениот закон не само што директно се дерогирал Законот за вработени во јавниот сектор, туку континуирано четири години директно се повредувало уставното право со кое секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, владеењето на правото и се загрозувале основните слободи и права на граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите кои мора да бидат во согласност со Уставот, како и ограничувањето на слободата и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Со иницијативата, се предлага, Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста на оспорениот закон и истиот да го укине, а до донесувањето на конечната одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон.
II
На седницата Судот утврди дека оспорениот закон содржи 10 члена. Со член 1 се уредува постапката за преземање на нераспоредените административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вработени преку програмата за соодветна и правична застапеност, Програма К-5, во органите на државната и локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот и со закон и во институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините, од Градот Скопје, како и од општините во Градот Скопје. Законот ги опфаќа вработените кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година.
Со член 2 се дефинира дека постапката за преземање на вработените ќе се реализира согласно со одредбите од овој закон и одредбите од други закони кои не се во спротивност со овој закон, додека со член 3 се уредува начинот на преземање на вработените опфатени со овој закон.
Постапката за преземање на вработените односно обврските кои произлегуваат од овој закон за Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, институциите кои ги преземаат вработените како и на органите надлежни за буџетот на институциите во кои вработените се преземаат, се уредува со член 4. Со член 5 се утврдува рокот во кој институциите треба да направат усогласување на актите за систематизација на работните места. Во член 6 е наведено дека Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците по преземањето на вработените ќе донесе измена на актот за систематизација во насока на усогласување со потребите на Министерството. Со член 7 се предвидува глоба доколку институцијата не ја преземе обврската утврдена во членот 5 од Законот. Надзор над спроведувањето на овој закон врши органот на управата надлежен за обезбедување на правичната и соодветната застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната управа. Во член 9 е пропишано дека со влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи член 42 став 3 од Законот за вработените во јавниот сектор, додека со член 10 е уредено влегувањето во сила на Законот како и периодот и условите за неговата примена.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 9 од Уставот, еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите кои мораат да бидат во согласност со Уставот, како и ограничувањето на слободата и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, предвидува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност и секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, односно за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, а тоа ограничување не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, согласно со член 54 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а согласно член 112 алинеја 1 ќе укине или поништи закон ако утврди дека не е во согласност со Уставот.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96 од 17.5.2019 ), кој е во примена од 1 јуни 2019 година, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор продолжува да работи како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, кое ги презема вработените, опремата, документацијата и другите средства од Секретаријатот. Програмата К-5 донесена од Владата, е програма за вработување на припадниците на заедниците кои не се мнозинство.
Оспорениот Закон за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е донесен на седницата на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 16 декември 2020 година и е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.302/20 на 18 декември 2020 година.
Овој закон е систематизиран во 10 члена и од анализата на неговите одредби, произлегува дека законодавецот, во согласност со член 32 од Уставот, со посебен закон ја утврдува постапката за мобилност преку преземање на нераспоредените административни службеници вработени преку програмата за соодветна и правична застапеност, условите под кои вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на кои им се дава статус на административни службеници, треба да бидат преземени во органите на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот, со обврска до раководните лица во институциите за започнување на постапка за усогласување на актите на институцијата со Планот за преземање, имајќи предвид дека се работи за вршење на работи од јавен интерес кои се финансираат од државниот или општинскиот буџет.
Законот ги уредува прашањата коишто се однесуваат на вработените во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, како и постапката и начинот за преземање на вработените, обврските кои произлегуваат од овој закон за Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, институциите кои ги преземаат вработените, како и на органите надлежни за буџетот на институциите во кои вработените се преземаат, усогласување на актот за систематизација на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и рок во кој институциите е потребно да го направат усогласувањето на актите за систематизација на работните места, надзор над спроведувањето на овој закон како и предвидена глоба доколку институцијата не ја преземе обврската во утврден рок.
Законот предвидува можност за преземање преку распоредување во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на оние вработени кои засновале работен однос заклучно со 31 декември 2019 година, преку распоредување на вработениот на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот на систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува или се презема, по претходно изготвен план за преземање од страна на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и добиена согласност од страна на органот надлежен за буџетот на институцијата во која се преземаат вработените.
Во секој случај, вработениот може да биде трајно упатен во друга институција само на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во актот за систематизација на другата институција, и во секој случај за ова упатување е нужна согласност на вработениот, како и претходна согласност од органот надлежен за давање согласност на годишниот план за вработување на институцијата во однос на буџетот.
Заради потребата од распоредување на вработените во јавниот сектор преку преземање, законодавецот го обврзал Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците да подготви и предложи план до Владата на Република Северна Македонија, за преземање на нераспределените административни службеници од Министерството, вработени преку програмата К-5.
Во Законот е пропишана задолжителна обврска за Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, да изготви план за преземање во кој ќе бидат содржани лични податоци за сите вработени кои треба да бидат преземени и распоредени, податоци за нивото на работното место на тековното вработување, податоци за стекнатото образование, како и називот на институцијата во која се презема вработениот. На таков начин се дава можност на вработениот, наместо да му престане работниот однос, со негова согласност и согласност на раководното лице на другата институција, да биде преземен во друга институција, на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во актот за систематизација на другата институција. Притоа, законодавецот пропишува дека институциите во кои се преземаат вработените се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со планот за преземање. На вработениот кој нема да ја потпише изјавата за прифаќање на решението за трајно упатување во рок од 7 дена од датумот на кој му е доставено решението, му се укинува работното место во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и се евидентира на трансфер-листата за можни преземања на Министерството за информатичко општество и администрација.
Судот оцени дека пропишаната можност за преземање на вработениот со негова согласност во друга институција, во случај кога има трансформирање или намалување на надлежноста на институцијата во која е вработен, на работно место на исто ниво, односно на работно место за кое ги исполнува општите и посебните услови пропишани во актот за систематизација на другата институција, не може да се прифати како повреда на правото на слободен избор на вработување, како ограничување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како што се наведува во иницијативата.
Напротив, наведеното преземање е пропишано како можност за продолжување на работниот однос на вработениот, на соодветно работно место во јавниот сектор за кое ги исполнува општите и посебните услови. Согласноста на вработениот е услов за преземањето на вработениот во друга институција што е во согласност со принципот на слободен избор при вработување кој е гарантиран со член 32 од Уставот и со меѓународните конвенции од областа на работните односи и кој важи не само при вработување односно засновање на работниот однос, туку и во текот на неговото траење, при секоја негова трансформација.
Врз основа на сето наведено, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на одредбите од оспорениот Закон за преземање на административни службеници вработени преку К-5 програма во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, туку напротив истите се во насока на остварување на темелната вредност на уставниот поредок – соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа. Во оваа смисла, законодавецот се одлучил да го примени принципот на афирмативна акција со цел остварување на оваа темелна вредност, што има своја легитимна цел – припадниците на сите заедници да бидат соодветно и правично застапени во органите на државната власт, при што ваквото решение е од времен карактер е се однесува на веќе вработени административни службеници кои се преземаат во други државни органи и институции.
Од анализата на оспорениот закон, произлегува дека законодавецот прецизно ги определил надлежностите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и на органот надлежен за буџетот на институцијата во постапката за преземање на вработениот во друга институција, во која смисла пропишал дека нивната претходна согласност е потврда дека преземањето на вработениот е во согласност со законски пропишаните услови и како таква претставува услов за законито преземање на вработениот.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот закон е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски