Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.138/2023 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023), писмено го образложувам моето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Уставниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 5 февруари 2025 година донесе Решение У.бр.138/2023, со кое одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023).
Јас гласав против одлуката на мнозинството судии на Уставниот суд да не се поведе постапка по иницијативата за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023) поради што на овој начин ги споделам причините поради кои сметам дека требаше да биде донесен одлука за поведување на постапка. За таа цел ќе изнесам и образложам неколку отворени прашања и мои дилеми и ставови, кои за мене сеуште не се одговорени и доколку беа земени предвид ќе придонесеа кон поинаква одлука на Судот.
Воедно чувствувам за потребно да укажам дека аргументите изложени во моето издвоено мислење беа содржани и истите се преземени од првичниот реферат кој најнапред беше ставен за разгледување на дневен ред на 23-та седница закажана за 12 септември 2024 година, но поради отсуство на судијата-известител расправата по рефератот беше одложена.
Потоа, на 28-та седница одржана на 30 октомври 2024 година, судијата-известител го повлече овој реферат со образложение дека располага со нови сознанија и најави дека друг реферат ќе биде изготвен и доставен на разгледување и одлучување на една од наредните седници, за да подоцна достави реферат со целосно различна содржина и предлог-одлука да не се поведе постапка, наспроти претходниот предлог да се поведе постапка, што јас го поддржувам.
Транспарентноста во уставно-судската постапка е клучна за правната сигурност и предвидливост. Доследноста во ставовите, особено кај судијата-известител, е од суштинско значење – секоја значајна промена во неговото мислење мора да биде јасно образложена. Судијата-известител има право да го анализира и презентира предметот, но ако го промени своето мислење, треба јасно да објасни зошто. Ова е од значење особено кога таквите промени можат да влијаат врз конечниот исход на одлуката и врз начинот на кој Уставниот суд ја толкува уставната материја.
Во продолжение следуваат моите ставови изградени, меѓу другото, и врз основа на рефератот кој претходно го споменав.
Во согласност со уставните принципи и системското уредување на просторното и урбанистичкото планирање, сметам дека оспорените измени на Законот за урбанистичко планирање воведуваат правна несигурност, отстапуваат од воспоставените процедури и создаваат паралелизам во правната регулатива.
1. Принципот на јавен интерес во урбанистичкото планирање
„Уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку просторното и урбанистичкото планирање…“ Јавниот интерес е основен принцип кој мора да биде почитуван во сите фази на урбанистичкото планирање, вклучувајќи ги изработката, донесувањето и следењето на плановите. Со оспорените измени, законодавецот воспоставува исклучоци кои заобиколуваат постојни законски механизми, што води кон нарушување на системските решенија.
2. Двојно уредување на истата материја
Со оспорените измени на Законот за урбанистичко планирање се создава паралелен систем за планирање на градби од стратешки интерес, што води кон правна несигурност.
Законот веќе содржи категорија „урбанистички план за подрачја и градби од државно значење“, дефиниран во член 17. Со воведувањето на нова категорија – „урбанистички проект за градби од стратешки интерес“, се создава двојност во правната регулатива, без јасно разграничување помеѓу овие две категории. Таквиот пристап создава правна несигурност и е во спротивност со владеењето на правото, кое бара јасни, прецизни и недвосмислени правни норми.
Со воведувањето на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес, законодавецот создал нова категорија која заобиколува веќе постоечкиот систем за урбанистичко планирање. Ова е особено спорно бидејќи Законот веќе предвидува урбанистички план за подрачја и градби од државно значење, кој е детално уреден и ги опфаќа истите категории на објекти што сега се дефинирани како градби од стратешки интерес. Наместо да се зајакне системската уреденост, со овие измени се создава паралелен механизам кој го поткопува правниот поредок.
3. Скратување на процедури и елиминирање на заштитните механизми
Оспорените одредби ги прескокнуваат суштинските фази на стручна ревизија, јавна презентација и јавна расправа. „Во постапката за донесување на урбанистички проект за градби од стратешки интерес се предвидени кратки рокови за постапување, при што недостасуваат фазите на стручна ревизија…“-се наведува во повлечениот реферат. Овие отстапувања создаваат услови за арбитрарност во одлучувањето и ја намалуваат транспарентноста на процесот, што директно го загрозува јавниот интерес.
Имено, постапката за донесување на урбанистички проекти за градби од стратешки интерес е скратена и без важни механизми за контрола, што ја доведува во прашање транспарентноста
Предвидената постапка за урбанистичките проекти од стратешки интерес отстапува од постојните правила, со што се укинуваат суштински механизми за стручна контрола и јавна транспарентност. Недостасуваат фазите на стручна ревизија, јавна презентација и расправа, кои се основни за обезбедување на јавен увид и квалитет во урбанистичкото планирање.
Со ова, не само што се фаворизира брзо усвојување на проекти, туку и се отвора можност за арбитрарност и избегнување на законските механизми за заштита на јавниот интерес.
4. Правна несигурност и владеење на правото
Дефинирањето на градби од стратешки интерес паралелно со градби од државно значење создава правна недоследност и ризик од правна несигурност.
Со овие измени, градбите од стратешки интерес не се планираат според системските правила, туку преку исклучоци. „Новите правила или поточно исклучоци од правилата постојат самостојно и независно од системските правила со кои не се доведуваат во врска…“- се наведува во повлечениот реферат. Ова создава паралелен правен режим кој води кон правна несигурност и спротивност со принципот на владеење на правото. Јасните и прецизни норми се темел на правната сигурност и нивното непочитување го доведува во прашање целокупниот правен поредок.
Со новите законски одредби, државните патишта, железничките пруги и инфраструктурните коридори се истовремено дефинирани и како градби од државно значење и како градби од стратешки интерес. Ова создава правна нејасност бидејќи не постои јасно разграничување меѓу овие категории. Ваквиот пристап е спротивен на принципот на владеење на правото, кој бара законските норми да бидат прецизни, јасни и недвосмислени за да гарантираат правна сигурност на граѓаните и институциите.
Со овие законски измени се воведува исклучок од системските правила без временско ограничување, што го нарушува концептот на стабилно законодавство.
Оспорените одредби предвидуваат дека урбанистички проект за градби од стратешки интерес може да се донесе како исклучок од општите правила за урбанистичко планирање. Ова значи дека планирањето на овие објекти не се врши според постојните системски решенија, туку преку отстапување од нив. Покрај тоа, нема јасно утврдена временска рамка во која овие исклучоци ќе важат, со што се остава простор за нивно трајно применување, дури и по завршувањето на специфичните проекти за кои можеби биле првично предвидени. Ова го загрозува концептот на стабилно законодавство и ја намалува предвидливоста на правниот поредок.
5. Оправданост на уставната иницијатива
Посебните правила за стратешки проекти требало да бидат уредени во посебен закон, наместо преку измена на системскиот закон за урбанистичко планирање
Сметам дека наводите во иницијативата се основани. Законодавецот, ако веќе се определил за посебно правно уредување на прашањата поврзани со изградбата на Коридорите 8 и 10, требало тоа да го направи преку посебен закон, без да навлегува во измена на системскиот Закон за урбанистичко планирање. Овие измени го поткопуваат основниот концепт на урбанистичкото планирање и создаваат нелогични правни исклучоци кои го компромитираат владеењето на правото.
Уставниот суд веќе има изграден став дека законодавецот може да носи посебни закони за специфични инфраструктурни проекти, како што беше случајот со Законот за утврдување на јавен интерес за Коридорите 8 и 10. Во тој контекст, доколку законодавецот сакал да воведе посебни правила за планирање на стратешки проекти, требало да ги уреди во рамките на тој посебен закон, наместо да врши измена на системскиот Закон за урбанистичко планирање. Со ваквиот пристап, создадени се отстапувања од редовните правила во рамките на системски закон, што резултира со паралелизам во правното уредување и долгорочна правна несигурност.
Со воведувањето на паралелни механизми за урбанистичко планирање и исклучувањето на важни контролни механизми, оспорените законски решенија сериозно ја загрозуваат правната сигурност на граѓаните и институциите. Правната предвидливост е суштински елемент на владеењето на правото, а овие измени создаваат правна несигурност бидејќи го разградуваат системскиот пристап во урбанистичкото планирање.
Поради горенаведеното, не можам да се согласам со донесената одлука и го издвојувам своето мислење како предупредување за можните последици од правната несигурност што произлегува од ова законодавно решение. Моето издвоено мислење се заснова на ставот дека измените на Законот за урбанистичко планирање се спротивни на принципите на владеењето на правото и правната сигурност, што претставува уставно-правен проблем кој не може да биде занемарен. Од овие причини, сметам дека требаше да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.
Судија на Уставниот суд,
м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева