Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.138/2023
Скопје, 05.02.2025 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 5 февруари 2025 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023).
Образложение
I
Хелсиншкиот комитет за човекови права од Скопје, преку неговата извршна директорка Уранија Пировска до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Со иницијативата се оспорува во целина Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023) и се наведува дека и покрај постојната законска регулатива за планирање на просторот и точно утврдената постапка за одобрување и изработка на урбанистички проекти, со оваа измена се вметнува нова категорија – урбанистички проект за градби од стратешки интерес. За овој вид на урбанистички проект со оспорените одредби се предвидуваат нови правила за негова изработка и донесување кои се различни од постоечките, а со цел тие да се заобиколат така што ќе се прескокнат фазите во процесот на одобрување на урбанистичките проекти предвидени во член 62 од Законот за урбанистичко планирање. Според подносителот, оспорените одредби се спротивни на темелните вредности на уставниот поредок – начелото на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 – како и член 9, член 43, член 50 став 1 и член 51 од Уставот.
Подносителот наведува дека законодавецот го користи терминот „градби од стратешки интерес“ без притоа да утврди јасни рамки за тоа какви сѐ видови градби може да се сметаат за градби од стрaтешки интерес, што е непотребно, бидејќи јавниот интерес и градбите од јавен интерес се веќе утврдени со закон. Единствена причина за оваа формулација е да се воведат олеснети правила за овој вид градби и да се елиминираат заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање. Се наведува дека урбанистичките проекти за градби од стратешки интерес нема да се изработуваат за нивната законски утврдена цел (разработка и спроведување на урбанистичките планови), туку за градби од стратешки интерес со што се напуштаат правилата за хиерархијата на урбанистичките планови бидејќи урбанистичкиот проект се издигнува над урбанистичките планови кои се документи од повисоко хиерархиско ниво.
Со член 4 од оспорениот закон, спротивно на темелната вредност на уставниот поредок – уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се предвидуваат сосема поинакви правила за изработка и одобрување на урбанистички проект за градби од стратешки интерес при што во постапката во целост е изоставена стручната ревизија на урбанистички проект предвидена со член 62 од Законот за урбанистичко планирање. Со тоа се елиминира механизмот за проверка на усогласеноста на проектот со Законот и со урбанистичкиот план за чијашто разработка служи и се создава правна несигурност бидејќи се заобиколува целиот систем на правила кои постојат за остварување на оваа темелна вредност на уставниот поредок. Новите правила не ги заменуваат старите, туку опстојуваат паралелно со нив што создава можност за злоупотреба, а со забрзаните и скратени постапки за проектите од стратешко значење на граѓаните им се ускратени сите можности за јавен увид и јавна расправа и за користење на механизмите заради обезбедување на уставно загарантираното право на здрава животна средина и хуманизација на урбаниот простор.
За подносителот на иницијативата исто така е спорна надлежноста на Владата за одобрување на проектите од стратешки интерес, бидејќи со тоа индиректно се одземаат ингеренциите на локалната самоуправа без соодветно утврдена постапка и потреба за тоа.
Понатаму во иницијативата се укажува на принципите на правда и правичност кои државните и локалните органи се должни да ги вградат во механизмите на владеење и сите алатки за реализација на владејачките политики, вклучувајќи го тука и планирањето и уредувањето на просторот на начин кој дава еднакви можности за негово користење и еднаква можност за сите чинители под еднакви услови да функционираат во системот вклучувајќи ги изготвувачите и инвеститорите при изготвување на урбанистичките проекти.
На крајот од иницијативата се нагласува дека поимот „градби од стратешко значење“ како заеднички именител на оспорените законски одредби, всушност е недефинирана категорија бидејќи во ниту еден закон не се утврдени рамките, параметрите и условите што треба да се исполнат за да една градба се смета за градба од стратешки интерес. Со тоа се создава правна несигурност и нееднаков третман, а принципот на правна сигурност е имплицитно содржан во Европската конвенција за човекови права и претставува еден од фундаменталните аспекти на владеењето на правото.
Подносителот предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023) и истиот да го поништи или укине.
II
Оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2023) содржи 7 члена со кои се дефинирани градбите од стратешки интерес, воведен е нов вид на урбанистички проект – урбанистички проект за градби од стратешки интерес и е уредена постапката за неговото донесување.
Член 1 од оспорениот закон предвидува дека во Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 32/20) во членот 2 по точката 7 се додава нова точка 7-а, која гласи: 7-а. Градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и други градби од јавен интерес кои се реализират како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон.
Во член 3 од оспорениот закон е предвидено дека во член 58 по ставот 7 се додава нов став 8, кој гласи „(8) По исклучок од ставот 1 на овој член, урбанистички проект може да се изработува и за градби од стратешки интерес.“ Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес е предвиден во новододадениот член 63-а, со истоимен наслов, чијашто содржина е дадена во дел III од образложението.
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 10 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Во согласност со член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3).
Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина (став 1). Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина (став 3).
Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 1 од Законот за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020, 111/2023 и 171/2024) со овој закон се уредува системската и хиерархиската уреденост на урбанистичкото планирање во системот на просторното и урбанистичкото планирање, целите и начелата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, условите за вршење на работите од областа на урбанистичкото планирање, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон, како и други работи од областа на урбанистичкото планирање.
Дефинициите на законските поими и изрази се дадени во член 2 од Законот, при што релевантни за овој предмет се оспорената точка 7-а, според која градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, градби за потребите на одбраната и безбедноста, како и други градби од јавен интерес кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон; точка 53 според која урбанистички план е јавен документ со кој се уредува организацијата, намената, формата и начинот на употребата на просторот и земјиштето, како и просторните и функционалните услови за изградба и употреба на планираните градби; како и точка 54 која дефинира дека урбанистички проект е планско-проектна документација што се изработува за разработка и спроведување на урбанистички план.
Во член 5 од Законот е предвидено дека во просторот опфатен со урбанистичките планови, јавен интерес е уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и зачувувањето на природните и културните вредности на просторот. За јавниот интерес од ставот 1 на овој член се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање, односно во постапките на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведувањето на урбанистичките планови. Со урбанистичкото планирање задолжително се штити јавниот интерес кој е приоритетен, додека приватниот интерес се обезбедува согласно со закон.
Член 9 од Законот ги утврдува целите на урбанистичкото планирање (рамномерен просторен развој; рационално уредување и користење на просторот; создавање и унапредување на условите за хумано живеење и работа на граѓаните; надминување на урбаните бариери на лицата со инвалидитет; одржлив просторен развој; сочувување на квалитетот и унапредување на животната средина и природата; справување со климатските промени; сочувување и заштита на недвижното културно наследство и безбедност од природни и технолошки катастрофи и хаварии) и начелата на урбанистичкото планирање (интегрален пристап во планирањето; грижа и развој на регионалните особености; остварување на јавниот интерес и заштита на приватниот интерес; јавност во постапката за изработување, донесување и спроведување на плановите; инклузивност и партиципативност во постапката за изработување, донесување и спроведување на плановите; хоризонтална и вертикална усогласеност и координација во планирањето и уважување на научно и стручно утврдените факти и стандарди).
Одредбите за урбанистичките проекти се поместени во глава V од Законот со наслов – Спроведување на урбанистичките планови, каде во член 56 став 1 е определено дека акти со кои се спроведуваат урбанистичките планови согласно овој закон се: 1. Урбанистички проект и 2. Урбанистички план за парцелација. Со натамошните одредби од оваа глава се утврдени видовите на урбанистички проекти и е пропишана нивната содржина како и постапката за нивно изготвување и одобрување. Сите видови на урбанистички проекти утврдени со член 58 став 2 се изработуваат заради разработка и спроведување на некој од урбанистичките планови од член 10 став 1 точки 2,3,4 и 5 од Законот, согласно член 58 став 1. Отстапување од ова правило е утврдено со оспорената одредба од член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање со која во член 58 по став 7 се додава нов став 8 кој предвидува дека по исклучок од ставот 1 на овој член, урбанистички проект може да се изработува и за градби од стратешки интерес.
Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес е уреден со натамошните одредби од оспорениот закон, со додавање на нов член 63-а со наслов 4-а. Урбанистички прокт за градби од стратешки интерес кој гласи:
4-а. Урбанистички проект за градби од стратешки интерес
Член 63-а
(1) Со Урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес се уредува проектниот опфат за изградба на државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи како и за други градби од јавен интерес, како и за нивните пропратни содржини (поставување привремени локации, градби за вршење подготвителни работи со кои се организира градилиштето за изградба на градбата од стратешки интерес, јами, наоѓалишта и отпадни области имајќи ги предвид достапните проектни, геотехнички, археолошки информации, информациите за животната средина, социјалните и комуналните информации и стандардите за проектирање), а проектниот опфат за изградба на државните патишта е и патен коридор со првични проценети граници за експропријација во кој ќе се врши изградбата на државните патишта со пропратните содржини.
(2) Границите на проектниот опфат на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, може да бидат утврдени со еден урбанистички проект за градби од стратешки интерес или во фази со повеќе урбанистички проекти за градби од стратешки интерес.
(3) Урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член се содржи од следнава документација:
– решение за услови за планирање на просторот согласно со ставот (6) на овој член,
– геодетски елаборат за ажурирана геодетска подлога, заверен од надлежен орган согласно со закон,
– податоци и информации прибавени согласно со ставот (5) на овој член,
– збирен графички прилог со нанесен проектен опфат и постојна инфраструктура од доставените податоци и информации од алинејата 3 од овој став,
– геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени-нумерички податоци, со кој се определени катастарските податоци со точни мери и граници на земјиштето во границите на проектниот опфат во кој ќе се врши изградбата на градбите од ставот (1) на овој член и
– мислење од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено
споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план.
(4) Постапката за донесување на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член се спроведува во писмена форма, согласно со одредбите на овој член, а примерок од урбанистичкиот проект се доставува и во дигитална форма (.dwg и .pdf) до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
(5) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член доставува барање со проектниот опфат за добивање податоци и информации до субјектите од членот 47 став (1) од овој закон. Субјектите до кои е доставено барање со проектниот опфат се должни да ги достават сите податоци и информации со кои располагаат до изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член во рок од седум работни дена од денот на приемот на барањето, во електронска форма преку информациски систем е-урбанизам или во печатена форма.
(6) За издавање услови за планирање на просторот, органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, во име и за сметка на изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, по претходно доставено барање со проектен опфат од истиот, во рок од три работни дена од денот на приемот на барањето до Агенцијата за планирање на просторот, доставува барање во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам. Агенцијата за планирање на просторот е должна во рок од три работни дена од денот на приемот на барањето за издавање на услови за планирање на просторот, по службена должност, без надоместок, да изработи елаборат за услови за планирање на просторот и да достави барање за издавање решение за услови за планирање на просторот до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање.
Органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање е должен во рок од два работни дена од денот на приемот на барањето да донесe решение за услови за планирање на просторот.
(7) Доколку субјектите од членот 47 став (1) од овој закон не ги достават податоците и информациите со кои располагаат во рокот од ставот (5) на овој член, ќе се смета дека не располагаат со бараните податоци и информации, при што евентуалните идни штети настанати поради недоставувањето на податоците и информациите ќе бидат на товар на субјектите коишто не ги доставиле потребните податоци и информации, односно не одговориле на барањето.
(8) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, преку информацискиот систем е-урбанизам го доставува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес до Агенцијата за катастар на недвижности и истата е должна да даде мислење по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план во рок од пет работни дена од денот на приемот на проектот.
(9) Изработувачот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, по добиените информации и податоци со приложен записник од доставени и недоставени податоци и информации и мислење од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план, проектот го доставува до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.
(10) Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во рок од десет работни дена од денот на приемот на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член утврдува дали проектот е комплетен и доколку истиот не е комплетен, доставува известување до изработувачот на проектот за комплетирање на истиот најдоцна во рок од 30 дена.
(11) Доколку по истекот на рокот од ставот (10) на овој член изработувачот на проектот не достави комплетиран урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член, органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го известува дека постапката за донесување на урбанистичкиот проект од ставот (1) на овој член не може да продолжи согласно со одредбите од овој закон.
(12) Комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го доставува до Владата на Република Северна Македонија, најдоцна во рок од пет работни дена од денот на приемот на комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес.
(13) Владата на Република Северна Македонија по доставената документација и комплетниот урбанистички проект за градби од стратешки интерес од ставот (12) на овој член, донесува одлука со која го одобрува или не го одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес, во зависност од прибавените податоци и информации од субјектите од членот 47 став (1) од овој закон и мислењето од Агенцијата за катастар на
недвижности по однос на извршено споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план.
(14) Во рок од три работни дена по донесувањето на одлуката со која се одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес од ставот (13) на овој член, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот го доставува одобрениот урбанистички проект за градби од стратешки интерес до Агенцијата за катастар на недвижности, за да изврши дигитално преклопување на проектот во рок од пет работни дена од денот на приемот на проектот.
(15) Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност врши прибележување во катастарот на недвижности дека е во тек градба од стратешки интерес, врз основа на одлуката со која се одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес од ставот (13) на овој член, одобрениот урбанистички проект за градби од стратешки интерес и Геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени – нумерички податоци.
(16) Изменувањето и дополнувањето на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес се спроведува во истата постапка како и постапката за донесување урбанистички проект за градби од стратешки интерес предвидена во овој член.
Oд наведените одредби од Уставот произлегува дека уредувањето и хуманизацијата на просторот како темелна вредност на уставниот поредок се операционализира преку просторното и урбанистичкото планирање којашто дејност поради своето значење, во Законот за урбанистичко планирање е утврдена како дејност од јавен интерес. Јавниот интерес е приоритетен и за него се води грижа во сите фази од урбанистичкото планирање што ги опфаќа постапките за изработување, донесување, спроведување и следење на урбанистичките планови.
Од Предлог-законот што беше доставен од Собранието на Република Северна Македонија произлегува дека оспорената измена на Законот за просторно и урбанистичко планирање е направена како дел од пакетот на законски измени во неколку закони (Закон за градење, Закон за експропријација, Закон за минерални суровини, Закон за работните односи и др.) со цел усогласување на регулативата поврзана со изградбата на патишта со Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021). Со овој закон изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10 беа утврдени како проекти од јавен интерес и стратешко значење за државата, заради остварување на одржлив и безбеден развој на регионалното поврзување на Република Северна Македонија преку комплетирањето на паневропските коридори 8 и 10 што претставува капитална инвестиција од стратешка национална важност и има за цел подобрување и развој на патната инфраструктура. Потребата од доизградба и модернизација на патната мрежа низ државата е суштинска потреба заради брз економски развој, интеграција на транспортниот сектор со ЕУ, односно поврзување на регионот со ЕУ што е стратешка определба усвоена во Националната транспортна стратегија 2018-2030. Од образложението на Законот произлегува дека измените на Законот за урбанистичко планирање се неопходни да се овозможи забрзана реализација на градби од стратешки интерес за изградба на државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи и други градби од стратешки интерес, преку поедноставување на одредени чекори во постапката и да се овозможи повисок степен на флексибилност во однос на содржината на урбанистичките проекти.
При градењето на правното мислење по овој предмет Судот го имаше предвид фактот што со Решението У.бр.85/2021 од 9 декември 2021 година, Уставниот суд не поведе постапка за оценување на уставноста на горенаведениот закон со кој беше утврден јавниот интерес за изградбата на коридорите 8 и 10. Со неповедувањето постапка Уставниот суд изрази став дека законодавецот има право со посебен закон да ги уреди деталите во врска со планирањето, проектирањето и употребата на дел од Коридорот 8 и Коридорот 10 имајќи ја предвид спецификата на материјата која се уредува и притоа да ја исклучи примената на други закони во целост или делумно во врска со сите прашања уредени со овој закон, односно од уставноправен аспект го оправда донесувањето на овој посебен закон со повикување на принципот lex specialis derogat legi generali.
За Судот не е спорно дека државните патишта, железничките пруги, магистралните гасоводи и други градби претставуваат добра во општа употреба и јавен интерес и дека државата има право да одлучува за нивната изградба заради остварување на стратешката цел за сообраќајно поврзување на Република Северна Македонија на инфраструктурните коридори 8 и 10. Од тие причини законодавецот со споменатиот закон го определил јавниот интерес за планирање и изградба на овие инфраструктурни објекти и со посебни одредби во одделните закони утврдил посебни процедури за урбанистичко планирање и градење на овие објекти кои се карактеризираат со пократки рокови на постапување и скратување на определени фази од редовната постапка за урбанистичко планирање. Ова, според мислењето на Судот, влегува во рамките на правото на законодавецот од член 68 од Уставот да ги уредува областите во општествениот живот, за кои ќе оцени дека е потребно и оправдано да ги уреди со посебни закони. Оттука, законодавецот оценувајќи дека изградбата на овие коридори претставува капитална инвестиција од стратешка национална важност заради подобрување и развој на патната инфраструктура со оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање предвидел патните коридори да се планираат врз основа на т.н. урбанистички проект за градби од стратешки интерес. За Судот се неосновани наводите во иницијативата дека ваквото законско уредување е направено заради заобиколување на постапките и процедурите за урбанистичко планирање и елиминирање на заштитните механизми во сферата на урбанистичкото планирање од причина што прашањето дали законодавецот морал да ги донесе овие нови правила за урбанистичко планирање на градбите од стратешки интерес, наместо да ги применува постојните правила во Законот за урбанистичко планирање, на што упатува подносителот на иницијативата, излегува од надлежноста на Уставниот суд бидејќи за целисходноста на законските решенија одлучува законодавецот.
Од уставно-правен аспект суштинско е дека оспорената категорија – урбанистичи проект за градби од стратешки интерес е детално уредена со оспорените законски одредби во кои е пропишана постапката за донесување на овој вид на урбанистички проект. Имено, со новододадениот член 63-а во целост е разработено прашањето на изработката и одобрувањето на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес кој исто така треба да ги содржи сите потребни документи и како комплетен предлог се доставува до Владата на Република Северна Македонија на одобрување. Владата на Република Северна Македонија во однос на истиот донесува одлука со која го одобрува или не го одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес во зависност од прибавените податоци и информации од субјектите од член 47 став 1 од Законот за урбанистичко планирање и мислењето од Агенцијата за катастар на недвижности по однос на извршеното споредување на податоците од урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес со податоците од катастарскиот план, по што Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност врши прибележување во катастарот на недвижности дека во тек е градба од стратешки интерес врз основа на одлуката со која се одобрува урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес. Од наведеното јасно произлегува дека иако во процесот на планирање и проектирање на градбите од стратешки интерес врз основа на урбанистички проект определени фази се скратени со тоа што се предвидени пократки рокови, сепак постои законски утврдена процедура која мора да се почитува.
Неосновани се наводите од иницијативата дека терминот „проекти и градби од стратешки интерес“ е нејасен бидејќи не било точно утврдено какви се видови на градби може да се сметаат за градби од стратешки интерес, особено поради тоа што законодавецот ја употребил формулацијата „и други градби од јавен интерес“. Имено, Судот смета дека тоа е направено од причина што не е можно однапред таксативно да се предвидат сите градби од јавен интерес, особено поради тоа што тој јавен интерес мора да се определи во секој случај посебно, со посебен закон. Впрочем, тоа произлегува и од Законот за градење, кој во член 2 став 1 предвидува дека покрај државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, како градба од стратешки интерес се смета градба од јавен интерес која со посебен закон е утврдена како стратешки инвестиционен проект или проект од стратешко национално значење и за изградба на истата треба да се спроведе постапка за урбанистички проект за градби од стратешки интерес кој го одобрува или не го одобрува Владата на Република Северна Македонија, согласно со одредбите од оспорениот Закон за урбанистичко планирање. Наведената одредба од Законот за градење, веќе била предмет на оценка пред Уставниот суд кој со Решението У.бр.140/2023 од 20 декември 2023 година одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста, бидејќи оценил дека како градби од стратешки интерес не се подразбираат по автоматизам градби од јавен интерес, бидејќи за да може една градба од јавен интерес да се третира како градба од стратешки интерес потребно е да бидат исполнети три кумулативни услови: донесување на посебен закон за прогласување на градба од јавен интерес како стратешки проект, изготвување на урбанистички проект за градба од стратешки интерес и добивање на одобрение од Владата на Република Северна Македонија.
Од наведеното произлегува дека оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање е донесен заради имплементација на проекти од стратешки интерес утврден со посебен закон кој го поминал тестот на уставноста, поради што Судот одлучи дека не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со уставните одредби од член 8 алинеи 3 и 10, член 43, член 50 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски
Издвоено мислење по предметот У.бр.138/2023