Издвоено мислење по предметот У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023

Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), по гласањето против Решението У.бр.162/2023 и 163/2023 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 12 февруари 2025 година, со Решение одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.188/2023), го изразувам моето несогласување и го образложувам со следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На седницата одржана на ден 12.02.2025 година, Уставниот суд на Репулика Северна Македонија, со Решение одлучи да поведе постапка против оспорениот закон  и беше определен рок од 6 месеци на Собранието на Република Северна Македонија, да го измени или да го дополни оспорениот закон. Решението беше донесено со мнозинство гласови. Притоа со ова решение мнозинството судии застанаа на гледиштето дека оспорениот Кривичен законик е лош и штетен закон и како таков е противуставен, дека истиот бил формално-правно и материјално-правно спротивен на Уставот на Република Северна Македонија, дека било повредена е темелната вредност – политички плурализам. Според мислењето на мнозинството изнесено во Решението, пред да се доneсе законот во предлогот немало образложени причини зошто истиот се носи по скратена постапка, со злоупотреба на европското знаменце, дека при носењето на Законот не била одржана експертска расправа,  не била дадена можност да се изнесат мислењата на пошироката јавност, на пратениците и слично. Понатаму, ставот на мнозинството е дека суштината на плурализмот како темелна вредност на уставниот поредок, не се исцрпува само со позитивната обврска на државата да биде гарант на плурализмот со кој ќе се овозможи да дојдат до израз различните политички опции и ставови на граѓаните преку демократски фер и слободни избори. Суштината на плурализмот, според мнозинството судии на овој суд, е подеднакво релевантна и во постапката на носењето на законите во законодавниот дом. Во таа постапка на претставниците на граѓаните треба да им се овозможи да ги изнесат своите политички предлози и идеи, да можат непречено да учествуваат во нормирањето на општествените односи, како и во изменувањето на нормирањето на тие односи. Притоа, во Решението е наведено дека законодавецот не само што не дал образложени причини зошто за одредени кривични дела ја намалува висината на казната, ниту дал образложени причини зошто дел од одредбите на Законот ќе бидат со одложена примена по истекот на шест месеци, додека дел ќе стапат на сила веднаш, односно не се произнел за скратувањето и за продолжувањето на vacatio legis. Уставниот суд не е ограничен во својата интерпретација на уставните норми и треба да ја има во вид општествената реалност. Притоа Уставниот суд со своето толкување на уставните норми им дава содржина и смисла, во сите оние случаи во кои се појавува сомнеж дека некој закон има материјална неуставност. За разлика од судиите во редовното судство, уставните судии не се ограничени во методите на толкувањето на уставните и законски норми. Во оваа смисла Уставниот суд својата уставно-судска анализа на оспорените норми ја прави низ призмата на нивната легитимна цел, нивната општествена оправданост и нужноста во едно демократско општество. Во таа насока, треба да се имаат во вид и годишните извештаи на Европската комисија за изминитатите 2023 и 2024 година, коишто укажуваат на слабостите при донесувањето на законите. Во Решението, меѓу другото, се наведува дека со оспорениот закон се врши дискриминација по општествената положба што ја имале одредена категорија на лица во однос на другите. Некои лица се ставале во поповолна положба со изрекување и намалување на казните во споредба со другите. На овој начин повреден е членот 9 од Уставот. Понатаму се наведува дека оспорениот закон е закана за уставниот поредок и владеењето на правото поради создавањето на систематска дискриминација. Во Решението се наведува дека оспорениот закон бил во директна спротивност со член 52 од Уставот, каде што е наведена забрана за ретроактивно дејство на законите и другите видови на прописи. Со оспорениот закон се вршела повреда на уставното начело на поделба на власта, утврдено во член 8 и член 98 од Уставот, на начин што постои директен упад од страна на законодавната и извршната власт врз правосудството.

Со сета почит на мнозинството судии за изнесените ставови во наведеното решение, моето мислење како судија на овој суд е сосема спротивно и различно од наведеното решение.

Како прво, неосновани се ставовите на мнозинството судии дека оспорениот закон е формално-правно спротивен на Уставот на Република Северна Македонија. За подобро разбирање на моето мислење потребно е да се имаат во вид следните уставните одредби:

Во член 8 став 1 алинеја 3 и алинеја 5 од Уставот на РСМ како темелни вредности на уставниот поредок на Република Сверна Македонија, се владеењето на правото, политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Согласно со член 14 став 1 од Уставот „Никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна“ и став 2 „Никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука“.

Согласно со член 61 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и Деловникот.

Во уставните одредби, почнувајќи од член 62 заклучно со член 78, во кој се вклучени сите измени содржани во амандманите  X, XI и XII, не е наведено во кои фази ќе се одвива постапката за донесувањето на законите. Така, во член 68 став 1 од Уставот, покрај другите надлежности во алинеја 2 е наведено дека Собранието донесува закони и дава автентично толкување на законите. Во Амандманот X, со кој е заменет член 69 став 1 е наведено со какво потребно мнозинство одлучува Собранието, додека пак во ставот 2 е наведен и Бадентеровиот принцип при донесување на одредени закони. Исто така, во одредени одредби на Уставот, наведено е дека одредени закони се донесуваат со посебно двотретинско мнозинство, истите се прогласуваат со указ и ги уредува прашањата по однос на нивното објавување и влегување во сила. Во овој дел по однос на мнозинството, како пример го наведувам Амандманот XXV со кој се заменува член 98 став 1 од Уставот, каде е предвидено дека Законот за судовите се донесува со двотретинско мнозинство.

Имајќи ги во вид изнесените уставни одредби, произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија само начелно ја уредува формално правната постапка за донесувањето на законите, додека  другите детали коишто се однесуваат на постапката за донесување на законите, која е во рамките на организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Деловникот на Собранието.

Сметам дека неосновани се претходно изнесените ставови за оспорениот закон, од причина што воопшто не ги повредува наведените уставни одредби од формално-правен аспект. Истиот закон по мое мислење е донесен во процедура согласно Уставот и Деловникот  на Собранието. Уставниот суд не може и нема таква надлежност да цени дали требало законодавниот дом да го носи оспорениот закон по скратена постапка, со ставање на европско знаменце, дали требало да има образложени причини, дали предлагачот на законот бил застапуван од министер или заменик-министер и слично.

По мое мислење за таквите прашања дава одговор Деловникот, чии одредби се релеванти, правно важечки и обврзувачки.

Како второ, неосновани се ставовите на мнозинството судии дека оспорениот закон е спротивен на Уставот на РСМ од материјално-правен аспект.

На седницата, како и во Решението со кое е одлучено да се поведе постапка,  мнозинството судии се произнесоа дека оспорениот закон бил многу лош, неквалитетен, а со тоа и неуставен, дека задирал во основното уставно начело содржано во член 8 став 1 алинеја 5, а тоа е политички плурализам. Притоа во Решението се укажува дека политичкиот плурализам треба да има релевантно влијание во постапката при носењето на законите.

Следствено на ваквите ставови, логично е да се запрашаме која е врската на противуставност со наведеното начело на политичкиот плурализам. Притоа имајќи го во вид фактот дека политичкиот плурализам не може сам по себе и изолирано да се гледа како посебно уставно начело, туку во неговата целина онака како што е наведено во член 8 алинеја 5 од Уставот, а која гласи:

„Политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори“. По мое мислење политичкиот плурализам како мноштво на интереси во едно демократско општество во кое владее правото и правната држава доаѓа до израз пред сè во процесот на непосредни и демократски избори. Политичкиот плурализам како основно уставно начело ја сочинува основата на демократското општество. Политичкиот плурализам доаѓа до израз во сите изборни процеси кои се одржуваат на републичко и локално ниво во државата. Притоа преку политичкиот плурализам, граѓаните организирани како членови во политичките партии или непосредно како поединци и независни кандидати ги изразуваат сите свои политички ставови, можни опции, идеи и меѓусебно во еден демократски изборен процес се натпреваруваат во освојувањето на власта. Поради наведеното, политичкиот плурализам не може да се гледа самостојно, туку во целина онака како што е наведено во член 8 алинеја 5 и во овој случај нема никаква поврзаност дека ова уставно начело било повредено со оспорениот закон. Исто така, неосновани се ставовите во Решението дека Собранието не дало образложение зошто при носењето на Законот немало јавна расправа од причина што тоа е проценка на законодавниот дом при спроведувањето на законодавната политика. Исто така, согласно со член 52 став 3 од Уставот, право е на Собранието самостојно да го определува vacatıo legıs.

Во оваа одредба не е наведена обврската Собранието да дава образложени причини зошто некои одредби од закон влегуваат во сила 8 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“ , додека други по истекот на 6 месеци. Па, по мое мислење немањето на образложение за наведеното не е и не може да биде повреда на наведената одредба на Уставот, од причина што тоа е исклучиво право на Собранието.

Неосновани се наводите дека со оспорениот закон се овозможува ретроактивно дејство на Законот, без притоа да посочат конкретно за што станува збор. Притоа неосновано алудирајќи дека во предметните постапки пред редовните судови се спроведувало заобиколување на кривичната одговорност на сторителите на кривични дела. Во кривичното право основен принцип е дека доколку Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка се сменети, секогаш за лицето за кое се води кривична постапка ќе важи поблагиот закон. Ретроактивната примена на Законот согласно член 52 став 4 од Уставот, е дозволена само по исклучок и тоа доколку законот е поблаг за граѓаните. Ваквиот уставен принцип не ги загрозува правата на другите граѓани, туку е во корист на оние граѓани кои се засегнати во постапката. Во овој контекст неосновани се ставовите дека донесувањето на овој закон било со цел да се пропишат поблаги казни за луѓето со повисок општествен статус, со што на таа категорија граѓани им се дало да бидат привилегирани во однос на другите кривично засегнати граѓани. Следствено на ова неосновани се ставовите дека со овој закон се повредува член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, за забрана на нееднаквост и дискриминација на граѓаните по овој основ, дека некои граѓани кои имале повисок општествен статус, биле привилегирани наспроти другите граѓани. Во образложението на Решението, наведено е дека судиите на Уставниот суд за разлика од судиите во редовното судство не се ограничени во толкувањето и интерпретирањето на уставните норми. Притоа алудирајќи дека при толкувањето на уставните норми треба да се има екстензивен поширок пристап и да се има во вид општествената реалност. Вавите ставови по мое мислење ја доведуваат во опасност уставната надлежност на Уставниот суд утврдена со Уставот. Се сомневам дека со ваквиот пристап ќе ги поминеме црвените линии, а со тоа наместо Уставниот суд да биде чувар и заштитник на Уставот онака како што пропишува Уставот, се ризикува истиот да се претвори во семоќен орган, она на што во Решението овој суд укажува за Собранието. Исто така, неосновани се ставовите изнесени во Решението дека при изразувањето на сомнеж за поведување постапка за уставност на оспорениот закон, поради што Судот одлучи да поведе постапка, Судот ги имал во вид извештаите за 2023 и 2024 година на Европската комисија за напредокот на државата, при што сметам дека истите немаат баш никаква врска со тоа дека оспорениот закон бил противуставен.

Неосновани се наводите изнесени во текот на расправата дека оспорениот закон бил лош, штетен и неквалитетен, а како таков истиот бил противуставен. По мое мислење во нашиот правен поредок опстојуваат повеќе лоши, неквалитетни и штетни закони, но тоа не значи дека се противуставни. Дотолку повеќе што Решението на Уставниот суд, од една страна, да поведе постапка и истовремено, од друга страна, да го врати Законот во Собранието со цел да го измени или да го дополни или да донесе нов, сето тоа во рок од 6 месеци, е контрадикторно. Ако Законот бил штетен, лош, а со тоа бил и неуставен, зошто се доставува до Собранието? Дали со ваквиот пристап ќе се намали штетноста на Законот, а со тоа и последиците? Која е правната логика еден штетен закон да опстојува во правниот поредок најмалку уште 6 месеци, а можеби и повеќе? По мое мислење, одговорот е не. По мое мислење, доколку донесените закони во примената се покажат како лоши или неквалитетни, истото треба да биде мотив или причина на доносителот на законите, да ги измени, истите да бидат заменети со поквалитетни закони, што ќе служат за доброто на поединецот, на граѓаните и државата. Ова го кажуваме од причина што согласно со уставната поставеност, законодавната политика е во рацете на Собранието. На носењето на законите претходно му претстои политички процес во кој се изготвуваат предлози за донесување на закони, кој процес се води во Собранието. Во тој процес се изнесуваат сите ставови за предлог-законите што се предмет на изготвување. По усвојувањето на предлозите за закони и нивното објавување, истите стануваат закони со што политиката завршува и истите треба доследно да се применуваат. Според тоа, Уставниот суд нема уставна надлежност да му укажува на Собранието какви закони да донесува со каква содржина, ниту да бара зошто немало никакво образложение за носењето на оспорениот закон. Поконкретно, по однос на оспорениот закон треба да кажеме дека видовите на кривичните дела, како и казната на кривичните дела, како и казната за тие дела се пропишува со закон, а како што претходно наведовме согласно член 61 и член 68 од Уставот на РСМ, Собранието како законодавен дом ги носи законите.  Во кривичното право битни се неколку начела, а тоа се кривичните дела да бидат предвидени со закон и за истите да биде пропишана казна. Тоа е во надлежност на законодавниот дом. Покрај ова битно е начелото non bis idem (не двапати за едно исто) содржано во споменатиот член 14 став 2 од Уставот и начелото на применување на поблагиот закон за сторителот на кривичното дело, за кое треба да внимаваат правосудните органи.
Од ова јасно произлегува дека Уставниот суд, нема надлежност да се меша во работата на Собранието при креирањето на законите. Уставниот суд како орган на Републиката строго треба да се придржува на своите уставно утврдени надлежности, имајќи ја во вид одредбата содржана во член 108 да  ја штити уставноста и законитоста.

Согласно со член 110 став 1 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот. Од ова јасно произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да се впушта во применувањето на законите без оглед на нивниот квалитет.

 

Судија  на Уставниот суд на 
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023