Издвоено мислење по предметот У.бр.182/2024

Врз основа на член 34 став 1 Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 115/2024), по гласањето против Решението У.бр.182/2024 со кое Уставниот суд на седницата одржана на 30 октомври 2024 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Анализата на одребите на Уставот на Република Северна Македонија, а особено на член 8 став 1 алинеја 10 кој нормативно е изразен преку член 43 од Уставот („секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата и дека Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“) укажува на тоа дека уставотворецот го подигнал ова право на ранг на темелна вредност, поради неговото посебно значење. Имено, ова право најдиректно се однесува на правото на живот, а воедно вклучува и други права коишто се услов за опстанок на човекот, како што се правото на вода за пиење и здрава храна, правото на чист воздух и незагадено земјиште, правото на заштита од бучава и непријатни мириси и други. Имајќи предвид дека животната средина е широк концепт кој содржи елементи како што се водата, воздухот, почвата, растенијата, животните и другите живи и неживи светови, ова право е операционализирано во повеќе закони, од што може да се согледа дека заштитата на животната средина и природата, како и здравјето на луѓето и целиот растителен и животински свет, уживаат највисока заштита. Следствено, при преземањето на какви било активности од страна на јавните органи или приватните субјекти кои задираат во животната средина и природата, неопходно е секој субјект да внимава тие активности да не доведат до загрозување на животната средина, односно да ги превенира активностите кои може да предизвикаат негативни последици по здравјето на луѓето, растителниот и животинскиот свет.

Неспорно е дека економските политики на една држава, особено кога станува збор за развојот на индустријата или градежништвото, развојот на патната инфраструктура и слично, често влегуваат во колизија со мерките или активностите за заштита на животната средина. Во оваа група дејности првенствено се вбројуваат концесиските аранжмани на државата со приватните. Оттука, прописите со кои се уредени постапките за склучување на овие аранжмани треба да бидат сеопфатни, но и прецизни, тие треба да ја претставуваат онаа рамка која ги детерминира правата на концесионерот истовремено овозможувајќи и развој на економијата на државата, но и заштита на животната средина како темелна вредност на уставното уредување. Од тие причини, македонското законодавство детално ги регулира постапките за доделување на концесии од оваа област, пришто особено се нагласува потребата од сеопфатна оцена на влијанието на активностите утврдени во концесиските договори врз животната средина. Во член 16 став 2 алинеја 3 од Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, на којшто упатува Законот за минерални суровини, се уредува дека подготвителните работи за доделување на концесија на добра од општ интерес и договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство особено ја вклучуваат процената на влијанието врз животната средина на концесијата на добра од општ интерес или на јавното приватно партнерство.

Оваа законска одредба е само дел од севкупната правна процедура која треба да се почитува доследно при склучување на ваков вид договори кои се од огромно значење за двете страни, како од аспект на економскиот ефект, така и од аспект на правото на граѓаните на здрава животна средина како основно човеково право предвидено во македонскиот Устав и законодавство и во сите релевантни меѓународни акти. Говорејќи за македонското законодавство, формалната законитост на актите на државата, вклучително и на управните договори какви што се концесиските договори е содржана во Законот за општата управна постапка како општ, системски закон кој што ја детерминира структурата на постапката низ која субјектите на договорот мора да поминат пред и во текот на неговата реализација. Понатаму, одредбите од ЗОУП се прецизираат низ материјалните закони при што дозволени се и одредени отстапувања од него, само доколку се во согласност со целта на посебниот закон и се разбира со одредбите од Уставот. Така, концесиите се доделуваат од страна на јавните органи во постапка предвидена со закон, којашто подразбира не само приложување на барателот (во конкретниот случај стратешкиот партнер) на законски утврдената документација кон апликацијата, туку и разгледување и проверка на таа документација од страна на надлежните државни органи во однос на исполнетоста на сите пропишани услови за да може да се донесе одлука со која ќе му се дозволи на барателот да врши истражување и експлоатација на минерални суровини.

Издвоеното мислење се однесува на одлуката на мнозинството судии на Уставниот суд да не се поведе постапка за оцена на уставноста според оспорениот дел од член 10 став 4 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, со кој се предвидува буквално непостоење на било каква правна процедура при доделување на концесија на стратешкиот партнер. Имено, со делот од Законот кој беше оспорен пред Судот, се детогира целиот правен систем во државата на начин што се утврдува дека без да се започне, спроведе и заврши постапката (во отсуство на одлука за доделување на концесија и склучен договор), на концесионерот (стратешкиот партнер), да му се дозволи ископ на минерални суровини во моментот на поднесување на барање за доделување на концесијата. Со други зборови, тоа значи дека без никаква проверка од страна на надлежниот орган се прејудицира исполнетост на сите законски пропишани задолжителни услови за доделување на концесијата. Оспорената одредба всушност дозволува подносителот на барањето да се стекне со право да врши ископ на земјиште без никаква дозвола и притоа хипотетички може сериозно да ја загрози животната средина не само на месното население туку и пошироко во земјата, а притоа одговорноста ќе биде ничија, бидејќи никој всушност ниту издал дозвола за таков ископ, ниту пак, ја проверил исполнетоста на условите за таквата активност.

Субјектите во правото, своите права и обврски ги остваруваат во пропишани процедури, како гаранција за оживотворување на принципот на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Постоењето на процедурите и нивното спроведување, е гаранција и за правната сигурност на граѓаните, дека нивните слободи и права нема да бидат доведени во прашање, доколку тие не би постоеле и доколку не се спроведуваат во целост.

Во оваа смисла, длабоко сум убедена дека оспореното законско решение дозволува преземање активности во природата, без окончана постапка за доделување концесија, и на тој начин не е во согласност со принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните дека никој нема да заснова односи во правото и да презема активности, во отсуство на донесена одлука на јавната власт во законито спроведена и окончана постапка, а поврзано со ова, загрозена е и правната сигурност на граѓаните дека државата ќе се грижи за нивната животна средина и здравјето на луѓето, ако се има предвид дека предметните концесии на што се однесува оспорената законска содржина, директно ја тангираат животната средина. Во конкретниот случај, според оспореното законско решение, субјектите можат да вршат истражување и експлоатација на минерални суровини, штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено, поточно, уште пред да се оконча постапката, без донесена одлука за доделување на концесија, и без склучен договор за таа цел. Во суштина, оспорениот исклучок дозволува релативизирање на постојната процедура којашто подразбира сеопфатна проценка на ризиците по животната средина, односно влијанието на активностите по здравјето на човекот, растителниот и животинскиот свет, а ги вклучува и ставовите на јавноста, а особено интересите на оние кои се засегнати или изложени на ризик да бидат засегнати од одлуките на јавната власт.

Врз основа на сето изнесено, моето лично убедување е дека со донесеното Решение на Уставниот суд за неповедување на постапка за оценување на уставноста на на член 10 став 4 во делот „со исклучок на тоа дека на Стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да започне со истражување и експлоатација на минерални суровини за целите на Проектот штом барањето за доделување на концесија за истражување и експлоатација е поднесено од страна на Инвеститорот” од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, доведени се во прашање темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, уставното право на секој на здрава животна средина и не се имплементира уставната обврска на Републиката за обезбедување услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина од член 43 на Уставот.

 

Судија на Уставниот суд
на Република Северна Македонија,
проф. д-р Ана Павловска-Данева

Конечно решение У.бр.182/2024