У.бр.130/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.130/2024
Скопје, 04.12.2024 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеи 1, 2 и 3 и член 73 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 декември 2024 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 точките 6, 7 и 11,член 3, член 4 ставови 2 и 8, член 38-а ставовите 5, 6, 7 и 8 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020,74/2021, 215/2021), член 17 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024) и оценување на уставноста и законитоста на глава XII од  Упатството  за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.08-489/1 од 14.02.2024 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 21, член 4 ставови 3, 4, 5 и 6, член 11 став 3, член 26 став 10, член 27 ставови 4, 5 и 6, член 55 став 3, членовите 59, 61, 62, 63, 64, и член 65 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020,74/2021, 215/2021), целината на Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024), оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите бр.08-563/1 од 20.02.2024 година во целина заедно со Посебното појаснување бр.08-563/2 од 20.02.2024 година, целината на Упатството бр.08-489/1 од 14.02.2024 година и  Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 од 14.02.2024 година, донесени од Државната изборна комисија.

Образложение

I

Ана Бобинкова Мијаковска од Скопје и Зоран Петковски од Куманово во име на „Група избирачи” Независна листа на предложени кандидати за пратеници во ИЕ 1 за Парламентарните избори 2024 година, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите и актите означени во диспозитивот на ова решение.

Според подносителите на иницијативата, Изборниот законик  содржи нејасни, меѓусебно противречни и неточни одредби, формулации и членови што влијаат да бидат неточни и неуставни и другите одредби во истиот, како на пример, формулациите во Поимникот, во член 2 точките  6, 7, 11 и 21.

Точката 11 го дефинира „регистриран кандидат“, додека точките 6 и 7 дефинираат „независен кандидат” и „кандидат“, Нејасно е кој е всушност кандидат: „регистриран кандидат“ или „кандидат за кој ќе се гласа на избори”, а и едниот и другиот може да биде „независен кандидат“.

Како таков, според подносителите, Изборниот законик не може да ја уреди оваа најважна и суштествена материја на правата на суверенитет и избирачкото право, ставајќи ги во нерамноправна положба и нееднаквост на избирачкото право.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека член 2 точката 21 од Изборниот законик е во противречност со сите точки од 22 до 28 од истиот член, според кои медиумското претставување се ограничува само на изборната кампања, а не и на целиот изборен процес кој започнува од донесување на актот за распишување на изборите до објавување на конечните резултати од одржаните избори, а тоа значи дека го вклучува и процесот кој го опфаќа собирањето на потребниот број потписи. Ова пак, е во противречност со одредбите и членовите на Изборниот законик кои се однесуваат на собирањето потписи и друго во тој дел.

Во продолжението на иницијативата се наведува дека членот 3 е нејасен без другите потребни одредби и формулација, кои ќе ја направат јасна одредбата за еднаквоста на избирачкото право, и кои услови треба да бидат исполнети за да се оствари еднаквоста на избирачкото право.

Тие одредби секако го опфаќаат целиот корпус на прашања и одредби кои ја овозможуваат еднаквоста на избирачкото право и еднаквоста на гласот, коишто со ваквиот Изборен законик не се воопшто третирани и поставени, а со тоа и не можат да го заштитат уставното право на граѓанинот, сувереност на еднаквоста на неговиот глас и на еднаквоста на избирачкото право.

Според подносителите, со член 4 ставовите 2, 3, 4, 5, 6 и 8  од Законот, еднаквоста на гласот, примарно е оневозможена со самиот пропорционален изборен модел, за избирање на пратеници и советници, односно 6 изборни единици, затворени листи и изборен праг. Овие одредби се неуставни бидејќи се во противречност со главата 5 од Законот, член 6 став 1 и член 7 ставови 1, 2 и 4 од ИЗ, бидејќи го оневозможува правото да се избира и да се биде избран и тоа се прави со одредбите за собирање на потписи за кандидирање. Во поткрепа на ваквите наводи подносителите на иницијативата известуваат дека до Собранието имаат доставено Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Во иницијативата се цитира член 11 од Изборниот законик и се наведува дека е оспорен ставот 3  бидејќи е во колизија, меѓусебна противречност со ставовите 1 и 2 од истиот член.

Понатаму, подносителите на иницијативата ги цитираат член 26  ставовите 1, 2, 3, 8 и 10, па наведуваат дека ставот 10, кој го оспоруваат е во противречност со ставот 3 од истиот член  бидејќи професионално работење требало да има секогаш, а не само ако мнозинството членови одлучат да свикаат седница.

Во продолжението на иницијативата се цитира член 27 ставовите 4, 5 и 6 и се наведува дека истите треба да се укинат или да се поништат како спротивни на член 19 од Изборниот законик, како и дека се во противречност со другите членови и одредби на ИЗ, според кои членовите на ДИК се бираат од редовите на парламентарните позициски и опозициски партии и не се непристрасни, ниту можат да спроведуваат непристрасно изборен процес, како што и се покажува во праксата и сега, во нашиот случај на подносител избирачи, Ана Бобинкова Мијаковска.

Понатаму, подносителите на иницијативата го цитираат член 38-а ставовите 5, 6, 7 и 8 од Изборниот законик и се наведува дека членовите за организирање за спроведување на изборите треба да бидат неполитички назначени, не од партиите, а особено не од политичките партии од власта и опозицијата во Собранието, кои најмногу имаат интерес да останат во Собранието и да ги добијат изборите. Всушност подносителите на иницијативата промовираат поинаков изборен модел по кој би сакале да бидат организирани следните избори. Неуставноста се согледува и во законското решение според кое политичките партии предлагаат членови на ДИК, што не е во согласност со Уставот поради што се проблематизира само делот „КОЈ”  од означените одредби.

Во понатамошниот текст на иницијативата се наведува дека член 55 став 3 од Законот е спротивен на  одредба за која подносителоте посочуваат дека Уставниот суд треба да ја пронајде и нумерира. Неуставноста се согледува во околноста што секоја постапка пред државните органи за изборите е бесплатна.

Во продолжението на иницијативата подносителите ги цитираат членовите 59, 61, 62, 63, 64 и член 65 став 4 од Изборниот законик и сметаат дека истите треба целосно да се укинат или поништат, поради неуставноста и дискриминацијата, со кои не е возможна еднаквоста на избирачкото право и на гласот, и остава простор за уште поголемо кршење и оневозможување на непречено остварување на тоа право. Иако не е означена конкретна уставна одредба што се повредува, според ваквите наводи се алудира на можна повреда на член 9 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се оспорува Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024) и се наведува дека измената и дополнувањето на Законот е неуставно бидејќи независните кандидати поддржани од група избирачи се исклучени од правото на еднаквост на избирачкото право, на начин што се менува моделот за собирање на потписи од вкупниот број на запишани избирачи. Со овој нов начин се прекршува и попречува рамноправно учество во изборниот процес, граѓаните со свои независни листи да се кандидираат предложени од група избирачи и без собирање на потписи. Оттаму основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со уставните одредби кои не се означуваат. Од содржината на наводите произлегува дека оспорувањето не се однесува на целината на измената на Законот, туку само на член 17 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024).

Исто така, се наведува дека со овие неуставни одредби се оневозможува правото на граѓанинот да избира и да биде избран, да  не може да се квалификува, да биде потврден за учесник на изборите, едноставно да биде избран. Со самото тоа не може да го оствари своето право од членовите 6 и 7 од Изборниот законик, да се кандидира за овие позиции во државните органи.

Според подносителите, остварувањето на ова загарантирано уставно и законско право утврдено и со овој Изборен законик на кандидат за претседател, пратеник, градоначалник и советник е оневозможено и попречено со одредбите за собирање потписи за да се кандидира, коишто се целосно неуставни и треба да бидат укинати или поништени.

Понатаму, во иницијативата се оспоруваат и Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите бр.08-563/1 од 20.02.2024 година заедно со  Посебното појаснување бр.08-563/2 од 20.02.2024 година како негов составен дел, Упатството бр.08-489/1 од 15.02.2024 година и Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 од 14.02.2024 година, донесени од Државната изборна комисија.

По однос на Правилникот и посебното појаснување се бара нивно целосно укинување или поништување без да се посочат конкретни причини за оспорување.

Во понатамошниот текст на иницијативата  подносителите сметаат дека оспореното Упатство бр.08-489/1 од 15.02.2024 година и оспорениот Роковник за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 од 14.02.2024 година донесени од Државната изборна комисија се неуставни и незаконски. Притоа се цитираат повеќе одредби при што само по однос на главата  XII погрешно означена како глава VII со наслов „Постапка во случај на смрт на кандидат на потврдена кандидатска листа за избор на“ каде може да се препознае е дека е дел на содржината на оспореното упатство. Според подносителите неуставноста и незаконитоста  на овие два оспорени акти, се состои во тоа што во случај на смрт на кандидат, претходното собирање на потписи за листите, повеќе нема никаква валидност, со тоа што за некои кандидати се прибираат потписи, а за некои не, се повредува еднаквоста и рамноправноста со што се алудира на повреда на член 9 и член 22 од Уставот, иако не се означени.

Иницијативата завршува на начин што за сите оспорени одредби и акти се наведува дека го оневозможуваат остварувањето  на основните човекови слободи и права, со наводи дека се повредува избирачкото право на граѓаните на Република Северна Македонија и дека со нив се повредуваат членовите 1, 2, 8, 9, 16, член 20 став 1, членовите 22, 23, 24, 32, 50, 51, 54, 61, 62 и Амандманот XVII од Уставот на Република Северна Македонија и се предлага поведување на постапка,укинување и поништување на сите оспорени одредби и акти.

II

На седницата Судот утврди дека во член 2 став 1 точка 6 се предвидува дека “кандидат“ е државјанин на Република Северна Македонија утврден од надлежната изборна комисија во согласност со овој законик, за кој ќе се гласа на избори. Со точка 7 од истиот член е предвидено дека „независен кандидат“ е кандидат за избор на претседател на Републиката, пратеник, градоначалник или член на совет кој е поддржан од „група избирачи“. Според точка 11 од истиот член „овластен претставник“ е лице ополномоштено од еден регистриран кандидат, политичка партија или коалиција за застапување на нивните интереси пред изборните органи, додека во точката 21 од овој член е предвидено дека “изборен процес“ е времето од донесувањето на актот за распишување на изборите до објавувањето на конечните резултати од одржаните избори, на ниво на општина, Градот Скопје, односно изборната единица каде што се врши изборот.

Согласно со член 3 став 1 од Законот, претседателот на Републиката, пратениците, членовите на советите и градоначалникот на општината се избираат на општи, непосредни и слободни избори, со тајно гласање. Во став 2 од истиот член се предвидува дека никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал.

Според член 4 став 2 од Изборниот законик во Собранието на Република Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Северна Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници и 3 пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија. Со став 3 од истиот член е предвидено дека првиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број гласови со кои е избран пратеник со најмал број гласови во изборните единици во Република Северна Македонија на последните парламентарни избори во Република Северна Македонија. Во став 4 од истиот член се предвидува дека вториот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила двојно поголем број гласови од бројот на гласови со кои е избран пратеник со најмал број гласови во изборните единици во Република Северна Македонија на последните парламентарни избори во Република Северна Македонија. Според став 5 од истиот член, третиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила тројно поголем број гласови од бројот на гласови со кои е избран пратеник со најмал број гласови во изборните единици во Република Северна Македонија на последните парламентарни избори во Република Северна Македонија. Согласно со став 6 од истиот член, доколку во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија, ниту една од листите на пратеници не го добила потребниот број гласови утврден во ставот (3) на овој член, не се избира ниту еден пратеник. Со став 8 од истиот член е предвидено дека изборот на членови на советите се врши на подрачјето на општината, односно Градот Скопје според пропорционалниот модел.

Согласно со член 11 став 3 од Изборниот законик, министерот за финансии го пропишува постапувањето при оданочување со данок на додадена вредност на прометот на гласачките ливчиња и изборниот материјал потребен за спроведување на изборите, како и нивно царинење.

Во член 26 став 10 од Законот се предвидува дека Државната изборна комисија ќе одржи седница и на предлог на член на Државната изборна комисија, ако предлогот е поддржан од мнозинството од вкупниот број на членови на Државната изборна комисија.

Со член 27 став 4 од Законот се предвидува дека од кандидатите на предлогот на листата политичките партии во опозиција предлагаат претседател и двајца членови на Државната изборна комисија, a партиите на власт предлагаат потпретседател и тројца членови на Државната изборна комисија. Според став 5 од истиот член, во случај на промена на политичките партии во опозиција или политичките партии на власт, Собранието го усогласува составот на Државната изборна комисија согласно со ставот (4) на овој член на следниов начин: политичките партии кои што преминале од власт во опозиција на Собранието му доставуваат предлог за претседател на Државната изборна комисија од редот на членовите во постојниот состав и предлог за престанок на функцијата пред истекот на мандатот на еден од членовите предложени од нивна страна, политичките партии коишто преминале од опозиција на власт на Собранието му доставуваат предлог за потпретседател на Државната изборна комисија од редот на членовите во постојниот состав и еден член, за што Собранието го огласува изборот на еден член на Државната изборна комисија. Во став 6 од истиот член се предвидува дека претседателот, потпретседателот и членовите на Државната изборна комисија ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 38-а став 5 од Изборниот законик, доколку во соодветното ДКП, односно конзуларните канцеларии нема доволно вработени лица кои можат да бидат избрани за претседател и заменик на претседателот, заменик претседателот се избира на предлог на политичките партии од власта и опозицијата по пат на ждрепка. Согласно со став 6 од истиот член членовите и нивните заменици се избираат на предлог на политичките партии од власта и опозицијата од редот на државјани на Република Македонија со постојано живеалиште во државата во која се спроведува гласањето или државјанин на Република Северна  Македонија со постојано живеалиште во Република Северна Македонија. Членовите и нивните заменици во избирачкиот одбор се избираат од редот на државјани на Република Северна Македонија со постојано живеалиште во Република Северна Македонија, доколку политичката партија од власт или опозиција во роковите утврдени со овој законик не може да предложи членови и нивни заменици од редот на државјани на Република Северна Македонија со постојано живеалиште во државата во која се спроведува гласањето, за време од четири години. Со став 7 од истиот член се предвидува дека два члена на избирачкиот одбор и нивните заменици се именуваат на предлог на политичките партии на власт кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови. Во став 8 од истиот член е предвидено дека два члена на избирачкиот одбор и нивните заменици се именуваат на предлог на политичките партии во опозиција кои на последните избори за пратеници освоиле најмногу гласови.

Со член 55 став 3 од Законот се предвидува дека подносителите на барањето ги сносат реалните трошоци за изработка на податоците од Избирачкиот список во печатена или електронска форма.

Согласно со член 59 став 1 од Изборниот законик право да поднесат листа на кандидат за претседател на Републиката имаат најмалку 10.000 избирачи или 30 пратеници. Според став 2 од истиот член кога подносител на листа на кандидат за претседател на Републиката е група избирачи потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список. Во став 3 од истиот член се предвидува дека кога подносител на листа на кандидат за претседател на Републиката се пратеници е потребно да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Според член 61 став 1 од Законот, кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот на Избирачкиот список на изборната единица. Согласно со член 2 од истиот член, кога подносител на листа на кандидати за пратеници е група избирачи од изборните единици за гласање во странство потребно е да се соберат најмалку 1.000 потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за тие изборни единици пред службените лица на ДКП, односно конзуларните канцеларии на образец пропишан од Државната изборна комисија.

Согласно со член 62 од Изборниот законик, кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, е потребно да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно Градот Скопје.

Според член 63 став 1 од Законот, потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија и пред надлежен нотар на образец утврден од Државната изборна комисија, кој содржи име и презиме, постојано живеалиште, единствен матичен број на предложените кандидати, како и име и презиме и единствен матичен број на избирачот кој го потпишува предлогот. Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува Државната изборна комисија. Државната изборна комисија на својата интернет страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Согласно со став 2 од истиот член Државната изборна комисија со правилник ќе ја регулира постапката за собирање на потписи и начинот на определување на нотарите. Во став 3 од истиот член се предвидува дека собирањето потписи согласно со одредбите на ставот 1 на овој член започнува десеттиот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Со став 4 од истиот член е предвидено дека секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидати за претседател на Републиката, кандидати за пратеници, за членови на совет и кандидат за градоначалник. Според став 5 од истиот член избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на изборната единица, општината, односно градот Скопје.

Согласно со член 64 став 1 од истиот закон, поднесената листа на кандидат за претседател на Републиката содржи назив на листата, име и симболот ако го има на подносителот на листата, име и презиме на предложениот кандидат за претседател со означување на неговото постојано живеалиште и единствен матичен број на граѓанинот. Според став 2 од истиот член, поднесената листа на кандидати за пратеници содржи број на изборна единица, назив на листата, име и симболот ако го има на подносителот на листата, име и презиме на носителот на листата, име и презиме на секој кандидат за пратеник и содржи онолку кандидати колку што се избираат во изборната единица со означување на нивното постојано живеалиште, единствен матичен број на граѓанинот и изјава за припадност на одредена заедница. Во став 3 од истиот член се предвидува дека поднесената листа на кандидати за членови на совет, односно листата на кандидат за градоначалник содржи: означување на советот на општината, односно градот Скопје за кои се врши изборот, назив на листата, име и симболот ако го има на подносителот на листата, име и презиме на носителот на листата, име и презиме на секој кандидат и содржи онолку кандидати колку што се избираат за членови на совет со означување на неговото постојано живеалиште и единствен матичен број на граѓанинот. Со став 4 од истиот член е предвидено дека поднесената листа на кандидат за градоначалник содржи: име на општината, односно градот Скопје за кој се предлага, назив на листата, име и симболот ако го има на подносителот на листата, име и презиме на предложениот кандидат за градоначалник со означување на нивното постојано живеалиште и единствен матичен број на граѓанинот. Според став 5 од истиот член, во поднесената листа на кандидати за пратеници од ставот (2) на овој член и за членови на совет на општината и градот Скопје од ставот (3) на овој член, најмалку 40% од кандидатите му припаѓаат на помалку застапениот пол и тоа на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол и дополнително уште најмалку по едно место на секои десет места. Согласно со став 6 од истиот член договорот за коалицирање, потврдата од Централниот регистар и решението од надлежниот суд за регистрација на политичката партија, кои се доставуваат во прилог на поднесената листа на кандидати, се поднесуваат во оригинал или во копија заверена на нотар. Во став 7 од истиот член се предвидува дека по исклучок од ставот (6) на овој член договорот за коалицирање, потврдата од Централниот регистар и решението од надлежниот суд за политичката партија, кои се поднесуваат во прилог на поднесената листа на кандидати за избор на членови на совет, односно градоначалник, се поднесуваат во оригинал или копија. Доколку бидат поднесени во копија, оригиналот од договорот за коалицирање, потврдата од Централниот регистар и решението од надлежниот суд за политичката партија се депонира во Државната изборна комисија.

Според 65 став 4 од Законот кога подносител на листа на кандидат, односно кандидати е група избирачи, мора да се поднесе и потребниот број на потписи утврден во членот 61, односно членот 62 на овој закон.

Во член 17 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024) е предвидено дека во член 61 во ставот (1) бројот „1.000“ се заменува со „1%“.

Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите бр.08-563/1 е донесен на седницата одржана на 20.02.2024 година, од страна на Државната изборна комисија, a врз основа на член 31 став 2 точка 2,  во врска со член 50 а од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020,74/2021, 215/2021) и член 58 ставовите 1 и 7 од Деловникот на Државната изборна комисија бр.01-2772/1, донесен на 30.12.2022 година.

Правилникот го уредува регулирањето на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите и содржи 9 члена.

Прилог на овој правилник е и Посебното појаснување на постапката на собирање потписи за поддршка на поднесена листа на кандидат за претседател на Републиката и за поднесена листа на кандидати за пратеници кога поднесената листа е од „група избирачи“, како негов составен дел, бр.08-563/2 донесена на 20.02.2024 година од страна на Државната изборна комисија.

Упатството  за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.08-489/1 е донесено на седницата одржана на 14.02.2024 година од страна на Државната изборна комисија, врз основа на член 31 став 2 точка 2 и членовите 12, 15, 57, 58, 60, 61, 64, 65, 66 и 67 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020,74/2021, 215/2021) и член 58 ставовите 1 и 7 од Деловникот на Државната изборна комисија бр.01-2772/1, донесен на 30.12.2022 година.

Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 е донесен од страна на Државната изборна комисија на седницата одржана на 14.02.2024 година. Основ за донесување на овој роковник е Решението за распишување на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, бр.09-1169/1 од 14.02.2024 година, објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“, бр. 37/2024 од 14.02.2024 година, донесено од претседателот на Собранието на Република Сeверна Македонија врз основа на членовите 15 став (1), член 31, а во врска со членовите 127, 127-а, 128 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 127/2006, 136/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 32/2014, 31/2015, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 57/2017, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, 98/2019, 146/2019 и „Службен весник на Репуб-лика Северна Македонија“ бр.42/2020, 72/2020, 160/2020,74/2021, 215/2021). Роковникот содржи 15 глави каде се предвидуваат рокови и датуми за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 8 мај 2024 година.

III

Согласно со член 2 од Уставот, во Република Северна Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Северна Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во член 8 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Согласно со член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.

Член 22 од Уставот уредува дека секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност.

Согласно со член 50  од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Со член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 62 став 5 од Уставот, начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно со член 110 алинеи 1 и 2, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот на Република Северна Македонија не прави разлика меѓу активното избирачко право, односно правото на граѓанинот да избира и пасивното избирачко право, односно правото на граѓанинот да биде избран. Избирачкото право е уставно определено како едно од најсуштествените политички права кое кореспондира со останатите демократски определби утврдени со Уставот, посебно во делот на организацијата и функционирањето на државната власт.

Право е на законодавецот каков изборен модел ќе определи за избор на народните претставници, но при нормирање на начинот на кој избирачкото право ќе се операционализира, тој е обврзан да ја обезбеди и операционализира уставно загарантираната еднаквост на гласот на секој граѓанин.

Со Изборниот законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Согласно со член 6 став 1 од Изборниот законик право да избира има секој државјанин на Република Северна Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината, односно Градот Скопје каде што врши изборот. Според став 2 од истиот член, државјаните на Република Северна Македонија кои на денот на изборите се на привремена работа или престој во странство, а се запишани во Избирачкиот список врз основа на евиденцијата од надлежниот орган и пријава за гласање, гласаат за избор на претседател на Републиката и за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство односно конзуларни канцеларии, во согласност со одредбите на овој законик.

Според член 7 став 1 од Законот, кандидат за претседател на Републиката може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател на Републиката утврдени со Уставот. Согласно со став од истиот член кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник може да биде државјанин на Република Северна Македонија, ако наполнил 18 години живот и има деловна способност. Со став 3 од истиот член се предвидува дека кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување сé уште не е започнато и  се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело. Во став 4 од истиот член е предвидено дека покрај условите утврдени во ставот (2) на овој член кандидат за член на совет и градоначалник може да биде граѓанин со постојано живеалиште во општината и Градот Скопје каде што се врши изборот.

Во Република Северна Македонија спроведувањето на изборите е регулирано со Изборниот законик, кој, помеѓу другото, ги уредува начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Северна Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдување, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на изборните места.

Тргнувајќи од содржината на наводите во иницијативата и нејзината комплексност, Судот се определи да направи посебен приказ на оспорените одредби и подзаконски акти за кои има доволно елементи за уставно-судска анализа наспрема оние за кои отсуствуваат наводи за таков пристап.

По однос на наводите на подносителите на иницијативата дека оспорените точки 6, 7 и 11 од член 2 од Изборниот законик се нејасни одредби и меѓусебно противречни, цениме дека иако не е означена уставната одредба која се повредува всушност станува збор за можна повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Судот оцени дека не станува збор за нејасни одредби, истите не се со уредувачка содржина, туку со појаснувачка по однос на тоа какво е значењето на конкретните изрази што се употребуваат во Изборниот законик, па не може да се постави прашањето за повреда на владеење на правото. Што се однесува до наводите за меѓусебна неусогласеност на наведените точки имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд од член 110 од Уставот произлегува дека Судот нема надлежност да цени меѓусебна усогласеност на одредби од еден ист закон или друг акт од каде и не може да се навлезе во оцена на основаност на наводите за нерамноправна положба и нееднаквост на избирачкото право.

За оспорената точка 21 од член 2 од Изборниот законик се наведува дека е во противречност со сите точки од 22 до 28 од истиот член, затоа што, меѓу другото, медиумското претставување се ограничува само на изборната кампања, а не и на целиот изборен процес. Судот оцени дека ваквите наводи не го покренуваат механизмот на уставно-судска оцена од причина што укажуваат како би требало да изгледаат одредбите според подносителите, а не укажуваат на конкретна уставна одредба која би била повредена. Оттаму имајќи предвид дека креирањето на законите е во надлежност на законодавецот, за оваа оспорена точка исполнети се условите за отфрлање, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд.

По однос на наводите на подносителите на иницијативата дека член 3 од Изборниот законик е нејасен заради недостаток на другите потребни одредби и формулација, кои ќе ја направат јасна одредбата за еднаквоста на избирачкото право, се неосновани. Ова од причина што од анализата на оспорениот член произлегува дека формулацијата е јасна, одредбата пропишува како се избира претседателот на Републиката, пратениците, членовите на советите и градоначалникот на општината преку општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање и неотповикувањето на избирачот заради негово избирачко право. Од друга страна, наводите за кои услови треба да се исполнети за да се оствари еднаквоста на избирачкото право не можат да бидат предмет на оцена преку оваа оспорена одредба од причина што ова прашање не е нејзин предмет на уредување. Оттаму, Судот оцени дека оспорениот член 3 од Изборниот законик е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, иако истата уставна одредба не е нумерички означена во иницијативата, но наводите упатуваат на барање за оцена по однос на оваа уставна одредба.

По однос на член 4 ставовите 2, 3, 4, 5, 6 и 8  од Изборниот законик, се наведува дека се во противречност со член 6 став 1 и член 7 ставови 1, 2 и 4 од Изборниот законик како и со уставни одредби кои не се означени ниту нумерички ниту содржински. Како причини за оспорување се наведува тоа дека е оневозможено правото да се избира и да се биде избран, а тоа посебно се прави со одредбите за собирање на потписи за кандидирање. Според тоа, произлегува дека подносителите бараат Судот да ги цени оспорените  ставови со други членови од истиот закон, што претставува прашање кое излегува надвор од делокругот на Судот и се однесува на барање за постапување коешто е во надлежност и право на законодавецот со што по однос на овие одредби се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата, согласно  со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија. Впрочем, прашањето кој изборен модел за избор на пратеници ќе се применува, согласно со член 62 став 5 од Уставот, се уредува со закон донесен од страна на Собранието на Република Северна Македонија што се донесува со двотретинско мнозинство гласови. Оттаму, Уставот не го уредува прашањето на изборниот модел за парламентарните избори. По однос на претседателските избори, Уставот во членовите 80 и 81 и Амандманот XXXI на Уставот со кој се менува ставот 5 од членот 81 делумно ги уредува прашањата поврзани со претседателските избори, но не уредува на кој начин се прибираат потребните 10000 потписи (член 81 став 1 од Уставот) од избирачите и тоа е оставено на доуредување со Изборниот законик. Што се однесува до утврденото уставно, избирачко право од член 22 од Уставот во иницијативата има наводи за повреда на ова право, иако нумерички одредбата од Уставот не е конкретизирана. При оцена на овие наводи имавме предвид дека подносителите на иницијативата до Собранието имаат доставено Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, но ваквиот навод е ирелевантен по однос на навлегувањето во оцена на уставноста и законитоста на оспорените одредби и акти.

По однос на оспорените ставови 3, 4, 5 и 6 од член 4 од Изборниот законик, овој суд има донесено Решение У.бр.107/2015 од 07.07.2016 година за неповедување постапка за оцена на нивната уставност, па за овие одредби се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во овој дел, согласно со член 38 алинеја 2 од Актот бидејќи нема основи за поинакво одлучување.

Право на законодавецот е, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори како и имајќи ги предвид прифатените изборни модели во државите, да го утврди изборниот модел. Инаку, по однос на наводите кој изборен модел ќе се применува се определува со закон од страна на Собранието на Република Северна Македонија, односно Уставот не го уредува ова прашање. Оттука, произлегува дека со оспорените одредби од член 4 ставови 2 и 8 не се повредува член 22 од Уставот каде што е дадено право на секој да бира и да биде избран.

По однос на наводите во иницијативата, Судот да ја цени усогласеноста на оспорениот член 11 став 3 со ставовите 1 и 2 од истиот член од Изборниот законик,  усогласеноста на член 26  став 10 со ставот 3 од истиот член од Изборниот законик, како и усогласеноста на член 27 ставовите 4, 5 и 6 со член 19  и другите членови од  Изборниот законик, потоа и за наводите за примената на Законикот во пракса, Судот оцени дека се однесуваат на барање за постапување коешто не е во надлежност на Судот. Согласно со член 110 од Уставот, Судот не е надлежен да одлучува  за меѓусебната усогласеност на одредбите од ист закон, како и за примената на истиот поради што согласно со член 38 алинеја 1 од Актот Уставниот суд, исполнети  се условите за отфрлање на иницијативата по однос на овие оспорени одредби.

Од наводите на подносителите за неуставноста на член 38-а ставовите 5, 6, 7 и 8 од Изборниот законик со образложение дека членовите за организирање за спроведување на изборите треба да бидат непартиски и неполитички назначени, односно да не бидат назначени од партиите, а особено не од политичките партии од власта и опозицијата во Собранието, кои најмногу имаат интерес да останат во Собранието и да ги добијат изборите, произлегува дека подносителите на иницијативата всушност промовираат поинаков изборен модел по кој би сакале да бидат организирани следните избори. Според нив, неуставноста се согледува и во законското решение според кое политичките партии предлагаат членови на Државната изборна комисија, што не било во согласност со Уставот од кои причини се проблематизира само делот „кој”  од означените одредби. Судот оцени дека овие наводи се неосновани од причина што Уставот во член 62 став 5 од Уставот на Република Северна Македонија определил дека начинот и условите за избор на пратениците се уредуваат со закон што се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Од друга страна, од анализа на содржината на 38-а ставовите 5, 6, 7, 8 од Изборниот законик јасно произлегува дека во нив не е содржан терминот „кој” на кој упатува иницијативата со што оспорувањето на ваков начин претставува пречка за подетална уставна-судска анализа од овој аспект заради што одредбите се анализираа како целина.

По однос на оспорениот член 55 став 3 од Изборниот законик, во иницијативата не се содржани доволно јасни наводи кои одредби од Уставот се повредени за да може Уставниот суд да се впушти во оцена на основаноста во овој дел од иницијативата, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 vis a vis  член 23 став 2 од Актот.

Членовите 59, 61, 62, 63, 64 и член 65 став 4 од Изборниот законик се оспоруваат по однос на повреда на член 9 од Уставот, но од анализата на наводите од иницијативата, Судот оцени дека не се наведени фактите и аргументите, односно причините за можна неусгласеност на оспорените одредби со уставната одредба, односно член 9 од Уставот. Ова подносителот на иницијативата е должен да го образложи и прикаже во иницијативата според член 23 став 2 од Актот на Судот, но тоа не е сторено во овој случај. Со оглед на фактот дека постојат процесни пречки за да може Судот да се впушти во оцена на основаноста на наводите, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на овој дел од иницијативата.

Понатаму, во иницијативата како оспорен се означува Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024). Неуставоста на овој закон подносителот ја согледува во околноста што независните кандидати поддржани од група избирачи се исклучени од правото на еднаквост на избирачкото право, на начин што се менува моделот за собирање на потписи од вкупниот број на запишани избирачи. Со овој нов начин се прекршува и попречува рамноправно учество во изборниот процес, граѓаните да се кандираат со свои независни листи, да се кандидираат како предложени од група избирачи и без собирање на потписи. Оттаму, според подносителите основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со уставните одредби кои не се означуваат.   Исто така, се наведува дека со Закон (без да се определи кој) се оневозможува правото на граѓанинот да избира и да биде избран, да  не може да се квалификува, да биде потврден за учесник на изборите, едноставно да биде избран. Со самото тоа не може да го оствари своето право од членовите 6 и 7 од Изборниот законик, да се кандидира за овие позиции во државните органи. Остварувањето на ова загарантирано уставно и законско право утврдено и со овој Изборен законик на кандидат за претседател, пратеник, градоначалник, советник е оневозможено и попречено со одредбите за собирање на потписи за да се кандидира, коишто се целосно неуставни и треба да бидат укинати или поништени.

Тргнувајќи од анализата на содржината на наводите од иницијативата наспрема содржината на целината на Законот произлегува дека оспорувањето всушност не се однесува на целината на измената на Законот, туку само на членот 17, од каде анализата се прави само по однос на оваа одредба.

Во член 17 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024) е предвидено дека во член 61 во ставот (1) бројот „1.000“ се заменува со „1%“.

Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани од причина што остварувањето на изборното пасивно и активно право,  загарантирано со Уставот и доуредено со Изборниот законик, не се повредува со направената промена наместо 1000 потписи од избирачи да се бара 1% од запишани избирачи за остварување на право на кандидирање. Воедно, треба да се цени и фактот дека промената е направена по препорака на ОДИХР ОБСЕ од 2017 година за која сметаат дека е во согласност со добрите меѓународни практики и стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати до 1% од запишаните гласачи. Цениме дека оспорениот член 17 е во согласност со  член 22 и член 62 став 5 од Уставот бидејќи изборниот модел, потребниот број на избирачи (за парламентарните избори) е прашање од областа на  законодавната  власт.

Во отсуство на наводи во иницијативата и причини за оспорување на целината на измената на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024) произлегува дека се исполнети условите за отфлање на иницијативата во овој дел согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

Посебен предмет на оспорување во оваа постапка е и Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите бр.08-563/1 од 20.02.2024 година заедно со  Посебното појаснување бр.08-563/2 од 20.02.2024 година како негов составен дел за кои се бара нивно целосно укинување или поништување во иницијативата отсуствуваат какви било наводи по кои овој суд може да направи уставно-судска анализа. Оттаму, за овие акти се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот.

По однос на оспореното упатство се цитираат повеќе одредби, но само по однос на цитираната глава XII од оспореното упатство со наслов „Постапка во случај на смрт на кандидат на потврдена кандидатска листа за избор на пратеници“ постои содржинско поклопување со наводите од иницијативата при што истата погрешно е означена како глава VII. Неуставноста и незаконитоста  на оспорениот акт, според подносителот со состои во тоа што во случај на смрт на кандидат, претходното собирање на потписи за листите, повеќе нема никаква валидност, па за некои кандидати се прибираат потписи, а за некои не. Со ова се повредува еднаквоста и рамноправноста со што се алудира на повреда на член 9 и член 22 од Уставот иако не се означени нумерички.

Споредувајќи ја содржината на оспорената глава XII со содржината на членовите 67-а, 67-б и 67-в од Изборниот законик произлегува дека имаат сосема идентична содржина од каде не може да се покрене прашањето за несогласноста со Изборниот законик, како и прашањето за дискриминација и повреда на избирачкото право од член 9 и член 22 од Уставот. Подзаконските акти само ги појаснуваат законските одредби на идентичен начин како означените законски одредби, што овде е случај.

По однос на останатата содржина на целината на оспореното упатство, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување согласно член 38 алинеја 3 vis a vis со член 23 став 2 од Актот, бидејќи не може да се препознае што е предмет на оспорување и отсуствуваат какви било аргументи и причини за негова несогласност со Устав и закон, од каде се исполнети условите за отфлање.

Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.10-439/1 од 14.02.2024 година, донесен од Државната изборна комисија по својата природа е акт за еднократна примена кој содржеше рокови и датуми за спроведување на изборните дејствија за веќе завршените избори за пратеници кои се одржаа на 8 мај 2024 година и истиот со завршување на изборниот процес повеќе не е дел од правниот поредок. Судот оцени дека ова е процесна пречка, според член 38 алинеја 3 од Актот, за постапување на Судот бидејќи Уставниот суд ја оценува уставноста и законитоста само на оние акти што се дел од правниот поредок и што произведуваат правни дејствија.

Од сумарната анализа на наводите од иницијативата која е доста обемна и сеопфатна произлезе дека овој суд се впушти во анализа на согласноста на одделни оспорени законски одредби и делови од подзаконските акти и тоа по однос на нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 22 и член  62 став 5 од Уставот и одредбите од Изборниот законик и не најде повреди. По однос на останатите уставни одредби што се само нумерички означени и за кои нема причини за оспорување не се создадоа предуслови за уставно-судска анализа и оцена, при што применети се одредби од Актот на Судот, а посебно член 38.

Во член 23 став 2 од Актот се определени елементите кои треба да ги содржи иницијативата за поведување постапка за оцена на уставност и законитост, меѓу кои спаѓаат: причините за оспорување, како и одредбите од Уставот и законите што се повредуваат со оспорениот акт.

Според член 38 став 1 од Актот на Судот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување според ставот 2 од истата одредба и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата, според ставот 3.

IV

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски