Учество на судиите м-р Татјана Васиќ–Бозаџиева и м-р Фатмир Скендер на Регионална конференција на уставни судови, Тузла, Босна и Херцеговина

Судиите м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева и м-р Фатмир Скендер во периодот од 26 – 28 ноември 2024 година учествуваа на Регионална конференција на уставни судови на тема „Зајакнување на заштитата на човековите права преку уставните судови во областа на заштитата на животната средина и клима“, што се одржа во Тузла, Босна и Херцеговина.

На Регионалната конференција којашто беше организирана од ИРЗ – Германска фондација за меѓународна правна соработка во соработка со Уставниот суд на Босна и Херцеговина, покрај судиите на Уставниот суд на Република Северна Македонија, учество зедоа и претседатели и судии од уставните судови на Република Босна и Херцеговина, Република Хрватска, Република Словенија, Република Србија, како и проф.д-р Габриеле Бриц, поранешен судија на Сојузниот суд на Германија, д-р Штефан Пирнер, раководител на Одделението на ИРЗ фондацијата за Западен Балкан и д-р Арнд Велер, земеник раководител на Одделението на ИРЗ фондацијата за Западен Балкан.

Судијата м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева имаше свое излагање на тема: „Улогата на Уставниот суд на Република Северна Македонија во заштитата на правата на здрава животна средина – Воведување на уставна тужба во Република Северна Македонија со која граѓаните ќе бараат заштита на правата на здрава животна средина“.

Во прилог линк од Резимето на излагањето на судијата м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева

На оваа конференција беа донесени заклучоци во кои, меѓу другото, се наведува дека заштитата на животната средина претставува императив што не обврзува преку делувањето на уставните судови денес да работиме и мислиме за иднината. Зголемувањето на улогата на уставните судови во заштитата на животната средина треба да се направи со тоа што ќе ја препознаат својата одговорност во примената на законите што ја штитат животната средина. Воедно, редовните и уставните судови мора да ја имаат клучната улога во балансирањето на потребата од еколошки развој и заштитата на животната средина. Дополнителни напори треба да се вложат во однос на индивидуалната заштита на човековите права во поглед на унапредување на правото на здрава животна средина. Во оваа насока, потребно е да се обезбеди и унапреди посилна интреграција на еколошкиот принцип во уставното толкување, додека пак делувањето за заштита на животната средина треба да биде на национално ниво, а од аспект на климатските промени делувањето треба да се разгледува од глобален аспект. Подигнувањето на свеста за еколошката правда треба да биде преку ефикасна имплеметација на законските прописи и да се има еднаков пристап до правдата.