Резиме на излагањето на судијата м-р Татјана Васиќ – Бозаџиева од Регионалната конференција на уставни судови

Научните истражувања направени во нашата држава ја потврдуваат сериозноста на еколошката криза во Република Северна Македонија, истакнувајќи ги следниве проблеми: загадување на почвата, водите и воздухот, прекумерна урбанизација, отпад и депонии, отпадни води и нелегално градење. Овие проблеми се најизразени во големите градови, особено во Скопје, каде што капацитетите за еколошка одржливост се речиси тројно надминати. Политиките на екоцидна урбанизација, миграцијата од руралните средини, загадениот воздух и уништувањето на зелените површини создаваат опасни услови за живот. Постојат 54 комунални и стотици диви депонии, кои претставуваат висок ризик за животната средина. Само 70% од населението користи системи за собирање на отпад, а рециклирањето е минимално (99% од отпадот се депонира, не се рециклира). 34,6% од отпадните води се испуштаат без третман поради што земјиштето се контаминира што влијае на производството на храна. Од 2011 година до 2021 година, регистрирани се 350.000 барања за легализација на бесправно изградени објекти. Легализирањето на 350.000 објекти резултира со уништување на зелените површини и зголемен притисок врз комуналната инфраструктура.

Потребата од суштински промени е повеќе од очигледна. Девастацијата на животната средина го достигна нивото на колективно и глобално загрозување на егзистенцијалните добра на сегашните и идните генерации. Ова бара нов културен, економски, политички и правен пристап, со акцент на интергенерациската правда.

Потребна е нова уставна и правна парадигма која ќе го постави правото на здрава животна средина на исто ниво како економските, политичките и здравствените права. Како што се вели во извештаите, еколошката криза има колективен карактер и не може да се разгледува само преку индивидуални права, туку мора да се третира како глобален и општествен проблем.

Токму во овој контекст, Уставниот суд на Република Северна Македонија има уникатна улога како чувар на правото на здрава животна средина, право што го надминува правниот контекст и се поврзува со основните вредности на животот. Уставните и законските рамки мора да се менуваат, а улогата на Уставниот суд треба да се зајакне во заштитата на природата и човековото право на здрава животна средина.

Уставот на Република Северна Македонија го уредува комплексот на природата и животната средина низ двојна диоптрија: како темелна уставна вредност и како основно човеково право.

Уставното право на здрава животна средина, не значи само право да се живее и опстојува во средина во која има соодветни услови (чист воздух, вода, почва итн.) кои овозможуваат опстојување на поединецот, но и право да се бара од Републиката да ја исполни својата уставна обврска за обезбедување услови за остварување на самото право.

Обврската на Републиката да обезбеди услови за неговото остварување, предвидена со став 3 од член 43 од Уставот, има два облика: (1) позитивна обврска, на начин што ќе донесе соодветна правна рамка за остварување на ова право; преку своите органи ќе преземе мерки со кои ќе се заштити животната средина или ќе се отстранат причините за нејзиното загрозување, при што ваквата позитивна обврска се однесува и на секојдневното постапување на државните органи во конкретните случаи; и (2) негативна, што значи дека државните органи ќе се воздржат од преземање активности кои би значеле загрозување на ова уставно право.

Во комплексот на еколошките права спаѓа и уставната одредба во која се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (член 55 став 3), според која тие слободи може да се ограничат со закон, помеѓу другото и заради „зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето“. Имено, односот на Уставот кон правото на здрава животна средина може да се увиди и преку фактот што истиот му дава предност заедно со одбраната, зачувувањето на природата и здравјето на луѓето, а поради кои слободата на пазарот и претприемништвото можат да бидат ограничени со закон и покрај тоа што последните се едни од темелните вредности на уставниот поредок (член 55 став 3 од Уставот).

Покрај уставната обврска на Републиката за обезбедување услови за остварување на правото на здрава животна средина и должноста на секој да ја унапредува и штити животната средина и природата, предвидена е надлежност и за единиците на локалната самоуправа – општините и Градот Скопје, во делот на заштитата на околината (точки 1 и 2 од Амандманот XVII на Уставот), како прашање од локално значење.

Основна слабост на постојната уставна формулација за заштитата и унапредувањето на животната средина и природата е изоставањето на принципот на одржлив развој и со него поврзаното дефинирање на еколошките права како интергенерациски концепт: одржлив развој кој ги усогласува економските, социјалните и еколошките потреби и животни услови на сегашните, без да ги загрози потребите и условите на идните генерации.

Концептите на еколошката правда како интергенерациски поим и на одржлив развој се прифатени како општи постулати во современите устави, правото на ЕУ и меѓународните документи за правото на одржлив развој (Агендата 2030 на ОН и Глобалните цели на одржливиот развој). И оваа слабост на еколошкиот образец прифатен во македонскиот Устав треба да се корегира при првата идна уставна реформа, низ преформулација на член 8 алинеја 10, која треба да се фокусира исклучиво врз заштита и унапредување на животната средина и правата на природата, врз принципот на одржлив развој и задоволување на потребите на сегашните и идните генерации.

Најслаба страна на уставната, и врз нејзина основа законодавната рамка на правото на здрава животна средина е непостоењето на ефективен систем на негова судска заштита.

Уставот го гарантира правото на судска заштита на правата (член 50 став 1): секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со уставот пред судовите и пред Уставниот суд на РСМ во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Но затоа, Уставот (член 110 алинеја 3), ја ограничува неговата надлежност на заштита само на одделни права (слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување итн.), исклучувајќи го, покрај другите основни права, и правото на здрава животна средина. Со тоа од опфатот на уставноправната заштита е посредно исклучена заштитата на животната средина и природата како една од темелните уставни вредности.

Според постојните уставни решенија, Уставниот суд има сосема ограничени можности да го ефектуира пристапот кон правдата во еколошката сфера. Тие се сведуваат на неговата општа надлежност да поведе постапка за оценување на уставноста на закон или уставноста и законитоста на друг пропис, по иницијатива на поединци, групи граѓани и други правни субјекти.

Постои можност за actio popularis за оспорување на суштинската и процедуралната законитост на урбанистичките планови (како „општи акти“) пред Уставниот суд. Постои значителна судска пракса пред Уставниот суд во однос на ревизија на оспорени урбанистички планови од перспектива на „транспарентност и учество на јавноста“. Еден од таквите случаи е укинувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) за Тафталиџе 1, донесен на 5 јануари 2016 година.

Според тоа, ова уставно право ужива заштита од Уставниот суд само преку првиот облик – оцената на уставноста и уставноста и законитоста.

Тоа значи дека во Република Северна Македонија граѓаните не може да поднесат барање доколку сметаат дека слободите и правата за здрава животна средина им се нарушени. Ова се коси со секоја заложба за унапредување на правата и зајакнување на демократските капацитети во една држава, затоа што развојот на технологијата носејќи ги со себе бенефитите и алатките за подобрување на животот на луѓето, носи и предизвици кои ако не успееме да ги совладаме, одат на сметка на животната средина, а следствено на тоа, на нашето здравје.

Конституционализмот во развиените демократии но и во нашиот регион не познава ваква пречка и ова е решено преку можноста за поднесување на уставна тужба, која за жал во нашиот Устав не е предвидена. Затоа сметам дека има потреба за воведување на уставна тужба, за која јас силно се залагам и која ќе значи проширување на надлежностите на Судот.

Реформата на Уставниот суд, особено со воведување уставна тужба за заштита на животната средина, ќе претставува значаен придонес кон надминување на состојбите во судството воопшто, во кое тешко се пробива постулатот на еколошкиот конституционализам и на директната примена на уставните начела и норми, како и стандардите и нормите на ЕКЧП во заштитата на правата во еколошката сфера.

Потребата од создавање нова уставна парадигма на еколошката правда е повеќе од евидентна. Таа се наметнува како последица на општата согласност дека загрозувањето на животната средина и на природата, како и на човековото право на здрава животна средина во нашата општествена реалност во голема мера го има надминато прагот на нивната одржливост и на толеранцијата кон негрижата за квалитетот на човековиот живот.

Од друга страна, креирањето нова уставна рамка на еколошки конституионализам, со зајакната гарантна улога на Уставниот суд, недвосмислено упатува на научно верифицираното сознание дека помеѓу нашиот постоечки концепт на уставноправна заштита и напреднатите меѓународни норми, уставни обрасци и добри практики во другите правните системи се создава сè подлабок процеп.

Зајакнувањето на улогата на Уставниот суд во нормативната контрола на законите и другите прописи во еколошката сфера, како и во непосредната заштита на човековото право на здрава животна средина, може да биде остварено со комплексна уставна реформа, која би опфатила:
• Редефинирање на заштитата на животната средина и природата како вредности по себе кои имаат интергенерациска содржина и значење; Внесувањето меѓу темелните вредности, покрај животната средина и природата, на принципот на одржлив развој како цел на Уставот и на правниот поредок; Ќе биде неопходно поимите „животна средина“ и „природа“ да се диференцираат во согласност со современите уставни концепти, во кои поимот на животна средина добива поширока содржина (културно наследство, социјална средина итн.), додека за поимот на „природа“ се врзува цел сет на „права на природата“, кој е во напредната фаза на настанување.
• Проширување на содржината на човековото право на здрава животна средина со прокламирање на процедуралните права на информирање и на одлучување во сферата на заштитата на животната средина и природата;
• Проширување на надлежноста на Уставниот суд во непосредната заштита на еколошките права,
• Уставните промени што би биле извршени во една ваква рамка, би придвижиле опсежна ревизија не само на законите од еколошката сфера, туку и на законите од областа на судството и судските постапки, како и за другите институции за заштита на правата.