Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Одлуката У.бр.90/2024 со која Уставниот суд на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, ги укина член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20), член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22) и член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадност на заедницата/заедниците“, член 2 ставови 2 и 3, член 3 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“, од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15), член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014) и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување бр.0402-313/1 од 25.03.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2016), писмено го образложувам моето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со сета почит на ставот на мнозинството судии изнесен во Одлуката У.бр.90/2024 од 9 октомври 2024 година, накратко ги изнесувам причините поради кои не се согласувам со Одлуката за укинување на горенаведените одредби, односно акти.
Пред сè, изразувањето на националната припадност, кое по својата суштина претставува субјективно право и својство, е стекнато право коешто не може да биде укинато, туку само надградувано. Имено, изјаснувањето за националната или етничката припадност на лицата кои се кандидати за вработување на определени огласи, по мое длабоко уверување, не е проблематично од уставноправен аспект, туку е во согласност со член 8 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија.
По мое мислење, постојните законски решенија кои беа оспорени и сега укинати, овозможуваа целосна реализација на член 8 алинеја 2 и член 9 од Уставот на Република Северна Македонија, и истите беа во функција на наведените уставни одредби.
Неприфатливо е мислењето на на мнозинството судии, дека со оспорените акти се вршеле големи злоупотреби и се изигрувал Законот. Ова од причина што по донесувањето на секој закон во нашето општествено живеење отсекогаш имало и ќе има субјекти кои настојуваат да ги изигруваат законите, без разлика дали се тоа физички или правни лица. Во оваа држава има институции, коишто согласно со своите законски овластувања треба ваквите субјекти да ги откријат и да ги санкционираат. Ваквото девијантно однесување на поединечни субјекти во правниот поредок, не може да биде пречка за спроведување на Законот.
Исто така, неосновани се ставовите на мнозинството судии дека гледано од временски аспект оспорените законски одредби веќе биле исцрпени во својата законска примена. Ова од причина што дали еден закон е исцрпен во својата примена или не, се согледува од преодните и завршните одредби. Во преодните и завршните одредби на овој закон нема одредби коишто укажуваат на временската важноста на Законот.
И најпосле, и она што посебно сакам го истакнам во издвоеното мислење. Со укинувањето на наведените одредби од двата закони, а имено, од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, како и со укинувањето на другите подзаконски акти, таксативно наведени во Одлуката на Уставниот суд, правно и фактички се укинуваат правата на немнозинските заедници за соодветна и правична застапеност, права коишто ги гарантира Уставот на Републиката.
Со ваквата одлука на Уставниот суд, претходно наведените одредби на Уставот претставуваат мртво слово на хартија.
Ова од причини што обврската за донесување на наведените закони, произлегува од уставната норма, а имено, законодавецот, со закон да го обезбеди почитувањето на, со Устав утврдената, темелна вредност којашто се однесува на соодветната и правична застапеност на сите заедници. Во таа смисла, донесените закони, а посебно одредбите кои се укинуваат претставуваат правно контролен механизам преку кој се обезбедува и заштитува со Устав утврденото и гарантирано право, во конкретниот случај, правото на соодветна и правична застапеност. При фактот дека овој правен механизам се укинува, правото на правична и соодветна застапеност, гарантирано со највисокиот акт на земјата, останува „список на добри желби“.
Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
м-р Фатмир Скендер