Врз основа на член 34 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), по гласањето против Одлуката У.бр.90/2024 со која Уставниот суд, на седницата одржана на 9 октомври 2024 година, ги укина член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработени во јавен сектор („Службен весник на Република Македонија” бр. 27/14, 199/14, 27/16, 35/18, 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 143/19 14/20 и 302/20), член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија” бр.27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 142/16, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 275/19, 14/20 215/21 и 99/22) и член 2 став 1 алинеја 8 во делот „припадност на заедницата/заедниците“, член 2 ставови 2 и 3, член 3 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“, од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор бр.12/1-42/4 од 27.02.2015 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 34/15), член 3 став 1 алинеја 8 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците бр. 14/2-2766/3 од 29.08.2014 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/2014) и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор согласно со начелото за соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализација на годишниот план за вработување бр.0402-313/1 од 25.03.2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 63/2016), ние, судиите д-р Осман Кадриу и Насер Ајдари, писмено го образложуваме нашето несогласување со следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со цела почит на ставот на мнозинството судии изнесен во Одлуката У.бр.90/2024 од 9 октомври 2024 година, накратко ги изнесуваме причините поради кои не се согласуваме со Одлуката за укинување на горенаведените одредби, односно акти. И уште поконкретно, со диспозитивот на одлуката се укинува правниот израз „припадност на заедницата“, од двата закони, и тоа како од Законот за вработените во јавен сектор, така и од Законот за административни службеници. Веднаш да нагласиме дека правниот израз – припадност на заедница е уставна институција, а со тоа е и уставна категорија. Резултантата на предметната одлука е укинување на уставната категорија којашто се однесува на „припадност на заедницата“. Гледано само од овој аспект и критериум – предметната одлука е противуставна. Во натамошниот текст на образложението на соодветен начин се елаборира референцата „припадност на заедницата“.
Најпрвин, и на самиот почеток ќе се произнесеме за две констатации кои провејуваат во рефератот У.бр.90/2024, а за истите мнозинството судии има свој став којшто се протега низ целата Одлука. Станува збор, прво, дека наведените одредби од цитираните закони, а кои се укинуваат, биле злоупотребени во практиката. Втората констатација се однесува на една околност, а имено, дека „балансерот“ е исцрпен во својата примена и нема повеќе потреба од него. Со други зборови, потребата за соодветна и правична затапеност е консумирана, односно исцрпена.
По однос на првото прашање односно констатација, целосно се согласуваме дека имало злоупотреби кои се одразија на разни начини и разни модалитети. Тоа е точно. Меѓутоа, исто така, е точно дека Уставниот суд нема надлежност да се произнесува за евентуалните злоупотреби на укинатите одредби и самиот „балансер“ во практиката. Тоа е во надлежност на конкретните институции и другите државни органи. Уставниот суд ја цени уставноста на конкретните законски одредби коишто се оспоруваа и во однос на тоа зазема став и се определува за конкретна одлука.
Во однос на второто прашање односно констатација дека потребата од „балансерот“ е исполнета односно исцрпена (консумирана), нашето мислење е дијаметрално спротивно. Потребата од „балансерот“ е жива материја и претставува правен механизам кој ќе ја обезбеди примената и остварувањето на уставниот принцип – соодветна и правична застапеност. И уште поконкретно речено, правниот механизам за соодветна и правична застапеност е актуелен, и секогаш ќе биде актуелен, сè додека уставниот Амандман VI на Уставот на Република Северна Македонија, е во правна сила.
Понатаму, во наведената одлука, се цитира член 4 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 11/1997), според кој усвојувањето на посебни, привремени мерки, од страна на државните членки, што имаат за цел да се забрза остварувањето на рамноправноста меѓу припадниците на националните малцинства и припадниците на националното мнозинство, де факто не се смета за дискриминација, но, од друга страна не смее на кој и да било начин да има за последица нееднакви и различни мерила, овие мерки ќе престанат да важат кога ќе се оствари целта на сите да им се дадат еднакви можности и третман. Во Одлуката се цитираат конкретни одредби од ЕКЧП.
Радува фактот што во Одлуката на Судот, се цитираат важни меѓународни документи како што е случајот со ЕКЧП и Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа. Меѓутоа, исто така, неспорен е фактот дека во наведените меѓународни акти, и не само во нив, со ниту една одредба не се предвидува „забрана“ на припадниците на конкретни национални заедници да се изјаснуваат за својата припадност. Напротив, мошне афирмативно се промовира правото на лично изјаснување на граѓаните за својата припадност. Тоа изјаснување претставува суверено право на секој граѓанин.
Делот од Одлуката со кој се образложува неуставноста на член 36 став 1 алинеја 1 од Законот за административни службеници, а идентично на тоа и член 3 став 1 алинеја 1 од Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците од кандидатите за вработување во јавен сектор во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци, заслужува посебно да се коментира.
За нас судиите, што го издвојуваме мислењето, е неприфатливо стојалиштето на мнозинството судии, дека со укинатите одредби од Законот за административни службеници, законодавецот наметнал обврска за кандидатите за административни службеници да ја наведат, односно да се изјаснат за припадноста на одредена заедница и дека со тоа наводно се прекршува уставно загрантираното право за слободно изразување односно неизразување на одредена национална припадност.
Ова од причини што уставната категорија – „национална припадност“, претставува конститутивен елемент на, со Устав утврдената, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, вредност којашто всушност се однесува на соодветна и правична застапеност. Без да се утврди овој елемент, органот кој врши избор објективно се доведува во состојба на неможност правилно да го примени уставниот принцип за соодветна и правична застапеност. Од тука, националната припадност, е важен и незаменлив услов во остварувањето на наведениот уставен принцип. Се разбира, со воведувањето на овој елемент и услов, прашањето на исполнување на условите предвидено со закон за секое работно место, никогаш не може да се доведе во прашање. Апсолутно е забрането да се врши модификација на законските услови, за далеку од тоа тие да бидат исклучени. Тоа апсолутно не.
Делот од Одлуката дека податокот за припадност на заедница при регистрација и пријавување на кандидатот за вработување, е ирелевантен за целите за вработување, а како таков не може да биде предмет на обработка помеѓу останатите основни податоци, без притоа да се наведат причините за спротивноста на оспорените одредби со одредби од Уставот, покажува дека оваа одлука не е правно издржана, туку се заснова на декларативни ставови (основи), и не спаѓа во категоријата на правно издржани одлуки на Уставниот суд.
Утврдувањето на Судот дека податокот за припадност на задницата не може да се смета за основен задолжителен податок и предмет на задолжителни официјални записи и извадоци, сметаме дека не е уставно основано, напротив, е спротивно на уставната одредба за соодветна и правична застапеност. Ова од причина што преку укинатите одредби се операционализираше наведената уставна одредба, која ја рефлектира структурата на општеството во нашата држава.
И најпосле, она што сакаме посебно да го истакнеме во издвоеното мислење е дека со укинувањето на наведените одредби од двата закони, а имено, од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници, како и со укинувањето на другите подзаконски акти, таксативно наведени во диспозитивот на Одлуката на Уставниот суд, фактички се суспендира правниот механизам кој ја обезбедува гаранцијата на почитувањето и правилната примена, а со тоа и остварувањето на уставното начело – соодветна и правична застапеност.
Ова од причини што обврската за донесување на наведените закони, произлегува од уставната норма, а имено, законодавецот, со закон да го обезбеди почитувањето на, со Устав утврдената темелна вредност којашто се однесува на соодветната и правична застапеност на сите заедници. Во таа смисла, донесените закони, а посебно одредбите коишто се укинуваат претставуваат правно контролен механизам преку кој се обезбедува и заштитува со Устав утврденото и гарантираното право, во конкретниот случај правото на соодветна и правична застапеност. При фактот дека овој правен механизам се укинува, правото на правична и соодветна застапеност, гарантирано со највисокиот акт на земјата, останува „список на добри желби“.
Во таа смисла, и во ова образложение наведуваме дека независно од укинатите одредби, постои уставен императив за Собранието на Република Северна Македонија, да донесе конкретен правен пропис, како правен механизам, кој ќе овозможи да се оствари уставната темелна вредност за соодветна и правична застапеност на сите заедници во нашата држава.
Друга забелешка, за нас – судиите што го издвојуваме мислењето, е исто така, значајна и сакаме посебно да ја нагласиме. Донесената Одлука е донесена на национална основа, што значи, со надгласување, а се одлучува против правата на немнозинските заедници, поточно, се одлучува во спротивност со темелната вредност- правото на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа (Амандманот VI на Уставот на Република Северна Македонија). Цениме и сметаме дека таквата одлука е нелегитимна и, како таква, секогаш произведува сериозни правни последици.
Таквиот начин на одлучување не е својствено на еден политички систем кој се определува за демократско уредување и управување. Според Уставот, Република Северна Македонија се определува, покрај другото, за демократија и демократско управување.
Поради погоре наведените причини се определуваме за образложеното издвоено мислење.
Судии на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу
Насер Ајдари