Издвоено мислење по предметот У.бр.118/2003

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/92), после моето гласање против неповедување на постапка за оценување на уставноста, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
НА РЕШЕНИЕТО У.БР.118/2003 ОД 16 ЈУЛИ 2003 ГОДИНА СО КОЕ НЕ СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ УСТАВНОСТА НА ЧЛЕНОВИТЕ 1, 2 И 4 ОД ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РЕПУБЛИЧКИОТ СУДСКИ СОВЕТ („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“ БР. 43/2003)

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативите поднесени од Републичкиот судски совет и од Вера Терзиева Тројачаиец од Скопје за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 1, 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, на седницата одржана на 16 јули 2003 година, со мнозинство гласови донесе решение за неповедување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот, бидејќи оцени дека по сите основи тие одредби се во согласност со Уставот. Изразувајќи несогласност со таквото решение гласав против и го издвојувам своето мислење, според кое сметам дека оспорените одредби од Законот не се во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нивната уставност и врз основа на изведување на правно издржливи аргументи да се донесе правилна одлука.

Најнапред, сметам дека Судот предметното решение го донесе без притоа, да даде аргументиран одговор на повеќе спорни правни прашања наведени во иницијативите или што произлегуваа од самата природа на прашањето, како што се: дали е допуштено под изговор на операционализација на уставна норма, со законска норма, да се промени суштината на самата уставна норма; дали е допуштено уставната норма донесена по посебна постапка со двотретинско мнозинство да се трансформира во закон кој може да се донесе со една третина од пратениците во Собранието; дали прашањето на траењето на мандатот на членот на Републичкиот судски совет е уставна или законска материја; дали тоа прашање е од статусна природа уредено со Уставот или е прашање од организациона природа што може да се уредува со закон; дали потребата од нов начин на избор на дел од членовите на Републичкиот судски совет утврден со Уставот (без определување на рок за тоа) налага потреба од престанок на мандатот на сите членови на Советот; дали предвремениот престанок на мандатот на членовите на Советот поради исполнување на услови за пензија, имилицира воведување на нови услови за избор на членовите на Совстот и дали таквиот услов е законска или исклучиво уставна материја и конечно, дали е допуштено заради усогласување на законските решенија со Уставот да се менува самиот Устав и дали може да се донесува закон, затоа што не е донесен Уставен закон за спроведување на Уставот или затоа што таа уставна материја е испуштено да се уреди со Уставниот амандман.

При мојата определба да гласам против решението за неповедување постапка се раководев од општиот принцип дека еден од основните столбови на демократијата се уставните ограничувања на власта. Неспорно е дека слободата на законодавецот во нормативната сфера може да се остварува во рамките на уставно утврдените принципи. Таа слобода е детерминирана од темелните вредности, принципи и основи на Уставот, а во еден дел и конкретно ограничена, таму, каде што одделни односи директно се уредени со Уставот. Според тоа, со закон може се, но не и тоа што директно е уредено со Уставот и не надвор од уставно утврдените рамки.

Според моето мислење, со членот 1 од Законот се презема конкретна и директна одредба од Уставот (член 104 став 2 од Уставот), која ниту бара, ниту претпоставува законска разработка или операционализација, а со обидот за нејзино операционализирање (повторување на содржината) се омаловажува уставната норма која е донесена во посебна постапка. Наводите во образложението на предметното решение, дека бил преземен и член 7 став 1 во основниот текст на Законот, но тоа не било оспорено, дека преземањето автоматски не значело и кршење на Уставот и дека Уставот не содржел изречна забрана тоа да се врши, не се правно издржани аргументи за оценка на уставноста на членот 1 од Законот, која одредба, во најмала рака е излишна. Во таа смисла и укажувањето дека во практиката имало бројни случаи на преземање и буквално пренесување на уставни одредби во законите, исто така, сметам дека не може да се прифати како исправна методолошка постапка во номотехничкиот приод во изработката на законите, ниту пак, како аргумент за уставноста на оваа одредба.

Понатаму, во оценувањето на уставноста на член 2 од Законот, според кој членот на Советот се разрешува ако ги исполнува условите за старосна пензија, сметам дека требаше да се појде од статусот и положбата на Републичкиот судски совет утврден со Уставот. Имено, Републичкиот судски совет како една од алките во организацијата на државната власт, е со конкретно утврден статус, положба и надлежности содржани во членовите 104 и 105 од Уставот. Се работи за уставен орган востановен со Уставот од 1991 година, а не за орган кој произлегува од амандманите од 2002 година. Значи, произлегува од Уставот, со точно утврден број на членови (7), кои ги избира Собранието од редот на истакнати правници за време од шест години, со право на уште еден избор и со точно утврдени функции, без можност тие да се зголемуваат или намалуваат.

Уставниот закон за спроведување на Уставот го определи начинот и времето на конституирање на овој орган. Според членовите 15 и 16 од Уставниот закон, Републичкиот судски совет е всушност времен ориентир за избор на судиите во судовте, за именување на јавните обвинители, како и за избор на судиите на Уставниот суд на Република Македонија.

Според тоа, станува збор за орган кој што директно произлегува од Уставот, со точно уставно утврден мандат на неговите членови (а не мандат на Советот како институција), така што, со закон не може да се менува, скратува или престанува така уставно утврдениот мандат на членот на Советот. Тоа, дотолку повеќе што, ако мандатот на членовите е уставна категорија што не е спорно, тогаш и престанокот односно скратувањето на мандатот е уставна, а не законска категорија.

Наводите во образложението на решението за неповедување постапка, дека со Уставот не биле предвидени услови за разрешување на членовите на Советот и дека тоа било пропуштено да се уредат со закон, дека предвидените услови за разрешување на членовите на Советот утврдени во основниот текст на Законот (член 9 став 1 и 2) не биле оспорени, и дека според тоа, немало пречка со Законот да се предвиди и дополнителен услов за разрешување на членот на Советот ако ги исполнува условите за старосна пензија, според моето мислење, се неосновани.

Имено, точно е дека условите за разрешувањс на членот на Советот, како што се оставка, затвор, губење на деловната способност, сигурно и настапување на смрт, како услови за разрешување адекватни и за другите уставни органи, не се наведени во Уставот, но точно е и тоа дека нив никој не ги оспорува и тие не го содржат условот престанок на мандатот заради старосната граница на носителот на функцијата. Тој услов не е содржан за пратениците, членовите на Владата, Претседателот на Републиката, судиите на Уставниот суд, бидејќи сите тие имаат точно утврден мандат. Уставот, старосната граница како услов за престанок на мандатот ја утврдил за судиите (член 99 став 3 алинеја 3 од Уставот) што е сосема логично, бидејќи тие се избираат без ограничување на траењсто на мандатот. Такво законско ограничување е предвидено и за јавните обвинители, но и тие се именуваат за време од шест години, без уставно ограничување за нивно натамошно именување. Меѓутоа, членот на Советот, не е ниту судија, ниту обвинител, бидејќи се други уставните и законските основи за нив. Според тоа, врзувањето на старосната граница со мандатот, кога тој мандат е јасно утврден со Уставот дека трае шест години, со право на само уште еден избор, не може да значи друго освен законско ограничување на уставно утврдениот мандат за членот на Републичкиот судски совет, што е во директна спротивност со одредбите од Уставот. Друго би било прашањето, доколку Собранието на Република Македонија има политичка определба, за членови на Советот да не избира „луѓе во години“, но тоа право никој не го ускратува при изборот тоа и да го врши, а не со закон да упаѓа во уставното решение и да го скрати односно ограничи мандатот на член на Советот, избран во согласност со Уставот, од истиот тој орган.

Оттука, не би можела да се прифати ниту основаноста дека остварувањето на старосната пензија како услов за престанок на функцијата на членовите на Советот пред истекот на мандатот е објективен, природен недискриминаторски правно етаблиран критериум за крајната старосна граница на вршењето на една јавна функција. Тоа, би можело да се прифати само во случај кога Уставот без исклучок би го утврдувал тоа за сите јавни функции, а не и во услови кога исклучоците ги утврдува во самиот Устав или кога дава овластување тоа да се направи со закон. Во конкретниот случај, Уставот го утврдил мандатот на членот на Републичкиот судски совет, не предвидел законска можност тој мандат да се скратува поради исполнување на услови за старосна пензија, поради што сметав дека ќе беше основано доколку Уставниот суд го поставеше прашањето за согласноста на членот 2 од Законот со член 104 од Уставог.

Членот 4 од Законот, според моето мислење, всушност, наложува активности и мерки за персонална смена на актуелниот состав на Републичкиот судски совст.

Сметам дека не се точни, ниту правно засновани, аргументите од образложението на Решението за неповедување постапка, дека овој член не создавал никакви нови односи и дека бил само во функција на примена на Амандманот XIV на Уставот и заради тоа не можело да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот. Напротив, сметам дека овој член непочитувајќи ги решенијата во Уставот што се однесуваат на статусот, местото и улогата на Републичкиот судски совет, ниту, пак, реалните односи во функционирањето на овој уставен орган, упаѓајќи во уставно утврдениот мандат, наложи смена на составот на Советот скратувајќи го мандатот на неговите членови, што значи практично воспоставување на нови односи. Понатаму, наложува исто тоа да се спроведе во законски утврдени рокови, запоставувајќи го принципот дека за спроведување на Уставот се донесува Уставен закон, доколку неговото спроведување јасно не произлегува од содржината на самите уставни одредби, вклучувајќи ги и одредбите на Уставните амандмани. Всушност, оваа одредба ја игра улогата на одредба од Уставен закон, неводејќи сметка за карактерот и за различните постапки во донесувањето на овие прописи, поради што требаше да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбите од Уставот.

Поведувањето на постапка за оценување на уставноста на членовите 1, 2 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совст и нивното евентуално укинување, по спроведената постапка, што Судот не го прифати, според моето мислење, ќе значеше прилог кон зајакнување и доследно почитување на припципот на уставност и законитост во организирањето на државната власт и правната сигурност во конституирањето на органите на државната власт. почитување на принципот на владеењето на правото како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и воопшто, почитување на Уставот на Република Македонија.

16 јули 2003 година
Скопје

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија,
д-р Трендафил Ивановски

Решение У.бр.118/2003