Решение У.бр.118/2003

У.бр.118/2003

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 јули 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 1, член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет (“Службен весник на Република Македонија” бр.43/2003).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Републичкиот судски совет преку претседателот Јордан Дескоски и Вера Терзиева Тројачанец од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата на Републичкиот судски совет се наведува дека со членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, се регулира материја која е непосредно регулирана во самиот Устав (Амандман XIV), со што се дерогираат (ставаат надвор од сила) уставните норми кои непосредно ја регулираат оваа материја, и тоа: Амандман XIV, кој е составен дел од член 104 став 2 од Уставот. Значи, оспорениот член 1 од Законот, има идентичен предмет на регулирање како и Амандманот XIV.

Со членот 1 се пропишува постапката за избор на тројца од членовите на Републичкиот судски совет. Таа материја е веќе во целост регулирана во самиот Устав, во членот 104, чиј составен дел е Амандман XIV. Членот 104 од Уставот, и Амандманот XIV, се во непосредна примена и Собранието на Република Македонија го врши изборот на членовите на Републичкиот судски совет врз основа на овие уставни одредби, а не врз основа на Закон.

Постапката и условите за избор на членовите на Републичкиот судски совет не се законска материја, туку се уставна материја. Поради тоа, исклучена е можноста оваа материја да биде предмет и на законско регулирање.

Основно правно начело е, а тоа е утврдено и во член 51 став 1 од Уставот, дека при колизија на една уставна и една законска норма, до која дошло затоа што тие имаат идентичен предмет на регулирање, примат (предност) има уставната норма. Оттука, оспорениот член 1 од Законот нема никакво правно дејство, затоа што на материјата која во овој член од Законот е регулирана, непосредно (директно) се применува Амандманот XIV од Уставот.

Исто така, не постои уставен основ за донесување на закон, со кој ќе се регулира примената на Амандманот XIV . Уставните амандмани од 2001 година за чие спроведување и примена е потребно да се донесе закон, самите тоа изречно го пропишуваат, на пример, Уставните амандмани V, XVI и XVII.

Конечно Амандманот XIV на Уставот, воопшто не произведува правни последици по односите кои се регулирани со Законот за Републичкиот судски совет, затоа што Амандманот регулира сосема друга правна материја. Амандманот XIV директно и непосредно го надополнува ставот 2 од член 104 на Уставот. Или, поинаку речено, Амандманот XIV не е во никаква корелација со Законот за Републичкиот судски совет.

Со членот 2 од Законот, спротивно на член 104 став 3 од Уставот, се пропишува (востановува) нов услов за избор на членовите на Републичкиот судски совет, а тој услов е: “неисполнување на услови за старосна пензија”.

Имено, доколку основ за разрешување од функцијата член на Републичкиот судски совет претставува исполнувањето на услови за старосна пензија, тоа значи дека, исто така, за член на Советот не може да се избере лице кое исполнува услови за старосна пензија. Невозможно е да се избере на функција лице, кое дури и пред да биде избрано, ги исполнува условите за да биде разрешено од неа.

Законската одредба, значи пропишување (востановување) на нов услов за избор на членовите на Републичкиот судски совет, спротивно со член 104 став 3 од Уставот. Тоа е така, затоа што членот 104 од Уставот ги пропишува (во целост) условите за избор на членови на Републичкиот судски совет, а само со измена на Уставот е дозволено да се пропишуваат нови услови.

Секоја законска одредба со која се пропишуваат нови услови за избор на член на Републичкиот судски совет, кои услови не се изречно пропишани во Уставот, е неуставна. Оттаму и оспорениот член 2 од Законот е неуставен, затоа што со него се пропишува (востановува) нов услов за избор на член на Републичкиот судски совет.

Со самото тоа што Уставот во членот 104 не ја пропишал изречно можноста со закон да се регулираат условите за избор на членовите на Републичкиот судски совет, Уставот забранува законско регулирање на условите за избор на членовите на Републичкиот судски совет. Оттука не постои уставен основ, со закон да се пропишуваат основи за предвремен престанок на функцијата на членовите на Републичкиот судски совет, ниту, пак, нивно разрешување од функција.

Уставот не пропишал престанок на функцијата на членовите на Републичкиот судски совет поради исполнување на услови за старосна пензија, и секој закон кој ќе го пропише тоа, е спротивен на Уставот.

Членот 2 преку воведување на нови услови за избор на член на Републичкиот судски совет, има правно дејство кое директно ги повредува човековите права загарантирани во Уставот на Република Македонија, и тоа повреда на правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции од член 23 в.в. член 54 став 1 од Уставот, затоа што воведува забрана за избор за член на Републичкиот судски совет за истакнатите правници кои исполниле услови за старосна пензија.

Значи, членот 2 од Законот има тројно дејство: 1) пропишува основи за предвремен престанок на мандатот на членовите на Републичкиот судски совет кои се веќе избрани на функцијата; 2) воведува нов услов за избор на член на Републичкиот судски совет; и 3) воведува забрана за избор за член на Републичкиот судски совет за истакнатите правници кои исполниле услови за старосна пензија, односно по стапувањето во сила на оспорениот член 2 од Законот, истакнатите правници кои исполнуваат услови за старосна пензија повеќе не смеат да бидат избирани и да ја вршат функцијата член на Републичкио т судски совет. Со тоа, член 2 од Законот директно е спротивен на начелото на еднаквост и рамноправност.

Со членот 4 од Законот се повредува член 104 став 3 од Уставот како и уставниот Амандман XIV и член 133 од Уставот.

Тој е во колизија со член 104 од Уставот, кој непосредно (директно) и во целост го регулира изборот на членовите на Републичкиот судски совет. Членот 104 од Уставот, не оставил можност со закон да се дорегулираат одредени прашања сврзани со начинот и условите за изборот на членовите на Советот, туку оваа материја ја регулирал во целост. Постапката и условите за избор на членовите на Републичкиот судски совет се регулирани со членот 104 од Уставот, чиј составен дел е Амандманот XIV, и изборот на членовите на Советот, Собранието ги врши врз основа на овие уставни норми, односно со нивна непосредна примена.

Во ставот 3 од оспорениот член 4 на Законот, со закон се пропишува настапување на правната последица – престанок на функцијата на членовите на Републичкиот судски совет од постојниот состав на Советот, пред истекот на нивниот уставно утврден мандат од 6 години.

Постојниот состав на Републичкиот судски совет е избран со директна примена на Уставот, на начин и постапка утврдени во членот 104 од Уставот. При изборот на Републичкиот судски совет воопшто не дошол во примена Законот за Републичкиот судски совет. Исто така, и при изборот на нов Совет, тогаш кога ќе им престане уставно утврдениот мандат на постојните членови на Советот, изборот ќе се врши со примена на уставните одредби, а не врз основа на закон.

Оспорениот член 4 од Законот, е поставен во позиција на норма која има примат во однос на уставните норми. Поради тоа, оспорениот член 4 од Законот е во директна колизија со член 104 став 3 в.в., член 51 став 1 од Уставот, затоа што со оваа законска норма се пропишува скратување на уставно утврдениот мандат на постојните членови на Републичкиот судски совет, а воедно и настапување на правни последици кои Уставот не ги пропишал.

Иако спроведувањето на некои од уставните амандмани е условено со донесување на посебен закон, како на пример Амандманите V (за службениот јазик и писмо), XVI и XVII (за локалната самоуправа), тоа е изречно пропишано во овие амандмани. Амандманот XIV не пропишува дека за негово спроведување треба да се донесе закон, што значи, дека тој се применува директно. Поради истата причина, се заклучува дека Уставниот амандман XIV не содржи основ за донесување на закон со кој ќе се регулира неговата примена.

Оспорениот член 4 став 3 од Законот пропишува предвремено престанување на мандатот на членовите на постојниот Совет. Меѓутоа, функцијата на членовите на Републичкиот судски совет престанува со истекот на последниот ден од нивниот уставно утврден мандат од 6 години. Новите членови стапуваат на функција првиот ден по истекот на мандатот на претходните членови на Советот. Произлегува дека, со тоа што оспорениот член 4 став 3 од Законот, пропишува настапување на предвремен престанок на мандатот на постојните членови на Републичкиот судски совет, поради изврше ниот чин на избор на нови членови, оваа законска одредба е во спротивност со член 104, став 3 од Уставот, кој пропишува дека мандатот на членовите на Републичкиот судски совет трае 6 години.

Со оспорениот член 4 од Законот се прекршува, исто така и член 133 од Уставот, во кој е пропишано дека само со Уставен закон може да се регулира спроведувањето на Уставот.

На крајот, во иницијативата се бара Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија врз основа на оспорениот Закон, поради тешко отстранливите последици кои би можеле да настапат.

Во иницијативата на Вера Терзиева – Тројачанец се наведува дека членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет не е во согласност со членот 104 од Уставот, со кој е утврден единствениот услов за избор на членовите на Републичкиот судски совет – истакнати правници без ограничување на возраста на лицата кои можат да бидат избрани за членови на Советот и е утврден мандатот и имунитетот на членовите на Советот.

Тоа значи дека условите за избор и времето на кое се избираат членовите на Републичкиот судски совет се уредени со Уставот и дека со закон не може да се менуваат. Со пропишувањето дека исполнувањето на условите за старосна пензија претставува законски основ за разрешување член на Советот независно од времето на кое е избран, посочената одредба од Законот се доведува во несогласност со член 104 од Уставот затоа што имплицира воведување нов услов за избор на член на Советот – определена возраст на лицето што може да биде избрано за член на Советот што е секако надвор од уставното решение.

Со член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет недопуштено се прекинува уставно утврдениот мандат на членовите на Републичкиот судски совет (6 години) поради што истиот не е во согласност со став 3 на член 104 од Уставот. Времето на кое се избираат членовите на Советот определено со Уставот не може да се менува со закон. Начинот на кој треба да се избираат тројца од членовите на Советот пропишан со Амандманот XIV на Уставот може да се применува само по истекот на мандатот на постојниот состав, бидејќи со овој амандман само се дополнува став 2 на член 104 од Уставот кој се однесува на начинот на избор, а не и на мандатот (времето на избор) на членовите на Советот. Тоа значи дека со Амандманот XIV не се менува решението содржано во став 3 на член 104 од Уставот, што понатаму значи дека нема ни уставна основа за извршената промена. Тоа понатаму значи дека не може ни да се пропишува рок за отпочнување на постапката на избор (член 4 став 2) ниту за избор на нов состав на сите членови на Советот (член 4 став 2) независно од истекот на мандатот на постојниот состав.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 1 од Законот, во членот 7 се додава нов став 2.

Според членот 7 став 1 од Законот, Советот го сочинуваат седум членови што ги избира Собранието на Република Македонија од редот на истакнати правници.

Според членот 7 новиот став 2 од Законот, тројца членови на Советот се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Со оспорениот член 2 од Законот, во членот 9 се додава нов став 3.

Според член 9 став 1 од Законот, на член на Советот, функцијата му престанува ако поднесе оставка.

Согласно ставот 2 на овој член, членот на Советот ќе биде разрешен ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Советот врз основа на наод и мислење на надлежната здравствена комисија.

Според новиот став 3 на овој член, членот на Советот се разрешува ако ги исполнува условите за старосна пензија.

Согласно оспорениот член 4 став 1 од Законот, постапката за избор на новиот состав на сите членови на Советот, согласно со одредбите на овој закон, ќе отпочне во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според ставот 2 на овој член, изборот на членовите на Советот, согласно со одредбите на овој закон, ќе се изврши најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Според ставот 3 на овој член, со денот на изборот на членовите на Советот, согласно со ставовите 1 и 2 на овој член, им престанува мандатот на членовите на Републичкиот судски совет од постојниот состав на Советот.

5. Членот 104 од Уставот утврдува дека Републичкиот судски совет го сочинуваат седум членови кои ги избира Собранието од редот на истакнати правници за време од шест години со право на уште еден избор, дека членовите на Републичкиот судски совет уживаат имунитет и дека функцијата член на Републичкиот судски совет е неспојлива со вршење на други јавни функции и професии или со членување во политички партии.

Со Амандманот XIV се дополнува ставот 2 на членот 104 од Уставот и според него, тројца од членовите се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Со членот 105 од Уставот, утврдена е надлежноста на Републичкиот судски совет. Така Републичкиот судски совет, на Собранието му предлага избор и разрешување на судии и утврдува предлог за разрешување од судиска функција во случаите утврдени со Уставот, одлучува за дисциплинска одговорност на судиите, ја оценува стручноста и совесноста на судиите во вршењето на нивната функција и предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија.

Со Законот за Републичкиот судски совет, се уредува организацијата на Републичкиот судски совет и остварувањето на работите од неговиот делокруг утврден со Уставот.

Овој Закон содржи пет дела и тоа: И ОСНОВНИ ОДРЕДБИ, ИИ ОРГАНИЗАЦИЈА И ДЕЛОКРУГ НА РАБОТА во кој спаѓа предлагање, избор и разрешување на судии; утврдување на предлог за разрешување на судијата од судиската функција; одлучување за дисциплинската одговорност на судиите; оцена на стручноста и совесноста на судиите во вршењето на функцијата; предлагање судии на Уставниот суд на Република Македонија, III СТРУЧНА СЛУЖБА НА СОВЕТОТ, IV СРЕДСТВА ЗА РАБОТА и V ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ.

Во делот од Законот кој се однесува на организацијата и делокругот на работата се и членовите 7 и 9 кои се дополнуваат со оспорените членови 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет.

Во однос на членот 7 од Законот, за одбележување е дека, ставот 1 на овој член кој не е оспорен со поднесената иницијатива е исто така преземен од членот 104 од Уставот, додека, пак, ставот 2 на овој член се оспорува точно поради тоа што бил преземен од Амандманот XIV на Уставот.

Оттука се наметнува прашањето дали одредени одредби од Уставот можат да бидат и законска содржина, односно дали можат да се пренесуваат во закон. Во законодавната практика во нашата држава има бројни случаи кога уставни одредби буквално се пренесуваат во текстовите од законите. Факт е дека никаде нема изрична забрана дека тоа не може законодавецот да го прави.

Оттука, во врска со наводите содржани во иницијативата дека со закон не може да се регулира она што веќе е регулирано со Устав односно дека со членот 1 од Законот се ставаат надвор од сила уставните норми кои непосредно ја регулираат оваа материја, Судот смета дека не се основани, бидејќи самото преземање на уставните одредби во законите не ги прави законите автоматски спротивни на Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет не е во несогласност со членот 104 од Уставот, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

6. Во врска со прашањето дали може со закон да се предвидат услови за разрешување на член на Советот, како што предвидува Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет во оспорениот член 2, неспорно е дека во Уставот е уреден изборот и траењето на мандатот на членовите на Републичкиот судски совет, но не се предвидени услови за разрешување на членовите на Републичкиот судски совет, ниту пак други услови под кои мандатот на членовите може да престане пред истекот на мандатот од шест години утврден во Уставот, што значи дека Уставот препуштил овие прашања да се уредат со закон. Во спротивно, мандатот на членовите на Републичкиот судски совет би бил апсолутен и не би можел да престане по ниеден основ што тешко може да се прифати како концепт на Уставот. Напротив, во членовите 65, 82, 87, 93, 94 и 99 од Уставот се предвидени услови за престанок на мандатот на пратениците во Собранието на Република Македонија, на претседателот на Република Македонија, на Владата на Република Македонија во целина и посебно на секој член на Владата, како и на судиите. Околноста што во Уставот не се предвидени такви услови за престанок на функцијата пред истекот на мандатот и на членовите на Републичкиот судски совет не претставува уставна пречка тие да се утв рдат со закон, доколку се однесуваат на правни и природни околности кои влијаат на капацитетот за вршење на функцијата. Судот констатира дека и досега, пред донесувањето на оспорената одредба, во членот 9 од основниот текст на Законот за Републичкиот судски совет е предвидено, прво, дека на член на Советот функцијата му престанува ако поднесе оставка и второ дека членот на Советот ќе биде разрешен ако биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција што го утврдува Советот врз основа на наод и мислење на надлежната здравствена комисија што укажува, ако не повеќе, на опстојување на правниот концепт за надлежноста на законодавецот за регулирање на прашања за кои Уставот молчел.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Законот со член 104 од Уставот од аспект на надлежноста на Собранието со закон да пропишува услови за престанок на функцијата член на Републичкиот судски совет пред истекот на мандатот.

Судот го разгледуваше оспорениот член 2 од Законот и од аспект на тоа дали исполнувањето на условите за старосна пензија може воопшто да се предвиди како услов за престанок на функцијата пред истекот на мандатот.

Во одговор на ова прашање, Судот најпрво констатира дека одредена старосна доба е легитимен критериум за регулирање на човечката работна активност што е генерално прифатен не само во нашиот правен систем. Старосната доба на луѓето е природен и објективен факт за кој се врзува престанокот на работниот век и остварувањето на правото на пензија, по правило за сите поединци и под еднакви услови предвидени со закон, изземајќи ги од овој контекст, се разбира, вршителите на слободни професии или дејности. Исклучоците од ова општо правило се можни и чести кога се работи за носителите на определени јавни функции, доколку уставотворецот или законодавецот сепак не определиле дека старосната доба односно исполнувањето на услови за старосна пензија е релевантно за престанок и на нивните функции. Дека и Уставот го прифаќа исполнувањето на услови за старосна пензија како основа за престанок на функцијата, доказ е и членот 99 став 3 алинеја 3 од Уставот, според кој судијата се разрешува ако ги исполни условите за старосна пензија.

Оттука, остварувањето на старосна пензија како услов за престанок на функцијата на членовите на Републичкиот судски совет пред истекот на мандатот, утврден во рамките на овластувањата на законодавецот, претставува еден објективен, природен недискримина-торски и во Република Македононија правно етаблиран критериум за крајната старосна граница на вршењето на една јавна функција, кој, освен тоа, е изречно прифатен со самиот Устав, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 2 од Законот со член 104 од Уставот ниту од овој аспект.

Притоа, Судот го имаше предвид и фактот дека исполнувањето на условите за старосна пензија е услов за разрешување на веќе избрани членови на советот а не услов за нивен избор поради што не ги прифати наодите содржани во иницијативите и оцени дека оспорениот член 2 од Законот не е во спротивност со Уставот и од овој аспект.

7. Со оспорениот член 4 од Законот, се прецизира рокот во кој треба да започне постапката за избор на новиот состав на сите членови на Советот и рокот во кој ќе се изврши изборот на членовите на Советот. Со овој член се определува и дека со денот на изборот на членовите на Советот, им престанува мандатот на членовите од постојниот состав на Советот.

При разгледување на оваа одредба од Законот Судот утврди дека уставниот Амандман XIV влегува во сила и непосредно се применува со денот на прогласувањето и дека не постои друга одредба од уставен ранг која ја одлага неговата примена. Оттука обврската за избор на нов состав на Републичкиот судски совет произлегува непосредно од амандманот XIV на Уставот, а оспорениот член 4 од Законот ја утврдува динамиката на постапката за избор на нови членови на Републичкиот судски совет и воедно утврдува дека со денот на изборот на членовите на Советот, им престанува мандатот на членовите на постојниот состав на Советот.

Оттука, овој член не создава никакви нови односи туку има карактер на преодна одредба која што е потребна заради усогласување на затекнатата состојба со членовите на Советот со уставниот Амандман XIV чија содржина е преземена и во членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет.

Имајќи предвид дека целта на законодавецот е операционализација на Уставниот амандман XIV односно овозможу-вање тројца членови на Советот да се изберат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, произлегува дека оспорениот член 4 од Законот е во функција на примена на уставниот амандман XIV .

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 4 од Законот со Уставот.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Иџет Мемети, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.118/2003
16 јули 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоени мислења по предметот У.бр.118/2003

 

 

Leave a Reply