Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.16/2014 донесено на ден 3 јуни 2015 год., за неповедување на постапка за оценување на уставност на член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен Весник на Република Македонија„ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010) го издвојувам и писмено го образложувам следното:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата на подносителот Драган Пејиќ адвокат од Скопје, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за сопственост и други стварни права (Службен весник на Република Македонија бр.92/2008) со мнозинство гласови донесе Решение за не поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, бидејќи оценил дека таа одредба по сите основи е во согласност со Уставот. Изразувајќи несогласност со таквото решение гласав против и го издвојувам своето мислење, зошто сметам дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со Уставот, од кои причини Судот требаше да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.
Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека одлуката на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право) член 9 став 2 (начела на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите) член 29 став 1 (Странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори) член 30 став 1 и 3 (Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон) член 51 став 1, (Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.) од Уставот на Република Македонија.
Од друга страна еден од побитните услови во преговорите со ЕУ е и слободно движење на капиталот, ЕУ бара од државите апликанти да спроведат либерализација на движење на капиталот.
Со оглед на фактот што во решението Судот воопшто не се осврнал на компаративна анализа за спорното прашање во другите земји, сметам за потребно, а со цел за добивање на објективна претстава во натамошното мое излагање ќе дадам примери од повеќе држави.
Правни решенија во доменот на стекнување на правото на долгорочен закуп на земјоделско земјиште скоро е идентично во сите европски држави, сите држави предвидуваат долгорочен закуп на земјоделско земјиште со одредени минимални разлики.
Во Австрија нема единствено решение за стекнување на сопственост на земјоделско земјиште на национално ниво. Австрија има 9 покраини. Сите покраини предвидуваат право дека странец може да стекне право на сопственост на земјоделско земјиште, единствена разлика постои во постапката и претходните одобрувања од страна на надлежните комисии и органи.
Странците или граѓаните на ЕУ се изедначуваат со државјаните на Австрија,а доколку странецот не се изедначи со домашното лице тогаш како претходен услов за стекнување на правото на сопственост потребни се одобрувања од надлежните органи.
Значи во принцип Австрија категорично не ги исклучува странците во правото на стекнување на сопственост врз земјоделско земјиште, или поточно речено им дозволува со претходно одобрување од државните органи, доколку смета дека со купопродажбата се загрозува националниот интерес и дека мора да биде во склад со културните, економските и социјалните интереси.
Во Франција постојат два начина на стекнување на сопственост врз земјоделско земјиште. Државјаните на земја членка на ЕУ се изедначуваат со државјаните на Франција. Од друга страна оние кои не се државјанин на ЕУ подлежат под членот Р333 (од Законот за земјоделие и морскиот риболов) каде се предвидува дека дотичните државјанин можат да стекнуваат право на сопственост врз земјоделско земјиште под услов да поседуваат посебно одобрение од Министерот за земјоделие.
Балтичките држави во преговорите завзеле став дека по членувањето во ЕУ седум години ќе ги задржат постоечките прописи во оваа област, а по истекот на наведениот рок доколку се утврди дека може да дојде до нарушување во стопанството тогаш Европската комисија по нивното барање може да го продолжи рокот максимално за уште 3 години. Сите рокови се изминати (2014) година.
Естонија предвидува дека граѓаните на Естонија, како и граѓаните на државите потписнички на спогодбата за Европската Економска Област (ЕЕА- покрај земјите членки на ЕУ тука спаѓаат и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн ) и државјаните на држави членки на ОЕЦД имаат право да стекнат право на сопственост на земјоделско и шумско земјиште без ограничување. (Член 4 од Законот за ограничување за стекнување на недвижности од 23.02.2012). Со ваквото широко овластување кои го уживаат граѓаните на Естонија се дава еднаков третман и на граѓани од европските држави кои не се членки на ЕУ (Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија и Турска) како и граѓаните на државите кои не се наоѓаат на Европскиот континент (Канада, Чиле, Нов Зеланд, Мексико, Јапонија, Јужна Кореја, Израел и САД). Од друга страна Летонија предвидува покрај граѓаните од наведените држави право на сопственост да имаат и граѓаните на државите членки на НАТО сојузот. Исто така Литванија предвидува покрај државјаните на овие држави, правото на стекнување на земјоделско земјиште и на лицата кои имаат стален престој во Р. Литванија а не се нивни државјани.
Во Полска се дозволува стекнување на правото на сопственост врз земјоделско земјиште на странците под претходно одобрение од Министерство за внатрешни работи, Шумарство односно Животната средина. (Согласно со одредбите од Законот за стекнување на сопственост врз земјиште од 24 март 1920 година).
Од друга страна од 01 мај 2016 година државјаните на државите членки на ЕУ и на држави кои се членки на Европската Економска Област (ЕЕА) ќе можат да стекнуваат право на сопственост врз земјоделско земјиште како и граѓаните на Полска.
Во Црна Горе со потпишувањето на спогодбата за стабилизација и придружување, Црна Гора превзема обврска да државјаните на ЕУ да се изедначат со домашните државјани кога е во прашање стекнување на правото на сопственост на недвижностите. Со законот за сопствено-правните односи од 2009 година државјаните на државите членки на ЕУ со стапување во сила на спогодбата за стабилизација и придружување од 2010 граѓаните на ЕУ се изедначуваат со граѓаните на Црна Гора. Во Црна Гора постои ограничување во стекнување на недвижности од страна на странци, вклучувајќи и стекнување на земјоделско и шумско земјиште . Меѓутоа ова ограничување не се однесува на државјани на ЕУ и ЕЕА поради спогодбата за стабилизација и придружување на Црна Гора. Во Црна Гора за другите странци надвор од членките на ЕУ и ЕЕА важи ограничување за стекнување на земјоделско земјиште со исклучок дека странците можат да стекнат земјоделско земјиште до 5000 м2 под услов да субјектот на стекнување на станбената зграда се наоѓа на тоа земјиште.
Во Швајцарија се дозволува странците да стекнуваат право на земјиште со претходно одобрение од страна на надлежните органи (Согласно со федералниот закон за стекнување на земјиште од страна на странци, закон познат како Лех Коллер).
Во Ирска странците се изедначени со домашните граѓани. Нема ограничување за странци. Сите можат да стекнуваат право на сопственост под исти услови.
Во Романија постои посебен закон за стекнување право на сопственост врз земјоделско земјиште на странци. Уставот на Романија гарантира право на сопственост врз земјиштето.
Исто така и Маџарска со Законот на промет со земјоделско и шумско земјиште (од Јуни 2013) година на странците им дозволува правото на сопственост на земјоделско земјиште. Постојат разни ограничувања од субјективен и од објективен карактер, одредена количина и др.
Во Словачка согласно со Законот за девизно работење (член 19 а) нерезиденти во Р. Словачка имаат право да се стекнат со правото на сопственост врз земјоделското и шумско земјиште, освен ако тоа право не е ограничено со посебни прописи. Како услов се бара подолг престој, основно занимање во последните три години да е земјоделска дејност, роднински врски со продавачот и други услови. Од друга страна Словачка стана членка на ЕУ од 2004 година. Со спогодбата превзема обврска дека за 7 години ќе се либерализира продажбата на земјоделско земјиште. По истекот на наведениот рок, од страна на Словачките власти е побарано уште 3 години за потполна либерализација. Од 2014 година во Словачка начелно секое лице може да стекнува земјоделско земјиште.
Скоро идентичен режим важи и во Р. Чешка. Евулативно од 2004 до 2011 година се либерализира режимот за стекнување на правото на сопственост врз земјоделско земјиште. Од 2011 година им се дозволува на странците стекнување право врз земјоделско земјиште.
Во Република Словенија со потпишување на спогодбата за стабилизација и придружување нема ограничување за стекнување на правото на земјиште на странците ниту пак Словенија има побарано преоден период за усогласување на сопствените закони како други држави кои беа примени во ЕУ во 2004 година. Единствен уставен услов за стекнување на правото на сопственост врз земјиште за членките на ЕУ е да постои реципроцитет. Ова правило важи и за земјите кандидати за членување во ЕУ доколку меѓу нив и Р. Словенија има реципроцитет. Додека по основ на наследување под услов на реципроцитет државјаните на трети држави можат да стекнат недвижности во Република Словенија.
Во Хрватска моментално странците не можат да стекнуваат право на сопственост врз земјоделско земјиште. По зачленувањето на Хрватска во ЕУ согласно со спогодбата во рок од 7 години ќе мора да се либерализира ова право и по истекот на овој рок на странците ќе им се овозможи стекнување на правото на сопственост врз земјоделско земјиште. По основ на реципроцитет странците можат да стекнуваат правото на сопственост по пат на наследство.
Во Англија странците се изедначени со домашните државјани во стекнување на правото на сопственост врз земјоделско земјиште, разлика помеѓу домашни и странски лице има само во даночниот систем.
Од наведените примери и споредбени анализи произлегува дека во значителни европски земји на странците им се дозволува стекнување на правото на сопственост врз земјоделско земјиште како и на сопствените граѓани. Во некои земји ова право се признава само на државјани на држави членките на ЕУ, во некоја држава ова право им се признава и на државјаните на ЕЕА, ОЕЦД и на НАТО. Во некоја држава има ограничување по однос на обемот, во некоја држава се бара купувачот претходно да вршел земјоделска дејност, во неколку земји потполно на сите странци им се дозволува со претходна согласност од надлежните органи стекнување на право на сопственост на земјоделско земјиште.
Од друга страна, кај некои држави каде постои одредена доза на ограничување посебно се истакнува дека иако има ограничувања по пат на наследство под услов на реципроцитет на странците им се дозволува правото на наследство врз земјоделско земјиште.
Само во Р.Србија и Република Македонија има апсолутно ограничување на стекнување на правото на земјоделско земјиште.
Хронолошки гледано скоро сите држави нови пристапнички на ЕУ, дел од нив со започнување на преговорите, дел од нив со постанување на членка, а дел од нив во извесен период од 7 односно 10 години по членувањето потполно ги либерализирале внатрешните норми и на странците им го признаваат правото на сопственост врз земјоделско земјиште како на сопствените граѓани.
Сметам дека е оправдано заложбите на законодавецот за заштита на националните интереси и други вредности, меѓутоа чувствата и грижата не се добиваат со забрани и со уставните ограничувања како што е актуелната дефиниција на законот „странски физички и правни лица не можат да стекнуваат правото на сопственост на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија„ член 246 ст.1 наместо по примерот на голем број на држави кои имаат полиберален пристап кон оваа проблематика,за жал кај нас постои апсолутна забрана.
Оттука, според моето мислење наведената одредба е престрога, спротивна на член 8 став 1 алинеите 3, 6, 11 каде како темелна вредност на уставниот поредок и базични уставни норми има израз на политичката филозофија на едно современо граѓанско општество. Темелните вредности на уставниот поредок ја осветлуваат концепцијата, структурата и содржината на Уставот. Во Република Македонија слободно е се што со Устав не е забрането.
Од друга страна, владеењето на правото подразбира дека сите акти на државните органи мора да бидат засновани на прописите содржани на највисокиот правен акт на државата-Уставот и подведување на сите органи на власта под Уставот и законот.
Не е случајно што Уставот како темелна вредност ја предвидува правната заштита на сопственост, која добива третманот на највисока правна заштита на истото рамниште, како и заштита на слободите и правата на граѓанинот.
И на крајот Уставот како посебна темелена вредност ја афирмира и набројува почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Со самото припаѓање и зачленување во меѓународни организации секоја држава ги прифаќа правилата и стандардите на однесување кои се изградени во таа заедница. Меѓународните правила постојат и ги обврзуваат субјектите на кои се однесуваат. Државите имаат недвосмислени обврски да прифаќаат определени правила од меѓународното право, а некои држави дури им даваат повисок статус отколку на сопствените прописи.
Исто така, наведената законска одредба е во спротивност со целиот дух на Законот за наследување, а особено член 5 од истиот закон, кој ги регулира наследните права на странци и кој гласи: „Странските државјани во Р. Македонија ги имаат истите наследни права како и државјаните на Р. Македонија, под услов на примена на начелото на реципроцитет“.
Од друга страна со наведениот принцип односно начело на реципроцитет во колизија е и членот 243 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права „Странски физички лица, државјани на државите членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија со наследување врз основа на тестамент.
Во наведениот став не се бара „реципроцитет„ а актуелниот закон за наследување како Lеx Specialis императивно го предвидува условот реципроцитет.
Исто така, наведеното законско решение е во колизија и со установата нужни наследници. Нужните наследници кои не се државјани на Република Македонија се исклучуваат од правото на наследување на земјоделско земјиште со оспорениот член. Во науката постојат неколку теории за оправданоста на нужното законско наследување. Тоа се: Теорија на премолчен фидеицомис; Теорија на семејна сопственост; Теорија на семејна солидарност и Теорија на алиментација.
Кај сите теории, се тргнува од тезата дека секој поединец е дел од семејниот столб и дека сите добра и благодети кои поединецот ги користи, се резултат на трудот на повеќе наследници. Па поради тоа оставителот е должен дел од својот имот да го остави на своите законски наследници. Во некои теории колективистичкиот принцип се јавува пред семејниот принцип на наследувањето. Во другиот дека имотот е резултат на трудот на повеќе генерации. Во друга, пак, теорија преовладува став дека имотот е дел од заедништвото на членовите на семејството, дека членовите на семејството се должни меѓусебно да се помагаат со другите членови на семејствот. И на крајот дел од теориите предвидуваат дека оставителот ја има обврската спрема определен круг на лица во однос на нивното издржување.
Од наведеното, проилзегува дека тежината на принципот на нужното наследување е резултат на семејната сопственост, семејната солидарност и обврска за издржување,меѓутоа за жал донесеното решение е во спротивност и со целиот институт нужни наследници во наследното право.
Втор проблем, според моето мислење е наследно правната положба на наследниците и положбата на наследницката заедница. Наследницката заедница настанува меѓу наследниците на оставителот, врз добрата што е предмет на наследувањето (communio incidents). Според нашата регулатива согласно со член 82 од Законот за сопственост и други стварни права, меѓу наследниците во наследничката заедница кои не се откажале од наследство до правосилноста на решението за наследување, настанува институт заедничка сопственост. Од тука, произлегува дека својството на наследник се стекнува по сила на законот во моментот на смртта на оставителот, а не во моментот кога лицето, евентуален претпоставен наследник, ќе даде изјава дека го прифаќа наследството на оставителот. Во законодавството клучен е моментот на смртта на оставителот. Според овој момент т.е. моментот на смртта на оставителот, е момент кога доаѓа до отварање на наследството и до преминување на оставината врз наследниците, составот на оставината, се определуват законските или тестаменталните наследници, се определува универзални и сингуларни наследници и според овој момент се цени способноста и достојноста на наследување. Значи оставината на оставителот преминува врз неговите наследници во моментот на неговата смрт. Во нашето право и други современи светски наследно-правни системи наследничката изјава нема конститутивен карактер. Наследник се сатнува во моментот на смртта на оставителот.
Според тоа, а имајќи го предвид изнесеното, се поставува прашањето што ќе се случи со правото, положбата и улогата на наследникот кој не е државјанин на Република Македонија во текот на наследничката заедница.
Од друга страна, доколку го прифатиме актуелното законско решение се поставува прашање што ќе се случи со правата на странските државјани чии што родител е државјанин на Република Македонија,кој во заедница со сопствен труд и средства допринел за зголемување на земјоделското земјиште, а нема право на наследување со што со ваквото законско решение се лишуваат од уставно и законското право на наследување кое што им припаѓа. Со ваквата одредба се загрозува темелната вредност, заштита на правото на сопственост. Судот односно нотарот како доверител на судот во оставинската постапка (Вонпроцесна постапка) има декларативна улога, односно утврдува дека одредено лице починало, дека одредено лице оставило или не оставило движен или недвижен имот и ги утврдува законските или пак тестаменталните наследници.
Исто така, сметам дека законодавецот требало да има предвид дека во Македонија се уште имаме трајни заедница на живот. Под претпоставка на таква една заедница каде родителите стопанисуваат со имотот на заедницата, еден од наследниците не е државјанин на Р. Македонија, а кој со своите средства дадени во таква една заедница се оформува значителна површина на земјоделско земјиште, и е единствен наследник на родителот и по смртта на оставителот се огласува како единствен наследник, а целокупниот имот се состои од земјоделско земјиште,ќе се соочи со актуелното законско решение и не може да биде наследник. Или во случај што е присутно во селата во Република Македонија куќите да се изградени на земјоделско земјиште, кои куќи се градени со средства и допринос во заедницата токму од наследникот, а по смртта на оставителот наследникот кој нема државјанство на Р. Македонија поради фактот дека куќата му се наоѓа во земјоделско земјиште нема да може да стекнува право на сопственост на куќата која е изградена на земјоделското земјиште.
Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, на меѓународните акти и компаративните согледувања, силните аргументи за несогласност на оспорените одредби со Уставот и околноста што Судот не поведе постапка за оценување на уставноста, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за не поведување на постапката.
Судија на Уставен суд на Република Македонија,
Сали Мурати