У.бр.16/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 3 јуни 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).

2. Драган Пејиќ, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11, член 29 став 1, член 30 став 1 и 3, член 31 и член 118 од Уставот на Република Македонија, а истовремено била во спротивност и со член 5 од Законот за наследувањето, според кој странските државјани во Република Македонија ги имале, под услови на примена на начелото на реципроцитет, истите наследни права како и државјаните на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека забраната за стекнување на сопственост на земјоделско земјиште за законските наследници претставувала груба повреда, не само на основните слободи и права, туку и на природното право на секој човек да го наследува имотот од своите родители, а оспорената одредба, можела да се примени само во случај на стекнување на сопственост на земјоделско земјиште преку купопродажен договор во кој Република Македонија ќе го штити својот национален интерес. Истата одредба, им го скратувала правото на странските државјани кои се законски наследници на имотот, да уживаат слободи и права загарантирани со Уставот и на кој имот требало да ги имаат истите наследни права како и македонските државјани.

На крајот, се предлага оспорената одредба да се поништи, а до донесувањето на конечната одлука, да се донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одредбата чија уставност се оспорува.

3. Судот на седницата утврди дека според член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, странски физички и правни лица не можат да стекнуваат право на сопственост на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија.

4. Според член 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11 од Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 29 став 1 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Со член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, додека според став 3 од истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Член 31 од Уставот предвидува дека странско лице во Република Македонија може да стекнува право на сопственост под услови утврдени со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Член 118 од Уставот нормира дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.

Со Законот за сопственост и други стварни права се уредуваат правото на сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот (член 1).

Член 2 од Законот определува дека право на сопственост можат да стекнуваат сите домашни и странски физички и правни лица, вклучувајќи ја и државата и единиците на локалната самоуправа, под услови и на начин предвидени со овој и друг закон.

Според член 6 од Законот, се гарантира правната заштита на сопственоста.

Според член 7 од овој закон, стекнувањето, заштитата и престанокот на правото на сопственост и на другите стварни права се уредуваат со закон.

Согласно член 12 став 1 од Законот, предмет на правото на сопственост се сите ствари, коишто можат да припаѓаат на физички и правни лица, освен оние што според својата природа или врз основа на закон не можат да бидат предмет на ова право.

Со член 13 став 4 од Законот е определено дека недвижни ствари, во смисла на овој закон, се земјиштата (земјоделски, градежни, шумски и пасишта) и зградите, како и инсталациите подигнати врз нив или под нив и трајно споени со нив, ако поинаку не е определено со закон.

Според член 16 став 1 од Законот, сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, стварите во општа употреба, градежното земјиште, шумите и земјоделското земјиште, пасиштата и водите, како и стварите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се ствари (добра) од општ интерес за Републиката. Според став 2 од истиот член, стварите кои врз основа на Уставот или со посебни закони се прогласени за ствари од општ интерес за Републиката можат да бидат предмет на правото на сопственост на државата односно на физички и правни лица. Согласно следниот став, облиците на сопственост врз градежното, земјоделското и шумското земјиште, пасиштата и водите се уредуваат со посебни прописи.

Правните основи за стекнување на правото на сопственост се утврдени во член 112 став 1 и 2 од овој закон. Според став 1, право на сопственост се стекнува според закон врз основа на правна работа и со наследување, додека според став 2 од истиот член, право на сопственост се стекнува и со одлука на надлежен државен орган, на начин и под услови определени со закон.

Стекнувањето на сопственост со наследување е уредено со член 153 од Законот. Според став 1 од овој член, правото на сопственост на ствар се стекнува со наследување во моментот на отворање на наследството на имотот на умрениот, ако со закон поинаку не е определено.

Законот за сопственост и други стварни права содржи посебен дел (Дел четврти), кој е насловен „Стварни права на странски лица“ (член 240 до член 252 – а).

Согласно член 240 од Законот, одредбите на овој закон се применуваат и на странски физички и правни лица, освен ако со закон или меѓународен договор поинаку не е определено.

Според член 241 став 1 од овој закон, како странско физичко лице, според овој закон, се смета она физичко лице кое нема државјанство на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено. Според став 2 од истиот член, како странско правно лице, според овој закон, се смета она правно лице кое има регистрирано седиште надвор од територијата на Република Македонија, освен ако со закон поинаку не е определено.

Член 242 предвидува дека странските физички и правни лица можат да стекнуваат право на сопственост врз подвижни ствари како и домашните лица.

Стекнувањето право на сопственост на странските лица врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија по пат на наследување е уредено со член 243 (став 1 – 3) од Законот. Според став 1 од овој член, странски физички лица државјани на државите кои не се членки на Европската Унија и Организација за економска соработка и развој (во натамошниот текст: ОЕЦД), можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет, како и државјаните на Република Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено. Согласно став 2 од истиот член, странски физички лица, државјани на државите-членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија. Со став 3 од истиот член, е уредено дека странски правни лица, можат под услови на реципроцитет, да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија со наследување врз основа на тестамент.

Стекнувањето на права на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на странските лица на територијата на Република Македонија е уредено во член 244 став 1 и 2 од Законот. Според став 1, странски физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија. Според став 2 пак, странски физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Македонија, како и државјаните на Република Македонија под исти услови на реципроцитет.

Стекнувањето на стварни права на градежно земјиште на странските лица на територијата на Република Македонија е уредено со член 245 став 1 и 2 од Законот. Според став 1, странски физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Македонија под исти услови како и домашни правни и физички лица државјани на Република Македонија. Според став 2, странски физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет.

Стекнувањето на стварни права на земјоделско земјиште на странски физички и правни лица е уредено со член 246 од Законот. Според оспорениот став 1 од овој член, странски физички и правни лица не можат да стекнуваат право на сопственост на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија. Согласно став 2 од истиот член, странски физички и правни лица можат под услови на реципроцитет да стекнуваат право на долготраен закуп на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија, врз основа на согласност од министерот за правда, по претходно прибавено мислење на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот за финансии.

Член 250 предвидува дека странско лице не може да биде сопственик на недвижност, која поради заштита на интересите и безбедноста на Република Македонија, со закон е прогласена за подрачје на кое странски лица немаат право на сопственост, освен ако со закон поинаку не е определено.

Со член 251 од Законот се предвидува дека странски физички и правни лица можат со правни дела да го пренесат правото на сопственост на домашни лица, како и на странско лице кое може да стекне право на сопственост.

Според член 5 став 1 од Законот за земјоделското земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 135/2007, 17/2008, 18/2011, 42/2011, 148/2011, 95/2012, 79/2013, 87/2013, 106/2013, 164/2013, 39/2014, 130/2014, 166/2014 и 72/2015), земјоделско земјиште, во смисла на овој закон, се нива, градина, овоштарници, лозја, маслинарници, други долгогодишни насади, ливади, пасишта, мочуришта, трстици, рибници, нива под оранжерии, нива под помошни објекти, нива под објект за примарна обработка на земјоделски производи, како и земјиште во функција за потребите на користење на оранжериите, помошните објекти и објектите за примарна обработка на земјоделски производи, како и друго земјиште кое се користи или не се користи (необработливо земјиште), а кое со примена на агротехнички и агромелиоративни и хидромелиоративни мерки може да се оспособи за земјоделско производство.

Согласно член 1 од Законот за наследувањето („Службен весник на Република Македонија“ бр. 47/1996), наследното право во Република Македонија се остварува според одредбите на овој закон.

Според член 2 од овој закон, можат да се наследуваат предмети и права што им припаѓаат на поединци.

Според член 5 од Законот, странските државјани ги имаат во Република Македонија, под услови на примена на начелото на реципроцитет, истите наследни права како и државјаните на Република Македонија.

Согласно член 120 став 1 од Законот, со смртта на едно лице се отвора неговото наследство, а согласно став 2 од истиот член, истото дејство го има и прогласувањето на едно лице за умрено.

Член 127 од Законот определува дека оставината на умрено лице преминува, по силата на законот, врз неговите наследници во моментот на неговата смрт.

Согласно Резолуцијата бр. 1803 на Генералното собрание на Обединетите нации од 14 декември 1962 година, народите и државите имаат право на постојан суверенитет врз нивните природни богатства и ресурси коj треба да се остварува во интерес на националниот развој и благосостојбата на граѓаните на државата (точка 1 од Резолуцијата).

Согласно Резолуцијата бр.3201 на Генералното собрание на Обединетите нации од 1 мај 1974 година, новиот меѓународен еконономски поредок треба да се засновува врз целосно почитување, меѓу другото и на принципот дека секоја држава има целосен постојан суверенитет врз своите природни ресурси и сите економски активности. Со цел да се штитат овие ресурси, секоја држава има право да остварува целосна ефективна контрола врз нив и нивното искористување со средства кои одговараат во нејзината ситуација, вклучувајќи го правото на национализација или префрлање на сопственоста на нејзините државјани, како право преку кое се изразува целосниот постојан суверенитет на државата. Ниедна држава не може да биде подложена на економска, политичка или друг вид на присилба за да се спречи слободното и целосното остварување на ова неотуѓиво право (точка 4, потточка е од Резолуцијата).

Според член 17 став 1 од Универзалната декларација за правата на човекот, секој човек има право на сопственост, како самостојно, така и заедно со други. Според став 2 од истиот член, никој не може да биде произволно лишен од неговата сопственост.

Според член 1 став 1 од Протоколот број 1 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи (Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи), секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право. Според став 2 од истиот член, претходните одредби не навлегуваат во правото на државите да донесуваат закони кои ги сметаат за неопходни за регулирање на користењето на имотот согласно општиот интерес или заради сигурно плаќање на данокот, другите придонеси и парични казни.

Имајќи го во предвид погоре изложеното, недвосмислено произлегува дека оспорената одредба од член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11, член 29 став 1, член 30 став 1 и 3, член 31 и член 118 од Уставот на Република Македонија, а поради причините наведени подолу.

Правното уредување на стекнувањето, остварувањето и престанокот на правата врз недвижностите кои се дел од територијата на една држава е ексклузивна надлежност на државата, чија власт се остварува на таа територија. Ова е согласно начелото на сувереност на државите како основно начело на меѓународното право, имајќи во предвид дека територијата на државата е еден од трите конститутивни елементи на државата, покрај власта и населението, а правното уредување е еден од облиците преку кој се остварува сувереноста на државата.

Ова начело е уште поизразено кога се работи за недвижности кои се природни ресурси (какво што е и земјоделското земјиште), над кои државите имаат суверено право да одлучуваат за правниот режим кој ќе се применува над нив, а што исто така е признаено од меѓународното право.

Притоа, државите не се апсолутно неограничени во правното уредување на правата врз недвижностите, туку секогаш треба да ги почитуваат цивилизациските стандарди за правото на сопственост воспоставени со изворите на меѓународното право, а кои во основа се однесуваат на неговото остварување и заштита од правно неосновани дејствија на јавно-правните тела. Тоа значи дека правилата кои ги донесуваат државите, не можат да бидат правен основ за повредување на овие стандарди.

Такви стандарди се: секое физичко и правно лице има право на мирно уживање (располагање) со сопственоста; право на нелишување од сопственоста (во смисла на неповредливост на сопственоста од јавно – правни зафаќања кои се самоволни и кои не преминуваат преку одредена граница во исполнувањето на општите интереси); и право на лишување од сопственоста само во јавен интерес под точно определени услови предвидени во закон и со општите принципи на меѓународното право.

Оспорената одредба од член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права е остварување на надлежноста на државата за правно уредување на правата врз недвижностите на нејзина територија кои истовремено се и природни ресурси, во делот на уредувањето на стекнувањето на (стварни) права врз тие недвижности.

Со неа се регулира дека правото на сопственост не може да се стекне од страна на одредени субјекти (странски физички и правни лица), над одреден вид на недвижност (земјоделско земјиште), што резултира со ситуација кога правото на сопственост не постои. Поради ова, таа не може да се смета како правен основ за попречување во мирното уживање (располагање) со сопственоста или лишување од сопственост преку јавно-правни зафаќања кои се самоволни и кои преминуваат преку одредена граница во исполнувањето на општите интереси, односно не е правен основ за лишување од сопственоста без постоење на јавен интерес.

Стандардите кои се погоре наведени, се применуваат кога правото на сопственост постои и се остварува. Според тоа, се штити само постоечко право, но не и правото да се стекнува сопственост inter vivos или mortis causa. Уште повеќе, со нив не се гарантира стекнувањето на правото на сопственост за субјектите, бидејќи правилата за стекнување на ова право ги пропишуваат самите држави, како што е впрочем и овде случај.

Според тоа, одредбата од член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права не ја повредува темелната вредност на уставниот поредок – почитување на општо прифатените норми на меѓународното право од член 8 став 1 алинеја 11 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, оспорената одредба не ја повредува ниту темелната вредност на уставниот поредок – правна заштита на сопственоста од член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија.

Имено, значењето на оваа темелна вредност е дека правниот поредок треба да ги гарантира и уреди начините на интервенција за заштита од евентуалните повреди на постојните сопственичко – правни односи, со цел да им се овозможи на носителите на правото на сопственост непречено вршење на сопственичко – правните овластувања.

Законот за сопственост и други стварни права, содржи одредба со која се гарантира правната заштита на сопственоста (член 6), но истовремено содржи и одредби со кои се предвидени правни средства за заштита на правото на сопственост (членови 156 – 163, оддел 5 насловен како „Заштита на правото на сопственост“).

Оспорената одредба не е систематизирана во овој оддел од Законот, ниту пак според својот предмет на уредување се однесува на гарантирањето и уредувањето на начините на интервенција против евентуалните повреди на постојните сопственичко-правни односи или го негира гарантирањето на правната заштита како темелна вредност и/или го забранува користењето на правни средства за заштита на сопственоста.

Уставното гарантирање на правото на сопственост и правото на наследување од став 1 од член 30 од Уставот, значи преземање на обврска од страна на државата, преку своите органи, да им овозможи на носителите на овие права, нивно остварување и правна заштита. Во делот на законодавната власт, ова значи дека државата има обврска да донесе закони со кои би пропишала правила за остварување и правна заштита на правото на сопственост и правото на наследување.

Уставната одредба од став 3 од истиот член, ги гарантира условите под кои правото на сопственост (не и правото на наследување, како што се наведува во иницијативата) може да биде одземено или ограничено. Имено, одредбата во начело го забранува одземањето или ограничувањето на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, но истовремено предвидува и исклучок кога може да дојде до одземање или ограничување – само кога се работи за јавен интерес кој треба да биде утврден со закон. Според тоа, законодавецот, при пропишувањето на правилата за остварување на правото за сопственост, единствено може да предвиди негово одземање, односно ограничување врз основа на јавен интерес кој исто така ќе биде утврден со закон.

Оспорената одредба не го регулира остварувањето на правото на сопственост и неговата правна заштита, туку се однесува на условите под кои одредени субјекти не можат да се стекнат со истото. Како таква, таа не влегува во рамките на уставните гаранции од став 1 и 3 од член 30 од Уставот на Република Македонија.

Од друга страна, неосновани се наводите во иницијативата, дека преку оспорената одредба странските државјани се лишувале a priori од правото на наследување кое се стекнувало со смртта на оставителот, а следствено на тоа се лишувале и од правото на сопственост, кое согласно горецитираните одредби, не можело да се одземе или ограничи, освен кога се работело за јавен интерес утврден со закон, па согласно ова, истата не била во согласност со уставните одредби кои го гарантираат ова.

Имено, правото на сопственост и правото на наследување се субјективни граѓански овластувања од имотно-правен карактер. Првото, значи овластување за носителот на ова право, одредена ствар да ја држи, целосно користи и да располага со неа, а второто е овластување за определено лице да ја стекне оставината на определен оставител, во целост или делумно, во случај на смрт на тој оставител, при што лицето се стекнува со ова право во моментот на смртта на оставителот, односно со неговото прогласување за умрен.

Видовите на субјективни граѓански овластувања, начините и условите на нивно стекнување, нивната содржина и ограничувањата, како и начините и условите за нивен престанок, се утврдуваат од страна на објективното право. Според тоа, тие не се категорија која постои претходно, а објективното право има само задача да ги признае како права кои дотогаш постоеле, туку се стекнуваат и остваруваат единствено врз основа на условите кои се претходно пропишани од страна на објективното право.

Конкретно, тоа значи дека странските државјани ќе можат да станат носители на правото на сопственост и правото на наследување, само откако објективното право ќе ги утврди случаите и условите за стекнување со овие права.

Од друга страна пак, кога објективното право ќе пропише дека одредени субјекти не можат да се стекнат со одредено субјективно граѓанско овластување, тоа не може да се смета за ограничување или лишување од таквото субјективно граѓанско овластување, од причина што не може да се ограничи или одземе нешто што не постои.

Законодавецот со оспорената одредба пропишал дека странските лица не може да се стекнат со правото на сопственост врз земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија. Притоа, неможноста за стекнување со право на сопственост врз земјоделско земјиште согласно оваа одредба е општа, односно правото на сопственост не може да се стекне по ниту еден од основите за стекнување на сопственост утврдени во член 112 став 1 и 2 од Законот за сопственост и други стварни права (врз основа на закон, правна работа, наследување и одлука на надлежен орган на начин и под услови определени со закон).

Имено, она што може да се наследи се предмети и права што им припаѓаат на поединци (член 2 од Законот за наследувањето). Оваа законска норма значи дека можат да се наследуваат предмети и права кои припаѓале на оставителот во моментот на смртта, но и истовремено тие предмети и права да може да преминат на лица на кои може да им припаѓаат тие предмети и права, односно да можат да бидат носители на тие права и правата врз тие предмети.

Согласно објективното право, странските државјани не можат да се стекнат со правото на сопственост на земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија по ниту еден основ и да бидат негови носители, во случаите кога во оставината влегува вакво земјиште кое е сопственост на оставителот, а странски државјани се законски наследници, во моментот на смртта на оставителот, правото на сопственост врз ова земјиште не може да премине врз законските наследници.

Во поткрепа на наводите во иницијативата, како аргумент се посочува дека нашето законодавство предвидувало странските државјани во Република Македонија, под услови на примена на начелото на реципроцитет, да имаат исти наследни права како и државјаните на Република Македонија, а согласно член 5 од Законот за наследувањето.

Странските државјани ќе бидат носители на наследни права, само кога објективното право претходно ќе предвиди дека може да бидат носители на облигационо или стварно право.

Поаѓајќи од сето ова, произлегува дека со оспорената одредба не се повредуваат уставните гаранции од ставовите 1 и 3 од член 30 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на права кои се стекнале, односно со нив не им се гарантира стекнувањето на правото на сопственост и правото на наследување. Истовремено, со неа не се повредува уставната гаранција за забрана за одземање и ограничување на правото на сопственост, од причина што се работи за одредба која го уредува стекнувањето со ова право.

Оспорената одредба е во согласност со член 29 став 1 од Уставот на Република Македонија според која странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори.

Според наведената уставна одредба, странците во Република Македонија ги имаат оние уставни слободи и права, кои државата еднострано ги определила за нив со закон или ги прифатила со двостран или повеќестран меѓународен правен акт, а не сите слободи и права на граѓаните на Република Македонија. Исто така, според цитираната уставна норма законодавецот воопшто нема обврска да пропишува еднакви услови за остварување на одделни слободи и права за странците кои се резервирани за граѓаните – државјани на Република Македонија и на тој начин да ги стави во еднаква, односно рамноправна положба со нив.

Законот за сопственост и други стварни права, во член 2, предвидува дека покрај домашните и странските физички и правни лица можат да стекнуваат право на сопственост, под услови и начини предвидени со овој и друг закон.

Притоа, законодавецот со овој закон ги изедначил странските физички и правни лица со домашните лица во стекнувањето на сопственост на подвижните ствари (член 242); понатаму, странските физички лица државјани на државите кои не се членки на Европската Унија и ОЕЦД, можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет, како и државјаните на Република Македонија, ако со меѓународен договор поинаку не е определено (член 243 став 1); странските физички лица, државјани на државите членки на Европската Унија и на ОЕЦД, можат со наследување да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија (член 243 став 2); и странските правни лица, можат под услови на реципроцитет, да стекнуваат права на сопственост врз недвижни ствари на територијата на Република Македонија со наследување врз основа на тестамент (член 243 став 3).

Исто така, предвидел странските физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската Унија и на ОЕЦД, да можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Македонија под исти услови како и државјаните на Република Македонија (член 244 став 1); странските физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската Унија и на ОЕЦД, да можат да стекнат право на сопственост на стан, станбена зграда и деловен простор на територијата на Република Македонија, како и државјаните на Република Македонија под исти услови на реципроцитет (член 244 став 2).

Понатаму, странски физички и правни лица резиденти на држави членки на Европската Унија и на ОЕЦД, да можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Македонија под исти услови како и домашни правни и физички лица државјани на Република Македонија (член 245 став 1); и странски физички и правни лица резиденти на држави кои не се членки на Европската Унија и на ОЕЦД, да можат да стекнат право на сопственост и право на долготраен закуп на градежно земјиште на територијата на Република Македонија под услови на реципроцитет. (член 245 став 2).

Од друга страна, странските физички и правни лица не можат да стекнуваат право на сопственост на земјоделско земјиште (член 246 став 1) и странско лице не може да биде сопственик на недвижност, која поради заштита на интересите и безбедноста на Република Македонија, со закон е прогласена за подрачје на кое странски лица немаат право на сопственост, освен ако со закон поинаку не е определено (член 250).

Со последните две цитирани одредби од Законот, од кои едната се оспорува, законодавецот предвидел две ситуации кога правото на сопственост на странските лица не им е достапно, односно не може да се стекнат со него, иако Законот содржи одредби исто така цитирани погоре, според кои странските лица во други ситуации може да се стекнат со ова право и се изедначени со домашните државјани.

Уставот на Република Македонија, во член 31 предвидува можност за странско лице да стекнува право на сопственост во Република Македонија.

Утврдувањето на условите за стекнување на право на сопственост на странско лице во Република Македонија е во надлежност на законодавецот, што неспорно произлегува од истата одредба од Уставот, која предвидува условите за стекнување на право на сопственост на странско лице да се утврдат со закон.

Според тоа, законодавецот има целосна слобода во тоа какви услови за стекнување на сопственост на странските лица ќе пропише, дали ќе го ограничи или услови стекнувањето на правото на сопственост над одреден вид на ствари, дали ќе предвиди можност за стекнување на други стварни права, покрај правото на сопственост (на пример, право на долготраен закуп на земјоделското земјиште од член 246 став 2 од Законот за сопственост и други стварни права) итн.

Истовремено, законодавецот со оспорената одредба не ги става странските лица во нерамноправна положба од причини што Уставот на Република Македонија различно ги третира странците во однос на домашните државјани, што значи дека постои уставен основ за нивно различно третирање со закон и му доделува право на законодавецот слободно да оцени под кои услови странско лице може во Република Македонија да стекне право на сопственост, без обврска да ги изедначи со домашните државјани во стекнувањето со ова право.

Кон ова, преку пропишувањето за неможност за стекнување со сопственост на странските лица врз земјоделско земјиште на територијата на Република Македонија се изразува јавниот интерес бидејќи се работи за добро од општ интерес и природен ресурс кој има значаен удел во економската активност на државата. Јавниот интерес се состои во тоа, ваквото добро да остане во сопственост на домашните субјекти кои со државата имаат воспоставено правна врска од јавно-правен карактер (кај физичките лица тоа е државјанството, додека кај правните лица тоа е нивната припадност), а да се ограничи за странските лица кои ја немаат воспоставено ваквата правна врска.

Ваквиот јавен интерес е единствено можно да се исполни преку закон, бидејќи стекнувањето на правото на сопственост се уредува со закон, при што се почитувани сите норми на меѓународното право во однос на правото на сопственост и со оспорената одредба не се ограничуваат или одземаат права.

Имајќи во предвид дека оспорената одредба од член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права не е во спротивност со ниту една од одредбите од Уставот на Република Македонија кои се наведени во иницијативата, во конкретниот случај не е повредена темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеење на правото, во смисла на несогласност на законска одредба со Уставот на Република Македонија.

Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност со член 5 од Законот за наследувањето, истите не може да бидат предмет на уставно-судска оцена, од причина што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува дали една законска норма е во несогласност со друга законска одредба, туку е надлежен да одлучува единствено за согласноста на законите со Уставот (член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија).

Бидејќи оспорената одредба од член 246 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11, член 29 став 1, член 30 став 1 и 3, член 31 и член 118 од Уставот на Република Македонија, барањето за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија е неосновано.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.16/2014
3 јуни 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Mакедонија,
Елена Гошева

Издвоени мислења по предметот У.бр.16/2014