Издвоено мислење по предметот У.бр.52/2022

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019 и 256/2020), по гласањето против Решението У.бр.52/2022 со кое Уставниот суд, на седницата одржана на 21 февруари 2024 година, одлучи да ja отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ – Општина Карпош – Скопје бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013), донесена од Советот на Општина Карпош, писмено го образложувам моето несогласување со следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. Даниел Георгиевски од Скопје, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметниот детален урбанистички план со наводи дека Одлуката со која е донесен истиот не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10, член 43 и член 51 од Уставот, како и со член 28 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со член 65 од Законот за животната средина. Според подносителот, Општина Карпош направила повеќе пропусти при донесување на оспорената одлука и издвојува дека доносителот на актот, на својата веб-страница, не ја објавил Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и соодветниот формулар, што е обврска предвидена во Законот за животната средина. Во прилог на ова свое тврдење, подносителот доставува докази – извадоци од сите одлуки објавени на огласната табла на Општина Карпош во периодот пред објавување на јавна анкета, до донесување на предметниот детален урбанистички план (29.01.2013 – 31.12.2013 година). Со необјавувањето на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, според подносителот, на граѓаните им се оневозможува правото на жалба коешто е гарантирано со член 65 став 11 од Законот за животната средина. Поради наведеното, со иницијативата се бара Судот да донесе решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и се предлага Судот да донесе и решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

2. Уставниот суд, на седницата одржана на 21 февруари 2024 година, со мнозинство гласови одлучи да ја отфрли иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на оспорениот детален урбанистички план со следните аргументи „Што се однесува до наводите содржани во иницијативата, а се однесуваат на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ – Општина Карпош – Скопје бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013), од уставно-судската пракса произлегува дека по повод иницијатива поднесена од истиот подносител, Судот веќе одлучувал за предметната Одлука. Имено, со Решението У.бр. 83/2015 од 31 мај 2016 година, Судот ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметната Одлука и утврди дека оспорената одлука не е во правниот поредок, односно во конкретниот случај донесена е нова Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје, заведена под број 09-89/2, објавена во („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.2/2016), со која е донесено ново урбанистичко решение за предметните парцели кои биле опфатени со оспорената одлука. Со оглед дека Судот веќе одлучувал за оспорената Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ – Општина Карпош – Скопје бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013), во конкретниот случај оцени дека се исполнети условите за примена на одредбата од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата, поради тоа што за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.”

3. Како судија-известител по предметот, врз основа на член 18 став 4 од Деловникот на Судот, во текот на претходната постапка остварив средба со претставници на Општина Карпош, а за фактичката состојба поврзана со овој предмет го известив Судот и на стручен колегиум.

По направената уставно-судска анализа, во рефератот за седницата која се одржа на 11.01.2023, на Судот му предложив алтернативен предлог „Судот да поведе или Судот да не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорената Одлука“, односно Судот мериторно да се произнесе за суштината на прашањето коешто се поставува во иницијативата. Причината за алтернативниот предлог е фактот што при испитувањето на фактичката состојба не добив уверлив и неспорен доказ, ниту од подносителот на иницијативата, ниту од доносителот на актот во однос на суштината на работата – дали Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, е објавена или не, на веб- страницата на Општината со цел да се овозможи правото на жалба на истата кое е гарантирано со член 65 став 11 од Законот за животната средина.

Независно од алтернативните предлози, мојот конечен предлог беше „да не се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметната Одлука“ од причина што од донесувањето на оспорениот детален урбанистички план беа поминати 12 години, и од информациите добиени од претставници на Општината, Деталниот урбанистички план во голема мера веќе бил реализиран. Но, предлогот не го доби потребното мнозинство гласови. По комплетирањето на судискиот состав, на седницата одржана на 21.02.2024 година, предметот повторно беше изнесен пред Судот во фаза на гласање, а мнозинството судии одлучи иницијативата да биде отфрлена.

Во продолжение се образложени клучните разлики помеѓу мојот и ставот на мнозинството судии, со објаснување за каква апсурдна ситуација станува збор. Имено, мнозинство судии својот став за отфрлање на конкретната иницијатива, во текот на расправата и при одлучувањето го темелеше на Решението У.бр. 83/2015 од 31 мај 2016 година, со кое Судот одлучувал за истата одлука со која е донесен Деталниот урбанистички план за градска четврт „З 05“ помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ – Општина Карпош – Скопје бр. 07-7546/4 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013) и притоа ја отфрлил иницијативата врз основа на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, оценувајќи дека постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата со следното образложение „Со оглед на тоа дека од страна на Судот беше направен увид на веб-страната на Советот на Општина Карпош за донесени детални урбанистички планови за 2016 година и се констатира дека Општината има донесено ново урбанистичко решение за предметните парцели кои се опфатени со оспорената одлука. На 10 мај 2016 година со писмо заведено под број 09-1125/11 доставено од страна на Советот на Општина Карпош, Судот е известен дека е донесена нова Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 5 јануари 2016 година заведена под број 09-89/2 и истата е објавена во („Службен гласник на општина Карпош“ бр.2/2016). Судот оценувајќи ја постапката за донесување на конкретниот урбанистички план од аспект на наводите во иницијативата и прибавените и доставени докази утврди дека оспорената одлука не е во правниот поредок, односно во конкретниот случај донесена е нова одлука со која е донесено ново урбанистичко решение за предметните парцели кои биле опфатени со оспорената одлука”.

Но, според мое длабоко уверување, Судот во наведеното решение направил сериозен превид при утврдувањето на фактичката состојба. Имено, точно е дека Советот на Општина Карпош донел нова Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8 Септември“ бул.„Партизански одреди“ и ул.„Љубљанска“ Општина Карпош – Скопје, на 5 јануари 2016 година, заведена под број 09-89/2 и истата е објавена во „Службен гласник на општина Карпош“ бр.2/2016. Но, превидот што Судот го направил е што Одлуката на која се повикува и за која смета дека претставува „ново урбанистичко решение со кое оспореното во оваа иницијатива се става надвор од правниот поредок“, всушност претставува урбанистичко решение кое не се однесува за целиот плански опфат на градска четврт „З 05“, туку само на три блока, дел од таа Градска четврт – блоковите 1, 5 и 8. Од увидот во „Службен гласник на општина Карпош“ бр.2/2016 јасно е дека Одлуката која ја донел Советот на Општина Карпош гласи „Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт „3 05“, опфат помеѓу: бул.„Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и „Љубљанска“, блок 1, блок 5 и блок 8, Општина Карпош-Скопје, бр. 09-89/2 од 05.01.2016 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.2/2016)”. Со оваа одлука во суштина Советот на Општина Карпош донел ново урбанистичко решение само за блок 1, 5 и 8 од градска четврт З 05, што значи дека за остатокот од опфатот на Деталниот урбанистички план, Одлуката од 2013 година е во сила. Ново решение има само за трите блока. Од насловот на втората одлука недвосмислено произлегува дека покрај определените граници, ги содржи и зборовите „Блок 1, Блок 5 и Блок 8“ што, исто така, е пренесено и во член 1 од Одлуката со кој се утврдува предметот на уредување на истата. Дополнително, за разлика од првата одлука од 2013 та година, која со член 2 став 2 утврдува дека површината на урбаниот опфат изнесува 63.20 ха, втората одлука на Советот на Општина Карпош која се однесува само на блоковите 1, 5 и 8, со член 2 став 2 утврдува дека површината на урбаниот опфат изнесува 32.73 ха.

Оттука, Судот со Решението У.бр. 83/2015 од 31 мај 2016 година погрешно оценил дека целиот детален урбанистички план е надвор од правен поредок и одлучил да ја отфрли иницијативата. Ваквиот пропуст дополнително се мултиплицира и создава сериозен проблем во владеењето на правото и правната сигурност на субјектите на правото бидејќи со Одлуката У.бр. 135/2017 од 5 декември 2018 година, Судот ја укинал Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт „3 05“, опфат помеѓу: бул.„Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и „Љубљанска“, блок 1, блок 5 и блок 8, Општина Карпош-Скопје, бр. 09-89/2 од 05.01.2016 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.2/2016), бидејќи Судот констатирал дека не е во целост запазена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Како резултат на ваквата одлука на Судот, моменталната фактичка состојба е дека за наведените три блока од градска четврт „3 05“, од 5 декември 2018 година до овој момент не постои урбанистичко решение. Тоа значи дека Општината не можела да презема дејствија и да издава поединечни акти како одобренија за градби за блок 1, блок 5 и блок 8 од градска четврт „3 05“, бидејќи со укинувачката одлука на Судот не се „оживува” претходното урбанистичко решение, односно не се става повторно во сила претходно важечкото урбанистичко решение. Од друга страна пак, спротивно од утврдената фактичка состојба од страна на Судот во Решението У.бр. 83/2015 од 31 мај 2016, кое како последица се пресликува и во погрешно утврдена фактичка состојба од страна на Судот во конкретното Решение У.бр.52/2022 од 21 февруари 2024 година, недвосмислено произлегува дека за останатиот дел од планскиот опфат на градска четврт З 05 (освен за блоковите 1, 5 и 8) во сила е урбанистичкото решение донесено со Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013).

Ваквата констатација е потврдена од страна на Општината, во одговорот број 11-7610/2, 09-5174/1 од 18.10.2022, но и при средбата со претставниците од Општина Карпош.

Во поткрепа на наведеното е и заклучокот на овој суд во Одлуката У.бр.81/2022 од 21.09.2023 година каде се наведува „Врз основа на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Советот на Општина Карпош донел Детален урбанистички план за градска четврт З 05 со Одлуката бр.07-7546/4 од 06.11.2013 година, кој сè уште е во сила, што упатува и на фактот дека истиот е усогласен со Генералниот урбанистички план“.

Оттука, и покрај моите укажувања за направениот превид, за фактичката состојба поврзана со овој предмет и на стручен колегиум, и при расправата пред Судот, сепак мнозинството судии одучи да ја отфрли иницијативата. Уставниот суд има уставно определена надлежност и должност да го чува Уставот и неговите највисоки вредносни определби и цели. Во конкретниот случај одлуката на мнозинството судии која се темели на погрешно утврдена фактичка состојба и пропуст на Судот, не може да биде одлука која дава придонес во правната сигурност како фундаментално начело во владеењето на правото. Напротив, според мое уверување и двете одлуки на Судот, и Решението У.бр.83/2015 од 31 мај 2016 година и Решението У.бр.52/2022 од 21 февруари 2024 година, ја повредуваат темелната вредност на нашиот уставноправен поредок – владеењето на правото. Апсурд, кој наместо правна сигурност имплицира правна несигурност е и самиот факт што Судот во свои сопствени одлуки и решенија има различен пристап кон Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт З 05 помеѓу бул. „Илинден“, бул. „8-ми Септември“, бул. „Партизански одреди“ и ул. „Љубљанска“ – Општина Карпош – Скопје бр. 07-7546/4 од 06.11.2013 („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.12/2013). За Судот во Решението У.бр. 83/2015 од 31 мај 2016 година и Решението У.бр.52/2022 од 21 февруари 2024 година, Деталниот урбанистички план за градска четврт З 05 не е во правен промет, додека истиот Суд во Одлуката У.бр.81/2022 од 21.09.2023 година наведува дека истиот е во сила „Врз основа на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Советот на Општина Карпош донел Детален урбанистички план за градска четврт З 05 со Одлуката бр.07-7546/4 од 06.11.2013 година, кој сè уште е во сила, што упатува и на фактот дека истиот е усогласен со Генералниот урбанистички план“. Сметам дека вака продуцираната правна несигурност од страна на Судот прави дополнителна повреда на владеењето на правото, но и на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата. Ова од причина што во примената на Деталниот урбанистички план за градска четврт З 05, и покрај двете контроверзни и дијаметрално спротивни стојалишта на Судот, за Општина Карпош недвосмислено Деталниот урбанистички план за градска четврт З 05 донесен во 2013 година, сè уште е во сила, и тоа за целиот опфат, вклучително и за блоковите 1, 5 и 8 за кои Судот со Одлуката У.бр. 135/2017 од 5 декември 2018 година го укинал урбанистичкиот план.

Според сега важечкиот Закон за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.32/2020), согласно со член 23 став 1, урбанистичкиот план е на сила до донесување нов урбанистички план. А во ставот 2 од истиот член е утврдено ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине во целост, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на нов урбанистички план за истиот плански опфат по постапка од член 21 од овој закон, а ако одлуката за донесување на урбанистичкиот план се укине за дел од планот односно за одредени негови плански одредби, донесувачот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот по постапка од член 31 од овој закон.

Согласно, претходно наведеното, имајќи предвид дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, во конкретниот случај, непочитувањето на Одлуката на Судот У.бр.135/2017 од 5 декември 2018 година, и евентуалното постапување односно спроведување и реализација на Деталниот урбанистички план за градска четврт З 05 за блоковите 1, 5 и 8 од страна на Општина Карпош, а во услови на постоење на сега важечкото законско уредување од член 23 став 2 од Законот за урбанистичко планирање, според кое доносителот на планот е должен да отпочне постапка за изработување и донесување на изменување и дополнување на укинатиот дел од планот, што е неспорен факт со Одлуката У.бр.135/2017 од 5 декември 2018 година, несомнено би претставувало повреда на наведените уставни темелни вредности.

4. Во контекст на изнесеното, сметам дека Судот требаше правилно да ја оцени фактичката и правната состојба во врска со оспорената одлука и мериторно да одлучи, со аргументи во кои ќе го разјасни направениот пропуст и превид, но во никој случај да ја отфрли иницијативата.

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,

д-р Дарко Костадиновски

Конечно решение У.бр.52/2022