Издвоено мислење по предметот У.бр.92/2023

Во врска со поднесената иницијатива на политичката партија „Левица“ за поведување постапка за оцена на уставноста на член 4 став 1 точка 2 во делот „националноста“, член 11 став 1 точка 1 во делот „националност“ и член 13 став 1 во делот „националноста“ од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1995, 38/2022, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 129/2023), врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 година и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019 и 256/2020) по гласањето против предлогот содржан во Решението У.бр.92/2023 со кое Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучи да поведе постапка за оцена на уставноста на веќе наведените одреби од наведениот закон, писмено го образложувам моето несогласување со следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

По поднесената иницијатива на политичката партија „Левица“ за поведување постапка за оцена на уставноста на член 4 став 1 точка 2 во делот „националноста“, член 11 став 1 точка 1 во делот „националност“ и член 13 став 1 во делот „националноста“ од Законот за матичната евиденција („Службен весник на Република Македонија“ бр.8/1995, 38/2022, 66/2007, 98/2008, 67/2009, 13/2013, 43/2014, 148/2015, 27/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 129/2023) гласав против предлогот содржан во Решението У.бр.92/2023 со кое Уставниот суд на седницата одржана на ден 20 декември 2023 година, одлучи да поведе постапка за оценување на претходно наведените одредби од наведениот закон.

Со сиот почит кон ставот на мнозинството судии изнесен во Решението У.бр.92/2023, причините кои не се согласувам со Одлуката содржана во неведеното решение за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од наведениот закон, а кои ставови беа изнесени при расправата на XLV-та седница одржана на ден 20 декември 2023 година, ќе ги изнесам низ призмата на неколку аргументи.

Точно е и се согласувам со наводите изнесени во рефератот дека:
– изводот од матичната евиденција е јавна испраава;
– дека податоците внесени во изводите се лични податоци;
– дека Република Северна Македонија е потписник на голем број на Меѓународни договори и Конвенции за заштита на човековите права;
– точно е дека согласно член 4 став 1 точка 13 од Законот за заштита на лични податоци, етничкото потекло спаѓа во посебни категории на лични податоци.

Се согласувам дека според член 18 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани согласно со Уставот на Република Северна Македонија се дел од внатрешниот правен поредок и истите неможат да се менуваат со закон, бидејќи истите имаат сила на законот.

Меѓутоа, она што е мое мислење, поради што јас не се согласувам со мнозинството судии на Судот, за ставовите изнесени во решението, е следното:

Во член 8 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, децидно е наведено дека слободното изразување на националната припадност претставува темелна вредност на Уставниот поредок на Република Северна Македонија. Оваа одредба е јасна и прецизна. Со Законот за матична евиденција, поточно со оспорените одредби, ова право се операционализира, се реализира во стварноста.

Правото на националното изразување, кое е уставно загарантирано, е субјективно право и својство на секој граѓанин како индивидуа.

Тоа е бланкетна правна норма, коешто содржи право, а не обврска. Граѓанинот ќе се изјасни доброволно, ако сака, ако несака немора, ќе биде неизјаснет, никој на тоа неможе да го принуди. Лично право е на граѓанинот дали и на кој начин, во која форма (писмено или усмено) ќе ја изрази својата национална припадност.

За правото на националното изразување на човекот непостојат одредени услови, кои како обврска да бидат исполнети.

По мое мислење, право е на секој поединец, доколку сака да ја искаже својата национална припадност и пред државните органи, во било која форма усмена или писмена.

Тоа што изводите од матичнате книги на евиденција се јавни исправи незначи дека секој друг човек има право на увид во матичната евиденција врз личните податоци. Изводите се наменети за секое лице поединечно и истите се издаваат во постапка определена со Закон.

Ниедно лице неможе да земе извод од матичната служба за друго лице, доколку нема овластување.
Во член 60 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) определено е што претставува јавната исправа, а тоа е:

Во став 1: Секоја јавна исправа издадена во пропишана форма од страна на јавен орган во рамките на својата надлежност го докажува она што во неа се потврдува или определува. Ова, исто така се применува и кога исправата е обезбедена во електронска форма или во микрофилмска копија.

Според Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.42/2020), етничката или националната припадност спаѓа во делот на посебна категорија на лични податоци.

Иако Уставниот суд нема надлежност да постапува за тоа дали овие два закони се во меѓусебна согласност, сепак меѓу двата закони нема колизија. Ова од причина што никаде во Законот за заштита на личните податоци нема упатувачка норма да не се запишува националноста во изводите од матичната евиденција. Напротив при обработката на личните податоци се постапува во целосна согласност со истиот закон. Во членовите 28, 30, 32, 36, од наведениот закон предвидени се Контролор, Заеднички контролори и обработувач на личните податоци, како лица задолжени да постапуваат со личните податоци. Истите лица се должни при обработката на личните податоци во целост да постапуваат согласно наведениот закон, а во спротивно се одговорни согласно позитивните прописи за непочитувањето на законот.

Доколку се има во вид донесеното решение за поведување постапка, иако во истото се споменуваат повеќе меѓународни конвенции и протоколи за заштита на човековите права, сепак во нив никаде во ниту една одредба буквално нема посочено ниедна забрана за изразување на националната припадност во матичната евиденција. Ако се изврши и увид во истите, во сите нив ќе се констатира дека во истите, напротив, правото на изразување на националната припадност е загарантирано. Никаде во наведените договори нема забрана за да може гараѓанинот во една држава пред државните власти за свои потреби, писмено да ја изрази својата национална припадност. Впрочем нашиот уставотворец при носењето на Уставот на Република Северна Македонија, како највисок правен акт на нашата држава, ги имал во вид меѓународните договори и конвенции и истото право во членот 8 став 1 алинеа 2 од Уставот, го гарантирал како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Во конкртниот случај тоа е стекнато уставно право уште многу поодамна, а кое е операционализирано во членовите 4 и 12 од Законот за матичните книги објавен во „Службен весник на СРМ“ бр.6/73 година, од 12 април 1973 година и истотото право опстојувало до сега. Стекнатите права треба да се негуваат и да се надоградуваат, тоа се цивилизациски вредности на нашите граѓани.

Не се согласувам со наводите во Решението дека изразувањето на националната припадност е ирелевантно. За граѓаните кои сакаат писмено да се изјаснат, несмее истото право да се изјасни. Впрочем, такво право е предвидено и со Законот за кривична постапка, како и со Законот за парнична постапка, каде што судот ја прашува странката на која националност припаѓа, а со цел да му овозможи да го употреби во постапката јазикот на својата национална припадност. Види членови 93 до 97, член 230 и член 256 од Законот за парнична постапка. Во спротивно неприменувањето на овие одредби претставува апсолутна суштествена повреда на постапката, утврдена со член 343 став 2 точка 14 од Законот за парнична постапка.

По мое длабоко убедување во оспорената одредба нема принуда, како што е ставот на мнозинството судии на овој суд, тоа е оставено на добрата волја секој граѓанин кој сака да може да се изјасни или не.

Како личен податок истиот е доволно заштитен со веќе споменатиот Закон за заштита на личните податоци. Во истиот закон како што претходно е прецизно наведено, определено е кој и како да постапува со личните податоци. Наведена е и одговорноста на лицата кои ги обработуваат личните податоци.

Не се согласувам со мнозинството на судии, дека меѓународните договори коишто се ратификувани од нашата држава имаат поголема правна сила од законите. Тоа е произволно толкување бидејќи никаде не го пишува во Уставот. Меѓународните договори, со самото ратификување имаат својство на закон, поради кој факт неможат да се менуваат со друг закон.

На крајот, а во врска со хиерархијата на прописите, укажувам дека Уставот е јасен во член 110 во кој е наведено дека Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не дали законите се во согласност со меѓународните договори.

Судија на Уставниот суд,
м-р Фатмир Скендер

Конечно решение У.бр.92/2023