Издвоено мислење по предметот У.бр.64/2021

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), по гласањето против Одлуката на Уставниот суд У.бр.64/2021 од 13.09.2023 година, со која се укинува член 205 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 и 154/2023), писмено го образложувам следното издвоено мислење

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Северна Македонија решавајќи по иницијативата на Осигурување Македонија АД Скопје-Виена Иншуренс Груп од Скопје, застапувано од Игор Спировски, адвокат од Скопје, донесе Одлука, со мнозинство гласови, со која се укинува член 205 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019).

Во образлолжението на Одлуката Судот констатира дека со оспорениот член 205 од Законот за облигационите односи се повредени одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 6 со кои се гарантира владеењето на правото и правната заштита на сопственоста. Поаѓајќи од ваквите наводи во иницијативата Судот застана на стојалиште дека треба да се проблематизира целата содржина на член 205 од Законот за облигационите односи и тоа од уставно-правен аспект. Од содржината на член 205 од Законот произлегува дека се предвидува исклучок од општото правило кое е определено и санкционирано со одредбите на член 199 од истиот закон, според кои се уредува позната институција во облигацино-правните односи, станува збор за стекнувањето без основ. Според одредбите на овој член се предвидува обврска да се врати применото без основа или по основ што не се остварил или подоцна отпаднал, доколку бидат испонети условите пропишани во него. Од друга страна, тоа што е проблематично, а содржано во член 205 од наведениот закон е предвиденото дека „не може да се бара враќање на неосновано платени износи на име надомест на штета поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт, доколку исплата му е извршена на совесен прибавувач“. Уставниот суд во образложението на одлуката, исто така, утврдува дека со член 205 се повредува и правото на сопственост кое е санкционирано и во Уставот на Републиката, поточно одредбите од член 30 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Гласајќи против цитираната Одлука, најавив издвоено мислење и истото го образложувам како што следува. Со конкретната одредба содржана во член 205 од Законот за облигационите односи се уредува прашањето на надомест на штета. И уште поконкретно, се уредува прашањето на штетата причинета на оштетениот од страна на штетникот. Штета се причинува со повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт. Со истата одредба законодавецот, а поаѓајќи од правилата на правдата, предвидува дека не може да се бара „враќање на неосновано платени износи на име надомест на штета поради повреда на телото, нарушување на здравјето или смрт, доколку исплата е извршена на совесен прибавувач“.

Ако правилно се применува цитираната одредба, нејзината примена претпоставува исполнување на конкретни услови кои истата одредба ги санкционира. Условите се, прво, да е причинета штета на оштетениот со повреда на телото нарушување на здравјето или смрт; второ, исплата на досудениот износ за предизвиканата штета е извршена на оштетениот. Се разбира, тоа секогаш претпоставува дека исплата е извршена врз основа на правосилна и извршна одлука. Со исполнувањето на овие услови, оштетениот, согласно регулативата содржана во член 205 од Законот за облигациони односи се смета за совесен прибавувач.

Законодавецот овој случај го уредува на наведениот начин од причина што се работи за повреда на личните добра на оштетениот кои, заедно со другите лични добра, претставуваат составен дел на човековата личност. Понатаму, иако законодавецот зборува за институтот штета, а истата може да биде материјална и нематеријална, со повредата на телото, нарушување на здравхјето или смрта, посебно доаѓа до израз нематеријалната штета. Поради природата на личните добра кои се повредуваат законодавецот не случајно се определил за наведеното законско решение кое за основа ја има правдата.

Кога станува збор за правдата, Законот за облигационите односи во повеќе од 20 случаи ја предвидува нејзината примена. Правдата посебно се предвидува во областа на штетите, како посебен извор на облигационите односи во нашиот правен систем.

Правдата во нашиот правен систем е и уставна материја. Правдата лежи во фундусот на секоја уставна норма. Од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, правдата лежи во содржината на владеењето на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот). Кока станува збор за владеењето на правото, во уставно-правната мисла се провлекува дека за владеењето на правото, како втор израз кој се употребува е „уставност“, кое подразбира подреденост на државните органи на објективното право (проф. д-р Ратко Марковиќ „Уставно право и политичке институције“, Београд, 1995 стр.601).

Аргументите кои се наведени во образложението на наведената одлука не кореспондираат и не се однесуваат на содржината на член 205 на ЗОО. Од нив, патем, наведувам дека гаранцијата на правото на сопственост не е во врска со исплатениот износ по основ на предизвиканата штета, а исплата е извршена врз основа на правосилна судска одлука, а прибавувачот е совесен. Институцијата – стекнување без основ (член 199 од ЗОО) не може да наоѓа примена во правниот однос уреден со одредбите на член 205 од ЗОО. Ова од причини што во овој правен однос таксативно се наведени условите со чие исполнување не може да се бара поврат на исплатеното.

По прашањето на ревизијата и нејзините ефекти, овој навод не претставува правно релевантен факт за оспорување на член 205. Причината е јасна. Дејството на ревизијата, како вонреден правен лек во парнична постапка, не може да биде појако од дејството на законската одредба содржана во член 205. Законската одредба јасно го санкционира прашањето за неможноста на враќањето на исплатените износи при што посебно се цени совесноста на прибавувачот. Со оваа одредба законодавецот самиот ја дерогира примената на одредбите содржани во член 199 од ЗОО. Станува збор, како што е наведено, за друг правен однос, со конкретна содржина, јасни последици и со регулатива за неговото разрешување, се разбира, само под условите што законското решение ги предвидува.

Врз основа на изложеното погоре, со укинувањето на член 205 од Законот за облигационите односи, се суспендира правдата како составен дел на владеењето на правото.

Од изложените причини, следуваше да го издвојам мислењето и истото го образложувам во образложението на истото.

 

Судија на Уставниот суд на
Република Северна Македонија,
д-р Осман Кадриу

Конечна одлука У.бр.64/2021