Решение за времена мерка У.бр.80/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на  член 27 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” брoj 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ брoj 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 1 декември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар Скопје“ со број 9/2014 на 19.08.2014 година.

Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија со Решението У.бр 80/2021 од 16 ноември 2022 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во точката 1 од ова решение. Во наведеното решение Уставниот суд изрази сомнеж во уставноста и законитоста на одлуката од причини што Советот на Општина Центар Скопје има 23 члена, а при донесувањето на оспорената одлука биле присутни 12 члена, при што „за” гласале 11 члена, а само 1 гласал „против”, од што произлегува дека при донесувањето на оспорената одлука, не бил обезбеден минимумот од неопходни 12 гласа „за”, колку што, според член 62 став 2 од Законот за локална самоуправа, се потребни за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план поради што пред Судот, со основ се постави прашањето за нејзината уставност и законитост.

4. Согласно член 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот може во текот на постапката, до донесувањето на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност, односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко остранливи последици.

5. Поради изразеното сомнение по однос на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а во врска со барањето во иницијативата за донесување на решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија, Судот оцени дека се исполнети условите за донесување решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Поради наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ- Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и  м-р Фатмир Скендер.

У.бр.80/2021
1 декември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Решение У.бр.80/2021