У.бр.80/2021

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” брoj 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ брoj 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 16 ноември 2022 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Советот на Општина Центар-Скопје за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07 локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара со број 07-4414/4 од 18.07.2014 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар Скопје“ со број 9/2014 на 19.08.2014 година.

2. Томе Симоновски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Северна Македонија, со член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа и со член 84 од Деловникот на Советот на Општина Центар.

Ова од причини што Општина Центар, и при донесувањето на оспорениот детален урбанистички план (ДУП), не ги почитувала наведените уставни и законски одредби, односно направен бил пропуст во постапката за донесување на наведениот ДУП, на начин што на седницата на Советот на која се постапувало по оспорената одлука биле присутни 12 члена од вкупно 23 члена на Советот на Општина Центар-Скопје, при што „за” гласале 11 члена, а само 1 гласал „против”. Подносителот на иницијативата смета дека при донесувањето на оспорената одлука не се испочитувани одредбите од Законот за локалната самоуправа, бидејќи не бил обезбеден елементарниот минимум од неопходни 12 гласа „за” колку што според Законот за локална самоуправа биле потребни, за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план.

Во поткрепа на ваквото тврдење, како доказ до Уставниот суд  се доставени извадоци (print screens) од сите акти објавени на огласната табла на Општина Центар во периодот пред донесувањето на овој Детален урбанистички план во населено место, односно во периодот од 12.09.2013 година, Записник од 8-та седница на Советот на Општина Центар-Скопје, записник од 23-та седница на Советот на Општина Центар-Скопје, одржана на 18.07.2014 година, датум кога била донесена оспорената Одлука со број 07-4414/4, материјал за 16.точка на дневниот ред на 23-та седница на Општина Центар-Скопје, одржана на 18.07.2014 година, Одлука за донесување на ДУП за Градска четврт J 07- локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара со број 07-4414/4 од 18.07.2014 година и објавена во „Службен гласник на Општина Центар Скопје“ бр.9/2014 од 19.08.2014 година.

Причина повеќе за незаконитоста и противуставноста на оспорената одлука за донесување на спорниот план, според подносителот се согледува во фактот дека на делот на КП 490/2, КП490, КП493, КП 496/3, КП 498, КП 502, сите на КО Центар 2, кои се наоѓаат на ул. Козара Капиштец се предвидени високи станбени згради со висина преку 20 метри и дозволено испуштање на еркери во ширина од 1,5 метар над улицата Козара. Според подносителот, најкритична била КП 490/2 на КО Центар 2, каде во моментот Општина Центар има издадено одобрение за градење, парцела која се наоѓа веднаш до неговата семејна куќа и со кое одобрение дозволила да се изгради зграда со висина од 21,70 метри на само 150 м2 површина во основа, а улицата Козара е широка само 6 метри, па со предвидените огромни згради од двете страни што ја стеснуваат улицата ќе се наруши квалитетот на животот и истиот ќе стане неподнослив.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине или поништи.

Со оглед на тоа што со реализацијата на оспорениот урбанистички план би можеле да настанат тешко отстранливи последици, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука за поништување на планот, врз основа на член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе и времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Центар- Скопје, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Ста­тутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.1/06) и член 26 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на РМ“ бр. 51/05, 137/07, 91/09, 124/10, 18/11, 53/11 и 144/12), на 23-тата седница, одржана на 18.07.2014 година, донел Одлука за донесување Детален урбанистички план Градска четврт J 07- локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара со број 07-4414/4 од 18.07.2014 година.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како што е предвидено во член 51 од Уставот.

Евидентно од содржината на  член 110  алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективни договори со Уставот и со законите.

Со член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), кој бил во сила во време на донесувањето на оспорениот урбанистички план во населено место, се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 7 став 1 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и

2) урбанистички планови:

– генерален урбанистички план,

– детален урбанистички план,

– урбанистички план за село и

– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 20 од Законот за урбанистичко планирање, надлежни органи за донесување на урбанистички планови се:

(1) Советот на Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Градот Скопје.

(2) Советот на општина во Градот Скопје донесува: 1. детален урбанистички план; 2. урбанистички план за село и 3. урбанистички план вон населено место.

(3) Советот на општина со седиште во град донесува: 1. генерален урбанистички план; 2. детален урбанистички план; 3. урбанистички план за село и 4. урбанистички план вон населено место.

(4) Советот на општина со седиште во село донесува: 1. урбанистички план за село и 2. урбанистички план вон населено место.

(5) Владата на Република Северна Македонија донесува урбанистички план за подрачја и градби од државно значење согласно со постапка утврдена во членот 30 од овој закон.

(6) Органите надлежни за донесување на урбанистички планови од ставови (1), (2), (3), (4) и (5) од овој член, се надлежни за нивно изменување и дополнување, како и спроведување и следење на спроведувањето.

Главата VII од Законот за локалната самоуправа е со наслов „Акти на органите на општините“. Член 62 од истиот закон е со наслов „Прописи на советот“.

Во став 1 на член 62 од Законот, е предвидено дека во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон.

Според став 2 на истиот член од Законот за локалната самоуправа, прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот детален урбанистички план не бил донесен со потребното мнозинство предвидено во горенаведениот член од Законот за локалната самоуправа, бидејќи  за истиот гласале само 11 советници на Општината.

Од доставената документација Судот констатира дека Советот на Општина Центар-Скопје има 23 члена на Советот, како и дека на одржаната 23-та седница на Советот, оспорената одлука за донесување на предметниот детален урбанистички план, е усвоена со 11 гласа „за“ од вкупниот број гласови од 23 советници.

Член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, определува дека прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот (апсолутно мнозинство), доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Во член 84 од Деловникот на Советот на Општина-Центар („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр.1/206) е утврдено дека се полноважни одлуките за кои гласало потребното мнозинство членови на Советот, определено со закон, Статут и овој деловник.

Ако се има предвид дека Советот на Општина Центар-Скопје има 23 члена, а при донесувањето на оспорената одлука биле присутни 12 члена, при што „за” гласале 11 члена, а само 1 гласал „против”, произлегува дека при донесувањето на оспорената одлука, не бил обезбеден потребниот минимум од 12 гласа „за”, колку што според Законот за локална самоуправа е потребен за полноважно донесување на прописи, односно одлука за урбанистички план.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Уставниот суд утврди дека оспорената одлука не е донесена во согласност со член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа, со што пред Судот, со основ се постави прашањето за нејзината законитост, следствено и прашањето за нејзината уставност од аспект на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Добрила Кацарска и судиите: м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и м-р Фатмир Скендер.

 

У.бр.80/2021
16 ноември 2022 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
Добрила Кацарска

Времена мерка по предметот У.бр.80/2021