У.бр.121/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија” број 187/2013, 201/2014 и 215/2015).

2. Стевица Јосифовски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата oспорениот член 8 од Законот за финансиска дисциплина бил уреден спротивно на уставните принципи на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеи 3 и 7, членот 55 од Уставот со кој се гаратира слободата на пазарот и претприемништвото и грижата на Републиката за обезбедување еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и членот 57 од Уставот според кој Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Имено, неуставно било правните лица заради задоцнето исполнување на парична обврска повеќепати да бидат казнувани за истата работа, односно покрај казнената камата, да платат и надоместок од 3000 денари. Договорната казна согласно член 259 став 3 од Законот за облигационите односи, не можела да биде договорена за парични обврски, која одредба била уредена во насока на избегнување на двојното казнување по ист основ, имајќи предвид дека членот 266 од наведениот закон, веќе предвидел дека за задоцнето исполнување на парична обрска должникот, покрај главнината долгувал и казнена камата.

Воедно, оспорениот член 8 од Законот за финансиска дисциплина, не бил во согласност и со правниот принцип „ne bis in idem” според кој двапати за иста работа не може да се тужи.

Исто така, не било јасно дали надоместокот за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 3.000 денари, законодавецот го уредил како еднократен надоместок за вкупниот долг кој должникот го имал кон доверителот или пак се однесувал за секоја поединечна фактура по која должникот паднал во задоцнување.

Алармантно било што во таа насока се толкувал оспорениот член од Законот, за што постоела судска пракса дека за секоја доспеана фактура за која должникот паднал во задоцнување, тој требало да исплати надоместок од 3000 денари, а дополнително на тоа и досудена законска казнена камата, што било доказ за нарушување на владеењето на правото. Нејасните одредби во товарниот договор требало да се толкуваат во смисла на остварување справедлив однос на заемните давања, односно кај договорите се поаѓало од тоа дека требало да се воспостави економска рамнотежа во меѓусебните давања на договорните страни, за што подносителот се повикува на членот 93 од Законот за облигационите односи.

Ако се имало предвид дека и за фактура која гласела на парична обврска во висина од 1 (еден) денар, доверителот согласно оспорениот член од Законот, би можел да бара надоместок за доцнење при исполнувањето на парична обврска во висина од 3000 денари, произлегувало дека со прифатеното толкување, доверителот да има право на надомест за доцнење за секоја поединечна фактура во износ од 3000 денари, се правела сериозна штета во стопанството и се нарушувале основите на економските односи предвидени во членовите 55 и 57 од Уставот на Република Северна Македонија.

Всушност оспорениот член од Законот бил во правна колизија со одредбите од Законот за облигационите односи и го нарушувал основното начело на совесност и чесност предвидено со членот 5 од Законот за облигационите односи, вклучително и начелото на еднаква вредност на давањето од членот 8 од Законот за облигационите односи.

Од наведените причини, со иницијативата се предлага поведување на постапката и поништување на оспорениот член од Законот, како и донесување решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот член од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 8 од Законот за финансиска дисциплина уредува дека:

(1) Доверителот има право на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 3.000 денари, доколку паричната обврска не е исполнета во роковите утврдени со одредбите од членовите 5, 6, 6-а, 7 и 18 од овој закон, без претходно потсетување и опомена на должникот.
(2) Правото на надоместок за доцнењето од ставот (1) на овој член не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон.
(3) Правото на надоместок за доцнењето од ставот (1) на овој член не ги опфаќа трошоците за извршување кои се наплатуваат во согласност со законот со кој се уредува извршната постапка.
(4) Правото на надоместок за доцнењето од ставот (1) на овој член престанува да важи во рок од три години од денот на истекот на рокот на достасување на паричната обврска.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.

Со член 55 ставови 1 и 2 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Со Законот за финансиска дисциплина (“Службен весник на Република Македонија“ број 187/2013, 201/2014 и 215/2015) се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови согласно со овој закон (член 1).

Според Законот за финансиска дисциплина економските оператори од приватниот сектор се должни да ја исполнат паричната обврска во роковите утврдени со овој закон (член 5 став 4), а исто така и субјектите од јавниот сектор се должни да ја исполнат паричната обврска во роковите утврдени со овој закон (член 6 став 5).

Со цел да се обесхрабри задоцнетото плаќање на паричните обврски, а со тоа и спречување на нарушување на ликвидноста на економските оператори, законодавецот го уредил оспорениот член 8 од Законот за финансиска дисциплина за што законодавецот согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, има право да донесува закони и да презема мерки во таа насока. Воедно, ваквите правила воспоставени со предметниот закон, се дел од активностите преземени во процесот на хармонизација на домашното законодавство со правото на Европската Унија. Поточно, со Законот за финансиска дисциплина е извршено имплементирање на Директивата L2011/07/EC за задоцнето плаќање во комерцијални трансакции, донесена на 16.02.2011 година од Советот на Европската Унија и Европскиот парламент, со што се врши и транспонирање на членот 6 од Директивата кој се однесува на надоместокот за задоцнето плаќање при исполнување на парична обврска во Законот за финансиска дисциплина со уредување на членот 8 од Законот кој се оспорува со иницијативата.

Според оспорениот член 8 од Законот доверителот има право на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 3.000 денари, доколку паричната обврска не е исполнета во роковите утврдени со одредбите од членовите 5, 6, 6-а, 7 и 18 од овој закон, без претходно потсетување и опомена на должникот (став 1).

Правото на надоместок за доцнењето од ставот 1 на оспорениот член 8 од Законот, не го исклучува правото за надоместок на трошоците кои доверителот има право да ги побарува врз основа на договор или други прописи, како и на казнена камата која се пресметува и наплатува согласно со закон (став 2), а исто така, правото на надоместок за доцнењето не ги опфаќа трошоците за извршување кои се наплатуваат во согласност со законот со кој се уредува извршната постапка (став 3).

Правото на надоместок за доцнењето од ставот 1 на овој член престанува да важи во рок од три години од денот на истекот на рокот на достасување на паричната обврска (став 4).

Во конкретниот случај со иницијативата се смета дека уредувањето со членот 8 од Законот за финансиска дисциплина не наоѓал уставно оправдување, а во образложение на причините за неуставноста на членот од Законот, подносителот се повикува на одредбите од Законот за облигационите односи и нивната содржина која според подносителот на иницијативата не се имале во предвид при уредувањето на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина, што имплицирало повреда на уставните одредби со кои се утврдени уставните принципи на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 став 1 алинеи 3 и 7), уставната гаранција за слободата на пазарот и претпримеништвото и обврската на Републиката за обезбедување на еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот (член 55 ставови 1 и 2), како и членот од Уставот според кој Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја (член 57).

Подносителот всушност се повикува на правна колизија предизвикана со оспореното законско уредување наспрема содржини уредени со Законот за облигационите односи, посебно одредбите за забрана од договарање на договорна казна за парични обврски (член 259 став 3), одредбите за законска казнена камата (член 266), дополнителното правило од член 93 став 2 од Законот за толкување на нејасните одредби од товарниот договор, како и начелата според кои треба да се раководат учесниците во облигационите односи, посебно начелот за совесност и чесност од членот 5 и начелото на еднаква вредност на давањето од членот 8 од Законот.

Судот ги имаше предвид наводите од подносителот на иницијативата, односно причините поради кои се смета дека членот 8 од Законот за финансиска дисциплина имплицирал повреда на одредбите од Уставот, но според Судот, од аспект на истите, не може да се доведе под уставно сомнение членот од Законот кој се оспорува, поради следното:

Со членот 4 точки од 1 до 10 од Законот за финансиска дисциплина е дадено појаснување на значењето на употребените поими во Законот. Конкретно според точката 4. од наведениот член, „парична обврска“ е износ договорен како надоместок за испорака на стоки, давање на услуги и вршење на работи при што износот е наведен во деловен договор или фактура или друго соодветно барање за исплата, а според точката 5. На членот од Законот, „фактура“ е документ во кој е наведен паричниот надоместок за испорака на стоки, давање на услуги и вршење на работи при деловни трансакции.

Надоместокот за доцнење при исполнувањето на паричната обврска во износ од 3.000 денари според оспорениот член 8 став 1 од Законот за финансиска дисциплина, доверителот има право да го бара од должникот, доколку паричната обврска не е исполнета во роковите утврдени со одредбите од членовите 5, 6, 6-а, 7 и 18 од Законот за финансиска дисциплина.

Одредбите од членовите 5, 6, 6-а, 7 и 18 од Законот, помеѓу другото содржат уредување во однос на тоа од кога започнува да тече рокот за исполнување на паричните обврски (…кога должникот ја примил фактурата, односно друго барање за плаќање од доверителот;…) од што неспорно е дека надоместокот за доцнење во износ од 3.000 денари, се однесува на секоја доспеана, а не платена фактура, независно од износот на долгот.

При ова, дали долгуваниот износ, должникот ќе мора да го исполни преку една фактура или повеќе фактури, е фактичко прашање кое зависи од тоа што е предмет на договарање помеѓу договорните страни и како е договорен начинот на плаќањето. Должникот ќе биде во обврска да изврши плаќање на парична обврска, по секоја доставена и доспеана фактура за секоја извршена работа, услуга или испорака, а со секое паѓање во задоцнување при исполнувањето на паричната обврска, доверителот има право на надоместок за доцнење.

Оттука, наводите дека не било јасно во однос на тоа дали надоместокот за доцнење во износ од 3.000 денари, законодавецот го уредил како еднократен надоместок за вкупниот долг кој должникот го имал кон доверителот или пак се однесувал за секоја поединечна фактура по која должникот паднал во задоцнување, а на кои наводи се засновани причините за спротивноста на оспорената законска содржина со принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот, истите се неосновани.

Во однос на наводите дека оспореното законско решение кое со иницијативата е претставено како нејасно, требало да се толкува од аспект на член 93 став 2 од Законот за облигационите односи (Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013), кој јасно укажувал на кој начин требало да се толкуваат нејасни одредби во товарниот договор, треба да се има во вид дека правилото од член 93 став 2 од Законот за облигационите односи се однесува за толкување на нејасни одредби кои договорните страни, самостојно ги формулирале, односно уредиле со договорот.

Во предметниот случај, станува збор за одредба уредена во закон, односно одредба уредена од страна на законодавецот, кој согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, е надлежен да донесува закони и да дава автентично толкување на законите.

Неуставноста на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина, подносителот ја образложува и преку содржината на член 259 став 3 од Законот за облигационите односи со кој се забранува страните на договорот да договорат договорна казна за парични обврски, меѓутоа оспорениот член 8 од Законот, не може да се доведе во контекст со договорната казна поради следното:

Договорната казна и случаите во кои таа може да се предвиди со договор, е уредено низ одредбите од член 259 до 265 од Законот за облигационите односи, односно доверителот и должникот за непарична обврска (вршење на услуги, испорака на стоки и слично), можат да договорат одредба во договорот, дека должникот ќе му плати на доверителот определен паричен износ или ќе му прибави некоја друга материјална корист (договорна казна).

Договорната казна, страните на договорот може да ја договорат, во три случаи и тоа ако должникот не ја исполни својата непарична обврска или ако задоцни со нејзиното исполнување или неуредно ја исполни непаричната обврска.

Исто така, според Законот за облигационите односи, договорните страни, сами ја определуваат висината на договорната казна според својот наод, во еден вкупен износ во процент, или за секој ден задоцнување, или на некој друг начин.

Кога казната е договорена за случај на неисполнување на обврската, доверителот може да бара или исполнување на обврската или договорна казна. Тој го губи правото да бара исполнување на обврската ако побарал исплата на договорната казна.

Кога казната е договорена за случај на неисполнување на обврската, должникот нема право да ја исплати договорната казна и да се откаже од договорот, освен ако тоа била намера на договарачите кога ја договарале казната.

Кога казната е договорена за случај должникот да задоцни со исполнувањето на обврската или истата неуредно ја исполнил, доверителот има право да бара и исполнување на обврската и договорна казна.

Оттука, за разлика од договорната казна, чие уредување во договорот е препуштено исклучиво на волјата на договорните страни, од чија волја зависи и начинот на кој таа ќе биде определена (во еден вкупен износ во процент, или за секој ден задоцнување, или на некој друг начин), надоместокот за доцнење при исполнувањето на паричната обврска од должникот во износ од 3.000 денари, е предмет на законско уредување, при што од законската одредба од оспорениот член 8 став 1 од Законот не произлегува дека станува збор за надоместок за задоцнето плаќање кој можат да го договарат или да не го договарат договорните страни, вклучително и износот, туку станува збор за еднократен надоместок во износ каков што Законот го уредил, без можност со договор да се менува неговата висина, да се исклучи, ограничи или услови ова законско право на доверителот, но право е на доверителот дали ќе го користи тоа законско право и ќе бара од должникот исплата на еднократниот надоместок во висина како што Законот определува.

Законот за финансиска дисциплина во член 10 став 2 точка 5, јасно определува дека за значително неправедна и нефер договорна одредба (а со тоа и ништовна договорна одредба), помеѓу другото, се смета исклучување, ограничување и условување на правото на надоместок за доцнење при исполнувањето на паричната обврска, што значи со договор не може да се исклучи, ограничи или услови правото на доверителот кое произлегува од закон, ниту неговиот износ.

Надоместокот од членот 8 од Законот како што погоре е наведено не претставува договорна казна која страните на договорот можат да ја договорат и за секој ден задоцнување при исполнување на непарична обврска, а исто така таа нема еквивалент на казнена камата, која се пресметува и наплатува за секој ден паѓање во задоцнување при исполнувањето на паричната обврска, бидејќи уредениот износ од 3000 денари, се плаќа еднократно во случај на задоцнета исплата на парична обврска од должникот, а не за секој ден доцнење при исполнување на паричната обврска, кој надоместок е уреден како право на доверителот и само од него зависи дали тој ќе го бара од должникот.

Понатаму со иницијативата се смета дека неправедно било уредувањето со членот 8 од Законот бидејќи надоместокот за задоцнување во износ од 3000 денари, доверителот можел да го бара од должникот, дури и за долг (симболично наведено) од 1 (еден) денар, со што се нарушувало основното начело на совесност и чесност предвидено со членот 5 од Законот за облигационите односи и начелото на еднаква вредност на давањето од членот 8 од истиот закон, односно спротивно на членот 57 од Уставот бидејќи го нарушувал економскиот напредок на субјектите. Со ваквите наводи всушност смета дека така утврдениот фиксен износ не бил во согласност со начелото на еквивалентост во заемните давања, односно дека законодавецот при неговото уредување, не водел сметка за околностите кои можат да доведат до неправедно оптоварување на должникот поради фиксно утврдениот надоместок во износ од 3000 денари.

Меѓутоа, како што погоре е наведено, оспорениот законски надоместок за чие уредување, според подносителот, законодавецот не водел сметка, не е, ниту има значење на договорна казна, за да може да се постави прашањето за негово одмерување во зависност од вредноста и значењето на предметот на обврската, а како што впрочем тоа е овозможено кај договорната казна преку членот 263 од Законот за облигационите односи, односно дека по барање од должникот, Судот може да го намали износот на договорната казна ако најде дека е таа несразмерно висока со оглед на вредноста и значењето на предметот на обврската.

Во контекст на наводите за оспорување на членот од Законот од аспект на начелото на еквивалентост во заемните давања, подносителот се повикува и на членот 5 од Законот за облигационите односи, посветен на начелото на совесност и чесност. Оваа законска одредба јасно определува дека според начелото на совесност и чесност, треба да се раководат двете договорни страни во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, односно двете договорни страни се должи совесно и чесно да ги исполнат своите договорени обврски со договорот.

Според тоа, во ситуација кога едната договорна страна навремено ја исполнила својата обврска спрема другата договорна страна, а другата договорна страна паднала во задоцнување при исполнување на својата обврска, страната која паѓа во задоцнување со исполнување на својата обврска, го загрозува начелото на совесност и чесност утврдено со членот 5 од Законот за облигационите односи.

Во контекст на изнесеното Судот го имаше предвид и членот 3 од Законот за облигационите односи според кој учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи, меѓутоа суштината на оваа законска одредба е дека слободата на договарањето не може да се апсолутизира во случај кога со друг закон се уредува нешто друго, а како што во случајов е Законот за финансиска дисциплина.

Државата има право со соодветен закон да утврди механизми со кои ќе се стимулира навременото исполнување на паричните обврски од страна на должниците, односно да се обесхрабри несовесниот и несериозен однос на должниците кон обврската за исплата на долгуваниот износ кон доверителите кои ги исполниле своите обврски спрема должниците.

Воедно, оспореното уредување од членот 8 од Законот за финансиска дисциплина подеднакво се однесува за сите субјекти кои се во обврска да исполнат парично побарување од деловна трансакција, истото не ги спречува субјектите слободно да настапуваат на пазарот, ниту го спречува економскиот напредок на субјектите. Напротив преку дисциплина во измирувањето на обврските се овозможува непречено функционирање на пазарот и поголема ликвидност на субјектите на пазарот.

5. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на уредениот надоместок од оспорениот член 8 став 1 од Законот за финансиска дисциплина, вклучително и ставовите 2, 3 и 4, уредени во контекст на ставот 1 од оспорениот член од Законот, со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, членот 55 и членот 57 на Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.121/2018
29 мај 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.121/2018