Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.121/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992) а во врска со Решението на Уставниот суд У.бр.121/2018 од 29.05.2019 година, усвоено со мнозинство гласови, со кое НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина („Службен весник на Република Македонија“ број 187/2013, 201/2014 и 215/2015), судијата на Уставниот суд д-р Осман Кадриу писмено го образлага своето

И З Д В О Е Н О   М И С Л Е Њ Е

Уставниот суд на Република Северна Македонија спроведе постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина, под горецитираниот број, а во врска со претходно поднесената иницијатива од иницијаторот Стевица Јосифовски, адвокат од Скопје. Врз основа на поднесената иницијатива се оформи судски предмет У.бр.121/2018. Во постапката пред Судот се организира расправа и се утврди фактичката состојба во врска со поднесената иницијатива. По спроведената постапка и нејзиното окончување и утврдената фактичка состојба, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да се донесе Решение за неповедување постапка за оценување на уставноста на членот 8 од Законот за финансиска дисциплина.

При фактот дека гласав против Решението, кое беше усвоено со мнозинство гласови, најавив Издвоено мислење, што сега во писмена форма го образлагам.

Со одредбите на членот 8 од од Законот за финансиска дисциплина, кој закон е донесен 2013 година и истиот е дополнет 2014 и 2015 година и објавен е во „Службен весник на Република Македонија“ под горе цитираните броеви, се предвидува и се санкционира правото на доверителот на надоместок за доцнење при стекнување на парична обврска од должникот во износ од 3000 денари доколку паричната обврска не е исполнета во роковите предвидени и утврдени со одредбите од членовите 5, 6, 6-а и 18 од цитираниот закон, и тоа без претходно потсетување и опомена на должникот.

Целта на ваквата регулатива се состои во зајакнувањето на финансиската дисциплина во договорните односи коишто настануваат помеѓу стопанските субјекти. Меѓутоа, за прашањата коишто произлегуваат од договорните односи, вклучувајќи ги и оние односи во кои предметот на обврската е парична обврска, позитивното право предвидува значајни правни средства и правни механизми. Од позитивниото право важни се решенијата на Законот за облигационите односи од 2001 година како и Законот за трговските друштва.

Од Законот за облигационите односи од суштествено значање се начелата на Законот за облигационите односи. Тие претставуваат значајни рамки, но и принципипи врз основа на кои договорните страни ги уредуваат облигационите односи. Во нив, а во контекстот на проблематиката којашто се однесува на оспорената одредба од членот 8 од Законот за финансиска дисциплина, важни се начелата на совеснот и чесност; рамноправност на страните; забрана да се причини штета на друг; забрана на создавање на монополска позиција на пазарот, како и другите начела. И, она што е важно, во рамките на договорното право, Законот за облигационите односи предвидува важни средства и механизми како во поглед на зацврстувањето на договорните односи, така и во поглед на исполнувањето на обврските кои произлегуваат од нив.

Со оспорената одредба од членот 8 законодавецот востановува и „конституира“ ново право само за доверителите. А како што е познато правото на една договорна страна претставува обврска за другата договорна страна. Имено, се предвидува надоместок во износ од 3000 денари за доцнење при исполнување на паричната обврска. За овој надоместок одговара должникот. Тој одговара преку неговиот имот. Значи, последиците се одразуваат непосредно врз имотот на должникот и за него тоа претставува вид на имотна санкција. Една ваква мерка може да се предвиди во договорните односи, но, тоа да биде резултат на волјата на самите стопански субјекти, како договорни страни, а не да е резултат на волјата на законодавецот. Ова од причина што договорните односи настануваат врз основа на слободно изразена и изјавена волја на самите страни во еден договорен однос.

Со оспорената регулатива законодавецот со закон овозможува збогатување на една страна, на доверителот, а на штета на должникот на кој начин се повредува и уставното начело на еднаквоста , потоа слободата на пазарот и претприемништвото и вледеењењето на правото. Сите овие принципи се санкционирани во нашиот правен систем како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија – член 8 од Уставот.

Поради изнесеното го издвијувам мислењето во врска со донесеното и погоре цитираното решение усвоено од страна на Уставниот суд, со мнозинство гласови, под погоре цитираниот број и дата.

Судија на Уставниот суд
д-р Осман Кадриу

Решение У.бр.121/2018