Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 22 мај 2019 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план, донесена од Советот на Општина Охрид на седница одржана на 14 октомври 2015 година и објавена во („Службен гласник на Општина Охрид“ бр. 11 од 15 октомври 2015 година).
2. Никола Чокревски, адвокат од Скопје и Здружението за заштита и зачувување на интегритетот на село Лагадин – Стар Лагадин, застапувано од Адвокатското друштво „Поленак“, преку Васко Соткароски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата општиот акт и одлуката со којашто бил донесен актот биле спротивни на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/2014 и 44/2015), член кој бил наведен во преамбулата на предметната oдлука како нејзин правен основ.
Исто така, во иницијативата е наведено дека предметната oдлука не била во согласност и со членовите 2 и 43 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, па поради тоа била спротивна и на член 51 и член 115 став 1 од Уставот, со што „ги нарушувала“ и темелните вредности од член 8 алинеи 3, 9 и 10 за владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина и на природата.
Во иницијативата е наведено дека „За донесувањето на Општиот акт за село Лагадин бр. 20-14970/2 од 03.11.2015 година, донесен од Советот на Општина Охрид во форма на Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план, на седница одржана на 14.10.2015 година, донесувачот на одлуката сосема погрешно се повикувал на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.199/2014 и 44/2015), зошто во овој член времено-до донесување на урбанистички план на село – се уредуваат условите и начинот на изградбата само за села кои воопшто не се и не биле опфатени со урбанистичка планска документација од каков и да е вид“.
Според наводите во иницијативата „непобитен факт било тоа дека селото Лагадин било опфатено со урбанистичка планска документација веќе од 1987 година, кога бил изработен и донесен Детален урбанистички план за вилски комплекс Лагадин. Десет години подоцна, овој плански опфат бил предмет и на планската документација од Основниот урбанистички план на крајбрежен простор на Општината Охрид во зоната Исток, потег Лагадин – Пештани, Измени и дополнувања од 1997 година и конечно, две години подоцна бил изработен и донесен Детален урбанистички план за потегот Лагадин – Пештани од 1999 година.
Понатаму во иницијативата се цитира членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој во никој случај не можел да се применува на село Лагадин за коешто Општина Охрид имала донесено и основен и детален урбанистички план кои биле се уште во сила.
Според наводите во иницијативата очигледен бил фактот дека планскиот опфат на оспорениот општ акт бил предмет на урбанистичка планска документација и дека за него биле донесени и основен и детален урбанистички план кои се уште биле на сила. Оттука, во иницијативата е наведено дека „донесувачот морал да донесе урбанистички план за село, според член 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во кој, во ставот 1 каде било утврдено дека: „Урбанистички план за село е урбанистички план кој се донесува за подрачје на населено место – село, утврдено со закон.“ Ова значело дека за село Лагадин, Советот на Општината Охрид согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање можело да се донесе само и единствено урбанистички план за село, а никако не општ акт, затоа што селото било веќе урбанизирано со планови од системот на урбанистички планови од член 7 став 1 точка 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Оттука, општ акт, според наводите во иницијативата можело да се носи само и единствено за села што никогаш не биле урбанизирани со планска документација и тоа само како времена планска одредба, што било според процедурата и според содржината, документација од понизок ранг од урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање“.
Според наводите во иницијативата поради ова погрешно и неуставно применување на правото, со Општиот акт за село Лагадин, донесувачот на одлуката практично го ставил вон сила Деталниот урбанистички план за потегот Лагадин – Пештани од 1999 година, односно донел општ акт како детален план, не само да не бил на сила, туку како и никогаш и да не бил донесен, што било спротивно на членот 43 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во кој било уредено дека „Просторен план важи до донесување на нов просторен план, а урбанистички план до донесување на нов урбанистички план.“, поради што општиот акт бил спротивен и на темелната вредност на уставниот поредок за владеењето на правото од член 8 алинеја 3 од Уставот.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека „во оспорената одлука и во општиот акт донесувачот и изготвувачот на истите се повикувале на членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005)“ што како преодна одредба уредувал рокови за усогласување на основните урбанистички планови, генералните урбанистички планови за стопански и други комплекси, урбанистичките документации за населено место и општите акти за населени места донесени пред денот на влегувањето во сила на законот, потоа, „на членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.137 од 14.11.2007 година), во кој се прошируваат преодните одредби за донесените генерални и детални урбанистички планови за општините со седиште во село и селата до влегувањето во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005), што треба да се применуваат како урбанистички планови за село и им се задаваат рокови за усогласувањето со одредбите на законот и конечно, членот 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163 од 26.11.2013 година), кој гласи: „Урбанистичките планови, документации и општи акти кои не се усогласиле во утврдените рокови согласно со членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 137/2007), не се применуваат, а просторот опфатен со истите се смета за простор вон плански опфат“.
Во иницијативата е наведено дека: „Донесувачот на оспорениот општ акт на погрешен начин го применува членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање од 26.11.2013 година, така што ги смета донесените урбанистички плански документи за село Лагадин за неважечки од тој датум, како да се ставени вон сила и исфрлени од правниот поредок засекогаш, та дури како да се поништени, односно како никогаш и да не биле донесени! Но, во членот 24 била поместена преодна и времена правна норма што требало да го поттикне донесувањето на плановите и нивното усогласување со законот, што предвидувала времена суспензија на применувањето на плановите што била повлечена година дена подоцна, со донесувањето на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 30.12.2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година)“. Имено, во членот 133 од Законот се уредувал престанокот на важење на сите дотогаш важечки одредби од Законот освен набројаните:„Со денот на отпочнување на примена на овој закон престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14), освен одредбата од член 29-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10,18/11, 53/11, 144/12, 55/13, 163/13 и 42/14) која ќе се применува до 1 јуни 2015 година“.
Поради ова, според наводите во иницијативата, во времето кога бил донесен оспорениот Општ акт за село Лагадин, членот 24 од Законот за изменување и дополнување на законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163 од 26.11.2013 година), „што времено ја забрануваше примената на урбанистичките планови, веќе не бил на сила, не важел и не произведувал правно дејство. Тоа уште повеќе, доколку се земе предвид дека Законот за просторно и урбанистичко планирање, („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година), во член 43 став 3 од Законот, категорично го потврдува правилото на континуитет на правните акти, прописите и законите – во овој случај просторниот план и урбанистичките планови, како и основниот принцип на владеењето на правото, дека: „Просторен план важи до донесување на нов просторен план, а урбанистички план до донесување на нов урбанистички план“.
Понатаму во иницијативата е наведено: „Ова значи дека во време кога била донесувана предметната Одлука за оспорениот Општ акт, во октомври 2015 година, донесувачот општината Охрид морала според законот планската документација да ја донесе по истата процедура како и постоечката, која била и е во сила, имено, со иста процедура како и Деталниот урбанистички план од 1999 година, но и со истата содржина, зашто според членот 43 став 3 е непобитно дека урбанистичкиот план не може да се стави вон сила на никаков друг начин освен со донесување на нов. Во таа смисла, донесувањето на Општиот акт за село Лагадин било тешко нарушување на уставниот поредок зашто претставувало прекршување на принципот на владеењето на правото“.
Во иницијативата е наведено дека со донесувањето на Општиот акт за село Лагадин донесувачот на одлуката ги суспендирал сите стечени права на жителите на село Лагадин, како и нивното со Устав загарантирано право директно да учествуваат во донесувањето на одлуките што се од нивен витален интерес од областа на урбанизмот. Имено, во членот 115 од Уставот на Република Македонија, е утврдено дека: „Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој“.
Според наводите во иницијативата, оваа одредба била операционализирана во членовите од 33 до 37 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199 од 30.12.2014 година), во кои е уредено урбанистичките планови од член 7 став 1 точка 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во процесот на изработка и донесување да бидат предмет на стручни и јавни мислења, дебати, презентации и анкети, што е форма со која им се овозможува на граѓаните да се информираат и да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областа на урбанизмот. Законот, меѓутоа, не предвидувал општиот акт од член 84 да биде планска документација од системот на урбанистичко планирање, туку само времена мерка, во села без финансиски и други услови за изработка на урбанистички план, да се донесе општ акт како времена мерка, па затоа и не предвидува никаква стручна и јавна транпарентност, ниту граѓанска инклузивност во донесувањето. Поради ова, кога донесувачот на Општиот акт го прекршил законот и бесправно го применил членот 84, тој не само што вовел аномија во просторот, сметајќи ги донесените урбанистички планови за неважечки, туку и им оневозможил на граѓаните на село Лагадин да се информираат и да земат учество во донесувањето на Одлуката, со што им е одземено правото гарантирано со член 115 од Уставот.
Понатаму во иницијативата е наведено дека произлегувало дека постоеле-повеќе непобитни правни индикации за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Општиот акт за село Лагадин, од причина што:
Општиот акт и одлуката со којашто бил донесен биле спротивни на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Сл.весник на РМ“ брЛ99/14 и 44/15), кој бил наведен во преамбулата на предметната Одлука како нејзин правен основ бидејќи членот 84 можел да се употребува само за села во коишто немало и ниту имало урбанистички план или друга урбанистичка документација.
Исто така, предметната одлука не била во согласност и со членовите 2 и 43 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Мкедонија“ бр 99/2014 и 44/2015), во коишто бил уреден системот на континуираност и владеење на правото во областа на планерската легислатива, а оспорената Одлука воведувала дисконтинуитет и аномија со тоа што со општ акт се менувал важечки урбанистички план, па поради тоа одлуката била спротивна и на членот 51 и член 115 став 1 од Уставот, зашто им било нарушено уставното право на граѓаните на село Лагадин да учествуваат директно во одлучувањето за прашања од областа на урбанизмот, со што ги нарушувало и темелните вредности од член 8 алинеи 3, 9 и 10, за владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на животната средина и на природата.
Во наводите на иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Општ акт за село Лагадин бр. 20-14970/2 од 03 11 2015 година, донесен од Советот на Општина Охрид како „Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план“ на седница одржана на 14.10.2015 година, и да донесе решение за негово поништување. Исто така се предлага поради големата извесност од масовна злоупотреба на оспорената одлука и општиот акт во заштитеното подрачје на Охридското Езеро во село Лагадин, што ќе резултирало со штети со несогледлива магнитуда и непоправливи последици, се апелира до Уставниот суд да ја земе иницијативата во забрзана постапка (поради заштита на правата на граѓаните) и да донесе решение за запирање на извршувањето на дејствијата кои се преземени врз основа на оспорените одлука и општиот акт.
Дополнувањето на иницијативата е доставено на ден 28 март 2018 година од Здружението за заштита и зачувување на интегритетот на село Лагадин-Стар Лагадин, застапувано од Адвокатското друштво Поленак, преку Васко Соткароски, адвокат од Скопје, во кое се повторуваат наводите од иницијативата поднесена од страна на Никола Чокревски, адвокат од Скопје.
Во оваа иницијатива е наведено дека селото Лагадин било опфатено со урбанистичка планска документација и дека поради погрешно и неуставно применување на правото, со Општиот акт за село Лагадин, донесувачот на одлуката практично го ставил вон сила Деталниот урбанистички план за потегот Лагадин – Пештани од 1999 година; дека „донесувачот морал да донесе урбанистички план за село, според член 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и сосема погрешно се повикувал на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.199/2014 и 44/2015), зошто во овој член времено, до донесување на урбанистички план на село – се уредуваат условите и начинот на изградбата само за села кои воопшто не се и не биле опфатени со урбанистичка планска документација од каков и да е вид.
Во таа смисла, во оваа иницијатива е наведено дека донесувањето на Општиот акт за село Лагадин било тешко нарушување на уставниот поредок зашто претставувало прекршување на принципот на владеењето на правото“ и дека со донесувањето на Општиот акт за село Лагадин донесувачот на Одлуката ги суспендирал сите стечени права на жителите на село Лагадин, како и нивното со Устав загарантирано право директно да учествуваат во донесувањето на одлуките што се од нивен витален интерес од областа на урбанизмот. дека постојат повеќе непобитни правни индикации за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Општ акт за село Лагадин за кое нема урбанистички план.
Имајќи го во предвид горенаведеното предлагаат Уставниот суд да донесе одлука со која Општиот акт ќе го прогласи за ништовен и истиот да биде повлечен од правниот поредок.
3. Врз основа на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014 и 44/2015), член 22 став 1 точка 1 и членот 36 од Законот за локалната самуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/02), членот 15 и членот 18 од Статутот на Општина Охрид („Службен гласник на општина Охрид“ бр.8/07), Советот на Општина Охрид на седницата одржана на ден 14.10.2015 година, ја донесе оспорената одлука. Согласно членот 1 од Одлуката-Општиот акт за село Лагадин се изготвува согласно Развојната програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид 2015-2017 година бр.07-4189/6 од 30.12.2014 година, донесена од Советот на Општина Охрид („Сл.гласник на Општина Охрид“ бр.17 од 31.12.2014 година). Во членот 2 од Предлог – одлуката е одобрена од Комисијата назначена со Решение број 19-591/1 од 20.01.2015 година од страна на градоначалникот на Општина Охрид и за истата е добиена Согласност од Министерство за транспорт и врски со број 24-14400/2 од 09.10.2015 година. Според членот 3 се уредува Предлог – одлуката за Општ акт за село Лагадин е изготвена од правно лице ИН-ПУМА Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ДОО Скопје, кое поседува лиценца согласно член 16 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014 и 44/2015). Во членот 4 од истата е уредено дека општиот акт за село Лагадин содржи текстуален дел – Предлог-одлука, нумерички дел – табеларен приказ на планираните содржини издвоени по површина и намена на земјиштето и графички прилози. Според членот 5 од истиот, графичкиот прилог од општиот акт е изработен на заверен дигитализиран архивски оргинал на катастарски план. Согласно член 6 со Одлуката за Општ акт за село Лагадин се утврдува граница на плански опфат на село Лагадин со вкупна површина од 40,78ха. Границата на селото графички и текстуално е опишана со дефинирани координати на сите прекршни точки. Во членот 7 од истиот е уредено дека со општиот акт се утврдуваат групите на класи на намени во рамките на планскиот опфат со име за секоја наменска зона пооделно согласно членот 28 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/205). Според членот 8 е утврдено дека со Предлог – Одлуката за Општ акт за село Лагадин се дефинирани сите постојни влезни и излезни правци во селото и неговата сообраќајна поврзаност со поширокото опкружување. Во членот 9 е уредено дека утврдувањето на условите за градба на објектите во рамките на утврдените наменски зони во графичкиот приказ, се врши според конкретните услови на лице место, одредбите на 15.10.2015 година „Службен гласник“ бр.11 страна 12 e-mail: sovet@ohrid.gov.mk оваа Одлука, Законот за просторно и урбанистичко планирање и подзаконските акти кои произлегуваат од истиот закон. Во членот 10 од истиот е предвидено дека формирањето на градежната парцела, површината за градба, висината на објектите, процентот на изграденост и коефициент на искористеност да се во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање. Согласно членот 11 со Предлог – одлуката за Општ акт за село Лагадин се дефинира просторната организација и условите за градење. Во рамките на градежните парцели со класа на намена А1 (домување во станбени куќи) освен објектот за домување, можат да се предвидат и помошни градби (складишта, гаражи и сл.) Во членот 12 од актот е утврдено дека со Предлог – одлуката за Општ акт за село Лагадин се дефинира начинот на реализација на инфраструктурните водови и градби. Во членот 13 од актот е определено дека Општиот акт за село Лагадин содржи табели со „Билансни споредбени показатели“ во кои се прикажани планираните површини по намена на земјиштето – наменските зони, во однос на постојните изградени површини. Во членот 14 е утврдено дека сите параметри за уредување на просторот во планскиот опфат кои не се опфатени во приложените општи услови за изградба на просторот од овој општ акт, мора да бидат во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2015). Според членот 15 од актот е уредено дека при реализација на општиот акт во целост да се почитуваат одредбите од текстуалниот дел на општиот акт кои се однесуваат на целокупната инфраструктурна мрежа (далековод, гасовод, траса на железница …..), водотеците и за природните и вештачки водени површини што се во рамките на опфатот. Согласно членот 16 од актот се определува графичкиот прилог кој е составен дел на оваа Одлука, по нејзиното донесување, и дека истиот се заверува од градоначалникот на Општина Охрид и се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат. Според членот 17 од актот одредбите на оваа Одлука се применуваат до донесување на Урбанистички план за село. Со членот 18 е уредено дека оваао одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Охрид“.
4. Судот на седница утврди дека со цел да се утврди фактичката состојба побара и доби известување од Општина Охрид, заведено под број 19-5682/2 од 02.05.2017 година и 19-485/2 од 16.01.2018 година во однос на законитоста на постапката за донесување на Општиот акт за село Лагадин, која е отпочната и водена согласно:
– член 78 став 5 Законот за просторно и урбанистичко планирање (Сл.весник на Република Македонија бр. 51/2005, 137/2007, 91/ 2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) кој гласи: “До донесување на урбанистички план за село, изградбата во селата кои немаат урбанистичка документација, може да се врши под услови и на начин што со општ акт ке ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност од министерството надлежно за работите на уредувањето на просторот.”
– членот 24 од Законот изменување и дополнување на Законот просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013) кој гласи: „Урбанистичките планови, документации и општи акти кои не се усогласиле во утврдените рокови согласно со членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/2007), не се применуваат, а простооот опфатен со истите се смета за простор вон плански опфат.” и
– Прирачникот за начинот на водење на постапката за донесување и изготвување на општ акт за село кое нема урбанистички план – донесен од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот бр. 02-7751/1 од 23.05.2014 донесен согласно член 78 став 5 и член 79 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5120/05, 137/2007, 91/2009, 124/ 2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014) односно 24-2298/1 од 10.02.2015, донесен согласно член 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (Службен весник на Република Македонија бр. 199/14 и 44/15) во кој прирачник е цитирано: „Согласно Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004, 12/2005 и 98/2008), границата на село, како населено место, се утврдува со урбанистички план за населеното место.
-За селата чиишто урбанистички планови, документации и општи акти не се усогласиле во утврдените рокови согласно со членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр. 51/05) и членот 46 Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/2007) за граници на општи акти се сметаат истите граници на наведените урбанистички планови, документации и општи акти кои не се применуваат.
-За селата кои немаат и никогаш немале урбанистичка документација и за коишто е потребно да се изработи општ акт, границата на опфатот се утврдува согласно изградениот градежен фонд од страна на правно лице лиценцирано за геодетски работи на барање на единиците на локалната самоуправа.”
Согласно Прирачникот донесен од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот: – Општиот акт за село Лагадин (текстуален и графички дел), – одобрената Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план (од страна на Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Охрид) – и потребната документација, со Барање за издавање на согласност доставени се до Министерството за транспорт и врски- Скопје.
Министерството за транспорт и врски после разгледување на целокупната документација издава Согласност на Општиот акт за село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план со бр.24-14400/2 од 09.10.2015.
Министерството за транспорт и врски ја издава бараната Согласност според член 84 Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014 и 44/2015) кои во тој период се во важност, со што надлежниот орган ја потврдува постапката за изработка и донесување на општиот акт.
По издадената Согласност од страна на Министерството за управување со градежно земјиште и транспорт и врски, Советот на Опшина Охрид го донесува Општиот недвижен имот на општината акт за село Лагадин и донесува Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план” бр. 08-14171/4 од 14.10.2015.
Согласно горенаведеното Општиот акт за село Лагадин е изработен и донесен почитувајќи го Законот за просторно и урбанистичко планирање и Прирачникот за начинот на водење на постапката за донесување и изготвување на општ акт за село кое нема урбанистички план.
Судот на седница утврди дека исто така доставени се списи од страна на Општина Охрид кои се однесуваат на постапката за донесување на Општиот акт:
– Развојна програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2015-2017 год. бр.07-4189/6-1 од 30.12.2014 година и Одлука за усвојување на развојната програма бр.07-4189/6 од 30.12.2014 година.
– Допис бр.09-16135/2 од 19.09.2013 год со кој АКН- Скопје до Општина Охрид доставува архивски оригинали на дигитални катастарски планови и дигитални катастарски планови во одржување за територијата на цела Општина Охрид.
– Барање за доставување на заверени геодетски подлоги бр.18-3472/2 од 08.10.2014 година (со доставница) за отпочнување на постапка за изработка и донесување на општ акт за село Лагадин.
– Допис бр.09-18142/2 од 21.10.2014 година со кој АКН- Скопје до Општина Охрид доставува архивски оригинали на дигитални катастарски планови во Р=1:2500 и Р= 1:1000 за КО Елшани.
– Достава на документација за отпочнување на изработка на општ акт за село Лагадин бр. 18-738/3 од 11.11.2014
– Достава на Општ акт за село Лагадин бр. 18-4571/1 од 26.12.2014 со кој изработувачот на општиот акт го доставува на разгледување.
– Решение за формирање на стручна комисија бр. 19-591/1 од 20.01.2015 година.
– Записник од комисија за разгледување и одобрување на Предлог – одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид, за кое нема урбанистички план бр.19-591/4 од 30.03.2015 година.
– Образложение бр. 19-591/6 од 01.04.2015 дадено од страна на Секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште во однос на точка 12 од Записникот од комисијата за разгледување и одобрување на Предлог – Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид, за кое нема урбанистички план.
– Одговор на изработувачот на општиот акт на мислењето (записникот) по општиот акт за село Лагадин од април 2015 бр. 19-591/7 од 09.04.2015 год
– Известување од Општина Охрид до Министрество за култура,
– Национална комисија за УНЕСКО во Република Македонија за изработка на Општ акт за село Лагадин бр. 19-591/14 од 12.05.2015 година.
– Барање на мислење до Јавното претпријатие за државни патишга бр.19-591/13 од 11.05.2015 година.
– Мислење-позитивно од Јавно претпријатие за државни патишта бр.10-4204/2 од 27.05.2015 година.
– Барање на мислење до Јавна установа Национален парк Галичица бр.19-591/12од 11.05.2015 година.
– Мислење од Јавна установа Национален парк Галичица бр.03-368/2 од 21.05.2015 година.
– Барање на мислење до Јаван установа Национален парк Галичица бр. 19-591/21 од 03.06.2015 година.
– Мислење -позитивно од Јавна установа Национален парк Галичица бр.03-368/4 од 16.06.2015 година.
– Барање на мислење до Министерство за животна средина и просторно планирање бр. 19-591/16 од 18.05.2015 година.
– Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање од аспект на заштита на водите бр.11-4501/2 од 10.06.2015 година.
– Предлог-Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план бр. 19-591/25 од 22.06.2015 год. (одобрена од комисијата и пратена на согласност заедно со документацијата содржана во барањето за согласност бр. 19-591/26 од 22.06.2015 година).
– Барање за издавање на согласност до Министерство за транспорт и врски- Скопје под бр. 19-591/26 од 22.06.2015 година.
– Неиздавање на согласност и враќање на документација под бр. 24-9753/2 од 14.07.2015 година.
– Барање на дообјаснување на мислење до Министерство за животна средина и просторно планирање бр. 19-591/28 од 23.07.2015 година.
– Одговор односно Објаснување на дадено мислење бр. 11-4501/2 од 10,06,2015 од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање бр.11- 4501/4 од 13.08.2016 година.
– Геодетски елаборат за утврдување на линијата (изохипса) на највисокиот утврден водостој на Охридското Езеро (693.75 мнв) на потегот опфатен со општ акт за село Лагадин, – изработен од ДГУ „ТЕО МАРК” Охрид дооел.
– Барање на мислење до Министерство за животна срединаи просторно планирање бр.19-591/31 од 23.09.2015 година.
– Позитивно мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање од аспект на заштита на водите бр.11-7471/2 од 30.09.2015 година.
– Одговор на Мислење по општ акт за село Лагадин, Општина Охрид, дадено од Министерство за транспорт и врски, (се однесува на одговор на Неиздавање на согласност и враќање на документација бр.24-9753/2 од 14.07.2015 годин) од октомври 2015 изготвен од изработувачот на општиот акт – Институт за урбанизам, сообраќај и екологија ИН-ПУМА Скопје.
– Предлог – Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план бр.19-591/38 од 07.10.2015 година (одобрена од комисија и пратена на согласност заедно со документацијата содржана во барањето за согласност бр.19-591/39 од 07.10.2015 година).
– Барање за издавање на согласност до Министерство за транспорт и врски – Скопје бр. 19-591/39 од 07.10.2015
– Согласност на општиот акт за село Лагадин бр.24-14400/2 од 09.10.2015 добиена од Министерство за транспорт и врски – Скопје.
– Комплетен примерок од Општиот акт за село Лагадин со тех.бр.144/2014 од октомври 2015, изработен од Институт за урбанизам, сообраќај и екологија „ИН-ПУМА“ Скопје.
– Одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Лагадин, Општина Охрид за кое нема урбанистички план, бр.08-14171/4 од 14.10.2015 година.
5. Според член 8 став 1 алинеи 3, 9 и од Уставот на Република Македонија, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, локалната самоуправа и уредувањето и хуманизацијата на просторот, заштитата и унапредување на животната средина и природата.
Со членот 51 од Уставот е определено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 52 став 4 од Уставот е утврдено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Согласно член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според ставот 2 од наведениот член, единици на локалната самоуправа се општините.
Според Амандман XVII точка 1 со кој се заменува ставот 1 на член 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според членот 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), со овој закон се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.
Во членот 3 од Законот е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес.
Според членот 7 од Законот, се предвидуваат видовите на планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирањето.
Според член 11 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според ставот 6 деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, односно, со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.
Во членот 20 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) е предвидено дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.
Во членот 22 од Законот таксативно е утврдена листа на надлежности на општините, при што, покрај другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Согласно податоците добиени од страна на Општина Охрид, за село Лагадин имало претходна урбанистичко планска документација и тоа: Измена и дополнување на Детален урбанистички план за вилски комплекс Лагадин донесен од 25.06.1987 година, Основен урбанистички план за крајбрежен простор на Општина Охрид во зоната Исток 1, потег Лагадин- Пештани, измени и дополненија 1995 (донесен со одлука бр. 08-578 од 23.04.1997 година и Детален урбанистички план за потег Лагадин- Пештани од 1998-2003 година, донесен со Одлука бр.07-351/8 од 09.06.1999 година.
Согласно членот 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013), урбанистичките планови, документации и општи акти кои не се усогласиле во утврдените рокови од членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/2007), не се применуваат, а просторот опфатен со истите се смета за простор вон плански опфат.
Согласно членот 78 (глава VI – Преодни и завршни одредби) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014): 1. Основните урбанистички планови донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, се применуваат како генерални урбанистички планови и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила. 2. Генералните урбанистички планови за стопански и други комплекси донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, се применуваат како урбанистички планови вон населено место и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговото влегување во сила. 3. Урбанистичките документации за населено место донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе се применуваат како урбанистички планови за села и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговотo влегување во сила. 4. Општите акти за населени места на општината донесени пред денот на влегувањето во сила на овој закон ќе се применуваат како урбанистички планови за села и истите ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на неговот влегување во сила. 5. До донесување на урбанистички план за село, изградбата во селата кои немаат урбанистичка документација, може да се врши под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
Согласно членот 85 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 13720/07, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/ 2013 и 42/2014) и членот 46 од Законот за изменување и дополнување на “Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/2007), донесените генерални и детални урбанистички планови за општините со седиште во село и селата до влегување во сила на “Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ 51/2005), се применуваат како урбанистички планови за село и ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од четири години од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Во врска со горенаведеното, постоечката урбанистичко планска документација поради нејзино неусогласување со одредбите на новата законска регулатива во утврдените законски рокови (согласно членот 78 од Законот за просторно и урбанистичко планирање објавен во („Службен весник на Република Македонија“ бр 51/2005) – и согласно членот 46 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен.весник на Република Македонија“ бр. 137/2007) – продолженото усогласување до 2011 година, истата не се применува, а просторот опфатен со неа се смета за простор вон плански опфат што е во согласност со членот 24 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013).
Општина Охрид, применувајќи ги погоренаведените одредби од законската регулатива, а согласно членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Сл.весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), кој гласи „до донесување на урбанистички план за село изградбата во селата кои немаат урбанистичка документација може да се врши под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината односно општината во градот Скопје, кој се донесува по претходна согласност на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот”, со Одлука на Советот на Општина Охрид го донела Општиот акт за село Лагадин.
Ова од причина што урбанистичките планови ги носи општината во кое истата ја изразува својата визија за просторот, односно својот план со кој го планира просторот, што значи дека при постоење на нови елементи или нови околности, општината може истата да ги инкорпорира во нов детален урбанистички план и пред рокот, како што се укажува во иницијативата, односно со донесувањето на нов урбанистички план престанува да важи постојниот план. Токму оваа законска одредба, според наше мислење, упатува на правото на општината по нејзино наоѓање и оценка, како планер на просторот да може во секое време доколку се јави потреба за тоа во нова постапка да го уреди планскиот опфат.
Тргнувајќи од утврдената фактичка положба, особено од начинот и постапката за донесување на оспорениот општ акт и од наведените законски одредби, Судот утврди дека оспорениот општ акт е донесен во пропишана постапка со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014 и 44/2015). Според Судот не се основани наводите на подносителите на иницијативите дека истиот требало да се донесе во иста постапка, односно планскиот празен простор во село Лагадин требало да биде уреден со одлука како што биле донесени претходните детални урбанистички планови. Имено, Судот од утврдената фактичка состојба врз основа на доставената документација утврди дека Советот на Општина Охрид планската документација ја донел во форма на општ акт, а не во форма на детален урбанистички план, односно не по истата процедура како и постоечката, која била или е во сила, а која била стара односно неусогласена) како што е наведено во иницијативата, бидејќи просторот во село Лагадин е плански празен (вон плански опфат), а законодавецот директно упатува на примена на членот 84 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, се обезбедува примена на правните норми на конкретни случаи и таа примена претставува механизам кој го исклучува самоволието и арбитреност на носителите на власта, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото.
Од изнесената правна и фактичка состојба, произлегува дека оспорениот општ акт е донесен во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 9 и 10, членот 51 и членот 115 од Уставот на Република Македонија, како и со одредбите на членот 2 и членот 43 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.30/2017
22.05.2019 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски