Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.93/2018 донесено на 12 декември 2018 година за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагање со градежното земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Струга за 2018 година („Службен гласник на Општина Струга“ бр.5/2018), го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на горенаведената програма со образложение дека од содржината на актот што се оспорува со иницијативата произлегувало дека станува збор за конкретен и временски определен акт на Советот на Општина Струга, односно дека во конкретниот случај Програмата што се оспорува со иницијативата не содржела општи норми на однесување со кои се уредуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото и како таква оспорената програма не била подобна за уставно–судска оценка.
Со тоа Судот се прогласи за ненадлежен да ја оценува законитоста на постапката на донесување на оспорената програма од аспект на одредбите на Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), односно мнозинството судии оценија дека постапката за гласање на Советот на Општина Струга е ирелевантен за Уставниот суд и од таа причина ја отфрлија иницијативата поднесена од Ален Деребан од Струга.
Моето мислење е спротивно на оценката образложена во Решението на Уставниот суд поради следните правни причини:
Имено, убеден сум дека Уставниот суд на Република Македонија мораше мериторно да одлучи во врска со оспорената програма земајќи ги предвид наводите и информациите содржани во иницијативата, како и одредбите од Уставот на Република Македонија, Законот за локалната самоуправа и Законот за градежното земјиште.
Според член 51 од Уставот: „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.
Во членот 110 алинеја 2 е пропишано дека Уставниот суд „- одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите“.
Во член 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа е пропишано: „Во вршењето на работите од својата надлежност, Советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови и други прописи утврдени со закон.
Прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон“.
Исто така и во Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015) во член 99 став 1 алинеја 1 е пропишано: „Општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје можат да ги вршат работите за располагање со градежното земјиште сопственост на Република Македонија, доколку ги исполнуваат следниве услови: – да имаат изготвено и усвоено едногодишна програма за работа во областа на располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија“.
Во конкретниот случај сметам дека со Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето на градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Струга за 2018 година („Службен гласник на Општина Струга“ бр.5/2018) се уредуват права и обврски на неопределен број на субјекти во врска со располагање на градежно земјиште односно на градежните парцели во Општина Струга.
Врз основа на цитираните законски одредби и од самата содржина на оспорената програма произлегува дека истата претставува пропис кој е подобен за уставно–судска оценка.
По однос на самата суштина на иницијативата и нејзините наводи сметам дека Судот требаше да се произнесе мериторно околу законски потребното мнозинство гласови за донесување на оспорената програма од страна на Советот на Општина Струга.
Цврсто сум убеден дека оспорената програма на Општина Струга не го добила потребното апсолутно мнозинство гласови на Советот.
Имено, на седницата на Советот на Општина Струга гласале само 12 советници од вкупно 27 советници што е спротивно на член 62 став 2 од Законот за локалната самоуправа во кој децидно, јасно и прецизно е утврдено дека кога е во прашање донесување на прописи на општината, тие се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.
Со тоа законодавецот со член 62 став 2 од Законот ја исклучил можноста прописите на општината да бидат донесени со поинакво (различно) мнозинство гласови врз основа на статути или деловници на општините. Тоа значи дека регулирањето на потребното мнозинство на донесување на општинските прописи е законско прашање par excellence.
Исто така, сметам дека Судот во расправата по конкретната иницијатива со која се оспорува постапката на донесување на означената програма на Советот на Општина Струга требаше да ја земе во предвид соодветната уставно–судска пракса на Судот од најмалку 10 решенија или одлуки со кои програмите се сметаат за прописи подобни за уставно–судска оцена. Со некои од нив се укинуваат и програми заради тоа што биле донесени без да има потребен кворум за работа на седница на совет на општина (У.бр.61/1992, У.бр.264/1992, У.бр.146/1994, У.бр.325/1995, У.бр.372/1995, У.бр.125/1996, У.бр.176/1996, У.бр.208/1996, У.бр.215/1998, У.бр.170/2002).
Врз основа на изнесеното сметам дека Уставниот суд на Република Македонија требаше да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената програма, а потоа да ја укине или поништи.
Судија на Уставниот суд
Јован Јосифовски