Решение У.бр.93/2018

У.бр.93/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценка на законитоста на Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Струга за 2018 година, бр.08-2108/4 од 14 мај 2018 година („Службен гласник на Општина Струга“ бр.5/2018), донесена од Советот на Општина Струга.

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија.“

3. Ален Деребан од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценка на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Советот на Општина Струга на деветтата седница одржана на 14 мај 2018 година ја донел оспорената програма, спротивно на членот 62 ставови 1 и 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), според кои во вршењето на работите од својата надлежност советот донесува прописи, и тоа: статут, програми, планови, одлуки и други прописи утврдени со закон и прописите се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот, доколку поинаку не е определено со овој или друг закон.

Со оглед на тоа што за оспорената програма на седницата на Советот на Општината Струга гласале само 12 советници од вкупно 27 советници и немало мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, произлегувало дека оспорената програма не била во согласност со наведените одредби од Законот за локалната самоуправа, па поради тоа се предлага Судот да поведе постапка за оценка на законитоста на оспорената програма.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 99 став 1 точка 1 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2015, 98/2015, 193/2015, 226/2015, 31/2015, 142/2016 и 190/2016), како и врз основа на членот 1 од Одлуката за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија пренесено на Општина Струга, бр.51-7008/1 од 20.11.2011 година, Советот на Општина Струга на 9-тата седница одржана на 14 мај 2018 година ја донел Програмата за изменување и дополнување на Програмата за работа во областа на располагањето со градежно семјиште во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Струга за 2018 година („Службен гласник на Општина Струга“ бр.5/2018).

Со оваа програма се врши изменување и дополнување на Програмата бр.08-4483/11 од 28.12.2017 година, која се однесува за периодот на 2018 година. Измените и дополнувањата се однесуваат на земјиштето во сопственост на Република Македонија пренесено на Општина Струга кое ќе биде предмет на располагање, и тоа во однос на градежните парцели со број, графички и текстуален дел, како дел од Програмата, и тоа за ДУП УЕ-2 дел од блок 9 – Струга (градежни парцели 1.8, 1.9, 1.10, 1.11, 1.12), ДУП Езерски Лозја дел 1 и 2 КО Мислешево (градежни парцели 18.31, 18.32, 18.12, 18.10, 18.38, 18.39, 18.44, 18.41), а во останатиот дел Програмата за 2018 година, останува неизменет.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека станува збор за конкретен акт на Советот на Општина Струга, кој претставува преглед на конкретно градежно земјиште и парцели во сопственост на Република Македонија на подрачјето на Општина Струга, кои би биле предмет на располагање во текот на 2018 година.

Тргнувајќи од фактот дека предмет на оценка пред Уставниот суд можат да бидат само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а во конкретниот случај актот кој се оспорува со иницијативата, како конкретен, временски определен акт, нема таков карактер, Судот оцени дека оспорениот акт не е подобен за уставно-судска оценка.

Имајќи го предвид наведеното, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.93/2018
12 декември 2018 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоени мислења по предметот У.бр.93/2018