Издвоено мислење по предметот У.бр.100/2004

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на Решението У.бр.100/2004 од 14 јули 2004

Со означеното решение Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста, помеѓу другото, и на членот 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Според моето мислење, постојат основи за сомневање во уставноста на означените одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија, од следните причини:

Оспорените ставови 4 и 5 на членот 51 од Деловникот на Собранието на Република Македонија содржат овластување по барање за одобрување притвор на пратеник да одлучи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието, во случаи кога Собранието не одржува седница, односно ако седницата не се предвидува да се одржи во рок од 15 дена, со тоа што Собранието на првата наредна седница одлучува дали ќе ја потврди или укине одлуката на Комисијата. Од целината на овој член е јасно дека овие два става прават исклучок од правилото содржано во претходните ставови дека Собранието, а не негова комисија, одлучува дали ќе даде одобрение за притвор на пратеникот. Од овие одредби е исто така јасно дека одлуката на Комисијата има непосредно правно дејство, независно од тоа што таа оди на потврда на првата наредна седница на Собранието.

Според член 64 став 3 од Уставот на Република Македонија, пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Согласно ставот 4 на овој член од Уставот, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Овие уставни одредби, покрај другите важни прашања, ја уредуваат на јасен начин надлежноста на Собранието да одлучува за одобрување притвор на пратеник.

Работите од својата надлежност, согласно член 66 став 2 од Уставот, Собранието ги врши на седница и за нив одлучува со определено мнозинство пропишано со Уставот.

Во Уставот не постои одредба која би го овластила Собранието одлучувањето за работите од својата надлежност да го пренесе на други органи или на своите работни тела, што, додуша, не е непознато во компаративното уставно право. Основ за ваков трансфер на надлежноста не може да биде ни одредбата од член 61 став 2 од Уставот според која организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот, затоа што устаната надлежност на Собранието не е прашање на негова организација и функционирање.

Оттука, со оглед на тоа што оспорените ставови 4 и 5 на членот 51 од Деловникот на Собранието пропишуваат можност за работите од надлежност на Собранието, макар и привремено, да одлучува друго тело, а не Собранието на седница, сметам дека може основано да се постави прашањето за нивната согласност со означените одредби од Уставот. Притоа, не само што тие одредби немаат уставен основ, туку не може да се оправдаат ниту со потребите од организациска и функционална природа на кои се повикуваат, имено околноста дали Собранието одржува или ќе одржи седница во определен рок. Свикувањето итна седница е пропишан облик на функционирање на Собранието, а тешкотиите во нејзиното организирање не може да бидат причина за пренесување на надлежноста. Ако тоа не е така, тогаш која било надлежност на Собранието, па и за донесување закони, би можела да се пренесе на ист начин. Во овој предмет станува збор токму за тоа принципиелно прашање.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија,
Игор Спировски

Решение У.бр.100/2004