Решение У.бр.100/2004

У.бр.100/2004

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 јули 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 50 став 2 и 3 и членот 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.60/2002).

2. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на имунитетното право на Љубе Бошковски од Скопје, пратеник во Собранието на Република Македонија.

3. Коце Трајановски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и адвокатите на Љубе Бошковски, Ставре Џиков од Скопје, Јагнула Куновска од Скопје и Ненад Јаниќевиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа:
1. иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение и
2. барање за заштита на имунитетно право означен во точката 2 од ова решение.

Имено, со првата иницијатива се оспоруваат членовите 50 став 2 и 3 и 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија затоа што овие оспорени одредби од Деловникот биле уредени во несогласност со Уставот, Законот за кривичната постапка, Законот за јавно обвинителство и Законот за судовите, од причини што не биле наведени надлежните органи за поднесување барање, односно известување до претседателот на Собранието за одобрување на притвор на пратеник, како и за притвор на пратеник, кога е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку 5 години. Понатаму во иницијативата се наведува дека во член 8 алинеја 4 од Уставот била утврдена поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, при што со Уставот и законите не било допуштено мешање на една во друга власт, затоа што власта била поставена како структура на самостојна релативно поделена власт, чии статус, надлежност и односи биле утврдени со Уставот се со цел да го гарантираат остварувањето и заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот.

Подносителот на иницијативата исто така смета дека првата темелна вредност на уставниот поредок било остварувањето и заштитата од страна на сите државни органи на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (член 8 алинеја 1 од Уставот), при што тие можело да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (член 54 од Уставот), а не и со закон или подзаконски акт. Ваквата непрецизност и правна празнина на овие оспорени одредби од Деловникот создавало правна несигурност, арбитрерност и нивна дискрециона примена, и злоупотреба од страна на претседателот на Собранието, надлежниот основен јавен обвинител и министерството за внатрешни работи, бидејќи наместо истражниот судија при надлежниот основен суд, тие поднесувале до претседателот на Собранието барање за одобрување на притвор на пратеник, односно известувањето дека пратеникот бил притворен. На ваков начин, смета подносителот на иницијативата со изместување на уставна и законска надлежност на јавното обвинителство, судовите и Министерството за внатрешни работи се вршел против уставен и противправен притисок врз судовите како самостојни и независни органи (член 98 став 2 од Уставот), поради што овие оспорени одредби од Деловникот не биле во согласност со членот 8 алинеја 3 и 4 и со членот 12 став 2 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 132 став 2, 151 став 3 и 185 став 1 од Законот за кривичната постапка, од кои произлегувало дека исклучиво единствен надлежен орган што ја оценува основаноста на предлогот на надлежниот основен јавен обвинител за определување на мерката притвор бил истражниот судија на надлежниот основен суд кој предметно постапува по барањето за спроведување на истрага и предлогот за определување на притвор, кои биле поднесени од надлежниот јавен обвинител.

Оспорените одредби од Деловникот не биле во согласност и со одредбите од членовите 8 и 15 од Законот за јавно обвинителство од кои не произлегувало дека надлежниот јавен обвинител имал овластување да поднесува барање до претседателот на Собранието за одобрување на притвор на пратеник.

По однос на оспорените одредби од ставовите 4 и 5 на член 51 од Деловникот на Собранието подносителот на иницијативата смета дека според член 12 став 2 од Уставот никому неможело да му биде ограничена слободата, освен со одлука на Судот и во случаи и во постапката утврдена со закон, според член 34 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, според член 64 став 3 од Уставот, пратеникот не можел да биде притоврен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку 5 години и според член 76 став 1 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени работни тела. Од изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не можела да донесува одлука за одобрување притвор на пратеник ако Собранието не одржува седница, односно ако седницата не се предвидува да се одржи во рок од 15 дена, туку работното тело можело само да усвои извештај во врска со поднесеното барање и да го достави до претседателот на Собранието, кое имало исклучиво надлежност да одлучува за одобрување на притвор на пратеник по претходно поднесено барање од истражен судија на надлежниот основен суд, а за што претходно Собранието согласно член 132 став 2 од Законот за кривичната постапка, по барање на истражниот судија дава одобрение за водење на истрага против пратеникот. Ова значело дека Собранието неможело својата надлежност да ја делегира на комисијата и затоа што согласно член 66 став 1 од Уставот Собранието било во постојано заседание.

Подносителот на иницијативата наведува дека вакви решенија содржеле Уставот на Руска Федерација, Уставот на Република Хрватска и Уставот на поранешна Сојузна Република Југославија како и други европски земји. Оспорените одредби на ставовите 4 и 5 од член 51 од Деловникот на Собранието на Република Македонија според подносителот на иницијативата не се во согласност со напред наведените уставни одредби, за што се бара Уставниот суд да одржи подговителна седница, а по донесување на решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија, да одржи јавна расправа, после која би донел одлука за поништување на оспорените одредби од Деловникот.

Со иницијативата, исто така, се бара Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија, поради тоа што со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици по личниот интегритет на пратениците во Собранието.

Со второто барање поднесено од адвокатите на Љубе Бошковски се бара заштита на имунитетното право на член 64 од Уставот на Република Македонија на Љубе Бошковски, пратеник во Собранието на Република Македонија.

Подносителите на второто барање исто така како и подносителот на првата иницијатива наведуваат дека основното јавно обвинителство не е надлежно согласно Уставот, Законот за јавно обвинителство и Законот за кривичната постапка да поднесува барање за одобрување на притвор на пратеник до претседателот на Собранието на Република Македонија туку, такво барање може да поднесе само истражниот судија при надлежниот основен суд, и дека Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања наместо да се прогласи за ненадлежна и да го вратела барањето до Претседателот на Собранието на Република Македонија, таа расправала по барањето на Основниот јавен обвинител (без присуство на пратеникот Љубе Бошковски, кој не бил уредно поканет), а во присуство на министерот за внатрешни работи и основниот јавен обвинител во Скопје и на ден 30.04.2004 година донела одлука со која се одобрува изрекување на мерка притвор на пратеникот во Собранието на Република Македонија Љубе Бошковски од страна на надлежен државен орган, согласно член 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, а која одлука била потврдена со мислењето на Собранието на 5.05.2004 година, со што било повредено имунитетно право на пратеникот Љубе Бошковски од член 64 став 4 од Уставот и одлуките биле донесени врз основа на ставовите 2 и 3 од член 50 и ставовите 4 и 5 од член 51 од Деловникот, кои биле неуставни и незаконити.

Понатамошниот дел од барањето и текстуално и суштински е исто како и првата иницијатива, а се смета дека одлуките на Комисијата и Собранието со кои му е одземено имунитетното право на пратеникот Љубе Бошковски од член 64 став 3 од Уставот се противуставни и противзаконски, па согласно член 110 алинеја 3 од Уставот и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, пратеникот Љубе Бошковски имал право да поднесе заштита на имунитетното право од член 64 од Уставот, затоа што имунитетното право, кое било израз, потврда и манифестација на суверенитетот на граѓаните и кои властите ја остваруваат преку демократските избори и претставници (член 2), преку политичкиот плурализам (член 8 алинеја 5) политичкото здружување и дејствување (член 20) од Уставот била гаранција за остварување на пратеничката функција на пратеникот Љубе Бошковски, поради што се бара Уставниот суд на Република Македонија да одржи подготвителна седница и јавна расправа, на кои ќе биле поканети и експерти по уставно право и кривична постапка и Народниот правобранител на Република Македонија и врз основа на член 110 од Уставот и членовите 56 и 70 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе одлука, со која ќе ја поништи Одлуката на Комисијата бр.25-1772/2 од 30 април 2004 година и Мислењето на Собранието од 5 мај 2004 година.

Исто така овие подносители на иницијативата бараат согласно членот 57 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесување на конечна одлука по Барањето за заштита на имунитетното право од член 64 став 3 од Уставот на Република Македонија, да донесе решение за запирање од извршување на Одлуката бр.25-1772/2 од 30.04.2004 година и Мислењето на Собранието од 5.05.2004 година затоа што со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици по личниот интегритет и слободата на пратеникот Љубе Бошковски.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 66 став 4 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија донесува Деловник со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Собранието на Република Македонија, врз основа на членовите 61 став 2 и 66 став 4 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 15 јули 2002 година донесе деловник на Собранието на Република Македонија и тој е објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.60/2002.

Во завршните одредби, во членот 240 од Деловникот е утврдено дека со влегувањето во сила на овој Деловник престанува да важи Деловникот на Собранието на Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.37/1975, 15/1978, 13/1982, 15/1982, 14/1986, 51/1988 и 46/1989) и Привремениот деловник на Собранието на СРМ (“Службен весник на СРМ” бр.3/1991).

Со оспорените одредби од Деловникот на Собранието се уредува прашањето во врска со процедурата за одобрување на притвор на пратеник.

Имено во оспорениот член 50 став 2 од Деловникот е пропишано дека Барањето за одобрување на притвор на пратеник односно известувањето дека пратеникот е притворен се поднесува до претседателот на Собранието, а во ставот 3 од истиот член од Деловникот е определено дека надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикувал на имунитетот.

Во ставот 4 од оспорениот член 51 од Деловникот на Собранието е определено дека ако Собранието не одржува седница, односно ако седницата не се предвидува да се одржи во рок од 15 дена, по барањето за одобрување на притвор, одлучува комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, која е должна за тоа да го извести Собранието, а во ставот 5 од истиот член од Деловникот е предвидено дека Собранието на првата наредна седница одлучува дали ќе ја потврди или укине одлуката на комисијата.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 8 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок на Републиката се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Во членот 12 ставот 2 е утврдено дека никому не може да му биде ограничена слободата, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободата и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во ставот 2 од истиот член стои дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Согласно ставот 3 од членот 54 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Во ставот 4 е утврдено дека ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 64 став 1 од Уставот на Република Македонија, пратениците уживаат имунитет. Според ставот 2 пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Во ставот 3 од истиот член е утврдено дека пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, а во ставот 4 е определено дека Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повика на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.

Според член 66 став 1 од Уставот, Собранието е во постојано заседание.

Според член 76 став 1 од Уставот, Собранието основа постојани и повремени работни тела.

При разгледување на овие оспорени одредби од член 50 од Деловникот, а по однос на наводите во иницијативата Судот, утврди дека согласно член 1 став 1 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, со Деловникот се уредуваат организацијата и функционирањето на Собранието на Република Македонија и на работните тела на Собранието.

Значи, со оспорените одредби од Деловникот се уредува прашањето во врска со процедурата за одобрување на притвор на пратеник, а не кој орган е надлежен да поднесе барање за одобрување на притвор на пратеник, односно, известувањето до претседателот на Собранието дека пратеникот е притворен. Собранието нема обврска со свој акт (Деловник) да уредува прашања кој спаѓаат во друга област односно кој се уредени со закон.

Судот, смета дека подносителот на иницијативата погрешно ги толкува оспорените одредби од член 50 став 2 и 3 од Деловникот во смисла што наоѓа дека од содржината на тие одредби треба да произлезе кој орган е надлежен за поднесување на барање за одобрување на притвор на пратеник, односно доставувањето на известувањето до претседателот на Собранието за притвор на пратеник кога тој не се повикал на имунитет.

Оттука, не може да стане збор за несогласност на овие оспорени одредби од Деловникот на Собранието со членот 8 алинеја 1, 3 и 4 од Уставот во кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право, и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Од истите причини не можат да се прифатат и наводите во иницијативата дека оспорените одредби од Деловникот на Собранието не се во согласност со членовите 94 и 98 ставот 2 од Уставот на Република Македонија, како и членовите 132 став 2, 151 став 2, 152 став 3 и 185 став 1 од Законот за кривичната постапка и членовите 8 и 15 од Законот за јавното обвинителство.

Подносителот на иницијативата исто така ги оспорува одредбите од ставовите 4 и 5 од членот 51 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, од причини што смета дека Комисијата за деловнички и мандатно – имунитетни прашања не можела да донесе одлука за одобрување притвор на пратеник ако Собранието не одржува седница, односно ако седницата не се предвидувала да се одржи во рок од 15 дена, туку како работно тело можела само да усвои извештај во врска со подносеното барање и да го достави до претседателот на Собранието, кое имало исклучива надлежност да одлучува за одобрување на притвор на пратеник и истите не биле во согласност со членовите 12 став 2, 54 став 1, 64 став 3 и 76 став 1 од Уставот на Република Македонија.

По однос на овие наводи во иницијативата Судот утврди дека согласно член 61 став 2 од Уставот на Република Македонија организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и Деловникот.

Од наведената уставна одредба произлегува дека Уставот предвидува организацијата и функционирањето на Собранието да се уреди со акт – Деловник на Собранието.

Со членот 64 од Уставот на Република Македонија е уредено прашањето на имунитетот на пратениците.

Од анализата на членот 64 од Уставот на Република Македонија произлегува дека ставот 2 од овој член се однесува на материјалниот имунитет. Имунитетот во суштина не е привилегија на определени луѓе на кои се однесува, туку неопходност за да можат нивните функции да ги извршуваат непречено, слободно и одговорно, односно како што е во конкретниот случај пратеникот според ставот 2 од членот 54 од Уставот ужива имунитет и не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Овој имунитет важи како за време на пратеничкиот мандат, така и по завршувањето на мандатот.

Од овој имунитет се разликува процедуралниот имунитет, според кој кривичната постапка против пратеникот може да почне со исполнувањето на условите предвидени во Уставот и законите. Ставот 3 на членот 64 од Уставот зборува токму за овој имунитет. Имено, пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Овој имунитет се однесува само на активностите на пратеникот кои не се однесуваат на неговите дејствувања врзани за работата и должностите на пратеникот во Собранието. Овој тип на имунитет трае додека трае пратеничкиот мандат. Во овој случај доаѓа до израз принципот на рамноправноста на граѓаните пред Уставот и законите (член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија).

Анализирајќи ги оспорените одредби од член 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието, Судот смета дека овие оспорени одредби не се во несогласност со Уставот, меѓу друго и од причини што Собранието согласно ставот 5 од членот 51 од Деловникот го задржува правото да одлучува дали ќе ја потврди или ќе ја укине одлуката на Комисијата.

Имајќи ги во предвид наводите во иницијативата дека Собранието било во постојано заседание, според Судот, треба да се прави разлика помеѓу “заседание” и “седница”. Заседание е временски период во кој Собранието согласно Уставот може да се состане и да ги врши своите овластувања. Седница, пак, е собирање на пратениците во рамки на заседанието, за да расправа и да одлучува за прашањата што се на усвоениот дневен ред. Седницата трае од моментот кога претседателот на Собранието ќе ја отвори, до моментот кога истата ќе ја затвори.

Собранието на Република Македонија е во постојано заседание, а неговата работа се одвива на седници.

Имајќи го предвид фактот дека определувањето на мерката притвор, налага итно и брзо постапување во ситуација кога Собранието не одржува седница, а сето ова врзано за ефикасно водење на кривичните постапки во кои прашањето на притворот е од приоритетно значење, всушност оспорените одредби од членот 51 од Деловникот претставуваат операционализација на уставната одредба.

Судот, исто така, утврди дека во конкретниот случај, овластувањата содржани во оспорените одредби на член 51 став 4 и 5 од Деловникот се во рамките на функционалната и организационата поставеност на Собранието, кои се движат во рамките на овластувањата утврдени во членот 64 од Уставот, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на овие оспорени одредби од Деловникот со напред наведените одредби од Уставот.

По однос на барањето Судот да донесе решение за запрање од извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби од членовите 50 и 51 од Деловникот на Собранието, со оглед на тоа што Судот не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Деловникот, барањето е беспредметно.

5. По однос на наводите на второто барање за заштита на имунитетното право на Љубе Бошковски пратеник во Собранието на Република Македонија, Судот утврди дека:

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото превземање.

Според член 56 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија со одлуката за заштита на слободите и правата Уставниот суд ќе утврди дали постои нивна повреда и во зависност од тоа ќе го поништи поединечниот акт, ќе го забрани дејството со кое е сторена повредата или ќе го одбие барањето.

Според член 8 алинеја 1 и 3 од Уставот на Република Македонија како темелни вредности на уставниот поредок се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Разгледувајќи го ова барање, Судот утврди дека прашањата што се покренуваат со барањето спаѓаат во доменот на кривичната постапка, и тоа како во поглед на прашањата поврзани со условите за определување притвор, така и во поглед на прашањето за условите, начинот и постапката за одземање на имунитет и натамошно водење на кривичната постапка, односно дека за заштита на законитоста на актите и дејствијата на надлежните органи во таа постапка предвидени се правни средства кои му стојат на располагање како нејзин составен дел во рамките на таа постапка.

Судот, исто така, утврди дека овие прашања не спаѓаат во доменот на заштитата на слободите и правата, односно тие не се непосредно поврзани со остварувањето на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, и дека за тие прашања Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, поради што Судот одлучи како во точка 2 од ова решение.

Од тука барањето Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти и дејствија што се преземени врз основа на Одлуката на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања во Собранието на Република Македонија бр.25-1772/2 од 30 април 2004 година потврдена со Мислењето на Собранието на Република Македонија од 5 мај 2004 година, со која се одобрува изрекување на мерката притвор на пратеникот во Собранието на Република Македонија, Љубе Бошковски од Скопје, Судот смета дека истото е беспредметно.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов. Решението за неповедувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста на член 51 став 4 и 5 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.100/2004
14 јули 2004 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова

Издвоено мислење по предметот У.бр.100/2004

 

Leave a Reply