Издвоено мислење по предметот У.бр.118/2003

Согласно член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/92), по моето гласање против решението за неповедување на постапка за оценување на уставноста, писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
на решението у.бр.118/2003 од 16 јули 2003 година со кое не се поведе постапка за оценување на уставноста на член 1, член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за републичкиот судски совет (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2003)

На седницата одржана на 16 јули 2003 година, постапувајќи по иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 1, член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, поднесени од Републичкиот судски совет и од Вера Терзиева Тројачанец од Скопје, Уставниот суд со мнозинство гласови донесе решение со кое не се поведува постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

Донесеното решение не го одразува мојот став и моето мислење, бидејќи спротивно на одлученото, сметам дека имаше основ да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот, и дека беа исполнети сите претпоставки за донесување на поинаква одлука. Гласав против решението на Судот за неповедување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од следните причини:

Неспорен е фактот дека Уставниот амандман XIV со денот на неговото прогласување влезе во сила и со тоа ја утврди обврската при изборот на Републичкиот судски совет, тројца од членовите да се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Исто така, неспорно е дека овој амандман е само надополнување на ставот 2 на членот 104 од Уставот.

Уставниот амандман XIV е во функција на надополнување на веќе важечки член од Уставот и со него не се внесува друга промена освен промена во начинот на избор на тројца од седумте членови на Републичкиот судски совет. Тогаш, неспорно се наметнува прашањето зошто прашања кои воопшто не се покренати со овој амандман, а се од статусна природа за уставно утврден орган, се решаваат со Закон, односно се поставува прашањето дали со закон може да се менува уставна одредба која јасно го утврдува не само начинот на избор туку и мандатот на членовите на Советот.

На мислење сум дека член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, се спротивни на Уставот на Република Македонија, бидејќи се спротивни на принципот на правната сигурност и на владеењето на правото како темелни вредности на уставниот поредок. Со наведените два члена Законот се издига над Уставот и законската норма наметнува решенија кои се предмет на уставна материја.

Во член 104 од Уставот утврдено е дека Републичкиот судски совет го сочинуваат седум членови кои ги избира Собранието. Со Уставниот амандман XIV овој дел од истиот член се надополнува со одредба во која се појаснува дека тројца од членовите се избираат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Во ставот три на истиот член утврдено е дека членовите на Советот се избираат од редот на истакнатите правници за време од шест години, со право на уште еден избор.

Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет во Законот за Републичкиот судски совет во членот 9 се додава нов став 3, според кој, членот на Советот се разрешува ако ги исполнува условите за старосна пензија.

Оваа одредба не е во согласност со членот 104 став 3 на Уставот, бидејќи единствен уставно утврден услов за избор на членови на Републичкиот судски совет е тие да бидат истакнати правници и при тоа Уставот овој услов не го поврзува со одредена возраст или исполнување или неисполнување на условите за старосна пензија. Оттука, за мене е неспорен фактот дека условите и времетраењето на мандатот на членовите на Советот се утврдени со Уставот и тие не може да бидат менувани со закон. Пропишувајќи со закон дека исполнувањето на условите за старосна пензија претставува законски основ за разрешување на член на Советот, со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, се наметнува нов услов за избор на член на Советот определена старост или работен стаж на истакнатиот правник кој би бил предложен за член на Советот.

Во членот 9 став 1 и 2 од Законот за Републичкиот судски совет, и досега е предвидена оставката како основ за престанок на мандатот на член на Советот, а како основ за разрешување предвидени се случаи ако членот на Советот биде осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, или кога трајно ќе ја загуби способноста да ја врши својата функција, што го утврдува Советот врз основа на наод и мислење на надлежна здравствена комисија. Овие основи за престанок, односно за разрешување од мандатот не се во спротивност со член 104 од Уставот, од причина што за нивното настанување во моментот на избор на членовите на Советот не може однапред да се знае или да се претпостави нивното настанување, а тие пак можат да настанат или да не настанат во текот на мандатот на членовите. Освен тоа, токму овие основи за престанок, односно за разрешување од функцијата член на Советот, се резултат на одредени правни и природни околности кои влијаат на капацитетот за вршење на функцијата. Спротивно на овие основи, старосната пензија како можен основ на предлагачот и на Собранието кој го врши изборот му е однапред позната, и од основ за разрешување овој услов се издигнува и на услов за избор на член на Советот. Од друга сграна, одредената возраст за старосна пензија никако не смее и не треба да се смета за околност која влијае на капацитетот за вршење на функцијата.

Онаму каде што старосната пензија е основ за престанување на одредена јавна функција, Уставот тоа го утврдува или остава простор тој со закон да се дорегулира. Во случајот на членовите на Републичкиот судски совет, Уставот утврдил дека тие се избираат со мандат од шест години со право на ушге еден избор. Впрочем, Уставниот суд со Одлука У.бр.268/1992 година, објавена во “Службен весник на Република Македонија“ бр.26/93, го укина делот од член 7 на Законот за Релубличкиот судски совет кој се однесуваше на определувањето на структурата на Републичкиот судски совет со образложение дека Уставот како единствен услов за избор на членови на Републичкиот судски совет утврдил тие да бидат истакнати правници, поради што Судот сметал дека со закон не може да се утврдуваат други услови, вклучувајќи ја и професионалната припадност, односно функцијата што ја вршат или дејноста во која работат. При тоа, неприфатлив е ставот дека со старосната доба треба да се врзува престанокот на мандатот во орган за кој Уставот не го определил тоа. Неговиог статус произлегува од Уставот и било какви промени од статусна природа на овој орган мора да бидат направени со уставни измени, а не со закон. Според тоа, наметнувањето на старосната пензија како услов за разрешување на член на Советот со законска одредба, наспроти уставно утврдениот мандат, не може да се сфати поинаку освен како ограничување на уставно утврдениот мандат. Од тие причини, сметам дека член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет е спротивен на член 104 од Уставот и длабоко засега во правната сигурност како една од темелните вредности на уставниот поредок.

Со член 4 од Законот за измените и дополнувањата на Законот за Републичкиот судски совет се утврдува дека постапката за избор на новиот состав на сите членови на Советот, согласно со одредбите на истиот закон ќе опточне во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Изборот на членовите на Советот, согласно со одредбите на истиот закон, ќе се изврши најдоцна во рок од 60 дена од денот на влегување во сила на законот. Со истиот член се утврдува дека со денот на изборот на членовите на Советот, им престанува мандатот на членовите на Републичкиот судски совет од постојниот состав на Советот. Неприфатливо е објаснувањето дека оспорениот член само ја утврдува динамиката на постапката за изборот на нови членови на Советот, односно на престанокот на мандатот на постојниот состав на Советот, а дека обврската за избор на нов состав на Републичкиог судски совет произлегувала непосредно од Уставниот амандман XIV. Ниту со Уставниот амандман, ниту со Уставен закон не е утврдена обврска за промена на постојниот Републичкиот судски совет и не е утврден временски рок во кое треба да биде постапено по него. Со него се утврдува само начинот на кој во иднина треба да бидат избирани тројца од членовите на Советот, па дури и не се утврдува кои од тројцата членови. Според тоа, начинот на избор на тројцата членови на Советот можеше да се применува само по истекот на мандатот на членот на Советот од постојниот состав.

Со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Републичкиот судски совет, уставно утврден мандат се прекинува со Закон, и при тоа оваа законска одредба се правда како преодна одредба, како операционализација на Уставен амандман. Со оспорената одредба, спротивно на принципот на правната сигурност, со законска одредба се менува комплетниот состав на Републичкиот судски совет и се скратува мандатот на членовите утврден во член 104 од Уставот.

Недопуштено е образложението дека со овој член ќе се овозможи побрзо спроведување на Уставниот амандман бидејќи законската одредба не може да ја замени одредбата на Уставен закон, односно со законски одредби не може да се утврдуваат преодни одредби за спроведување на Уставен амандман. Мандатот на членовите на Советот, односно во случајот на оспорените одредби, промените во делот на изборот на тројца од членовите на Советот се предмет на уставна материја, па според тоа, оспорениот член од законот не значи ништо друго освен упад во уставно утврден мандат и воспоставување на нови статусни решенија во рокови утврдени со закон.

Поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за измени и донолнувања на Законот за Републичкиот судски совет ќе го зајакнеше почитувањето на принципот на правната сигурност како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Ваквиот пристап немаше да значи неспроведување на Уставниот амандман XIV, туку негова имплементација на начин и постапка кои не би го повредиле Уставот и темелните вредности на уставниот поредок и би ја постигнале својата уставна и реформска цел.

16 јули 2003 година
Скопје

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија,
Мирјана Лазарова Трајковска

Решение У.бр.118/2003