Издвоено мислење по предметот У.бр. 213/1991

Издвоено мислење по предметот
У.бр.213/1991

Противењето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија по предметот У.бр.213/91 со која се укинуваат точките 4 и 9 на член 1 од Одлуката за определување на цените на услугите од работа на системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води за корисниците од Општината Охрид, го образложувам со следнава правна аргументација:

1. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Според член 43 став 3 од Уставот, Републиката обезбедува услови за остварување на правата на граѓаните на здрава животна средина, а според член 56 став 1 сите природни богатства, како добра од општ интерс за Републиката, уживаат посебна заштита.

Во заштитата на Охридското Езеро, како добро од општ интерес за Републиката, а особено и како природна реткост од пошироко значење утврдено од УНЕСКО, покрај општите прописи за заштита на човековата околина, се применуваат и посебните прописи за заштита на природните реткости и како специјален закон – Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското езеро. Со овој закон, покрај обврските на Републиката се утврдуваат мерките што ги преземаат собранијата на општините на чии подрачја се наоѓаат езерата, како и заинтересираните организации.
Така, според член 5 од Законот, заштитата на езерата се остварува со преземање на превентивни и други мерки кои се уредуваат со програми што ги донесува Собранието на Републиката во согласност со Водостопанската основа на Република Македонија и меѓународните договри, по претходно прибавено мислење од собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија и заинтересираните организации за спортски риболов и други. Според член 6 Собранието на Република Македонија и собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија и заинтересираните организации, склучуваат договор за обезбедување средства за реализација на програмите од член 5 од овој закон.

Според член 23 став 1 од Законот, општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија се задолжуваат да обезбедат постројки и уреди за пречистување на отпадните води од населените места во рок од 10 години од денот на влегувањето во сила на законот, за што договорно со Собранието на Републиката ја утврдуваат динамиката и реализацијата на преземените обврски.

Во остварувањето на законските обврски, собранијата на општините Охрид и Струга основале Јавно претпријатие „Охридско Езеро” чија основна дејност е одведување и пречистување на огпадните и загадените води и вршење други работи за заштита на Езерото. Претпријатието, како самостоен стопански субјект остварува приход од цените на услугите што ги врши.

Со основањето на ова претпријатие не престанаа да суштествуваат комуналните претпријатија во Охрид и Струга кои пружааат непосредни услуги на граѓаните.

Тргнувајќи од изнесеното, при одлучувањето по оспорената одлука се изјаснив дека не постојат законски пречки Јавното претпријатие „Охридско Езеро“ да ги утврди цените на услугите шго ги пружа со својата дејност за зашгита на Езерото од загадување, затоа што, со прифаќањето на отпадните и загадените води од објектите и домовите и со нивното одведување и пречистување, Јавното претпријатие врши услуга на сите субјекти кои имаат полза од чистото Езеро, а не само на непосредните корисници на неговите услуги. Поради тоа сметам дека не се во прашање класични облигациони односи какви што граѓаните и другите субјекти остваруваат со комуналните организации за водовод и канализација во општините Охрид и Струга, кај кои надоместокот треба да биде еквивалентен на непосредната услуга.
Ова мое стојалиште не задира во правата на субјектите пред надлежен суд да ја оспоруваат висината на цената на услугите од аспект на видот и обемот на користа што ја имаат од Езерото.

Исто така, сметам дека со дејноста на Јавното претпријатие за заштита на Езерото од загадување не се задира во обврските на Републиката и другите субјекти задолжени за неговата заштита, како добро од општ интерес за Републиката и како природна реткост под заштита на меѓународната заедница, да обезбедуваат дополнителни средства за оваа намена.

Со оглед на тоа што со оспорената одлука на Јавното претпријатие „Охридско Езеро“ се определуваат цените на услугите од работата на системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води, а не цените на услугите на непосредните корисници, сметам дека истата не е во несогласност со Уставот и со закон.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија,
Вера Терзиева -Тројачанец

Решение У.бр.213/1991