Решение У.бр.213/1991

У.бр.213/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија и членот 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), по јавната расправа, на седницата одржана на 13 јануари 1993 година, донесе

О Д Л У К А

1.СЕ УКИНУВААТ точките 4 и 9 на член 1 од Одлуката за определување на цените на услуги од работа на системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни води и загадени води за корисниците на Општината Охрид, донесена од Собирот на јавното претпријатие “Охридско Езеро” во Струга на 7 март 1991 година.

2. СЕ ОДБИВА предлогот за оценување уставноста и законитоста на:
а) членот 3 од Одлуката за утврдување на учеството во финансирањето на работата на Работната организација водовод и канализација “Охридско Езеро” во Општина Струга, бр.08-3514, донесена од Собранието на Општината Охрид на 27 април1988 година, и
б) решенијата за утврдување на изворите на финансиските средства потребни за учество на Општината Охрид за работа на системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води, донесени од Извршниот совет на Собранието на Општината Охрид бр.09-7295 од 31 октомври 1989 година, бр. 09-7747 од 27 декември 1989 година, бр.09-733 од 1 февруари 1990 година и бр.09-7/269 од 1 август 1990 година.

3. СЕ ОТФРЛА предлогот за оценување законитоста на решението на Извршниот совет на Собранието на Општина Охрид бр.03-3033 од 21 април 1989 година.

4. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”, во “Службен гласник на Општина Охрид” и “Службен гласник на Општина Струга”.

5. На Уставниот суд на Република Македонија “Охрид-турс” во Охрид и “Метропол” од Скопје му поднесоа предлог за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1, 2 и 3 од оваа одлука, затоа што со Одлуката Собранието на Општината пренело право односно овластување на Извршниот совет да воведува давачки за задоволување на општите општествени потреби и дека во неа не е утврден рокот на важењето на овластувањето и немало определени насоки за работа на Извршниот совет, што Извршниот совет донел повеќе решенија со кои се утврдени изворите на финансиски средства, односно се утврдени давачки за работните организации и други субјекти, и затоа што со одлуката на Јавното претпријатие кое стопанисува со колекторскиот систем се утврдува надоместок за работните организации кои не се поврзани со колекторот и не ги користат услугите, што не било во согласност со Уставот и со закон.

6. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека во точките 4 и 9 на членот 1 од Одлуката за определување на цените на услуги од работа на системот за заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води за корисниците на Општината Охрид, донесена од Јавното претпријатие “Охридско Езеро”, како корисници на услуги од работата на системот за заштита на Езерото се предвидени општествени претпријатија, организации и други потрошувачи од општествениот сектор кои користат само вода, како и угостителските објекти кои не користат вода од градскиот водовод.

Според член 7 од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” бр.6/81, 37/87,59/88, 20/90, 23/90 и 24/91), во областа на водостопанството од посебен општествен интерес е и дејноста за заштита на водите од загадување, а според член 15, како водостопански објекти и постројки се и објектите за одведување и пречистување на отпадните води (објекти и постројки за заштита на водите). Според член 145 од Законот, за определени работи и мерки за заштита на водите од загадување, како и за обезбедување на солидарност и рамноправност во градењето, реконструирањето и одржувањето на водостопанските објекти и постројки во сите средини, особено во неразвиените, ридско-планинските и пограничните подрачја, средства се обезбедуваат од придонеси, а во тие рамки и од придонеси за испуштена загадена вода, што ги плаќаат организациите кои во вршењето на стопанска или стопанско-комунална дејност испуштаат загадени води според количината на испуштените води и степенот на загаденост.

Според член 2 од Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро (“Службен весник на СРМ” бр.45/77, 8/80 и 51/88), езерата се утврдени како добра од општ интерес и се користат за задоволување на општите и поединечните потреби, според прописите за заштита на човековата околина, заштита на природните реткости и заштита на водите, ако со овој закон не е определено поинаку. Во член 4 е утврдена обврска на Републиката за обезбедување средства за заштита на езерата, а според член 5, заштиата на езерата се остварува со преземање на превентивни и други мерки кои се утврдуваат со посебни програми. Програмите ги донесува Собранието на Република Македонија во согласност со Водостопанската основа на Република Македонија и меѓународни договори и претходно прибавено мислење од собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија, и заинтересирани електростопански, водостопански, туристичко-угостителски организации, организации за спортски риболов и други. Според член 6, пак, Собранието на Република Македонија и собранијата на општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија и заинтересираните организации, склучуваат договор за обезбедување средства за реализација на програмите од член 5 од овој закон.

Според член 23 став 1 од Законот, општините Охрид, Струга, Ресен и Гевгелија се задолжуваат да обезбедат постројки и уреди за пречистување на отпадните води од населените места во рок од 10 години од денот на влегувањето во сила на овој закон, за што договорно со Собранието на Републиката ја утврдуваат динамиката и реализацијата на обврските од став 1.

Од изнесените законски одредби произлегува дека езерата се утврдени како добра од општ интерес и се користат за задоволување на општите и поединечните потреби според прописите за заштита на човековата околина, заштита на природните реткости и заштита на водите. Во согласност со тоа, и системот за одведување и пречистување на отпадните води е во функција на езерото како добро од општ интерес и со неговото функционирање се задоволуваат како општите така и поединечните потреби на чисти езера.

Тргнувајќи од фактот дека пречистувањето на отпадните води претставува дејност на Јавното претпријатие “Охридско Езеро”, Судот смета дека Претпријатието, врз основа на принципот на заемните права утврдени во член 15 од Законот за облигационите односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.29/78) е овластено да утврдува надоместок и да ја определува неговата висина за пречистување на отпадните води од објектите на граѓаните и организациите кои се доведени во колекторскиот систем, односно од објектите кои се приклучени на тој систем, бидејќи со тоа меѓу нив се воспоставени определени облигациони односи. Меѓутоа, претпријатието нема овластување да утврдува и да наплатува надоместок од граѓаните и организациите кои не се приклучени на системот, бидејќи со нив тоа не воспоставило договорни односи. Општата полза од чистото езеро што се постигнува од функционирањето на колекторскиот систем, според мислењето на Судот, не може да биде ни уставен, ни законски основ, Претпријатието да наплатува надоместок од сите граѓани и организации што користат вода, без оглед дали се приклучени на системот, бидејќи со тоа всушност, би довело јавна давачка за задоволување на една општа потреба. А јавни давачки, според член 68 од Уставот на Република Македонија, утврдува Собранието на Републиката. Доколку, пак, Јавното претпријатие “Охридско Езеро” од надоместоците на граѓаните и организациите кои се приклучени на системот не може да ги покрие трошоците нужни за функционирањето на системот и остварувањето на заштитата на Езерото, како добро од општ интерес, надоместувањето на тие трошоци, се врши од јавните расходи во чие намирување, согласно член 33 од Уставот, секој е должен да учествува.

Со оглед на тоа што со точките 4 и 9 од членот 1 на Одлуката претпријатието кое стопанисува со колекторскиот систем утврдува надоместок како цена на услуга што ја врши и на организациите кои не се приклучени на системот, Судот смета дека на тој начин се воведува јавна давачка поради што утврди дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

7. Понатаму, Судот утврди дека со членот 2 на оспорената одлука на Собрнието на Општина Охрид се утврдува учество на Општината во финансирање на работата на Работната организација “Охридско Езеро”-Струга, која стопанисува со системот на заштита на Охридското Езеро од отпадни и загадени води со 72% од вкупните финансиски средства. Понатаму, според членот 3 на Одлуката се овластува Извршниот совет на Собранието на Општина Охрид да определи и утвбрди конкретни решенија со програми за извори на потребните средства, согласно челн 2 од оваа одлука.

Согласно член 114 став 4 од Уставот на Република Македонија, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и средства на Републиката.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека општината може да има и сопствени извори на средства, но тие мора да бидат определени со закон односно таа не може за финансирање на општите и заедничките потреби на граѓаните од општината да воведува обврски во вид на јавни давачки кои не се определени со закон. Меѓутоа, Судот смета дека со оспорената одредба од Одлуката Извршниот совет не е нормативно овластен да воведува давачки, туку во рамките на средствата со кои располага општината да бара конкретни решенија за средства од кои би се финансирала работата на колекторскиот систем и да му предлага на Собранието донесување на соодветни одлуки, поради што оцени дека оспорената одлука не е во несогласност со означената уставна одредба.

8. Исто така, Судот утврди дека решенијата на Извршниот совет на Собранието на Општината Охрид бр.09/7749 од 27 декември 1989 година, бр.09-733 од 1 февруари 1990 година и бр.09-269 од 1 август 1990 година престанале да важат со решението за давање согласност на Одлуката за определување на цените на услугите од работата на системот за заштита на Охридското Езеро, донесено од Извршниот совет на Собранието на 12 декември 1990 година, поради што оцени дека не постојат основи за оценување на нивната законитост.

9. Понатаму, Судот утврди дека решението на Извршниот совет бр.03-3033 од 21 април 1989 година веќе го оценувал, а по повод на предлогот не наоѓа основ за поинакво одлучување.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од оваа одлука.

11. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.

Издвоено мислење по предметот У.бр.213/1991

Leave a Reply