Издвоено мислење по предметот У.бр.154/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.154/2008 од 25 февруари 2009, писмено го изготвувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Клучниот навод во иницијатива, како што се гледа од Решението, беше дека оспорената одлука за изменување и дополнување на деталниот урбанистички план за “Мал Ринг“ во Скопје, била донесена во постапка што не е во согласност со член 15 од Законот за градот Скопје, затоа што градот Скопје не дал претходно позитивно мислење како што налага Законот. Напротив, градот Скопје, преку лице овластено за тоа со Законот за просторното и урбанистичкото планирање, дал негативно мислење.

Оттука, прашањата што Уставниот суд требаше да ги одговори се многу едноставни: дали законот навистина пропишува дека ДУП на општината се донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и, ако е така, да утврди дали такво позитивно мислење било добиено или не.

Во Решението, се разбира, коректно е изнесен членот 15 став 2 од Законот за градот Скопје во кој експлицитно е пропишано дека општината донесува ДУП, како што е оспорениот, по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност на органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот. Сигурен сум дека за секого е јасно дека одредбава инсистира на позитивно мислење како услов за законитоста на одлуката за ДУП. Она што не е изнесено во Решението, пак, е одредбата од член 26 став 9 од Законот за просторното и урбанистичко планирање, во која е предвидено дека претходно мислење дава градоначалникот, за што тој овластува стручно лице дипломиран инженер архитект со најмалку три години работно искуство во областа на урбанистичкото планирање.

Од изнесените одредби од двата закони, чија комплементарна примена е неспорна како елементарно правно правило (Законот за градот Скопје, во поглед на постапката за донесување на плановите, е lex specialis), јасно може да се констатира и какво треба да биде претходното мислење – позитивно, и кој го дава – градоначалникот, преку овластено лице со закон. Со тоа одговорот на првото прашање е очигледен.

Во Решението Судот констатира дека во документацијата за донесување на оспорената одлука за ДУП постои мислење на град Скопје за Предлог на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на град Скопје, “Мал Ринг“ дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7, Општина Центар-Скопје, бр.26-327/16 од 20.06.2008. Меѓутоа, во Решението не се изнесува фактот дека тоа мислење е негативно, што е исто така очигледно.

Според тоа, јасно е дека на оспорената одлука за ДУП и недостига претходно позитивно мислење од градот Скопје, поради што таа не е во согласност со член 15 став 2 од Законот за градот Скопје.

Судот, меѓутоа, со мислење на мнозинство судии, односно со мнозинство гласови, во став 25 на точка 6 од Решението целосно го игнорира член 15 став 2 од Законот за градот Скопје, како и линијата на резонирање што ја изнесов и го одбива наводот за незаконитоста на одлуката од тој аспект, “..од причина што Уставнот суд не е надлежен да го цени карактерот на прибавеното мислење, од причина што во донесувањето на Одлуката за детален урбанистички план од суштинско значење е дали сите фази во постапката се запазени.“ Јас не можам да одгатнам кои се основите и поентите на оваа реченица, но знам дека таа е неподобна да го образложи одбивањето на наводот против кој е употребена, односно не може да објасни кои се релевантните правни основи поради кои мнозинството судии сметаат дека не е важно тоа што член 15 став 2 од Законот за градот Скопје бара да постои претходно позитивно мислење. Прво, никој не бара Судот да го “цени“ карактерот на прибавеното мислење, па Судот да укажува дека не е надлежен за тоа, ниту пак тоа е релевантно, на каков и да е начин, за оцена на законитоста на постапката за донесување на планот. Од Судот само се бара да констатира дали мислењето било позитивно или негативно за да може да оцени дали членот 15 став 2 од Законот за градот Скопје е повреден или не (исто како што констатира дали на плановите е дадена согласност од надлежното министерство како услов за нивната валидност). Второ, одбивањето на истиот навод со укажувањето на Судот дека од суштинско значење било дали сите фази во постапката биле запазени, не е аргумент што ја исклучува фазата во која, според Законот за град Скопје, за ДУП на општина мора да се добие претходно позитивно мислење од градот Скопје. Пак останува да “виси“ прашањето зошто, односно поради кои релевантни правни основи мнозинството судии не ја третираат законската обврска за претходно позитивно мислење како фаза во постапката чие што запазување е од суштинско значење!? Оттука, мнозинското мислење воопшто не дава одговор на поставените прашања или одговара на прашања што не се поставени и, како што се гледа, не се релевантни.

Игнорирањето на член 15 став 2 од Законот за градот Скопје како основ за оценување на законитоста на оспорената одлука, конечно се манифестира во звршницата на став 25 на точката 6 од Решението, во кој Судот се задоволува со постоење на претходно мислење, независно дали е позитивно или негативно, “..предвидено во изнесената законска регулатива“. Оттука, доследно е што во решението воопшто не се изнесува дека претходното мислење било негативно, што мнозинството судии го сметаат како неважна околност, но не е доследно да се тврди дека тоа било предвидено во “изнесената законска регулатива“, затоа што таа околност е предвидена како важна токму “во изнесената законска регулатива“.

Врз основа на изнесеното, а имајќи го предвид текот на расправата на две седници на Судот, не ми остана ништо друго туку писмено да го издвојам изнесеното мислење по овој предмет и на тој начин не само да не се согласам, туку и да се оградам од наводите што се изложени како образложение на ставот на мнозинството судии.

Скопје, 4 март 2009

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.154/2008