Решение У.бр.154/2008

У.бр.154/2008

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 февруари 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок 1, Блок 6 и Блок 7 – Општина Центар – Скопје, број 07-1768/4 од 9 јули 2008 година, донесена од Советот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.7/2008).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“

3. Градоначалникот на Град Скопје, Трифун Костовски на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во Законот за Градот Скопје во член 10 став 1 точка 1 алинеја 3 било предвидено дека Градот Скопје е надлежен да дава мислења за предлогот на Деталниот урбанистички план, урбанистичките проекти и урбанистички планови за населените места што ги донесуваат општините на Градот Скопје. Во истиот закон, во член 15 став 2, било предвидено дека општините во Градот Скопје, деталните урбанистички планови ги донесувале по претходно добиено позитивно мислење од град Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Понатаму, во иницијативата се цитираат одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои ја регулираат постапката за донесување на Деталниот урбанистички план.

Според подносителот на иницијативата, од одредбите на цитираниот закон произлегувало дека при донесување на оспорената Одлука биле направени низа пропусти со кои се прекршувале одредбите од Законот. Имено, на 5 јуни 2008 година до Градот Скопје бил поднесен Предлог изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централното градско подрачје „Мал Ринг” (Б1, Б6 и Б7) заради давање мислење за истиот, согласно предвидената законска обврска во член 10 точка 1 алинеја 3 и член 15 од Законот за град Скопје, при што градот Скопје констатирал дека Предлогот не бил усогласен со Генералниот урбанистички план на Град Скопје од 2002 година, со што дал негативно мислење.

Подносителот на иницијативата наведува дека во образложението за донесување на Одлуката, Општината Центар навела дека правен основ за предложената Одлука биле Програмата на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистички планови на Република Македонија за 2008 година. Пред донесување на Одлуката, исто така, од страна на Владата не биле испочитувана обврската која произлегувала од член 16 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно предлогот на програмата за приоритетна изработка на урбанистичките планови на Владата на Република Македонија не бил доставен до Град Скопје заради давање мислење за негово прифаќање во делот кој се однесува на Градот Скопје.

Оспорената одлука, исто така, не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи при нејзиното донесување на било извршено целосно усогласување на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план и заради доследно спроведување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, сите детални урбанистички планови на територијата на градот Скопје требало пред усвојувањето да добијат согласност од надлежното министерство, градот Скопје и нарачателите на Генералниот урбанистички план.

Поради наведените причини се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и истовремено да определи времена мерка односно решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што произлегуваат од оспорената Одлука.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука, се врши изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006 и 140/2007) и Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).

Во член 2 од Одлуката се предвидува дека во границите на урбаниот опфат на „Мал Ринг“ од 54.0 ха со оваа одлука се врши измена во рамките на

– дел од Блок Б1 со површина од 0.15 ха;
– дел од Блок Б6 со површина од 0.28 ха;
– дел од Блок Б6 со поввршина од 0.87 ха;

Границата на планскиот опфат на Детален урбанистички план централно градско подрачје на град Скопје – „Мал Ринг“ општина Центар-Скопје е прикажана во графичките прилози и е дефинирана помеѓу:
– на север Булеварот „Гоце Делчев“;
– на исток Булеварот „Војвода Васил Аџиларски“;
– на југ Булеварот „Даме Груев“;
– на исток Булеварот „Даме Груев“ и Булеварот „ВМРО“.

Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од член 2, се содржани документационата основа, планската документација, условите за градба, како и графичкиот дел и планираниот развој.

Според член 4 од ова одлука, составен дел на оваа одлука се:
– Текстуален дел на планот;
– Графички прилози;
– Нумерички дел;
– Услови за градба;
– Стручна ревизија;
– Одговор на ревизија;
– Мислење за заштитно-конзерваторски услови од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.08-214/2 од 29.01.2007 година;
– Решение за одобрување на заштитно-конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ општина Центар-Скопје од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.08-398/3 од 2.03.2007 година.
– Решение за Јавна презентација и Јавна анкета бр.08-633/1 од 4.03.2008 година;
– Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета бр.08-633/2 од 4.03.2008 година;
– Решение за формирање стручна комисија бр.08-8251 од 20.03.2008 година;
– Извештај по спроведена јавна презентација бр.26-327/5 од 24.03.2008 година;
– Извештај од Јавна анкета бр.26-327/6 од 26.03.2008 година;
– Известување за постапување по Извештај од јавна анкета бр.26-327/7 од 26.03.2008 година;
– Мислење по Предлог-изменување и дополнување на ДУП за Централно градско подрачје „Мал Ринг“ (Б1, Б6 и Б7) од Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот бр.08/13-1421/1 од 16.06.2008 година;
– Одговор на мислење за изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 од јуни 2008 година;
– Согласност од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот бр.16-7418/2 од 20.06.2008 година.

Во член 5 од Одлуката, се предвидува дека изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје („Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, се заверува со печат на општина Центар – Скопје и потпис на Претседателот на Советот на општина Центар во седум примероци од кои:

– Еден се чува во архивата на општина Центар;
– Еден се чува во Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар – Скопје;
– Еден се доставува до надлежниот државен архив;
– Еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат;
– Еден се доставува до Државнииот завод за геодетски работи;
– Еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам;
– Седмиот примерок се изложува во општина Центар – Скопје заради достапност на јавноста.

Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар во рок од 30 дена од донесување на планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон.

Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.

Согласно член 7 од истата одлука, Одлуката за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар – Скопје.

Во член 8 од оваа одлука, е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“ – Скопје.

5. Во текот на претходната постапка, Судот утврди дека при донесување на оспорената одлука биле преземени следниве дејствија:

– Програма за изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2008 година од Владата на Република Македонија („Службен весник на РМ” бр.21/2008),
– Стручна ревизија на изменување и дополнување на Детален урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг” дел од урбан блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар – Скопје, изработена од Друштво за планирање, проектирање и инжинеринг „Простор” ДОО – Куманово,
– Одговор на Ревизија изменување и дополнување на Урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг” дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар -Скопје, од изготвувачот на Планот „ИН – ПУМА” – Скопје,
– Решение за јавна презентација и Јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг” дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, бр.08-633/1 од 4. 03.2008 година,
– Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг”дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар -Скопје, бр.08-633/2 од 4.03.2008 година, објавено во дневниот весник „Време”,
– Решение за формирање на стручна комисија бр.08-825/1 од 20.03.2008 година,
– Извештај по спроведената јавна презентација по Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг” дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, бр.26-327 од 24.03.2008 година,
– Извештај од јавна анкета по Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско поддрачје на Град Скопје, „Мал Ринг”дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, бр.,26-327/6 од 26.03.2008 година,
– Приемна книга (лист) од Македонска пошта,
– Известување за постапување по извештајот од јавната анкета бр.26-327/7 од 26.03.2008 година,
– Мислење на Град Скопје за Предлог на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг”дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар -Скопје, бр.26-327/16 од 20.06.2008 година,
– Одговор на мислењето на Град Скопје по Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг” дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, од страна на Општина Центар од јуни 2008 година, од стручни лица – планери при изготвувачот на Планот, „ИН – ПУМА” – Скопје,
– Мислење за заштитно-конзерваторски услови бр.08-214/2 од 29.01.2007 година од Министерството за култура,
– Решение за одобрување на заштитно-конзерваторските основи за културно наследство издадено од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.08-398/3 од 2.03.2007 година,
– Известување од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр. 07-248/2 од 5.05.2008 година,
– Согласност на Предлог-план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, бр. 16-7418/2 од 20.06.2008 година издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот, и
– Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централно градско подрачје на Град Скопје, „Мал Ринг дел од урбан Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар -Скопје, бр.07-1768/2 од 9.07.2008 година, со измените и дополнувањето на Планот (текстуален и графички дел).

6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 151/2007-исправка). Во Глава VI „Преодни и завршни одредби” на овој закон, во член 80 е утврдено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон (1 јули 2005 година) ќе продолжи според одредбата на законот кој бил во сила на денот на неговото отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Co оглед на тоа што постапката за донесувањето на оспорената Одлука почнала по влегувањето во сила на новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на новиот закон.

Co член 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план надвор од населено место.

Co член 17 став 5 од Законот се утврдува дека за обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичко планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Според член 24 став 1 на овој закон, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Според став 2 на истиот член, организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината по утврдување на нацртот на планот од страна на советот. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Според ставот 4 на овој член од Законот, јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку 15 работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови. Во ставот 5 на овој член, се предвидува дека јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

Согласно, пак, член 24 став 6 од овој закон, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Според член 24 став 7 од Законот, извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

Согласно член 24 став 8 од истиот закон, врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите збелешки или предлози.

Според ставот 9 на членот 24 од Законот, доколку комисијата од ставот 6 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промени на намената на земјиштето и промена во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацрт на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Според ставот 10 на членот 24 од Законот, времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот, како и образложенија на планските решенија.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Макекдонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата на доставената документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот оцени дека општина Центар како орган за донесување на наведената одлука, во деловите кои се оспоруваат со иницијативата ги спровела законски определените дејствија во постапката за донесување на истата.

Bo иницијативата ce наведува дека оспорениот план не бил во согласност со Генералниот урбанистички план.

Оценувајќи ги наводите на иницијаторот Судот оцени дека прашањето за усогласеноста на Деталниот со Генералниот урбанистички план е надлежност на оценка на Министерството за транспорт и врски и во рамки на дадената согласност во конкретниот случај за донесување на деталниот урбанистички план, Министерството ја ценело усогласеноста на двата плана во рамки на својата надлежност при што во време на издавањето, согласноста ниту ја повлекло ниту ја изменило.

Согласно член 1 од Законот за градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004) со овој закон се уредува организацијата на градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа во натамошниот текст: градот Скопје), надлежностите и финансирањето на градот Скопје и на општините во градот Скопје, употребата на јазиците на заедниците во градот Скопје и во општините во градот Скопје, соработката меѓу градот Скопје и општините во градот Скопје, како и други прашања од значење за градот Скопје.

Во членот 10 од истиот закон се дефинирани надлежностите на градот Скопје, и во став 1 точка 3 од овој член, меѓу другото, е предвидено дека надлежност, односно работа од јавен интерес од локално значење за градот Скопје е давање мислење за предлогот на Деталниот урбанистички план, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места што ги донесуваат општините во градот Скопје.

Според член 15 став 1 точка 1 алинеја 2 и 3 од Законот за градот Скопје, надлежноста, односно работите од јавен интерес од локално значење на општините во градот Скопје се планирање и уредување на просторот – давање мислење по нацртите на просторниот план на градот Скопје и Генералниот урбанистички план на градот Скопје и донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината.

Согласно членот 15 став 2 од истиот закон, плановите и проектите од ставот 1 точка 1 алинеја 3 на овој член општината ги донесува по претходно добиено позитивно мислење од градот Скопје и согласност од органот на државната управа надлежен за работите на уредување на просторот.

Согласно член 19 од Законот за градот Скопје, орган на градот Скопје и на општините во градот Скопје се совет и градоначалник, а во член 20 од истиот закон се предвидува дека Советот на градот Скопје го сочинуваат 45 членови.

Според членот 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Оттука, имајќи ги во предвид цитираните одредби од двата закони, нивната примена при донесувањето на оспорената одлука Судот оцени дека истата е законито спроведена, бидејќи при нејзиното донесување се испочитувани сите фази во постапката.

Видно од приложената писмена документација прибавена во текот на претходната постапка, неспорно произлегува дека и во овој дел постапката од Законот е запазаена, бидејќи оспорената одлука е донесена по добиено мислење од Градот Скопје, односно од овластено стручно лице – дипломиран инжињер архитект, број 08-13-1421/1, доставено до Општина Центар на 20 јуни 2008 година.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека одлуката не е донесена во законито спроведена постапка, бидејќи добиеното мислење од градоначалникот било негативно, што е спротивно на член 15 став 2 од Законот за градот Скопје, според Судот, истиот е неоснован. Ова од причина што, Уставниот суд не е надлежен да го цени карактерот на прибавеното мислење, од причина што во донесувањето на Одлуката за детален урбанистички план од суштинско значење е дали сите фази во постапката се запазени. Како, видно од приложената документација, со сигурност се утврди дека Советот на општина Центар при донесување на одлуката во целост ги испочитувал одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање вклучително и прибавеното мислење предвидено во изнесената законска регулатива, односно Одлуката ја донел по претходно прибавено мислење во определениот рок од 30 дена. Што значи дека и по однос на ова прашање законитоста во постапката е запазена.

Судот ги оцени како неосновани и наводите во иницијативата дека планираните површини за градба – градежни парцели со дефинирана висина биле превземени од Програмата за приоритетна изработка на урбанистичките планови во Република Македонија во 2008 година, односно дека тоа било единствен правен основ за донесување на Деталниот урбанистички план. Ова од причина што од извршениот увид во доставените списи јасно произлегува дека доносителот на актот тргнувајќи од член 26 став 8 од Законот, ја усогласил постапката на донесување на оспорената одлука со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што Секторот за уредување на просторот при Министерството за транспорт и врски издал Согласност на Предлог-планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Централното градско подрачје на Град Скопје – „Мал Ринг”, дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 Општина Центар – Скопје, како финален акт и услов за донесување на Деталниот урбанистички план.

Тргнувајќи од напред наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.154/2008
25 февруари 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.154/2008

 

Leave a Reply