Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против запирањето на постапката од Решението У.бр.14/2013 од 10 јули 2013 година за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар – Скопје, број 07-2780/22 од 05.04.2012 година, и објавен во Службен гласник на Општина Центар број 4/2012 од 09.04.2012 година го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар – Скопје, број 07-2780/22 од 05.04.2012 година, донесен од Советот на Општина Центар-Скопје на 75-та седница одржана на 05.04.2012 година и објавен во Службен гласник на Општина Центар број 4/2012 од 09.04.2012 година.
Претходно, со Решение У.бр.14/2013 од 17 април 2013 година, Судот поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар – Скопје, со следното образложение:
“Имајќи предвид дека предметот на уредување со урбанистичките планови, помеѓу другото ја опфаќа и намената на земјиштето во рамките на планскиот опфат, вклучително и поединечната намена на земјиштата во планскиот опфат, произлегува дека предмет на запознавање на граѓаните и правните лица со планските решенија претставува севкупноста на уредувањето со урбанистичките планови (граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури). Оттука произлегува дека планирањето на просторот кое се врши во постапка и од надлежни органи има за цел задржување или менување на постојната состојба на просторот во постапка во која треба да бидат изразени и потребите на граѓаните што е концепт на законот, заради што и се спроведува јавната анкета. Секакво друго постапување и менување на планот надвор од она што е предвидено во нацрт планот и што не е резултат на јавната анкета во суштина ја обесмислува и ја обезличува целта на јавната анкета.
По однос содржината на урбанистичките планови, за Уставниот суд ирелевантно е со какви и кои содржини и плански решенија, тие се уредени, бидејќи не е во надлежност на овој суд да ја цени содржината на плановите, ниту пак да ги цени заклучоците за оправданоста или неоправданоста на прифатените или неприфатените забелешки и предлози по анкетни листови од граѓани, што е во надлежност на други стручни органи, туку во надлежност на Уставниот суд е да ја цени законитоста на постапката во која плановите се донесуваат, а клучно за постапката во која се донесуваат плановите е и нивното транспарентно изложување во јавноста, со цел истите да бидат достапни до граѓаните и правни лица заради нивно запознавање, односно заради овозможување, заинтересираните субјекти со свои предлози и забелешки преку анкетни листови, да се произнесат по однос планските решенија.
Според Судот, прашањето по однос на уставноста и законитоста на постапката во која е донесен оспорниот план, конкретно делот од планот кој се оспорува со иницијативата, не е во директна корелација со прашањето по однос на тоа дали планот со прифаќањето на забелешките и предлозите од повторното спроведување на Јавна анкета и Јавна презентација, претрпел значајни промени со вградувањето на прифатените предлози и з абелешки или тоа не е случај, туку прашањето е во директна врска со околноста дали планските решенија утврдени со Предлог-планот за кои немало забелешки, како такви, односно неизменети, се содржани и во конечниот план, што во конкретниот случај од документацијата произлегува дека тоа не е запазено, што доведува до правна несигурност и неизвесност за судбината на планските решенија по кои граѓаните немале забелешки, односно се согласилиле.
Според судот, со планираните решенија, битно е граѓанинот да биде запознат во текот на постапката за донесување на планот кога има можност за приговори по однос предложените плански решенија, а не потоа, по донесување на конечниот план, кога се исцрпени можностите за приговори со доставување на анкетен лист. Во оваа насока разбирливо е конечниот план да содржи разлики од оној кој бил јавно изложен, меѓутоа битно е тие разлики да резултираат од предлози и забелешки по однос плански решенија кои биле прифатени како оправдани, но, не и разлики во плански решенија по однос на делови од планот по кои граѓаните или правните субјекти немале забелешки и предлози.
Оттука, со оглед дека оспорениот план во делот кој се оспорува со иницијативата, не е истоветен како и Предлог-планот кој бил изложен по повод последно спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, на начин што презентираниот Предлог-план во делот што се оспорува со иницијативата, претпрпел суштинска промена од аспект на поединечната класа на намена на земјиштето, вклучително и по однос на пристапниот пат, граѓанинот, во случајов подносителот на иницијативата, обесправен е во можноста да се изјасни по однос ново настанатата состојба.
При таква состојба, кога јавно изложен план на увид на граѓаните е со едни содржини, а се презентира конечен план со други содржини, на тој начин според Судот, се доведува во прашање принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, односно правната сигурност на граѓаните.“
Моето издвоено мислење го темелам на ставот дека Уставниот суд при запирањето на постапката за определен предмет мора да го почитува членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) во кој се таксативно наброени причините заради кои судот ќе ја запре постапката: ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето; ако во текот на постапката биде повлечена иницијативата за оценување на уставноста односно на уставноста и законитоста, Уставниот суд не наоѓа основа да ја води постапката по сопствена иницијатива; ако се утврди дека поведувањето на постапката било засновано врз погрешна фактичка состојба; ако по утврдувањето на фактичката и правната состојба на јавната расправа отпаднат основите за сомневање во уставноста и законитоста; и ако во текот на постапката престанат процесните претпоставки за нејзино натамошно водење.
Имајќи ги предвид погоре наведените случаи во кои постапката пред Уставниот суд може да се запре, зачудува фактот што во овој предмет Судот и покрај тоа што не констатирал постоење на ниедна од овие причини сепак решил да ја запре постапката, само наведувајќи во Решението дека “Судот не го изгласа предлогот за укинување на оспорениот акт, поради што Судот одлучи да ја запре постапката по овој предмет“. Од причина што не се согласувам со вакво постапување, особено по предмети за кои е претходно констатирана повреда на уставноста и законитоста и е поведена постапка, би сакала да се оградам од одлуката на Судот за запирање на постапката.
Д-р Наташа Габер-Дамјановска,
судија на Уставниот суд на Република Македонија