Издвоено мислење по предметот У.бр.169/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.169/2013 донесено на 08.10.2014 година за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на Решение ППНИ-331/12 од 24.04.2012 година донесено од Основниот суд Скопје 2 Скопје, дополнето со две решенија ППНИ-331/12 од 25.04.2012 година и ППНИ-331/12 од 26.04.2012 година, донесени од Основниот суд Скопје 2 Скопје го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Сметам дека со означеното Решение, Уставниот суд не одговорил успешно на спорното правно прашање што се однесува на овој предмет, а конкретно на тоа дали оспореното решение во целина заедно со неговите дополнувања е конкретен акт донесен од надлежниот суд или всушност претставува нормативен општ акт донесен од судската власт која со тоа презела улога и надлежност на законодавна власт. Оваа определба е особено важна бидејќи ставот по ова правно прашање практично го определува исходот на предметот.

Недвојбен факт е дека со дополнителното решение ППНИ-331/12 од 25.04.2012 година Основниот суд Скопје 2 Скопје додал став III која гласи “изземањето од извршување на средствата од погоренаведениот износ има правно дејство према сите носители на платен промет на должникот“, а во дополнителното решение ППНИ-331/12 од 26.04.2012 година донесено од истиот суд на истиот став се додаваат зборовите “и спрема сите доверители“. Евидентно е дека со овие дополнувања решението ППНИ-331/12 од 24.04.2012 година донесено од Основниот суд Скопје 2 Скопје кое иницијално се однесувало на конкретен должник и доверител (inter partes) врз основа на членот 77 од Законот за извршување, преку дополнувањата се проширува на неограничен и непознат број на носители на платен промет на должникот како и на сите доверители кон тој должник (erga omnes). Затоа, овој случај е особено интересен бидејќи е пример на повреда на уставниот принцип на поделба на власта овојпат од страна на судската власт кон законодавната, преку креирање на правна норма со општо правно дејство (пропис).

Тргнувајќи од содржината на членот 110 алинеја 2 од Уставот произлегува дека актот што е предмет на уставно-судска оцена треба да содржи определени правни елементи за да има карактер на пропис. Конкретно, актот – предмет на уставно-судска оценка за да биде третиран како пропис, треба да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и тоа да се однесува на неопределен круг на субјекти во правото. Во праксата на Уставниот суд веќе постојат бројни примери каде правни акти кои биле навидум конкретни акти заради нивната содржина и прашањата кои ги уредуваат биле третирани како прописи и во тие случаи Судот одлучувал мериторно (дел од тие примери се предметите У.бр 65/1997, 176/2003, 9/2004, 237/2007, 61/2009).

Судовите, согласно својата уставна позиција, своите права и должности ги вршат врз основа и во рамките на Уставот и законите (член 98 од Уставот). Според нив, тој принципиелно не може со свое решение изворно, неосновано и надвор од своите овластувања да уредува односи и прашања што претставуваат законска материја, односно преку креација на прописи да се впушта во регулирање на односи на неограничен број на субјекти во правото.

Исто така, оспореното Решение практично претставува нов извор за општо регулирање на односите должник-доверител наместо членовите 200 и 211 од Законот за извршување, што претставува повреда на на принципот на уставност и законитост (член 51 од Уставот) но и на поделбата на власта (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот). Како што и самата иницијатива правилно констатира “Од означените законски одредби произлегува дека Законот за извршување познава ограничување на извршувањето само врз подвижни предмети и права во смисла на членот 211, но не и врз средствата од сметките на кое било правно лице. Таквото ограничување на извршувањето, според член 200 од Законот, е забрането, затоа што законодавецот налага извршување од сите расположиви средства. Исто така, дозволеното ограничување на извршувањето врз подвижни предмети и права во смисла на член 211 од Законот, мора да се определи од страна на претседателот на судот според вид (точно кои предмети и кои права што се функционално неопходни за дејноста во дадени околности), а не според нивната вредност. Според тоа, оспореното решение, со тоа што налага извршувањето да се спроведува само над определен износ месечен минимум на парични средства, судот всушност креира нова правна норма во правниот поредок со која се регулира положбата на непределен број доверители кон означеното јавно претпријатие како должник.“

Со оглед на финалниот исход на предметот, се поставува прашање на кој начин Уставниот суд ќе ја штити уставноста и законитоста ако не решава мериторно и во вакви случаи на флагрантна судска интервенција надвор од рамките на нејзината надлежност.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.169/2013