Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 08 октомври 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решение на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, ППНИ-331/12 од 24.04.2012 година, Решение – дополнително на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, ППНИ-331/12 од 25.04.2012 година, Решение -дополнително на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, ППНИ-331/12 од 26.04.2012 година.
2.Комората на извршители на Република Македонија и ИР „ТРАНС„ Рефет ДООЕЛ, увоз-извоз Тетово, застапувани од полномошник Игор Спировски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.
Оспорен акт со иницијативата e Решение ППНИ-331/12 од 24.04.2012 година донесено од Претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје, со две дополнителни решенија донесени од Претседателот на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, ППНИ-331/12 од 25.04.2012 година и ППНИ-331/12 од 26.04.2012 година.
Сите решенија се донесени 2012 година и станале правосилни во април и мај месец 2012 година.
Претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје одлучил:
Со првото решение од 24.04.2012 година е утврдено дека „го усвојува приговорот од должникот ЈП “Македонија пат“ Скопје во постапка на извршување со налог И.број 152/12 од 20.02.2012 година донесен од извршител Биљана Мартинова од Скопје, по барање на доверителот АД “Гранит“ од Скопје, за извршна исправа Пресуда 2 ТС број 580/11 од 18.11.2011 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје.
Со усвојувањето на приговорот Претседателот на Судот во изреката на ова решение утврдил „извршувањето да се спроведе само на паричните средства кои се над потребниот месечен минимум на средства за вршење на основните задачи и дејности на должникот ЈП “Македонија пат“ Скопје, тековни обврски на месечно ниво од 60 000 000,00 денари, потребни за нормално функционирање на основните задачи и дејности на должникот.„
Со второто решение од 25.04.2012 година Претседателот на Судот врши дополнување на првото решение од 24.04.2012 година со конкретизирање на единствениот матичен број на сметката и жиросметките на должникот ЈП “Македонија пат“ Скопје.
Воедно, после ставот два од изреката на ова дополнително решение се додава став три кој гласи: „изземањето од извршување на средствата од погоренаведениот месечен износ има правно дејство према сите носители на платен промет на должникот„
Со третото решение од 26.04.2012 година Претседателот на Судот, врши дополнување на Решението од 25.04.2012 година, така што „после зборовите носители на платен промет на должникот„ се додаваат зборовите: „и спрема сите доверители„.
3. Судот на седница утврди дека во случајов се работи за конкретни акти на суд, со конкретни странки – должник ЈП “Македонија пат“ Скопје и доверител АД “Гранит“ од Скопје, тие акти се донесени во постапка по приговор на спроведување на извршување по која одлучува Претседателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје во врска со извршувањето на веќе претходно донесена извршна исправа Пресуда 2 ТС број 580/11 од 18.11. 2011 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје.
Судот, исто така, утврди дека овие акти – решенија донесени во постапка по приговор сега се предмет на оспорување со иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија заради оценување на нивната уставност и законитост.
Во иницијативата е наведено дека, иако, оспорените решенија, според својот законски извор и форма требало да претставуваат поединечни акти со кои се решавало за неправилностите во спроведувањето на извршувањето, заради намирување на конкретен доверител од конкретен должник, тие напротив, според сопствената изрека содржеле правно правило кое имало општо дејство спрема неопределен број на субјекти.
Оттука, според наводите во иницијативата, овие обележја на решенијата, односно на интегралниот текст на решението со дополнувањата, претставувале елементи на класичната дефиниција на „општ акт„, што ако така се идентификувале, би претставувало основ за Уставниот суд да ја прифати надлежноста за оценување на неговата уставност и законитост, независно од формата и доносителот.
Во иницијативата се укажува дека Уставниот суд без оглед на формата на актот, доколку актот во суштина пропишува правни норми и има дејство erga omnes, би требало актот да го смета за општ акт подобен за уставно судска анализа, во надлежност на Уставниот суд и да одлучува за неговата согласност со Устав и закон.
Со оспорените решенија на Основниот суд Скопје 2 во Скопје, меѓу другото било утврдено дека „изземањето од извршување на средствата од погоренаведениот месечен износ има правно дејство према сите носители на платен промет на должникот и спрема сите доверители.
Меѓутоа, во иницијативата се укажува дека оспореното решение со дополнувањата требало да се ограничи на извршувањето во односот помеѓу конкретните странки (конкретниот должник ЈП “Македонија пат“ и конкретен доверител АД “Гранит“), а во случајов судот создал норма со општо дејство кон неопределен број субјекти, со што решението во целина со неговите дополнувања добило апстрактен нормативен карактер.
Со оспореното решение во целина со дополнувањата судот од една страна го утврдил должникот ЈП “Македонија пат“, како и доверителот АД “Гранит“, но судот излегол и надвор од странките – релацијата на должник – доверител и ги вклучил „сите носители на платен промет на должникот„ , па произлегува дека за сите нив важи обврската на месечно ниво од 60 000 000,00 од сметката на должникот да не се спроведува паричното извршување, а тие апстрактни недефинирани субјекти, евентуални доверители, на тој начин со овие решенија на судот примиле обврска која не можеле ниту да ја оспорат со правен лек.
Имено, очигледно било дека оспореното решение во целина со неговите дополнувања не решавало само поединечна ситуација туку нормирало правен однос кон неопределен број субјекти и во неопределено време.
Со оспореното решение во целина со неговите дополнувања се повредувал членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, според кој темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска. Ова поради тоа што судската власт, во случајот презела улога на законодавна власт и со своите одлуки се впуштила во нормирање на односи, а нормирањето не е судска надлежност.
Понатаму, во иницијативата е наведено дека покрај повредата на Уставот, со оспореното решение во целина со неговите дополнувања бил повреден и членот 211 од Законот за извршување, според кој „врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување заради наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи“.
Според ставот 2 на овој член од Законот, кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.
Оттука, според Законот, ограничувањето на извршувањето се однесувало само врз подвижни предмети и права спрема субјектите од членот 211 од Законот за извршување, а не и од паричните средства на сметките на правно лице, кои не се ниту предмети ниту права, па не можел претседателот на судот да утврдува ограничување на извршување во оспореното решение во целина со неговите дополнувања во однос на паричните средства на сметката на должникот.
Од овој аспект, оспореното решение со неговите дополнувања е спротивно и на Законот за извршување.
Од погоре наведните причини, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените решенија.
4. Согласно членот 110 алинеи 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Судот ги имаше во предвид оспорените акти, наводите во иницијативата и уставните надлежности на овој Суд, при што, меѓу другото, оцени дека во правниот систем во законите има норми кои регулираат рокови за редовни и вонредни правни средства. Доколку се произвеле права и обврски, правни односи и дела на основа на правосилни конкретни правни акти донесени од надлежни судски управни и други органи, тие односи и дела не можат во иднина во неопределено време и било кога да се отстранат како настанати од манливи и незаконити акти и постапки, токму поради уставното начело на „владеење на правото“ и правната сигурност како негов елемент, поврзано со роковите за правни средства против тие конкретни акти.
Оттука, Судот утврди дека Уставниот суд на Република Македонија, согласно своите уставно утврдени надлежности, нема надлежност да се впушта во уставно-судска анализа и оцена на уставноста и законитоста на конкретните акти донесени од судски, управни или други органи, имајќи притоа во предвид дека од поранешен до сегашен период настанале права и обврски за неопределен број правни и физички лица по основ на разни предмети во кои биле донесени конкретни акти од надлежни органи, чија уставност и законитост не е во надлежност на оцена на овој Суд.
Манливите и незаконитите конкретни акти, евентуално настанати во правниот систем во текот на примената на законите и другите прописи од страна на надлежни органи, не се основ за оспорување на уставноста и законитоста пред Уставниот суд на Република Македонија, во отсуство на уставна надлежност и регулирана постапка по која Уставниот суд би можел да одлучува.
Доколку, во случајов во конкретното оспорено правосилно решение со неговите дополнувања има неправилности, тоа не значи дека решението автоматски станало пропис и дека судската власт презела надлежност на законодавната власт, бидејќи конкретен акт не е правна норма, не може како таква да се третира во правото, и неможе да се применува како правна норма од субјектите во правото.
Врз основа на погоре изнесените уставни и деловнички одредби, а со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Решение ППНИ-331/12 од 24.04.2012 година и дополнителните решенија ППНИ-331/12 од 25.04.2012 година и ППНИ-331/12 од 26.04.2012 година, сите донесени од председателот на Основниот суд Скопје 2 Скопје, кои не се пропис туку се конкретни судски акти донесени во постапка по приговор на конкретен должник против неправилности при спроведување на извршување на налог за извршување врз основа на извршна исправа Пресуда 2 ТС број 580/11 од 18.11. 2011 година на Основниот суд Скопје 2 Скопје, овој суд не е надлежен да одлучува и иницијативата треба да се отфрли.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.169/2013
08.10.2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.169/2013