Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.121/2014 донесено на 08.04.1014 година за неповедување на постапка во делот за оценување на уставноста на член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, како и член 81-а од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014) го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд меѓу другото, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, како и член 81-а од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014).
Образложението на Судот по однос на член 73 став 7 во делот “или роднински” и став 8 е дека забраната за роднинска поврзаност не претставува ограничување за правните лица кои вршат промет на големо со лекови и промет на мало со лекови слободно да настапуваат на пазарот, бидејќи тие и понатаму слободно ќе настапуваат, но заради јавниот интерес по однос на самата дејност, потребно е прилагодување на основачката структура согласно законските решенија до 1 септември 2014 година. Решението наведува и дека обврската за промена на основачката структура не значи одземање на нивниот вложен капитал, бидејќи тие лица имаат можност да учествуваат со својот удел во правното лице.
Според член 3 став 1 точка 37 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на Република Македонија” број 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 166/2012, 70/2013, 119/2013, 120/2013, 187/2013, 38/2014, 41/2014 и 138/2014), “основач на трговско друштво” е секое лице кое заради основање трговско друштво, потпишало договор за друштвото, статут, односно изјава за основање друштво со ограничена одговорност од едно лице. Според тоа, основач е секое лице кое вложува капитал и средства при формирање и регистрирање на едно правно лице заради настапување на пазарот преку вршење на определена дејност. Тоа значи дека неговите својства не можат да се изедначат со лицата кои не вложуваат лични средства за таа намена, со оглед на тоа дека тој има свои права и обврски кои произлегуваат од својството основач. Ваквата забрана важи и во случај да се работи за содружници во трговското друштво кои се роднински поврзани.
Забраната во оспорениот дел на роднинската поврзаност (да е брачен другар, татко, мајка, брат, сестра, син, ќерка, посвоеник или посвоител) на основачите и/или содружниците кои со приватен капитал основале посебни правни лица за вршење промет на големо и мало со лекови, или имаат цел да основаат такви правни лица, сметам дека не може да биде оправдана мерка за ограничување на нивниот настап на пазарот од аспект на членот 55 став 3 од Уставот, а ниту како мерка прифатлива поради евентуално можно нарушување на снабдувањето со лекови на пазарот, заради релативно малиот пазар и малиот број на правни лица кои ја вршат оваа дејност, како што е мислењето на предлагачот на Законот.
Сметам дека при градењето на ставот по ова прашање, треба да се има предвид дека согласно истиот став 7 во неоспорениот дел од членот 73 од Законот за лековите и медицнските помагала, правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови не смеат да бидат капитално и управувачки поврзани. Со обезбедување на овие два постојни принципа на одвоеност, допонителниот услов за отсуство на роднинска поврзаност на основачите или содружниците, претставува прекумерно ограничување на уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото преку што би можело да се ограничи и правото на сопственост, правото на работа и слободниот избор на вработување на граѓаните.
Во суштина, преку оспорената одредба, законодавецот со констатацијата на постоењето на одредени семејно-роднински врски, се инволвира и наметнува во постојните сопственички и имотно-правни релации на членовите на едно семејство, претпоставувајќи го постоењето на одредени семејни односи кои во реалноста може и да не постојат. Притоа, “усогласувањето“ на “основачката“ или “содружничката“ структура во одреден временски рок за оние субјекти кои веќе ја обавуваат дејноста промет на големо и мало со лекови, како што бара Законот, de facto за оваа категорија лица значи обврска за промена на сопственоста, односно сопственич-ката структура во правното лице. Во спротивно, престанува важноста на одобренијата за вршење на промет на големо односно на мало со лекови. Тоа ограничување сметам дека претставува директна повреда на повеќе уставни одредби.
Нејасно е од која причина Судот ја прифатил аргументацијата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 81 став 4, но не ја прифатил онаа за 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, со оглед на тоа дека по својот пристап обете аргументации се истоветни.
По однос на оспорниот член 81-а, Решението образложува дека здравствената дејност, која е од јавен интерес за граѓаните и која се обавува во овие установи, не потпаѓа под режимот на пазарните законитости и вредности, својствени за правните субјекти кои дејствуваат во пазарни услови. Законодавецот уредил, обврската за отворање на аптеки/аптекарски станици во рурално населени места, да се однесува на оние правни лица кои ја имаат развиено аптекарската дејност и имаат повеќе од две аптеки во иста општина или повеќе од пет аптеки во Република Македонија, заради побрза и поголема достапност на лековите и за граѓаните на Република Македонија, кои живеат во населени места во рурални средини, кои поради оддалеченоста до поголемите населени места се соочени со потешкотии со снабдувањето со потребната терапија.
Од анализата на целината на оспорениот член 81-а, произлегуваат две обврски за аптеките: првата се состои во обврска за отворање на аптека или аптекарска станица во рурално населено место, а другата се состои во обврска за отворање на таква аптека или аптекарска станица во рурално населено место исклучиво определено од страна на министерот за здравство согласно критериумите од наведениот оспорен законски член. Всушност, со овој оспорен член од Законот, се уредува обврска за постојните правни лица кои вршат дејност аптеки, за задолжително проширување на нивната дејност и во населено место во рурална средина во определен рок и подрачје.
Неспорно е дека интенцијата на законодавецот од доближување на овие услуги непосредно и до граѓаните од населените места во руралните средини, е позитивна по својата суштина, меѓутоа треба да се има во предвид околноста што во случајов станува збор за приватен капитал, за кој Уставот го гарантира правото на сопственост и правата кои од неа произлегуваат како што е слободното располагање со приватниот имот и средства. Ако државата се идентификува себеси како гарант на оваа слобода и има значајна улога како регулатор на пазарните текови, особено во областите чии дејности се од јавен интерес, се поставува прашање од која причина таа не ја превзема круцијалната улога, туку преку присилни средства и санкции наместо преку стимулативни политики ја поттикнува корпоративната општествена одговорност во приватниот сектор.
Според член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност. Треба да се нагласи дека аптеките кои се законски регулирани со овие одредби, не се јавни установи чии основачи можат да бидат Република Македонија со средства во државна сопственост, туку приватни правни субјекти, основани со средства во приватна сопственост. Оттука, имајќи ја предвид поставеноста на аптеките како приватни установи кои во основа на вршењето на дејноста исклучиво го имаат приватно вложениот капитал, уредувањето на ваква облигаторна законска одредба, со закана од санкција за правните лица, изразена како одземање на дозволите за работа за сите аптеки или аптекарски станици, освен на една аптека (оној субјект кој би поседувал пет аптеки на територијата на Република Македонија би се свел на поседување дозвола за само една аптека, а оној кој би поседувал две аптеки во иста општина би се свел на една), доколку во определениот рок не постапат согласно оспорениот член од Законот, сметам дека претставува пречекорување на границите на нужната државна интервеција и мешање на државата во правото на субјектите на пазарот слободно да управуваат и одлучуваат со имотот и средствата, односно слободно располагање со приватниот капитал.
Постојните правни лица за вршење дејност-аптека, основани пред измените и дополнувањето на Законот со кој е воведен оспорениот член од Законот, не ги имале предвид ваквите облигаторни обврски, со што се доведува во прашање и нивната правна сигурност во поглед на опстојувањето на пазарот на нивните аптеки, но и правната сигурност по однос располагањето со капиталот кој го стекнале, што е спротивно и на уставниот принцип на владеење на правото.
Поради наведеното, сметам дека членовите 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, како и член 81-а од Законот не се во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 30 став 1, член 32 став 1, член 54 став 1, член 55 и член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска