У.бр.121/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8-ми април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА ПОСТАПКА за оценување на уставноста на член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, член 74 ставови 2, 3 и 4, член 81 ставови 9 и 10, член 81-а и член 81-б од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и на член 12, член 13 и член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014);

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014) во целина.

4. Слободан Новачки од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите, означени во точките 1 и 2 од ова решение, како и на уставноста на целината на Законот, означен во точката 3 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), во целина бил противуставен и неодржлив во правниот поредок на Република Македонија, затоа што суштествено отстапувал од одредбите од членовите 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, а и од самиот Закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007) и од сите досегашни измени и дополнувања, бидејќи со предвидените решенија се одземале или битно намалувале веќе стекнатите права и правни интереси, како и се наметнувале неподносливи мерки за субјектите наведени со оспорените законски одредби.

Оспорениот дел “или роднински” од член 73 став 7 од Законот и ставот 8 од наведениот член, биле неодржливи од уставно-правен аспект. Во правното лице кое вршело промет на големо со лекови и во правното лице кое вршело промет на мало со лекови, работеле блиски роднини, затоа што покрај останатото тоа бил и семеен бизнис. Тие лица кога се вработувале според тогашните законски прописи имале реални очекувања дека и понатаму ќе работат без било какви законски пречки во иднина. Оспорените законски решенија не биле соодветни на целите и причините поради кои биле предвидени и не претставувале пропорционална мерка со целите за кои биле утврдени, па оттука, тие биле спротивни на член 8 став 1 алинеите 1, 3, 6 и 7, член 9 став 2, член 30, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.

Со оспорените одредби од член 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот, се одело во друга крајност бидејќи се одземала работата и надлежноста на аптеките и истата таа работа се давала на продавници за храна, пијалоци и тутун и на бензински станици, што немало никаква логика и резон. Оттука и оспорените одредби од членот 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот, не биле во согласност со претходно наведените темелни вредности од член 8 на Уставот, како и на член 30, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 55 од Уставот.

Од истите причини, подносителот го оспорува и членот 81 ставови 4, 9 и 10 од Законот, затоа што предвидениот исклучок, немал уставна основа.

Оспорениот член 81-а и оспорениот член 81-б од Законот, биле неодржливи од уставно-правен аспект, затоа што со истите се употребувало сила и притисок и не се гледал фактот дали на правното лице кое вршело промет на мало со лекови-аптека, економски му одговарало и му се исплатувало да отвори аптека или аптекарска станица и во населено место во рурална средина. Особено било чудно и неразбирливо што на министерот за здравство му било дадено законско правно овластување да му ги одзема дозволите за работа за сите аптеки или аптекарски станици, освен на една аптека, без предвидена законска процедура за тоа и без да се предвиди било каква постапка, правно средство-жалба или приговор. Ваквата надлежност не можело да се препушти само на министерот за здравство, бидејќи таа надлежност можела да ја врши законодавната власт, или пак судовите, а не министерот за здравство. Оттука, со оспорените членови 81-а и 81-б од Законот, се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 54 став 1, член 96 и Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се оспоруваат и членовите 12, 13 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), кои се засебни одредби.

Според наводите од иницијативата оспорениот член 12 од измените и дополнувањата на Законот кој превидувал престанување на важност на одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови на правните лица кои нема да ја усогласат структурата на основачите, односно содружниците согласно со одредбите од член 73 став 7 од Законот (забрана за роднинска поврзаност помеѓу правно лице кое врши промет на големо со лекови или правно лице кое врши промет на мало со лекови), а која забрана за роднинска поврзаност започнува да се применува од 1 септември 2014 година, исто така била противуставна.

Оспорениот член 13 од измените и дополнувањата на Законот, не бил во согласност со Уставот бидејќи и тој наметнувал услови, аптеката да ја усогласи структурата на основачите, а неисполнувањето на условот кој е со примена од 1 септември 2014 година, повлекувал престанок на важење на одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Според наводите од иницијативата со овие оспорени членови на постојните основачи на аптеки, се доведувало во прашање остварувањето на легитимните очекувања на субјектите (постојните основачи на аптеките) кои тие ги имале во моментот на основањето на аптеката согласно со условите што во тогаш важечките закони биле утврдени за основање на аптека. Со оспорените законски одредби се создавала правна ситуација, односно можност Законот да се применува и на односи кои настанале и биле решени пред неговото влегување во сила, со што оспорените измени на Законот имале повратно дејство, кое не било поволно за субјектите бидејќи предвидувале услови чие неисполнување повлекувало последици-престанување на важност на одобрението за промет на големо и мало со лекови, со што се доведувало во прашање и уставно загарантираното право на работа од член 32 став 1 од Уставот и член 54 став 1 од Уставот.

Од друга страна оспорените членови 12 и 13 од измените на Законот, не биле јасни, прецизни и разбирливи, бидејќи од нивното уредување произлегувала можност за различно нивно толкување и различна нивна примена, односно можност за правна несигурност на граѓаните и правните лица. Имено, јасно било дека примената на уредените услови (забрана за роднинска поврзаност, како и задолжително високо образование од областа на фармацијата), започнувала од 1 септември 2014 година, но, не било јасно и разбирливо со кој ден престанувало важењето на одобрението за промет на мало и големо со лекови, односно дали на 1 септември 2014 година, подоцна или кога, што исто така преставувало повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото. Потоа, дадениот рок во оспорениот член 13 од измените на Законот, за усогласување на структурата на основачите на аптеките, ако се имало предвид дека ваквото дополнување било објавено на 05.02.2014 година и сето тоа да заврши до 01.09.2014 година, просто било невозможно поради прекраткиот рок и неразумен рок, поради што дадениот законски рок не бил реален и објективен.

Исто така и оспорениот член 14 од измените на Законот, според кој ново воведените членови 81-а и 81-б од Законот, ќе започнат со примена од 1 септември 2014 година, бил нејасен и непрецизен член, бидејќи со него се предвидувал почетокот на примена на одредбите од оспорените членови 81-а и 81-б од Законот, но, не го предвидувал крајниот рок до кога ќе треба субјектите да ги спроведат оспорените членови, што значело нивна нејасност, непрецизност, односно правна несигурност на граѓаните и повреда на уставниот принцип на владеењето на правото.

Според тоа оспорените членови 12, 13 и 14 од измените на Законот, не биле во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 став 1, член 51, член 52 став 4 и член 54 став 1 од Уставот.

Со иницијативата се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, поради можност од настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.

5. Судот на седницата утврди дека оспорениот член 73 став 7 во делот: “или роднински” од Законот, определува дека правно лице кое врши промет на големо со лекови и правно лице кое врши промет на мало со лекови, покрај уредувањето да не смеат да бидат капитално и управувачки поврзани, не смеат да бидат и роднински поврзани, а според оспорениот став 8 од истиот член од Законот, како роднинска поврзаност во смисла на ставот 7 на овој член се смета доколку лицата кои се основачи, односно содружници на правното лице кое врши промет на големо со лекови и правното лице кое врши промет на мало со лекови се брачен другар, татко, мајка, брат, сестра, син, ќерка, посвоеник или посвоител.

Со оспорениот член 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот, е определено дека правно лице кое е регистрирано и врши промет на големо и промет на мало со храна, пијалаци и тутун и/или е регистрирано и врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици според Законот за трговските друштва може да врши промет на големо и со лекови што се продаваат без рецепт (став 2). Правното лице од ставот 2 на овој член треба да ги исполнува условите од ставот 1 алинеи 1, 4 и 5 на овој член и да има ангажирано лице со високо образование од областа на фармацијата кое ќе биде постојано на располагање и ќе биде одговорно за прием, складирање, транспорт, дистрибуција и испорака на лековите, како и заради надзор на документацијата од страна на Агенцијата со која се обезбедува следливост на лековите (став 3). Правното лице од ставот 2 на овој член врши продажба на мало на лековите што се продаваат без рецепт само во сопствени продавници, во кои се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун и/или сопствени продавници во кои се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици (став 4).

Судот, утврди дека оспорениот член 81 ставови 4, 9 и 10 од Законот, определува дека основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата (став 4). По исклучок од ставот 1 на овој член за населени места со повеќе од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 100 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 30 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици. За населени места со помалку од 30.000 жители, промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт се врши во продавница со површина од најмалку 50 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун или во продавница со површина од најмалку 25 м2 и опремена со посебни полици за лекови, во која се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици (став 9). Одобрение за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепт во продавница или на бензинска станица од ставот 9 на овој член издава министерот за здравство во согласност со овој закон и Законот за трговските друштва (став 10).

Според оспорениот член 81-а од Законот, правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека кое има две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина е обврзано на секои две организациони единици аптеки во негов состав да отвори и организациона единица – аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина (став 1). Правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека кое нема две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина и има повеќе од пет или повеќе организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија е должно на секои пет организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија, да отвори и една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина (став 2). Министерот за здравство согласно со потребите утврдени во мрежата на здравствени установи, бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места определува во кое населено место и во кој рок треба да бидат отворени аптеките или аптекарските станици од ставовите 1 и 2 на овој член (став 3). На правното лице кое врши промет на мало со лекови во аптеки кое нема да отвори аптека или аптекарска станица согласно со ставот 3 на овој член, министерот за здравство му ги одзема дозволите за работа за сите аптеки или аптекарски станици, освен на една аптека (став 4).

Според оспорениот член 81-б од Законот, правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека е должно да обезбеди работа во најмалку две смени, а во општина со над 30.000 жители и во трета смена (став 1). Распоредот на аптеките кои ќе работат во трета смена го утврдува министерот за здравство (став 2). По исклучок од ставот 1 на овој член заради обезбедување на непрекинато снабдување со лекови на населението во општина со над 30.000 жители, на правното лице кое врши промет на мало со лекови во аптека, согласно со прописите за здравствената заштита, може да му се издаде лиценца за вршење на дејност аптека со 24 часовна работа (став 3).

Судот исто така утврди дека според оспорениот член 12 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), одредбата од членот 2 од овој закон со која се додава нов став 7 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година (став 1). На правните лица кои нема да ја усогласат структурата на основачите, односно содружниците согласно со одредбата од членот 73 став 7 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови (став 2).

Согласно оспорениот член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), одредбата од членот 5 од овој закон со која се додаваат два нови става 4 и 5 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година (став 1). На аптеката која нема да ја усогласи структурата на основачите согласно со одредбата од членот 81 ставови 4 и 5 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови (став 2).

Со оспорениот член 14 од погоре наведениот закон, е определено дека одредбата од членот 6 од овој закон ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

6. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Со член 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014), ги уредува лековите и медицинските помагала за употреба во хуманата медицина, условите и начинот за обезбедување на нивниот квалитет, безбедност и ефикасност, начинот и постапките за нивно производство, испитување, ставање во промет, промет, формирање на цени, контрола на квалитет, огласување на инспекциски надзор (член 1 став 1).

Во Глава III. 4. ПРОМЕТ СО ЛЕКОВИ се содржани одредбите (членови 72-82) од Законот кои се однесуваат на прометот со лекови на големо и мало.

Со член 72 став 1 од Законот е определено дека прометот со лекови опфаќа увоз, извоз, промет на големо и промет на мало со лекови.

Со член 73 став 1 од Законот е определено дека промет на големо со лекови опфаќа снабдување, складирање, транспорт, дистрибуција и продажба на лекови, а според ставот 2 од членот од Законот, дистрибуцијата на лекови на големо ја врши само правно лице кое има одобрение за промет на големо со лекови издадено од Агенцијата (во натамошниот текст: веледрогерија).

Со членот 81 став 1 од Законот е определено дека промет на мало со лекови се врши во аптека.

Од анализата на оспорениот став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8 од член 73 од Законот за лековите и медицинските помагала, произлегува дека правно лице кое врши промет на големо со лекови и правно лице кое врши промет на мало со лекови не смеат да бидат роднински поврзани во смисла на брачен другар, татко, мајка, брат, сестра, син, ќерка, посвоеник или посвоител.

Од анализата на оспорениот член 12 од измените и дополнувањата на Законот, произлегува обврска за правните лица, во периодот од 13 февруари 2014 (влегување во сила на измените и дополнувањата на Законот) до 1 септември 2014 година (започнување со примена на ставот 7 од член 73 од Законот), да ја усогласат основачката структура согласно со оспорениот член 73 став 7 во делот: “или роднински”, во спротивно престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Според Судот, забраната за роднинска поврзаност уредена со оспорените законски одредби, не значи ограничување на правните лица кои вршат промет на големо со лекови и промет на мало со лекови слободно да настапуваат на пазарот, бидејќи тие и понатаму слободно можат да настапуваат на пазарот со прилаго-дување на основачката структура согласно оспорените законски решенија. Правните лица не се ограничени во рамките на извршувањето на својата работа во фармацевтската дејност слободно да ја изразат својата креативност, стручност и иницијативност, туку со неа само се утврдуваат условите и правилата за вршење на дејностите од оваа област, а кои се однесуваат подеднакво за сите субјекти кои вршат промет на големо и мало со лекови.

Имајќи предвид дека снабдувањето на граѓаните во Република Македонија со лекови претставува дејност од јавен интерес, кој се врши преку правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови, државата како гарант на слободата на пазарот и претприемништвото има значајна улога како регулатор на пазарните текови, особено во областите чии дејности се од јавен интерес и се од особено значење за човековото здравје како витално заштитено правно добро.

Поради јавниот интерес која ја има дејноста-снабдување на граѓаните на Република Македонија со лекови, како и фактот дека оваа дејност се врши исклучиво преку правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови, законодавецот уредил забрана за капитална, управувачка и роднинска поврзаност на правните лица кои ја вршат таа дејност, со цел таа поврзаност да не доведе до можно нарушување на снабдувањето со лекови во случај на престанок со работа од кои било причини на едно или повеќе такви поврзани правни лица. Токму заради можната таква состојба, законодавецот со оспорените законски одредби утврдил одредени правила во однос на основачите, со цел да се овозможи редовно и целосно снабдување на граѓаните со лекови, без оставање простор за прекин во снабдувањето како резултат на капитална, управувачка или роднинска поврзаност на таквите правни лица, бидејќи правото на граѓаните на снабдување со лекови кои им се неопходни за нивното здравје е далеку позначајно во однос на кое било друго право на поединци кое се однесува на сопственичката структура на правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови.

Иако член 30 став 3 од Уставот, предвидува можност и за одземање или ограничување на сопственост и правата кои од неа произлегуваат, во конкретниот случај на уредување со оспорените законски решенија, не станува збор за одземање или ограничување на сопственоста на основачите на правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови. Ова од причини што обврската за промена на основачката структура не значи одземање на нивниот вложен капитал бидејќи тие имаат можност да учествуваат со својот удел во правното лице.

Што се однесува до случаите каде во правните лица што вршат промет на големо и мало со лекови, работат блиски роднини, уредувањето со оспорените законски решенија не претставува пречка истите и понатаму да продолжат со работа, бидејќи оспорените законски одредби се однесуваат на својството на основач на таквите правни лица, а не на својствата на вработените во правното лице.

Собранието на Републиката како законодавна власт е овластено да ги утврдува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние кои имаат своја специфичност, а се од јавен интерес и во кои се остваруваат одредени уставни права на граѓаните, како што е во случајот правото на здравствена заштита. Според тоа, секој што се занимава со одредена дејност е должен да ги почитува правилата утврдени со закон, кои според оценката на законодавецот обезбедуваат порационално и поуспешно вршење на дејноста битна за остварување на уставните права на граѓаните и задоволување на нивните потреби и интереси, но и на заедницата во целина. Притоа, начинот на уредување на овие односи е прашање од надлежност на Собранието.

По влегувањето во сила (13 февруари 2014 година) на Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), во секој случај значи дека сите субјекти на кои се однесува законското решение од оспорениот дел од член 73 став 7 во смисла на ставот 8 од членот од Законот, во иднина ќе треба да ја вршат својата дејност од фармацевтската област согласно со ново воспоставениот правен режим, со тоа што законодавецот ја одложил примената на Законот по однос оспорениот дел од законската одредба до периодот 1 септември 2014 година, во кој период субјектите кои веќе ја обавуваат дејноста промет на големо и мало со лекови, ќе треба да се прилагодат кон ново востановениот правен режим, односно да извршат промена пред надлежните органи на основачката структура, а доколку во тој период, не се усогласат на ново востановените законски правила, престанува важноста на одобренијата за вршење на промет на големо и мало со лекови.

Оттука, имајќи во вид дека воведените правила од оспорените законски одредби, важат по влегувањето во сила на Законот, кој е со одложна примена, неговата правна сила дејствува во иднина.

Донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала има правна сила да ги наметне новите услови за основање, како и правила на делување на правните лица во прометот со лекови на големо и мало и на оние правни лица што се порано основани, како начин на востановување единствен правен режим на вршењето на дејностите од фармацевтската област, бидејќи прилагодувањето на субјектите кон новиот режим на правно регулирање на основачката структура е еден од ефектите на Законот што ја обезбедува неговата примена “отсега па натаму”.

Според нас во случајов тоа не значи повратно дејство на Законот во смисла на негово дејство и врз завршените односи во правото, односно завршените правни промети на правните лица кои се основале и ја вршеле својата дејноста под услови пред влегувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот.

Оттаму, определбата на законодавецот за уредување на обврска за правните лица да ја усогласат основачката структура согласно уредувањето со оспорениот член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8 од Законот, претставува операционализација на уставната определба искажана во член 55 став 2 од Уставот според која Републиката има обврска да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, односно дека за сите правни лица, без разлика дали се основани пред или по донесувањето на измените на Законот, важат и се применуваат единствени и исти законски решенија, како начин на востановување единствен правен режим на вршењето на дејностите од фармацевтската област, што правните лица ги става во еднаква правна положба на пазарот.

Во оваа смисла, по наше мислење, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност, а во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот и конкуренцијата од една страна, но од друга страна и да обезбеди еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност.

Поради изнесеното, во конкретниот случај, според Судот, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8 со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Од анализата на оспорениот став 2 од членот 74 од Законот, произлегува дека законодавецот овозможил промет на големо со лекови што се продаваат без рецепти, да може да врши и правно лице кое врши промет на големо и промет на мало правно лице кое е регистрирано и врши промет на големо и промет на мало со храна, пијалаци и тутун и/или е регистрирано и врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици според Законот за трговските друштва.

Од анализата на оспорениот став 3 од членот 74 од Законот, произлегува дека дадената можност од оспорениот став 2 од членот од Законот, е условена, односно дека правните лица од став 2 од членот 74 од Законот, промет на големо со лекови кои се издаваат без рецепти, ќе можат да вршат, само доколку ги исполнат предвидените услови од ставот 1 алинеи 1, 4 и 5 на овој член (да има соодветни простории, опрема и кадар за промет на големо, транспорт, дистрибуција и складирање во согласност со количината и асортиманот на лековите со кои се врши промет на големо; да води соодветна документација на начин со која се овозможува следливост на лековите и итно повлекување од прометот, како и следење на поплаките и да ги исполнува условите за вршење трговска дејност во согласност со прописите од областа на трговијата) и да има ангажирано лице со високо образование од областа на фармацијата кое ќе биде постојано на располагање и ќе биде одговорно за прием, складирање, транспорт, дистрибуција и испорака на лековите, како и заради надзор на документацијата од страна на Агенцијата со која се обезбедува следливост на лековите.

Од анализата на оспорениот став 4 од членот 74 Законот, произлегува дека правното лице од ставот 2 на истиот член од Законот, продажбата на мало на лековите кои се продаваат без рецепт, смеат да ја вршат само во сопствени продавници во кои се врши и трговија на мало со храна, пијалаци и тутун и/или сопствени продавници во кои се врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици.

Оспорените одредби од Законот, се факултативни, што значи не уредуваат задолжителна обврска за правните лица.

Лекови кои можат да се издаваат без рецепти согласно член 13 став 2 од Законот за лековите и медицинските помагала, се лекови со широк спектар на терапевтски индикации, со мала токсичност, со мала можност за предозирање, со незначителни интеракции, со добро познати индикации за пациентите и е соодветен за самолекување.

Од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот оспорените одредби од член 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот за лековите и медицинските помагала, ги поврзува со одредбите од Законот со кои се забранува роднинска поврзаност на основачите на правните лица кои вршат промет на големо и мало со лекови, и смета дека со конкретните оспорени законски одредби се одземала работата и надлежноста на аптеките и истата работа се давала на продавници и бензински станици.

Ваквите тврдења со иницијативата, не произлегуваат од оспорените законски одредби.

Она што произлегува од оспорените законски одредби, е овозможување лековите кои се продаваат без рецепти, да може на граѓаните да им бидат достапни и во продавници и бензински станици (правно лице кое е регистрирано и врши промет на големо и промет на мало со храна, пијалаци и тутун и/или е регистрирано и врши трговија на мало со нафтени деривати на бензински станици според Законот за трговските друштва).

Погоре наведеното со цел на граѓаните да им се олесни можноста за набавка на лековите кои се издаваат без рецепти и кои по својата природа согласно член 13 став 2 од Законот за лековите и медицинските помагала, се лекови со широк спектар на терапевтски индикации, со мала токсичност, со мала можност за предозирање, со незначителни интеракции, со добро познати индикации за пациентите и е соодветен за самолекување, па во таа смисла и соодветен за продажба во продавници и бензински станици.

Од друга страна, со ниту една одредба од Законот, на веледрогериите и аптеките, им е ограничено на било каков начин продавањето/издавањето на лекови без рецепти, па оттука во таа смисла не може да се зборува за одземање на работата и надлежноста на аптеките и давање на истата работа на продавниците и бензинските станици.

Лековите кои се издаваат без рецепти, продолжуваат да се издаваат во аптеките, а со оспорените одредби од членот 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот, нивното издавање е овозможено и во продавниците и бензинските станици, под услов да ги исполнат условите за тоа, наведени со оспорените законски одредби.

Оттука, според Судот, оспорениот член 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот не имплицира повреди на одредбите од член 8, член 30, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 55 од Уставот, како што се наведува со иницијативата.

Со членот 81 став 1 од Законот е определено дека промет на мало со лекови се врши во аптека.

Со оспорениот член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала е определено дека основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата.

Оспорениот став 4 од член 81 од Законот за лековите и медицинските помагала е дополнет во овој закон со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014).

Со оспорениот член 13 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), кој е засебен член во овој закон, е определено дека одредбата од членот 5 од овој закон со која се додаваат два нови става 4 и 5 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

Според ставот 2 од наведениот член, на аптеката која нема да ја усогласи структурата на основачите согласно со одредбата од членот 81 ставови 4 и 5 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Од анализата на оспорениот член 81 став 4 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил кој може да биде основач на аптека, а со тоа и кој не може да биде основач на аптека.

Во оваа смисла според оспорената законска одредба само лица со завршено високо образование од областа на фармацијата можат да бидат основачи на аптека, а исто и сите форми на трговски друштва чии основачи го имаат овој вид и степен на образование, исто така можат да бидат основачи на аптека. Воедно, основач на аптека не може да биде ниедно друго лице, ниту форма на трговските друштва наведени со оспорената законска одредба, чии основачи го немаат условениот вид и степен на високо образование.

Следствено на наведеното, не секое лице, може да биде основач на правно лице за вршење промет на мало со лекови-аптека, иако секое лице, кое поседува капитал, има право слободно да располага и управува со својот капитал во која и да е област (член 3 став 1 точка 37 од Законот за трговските друштва).

Според Судот, видот и степенот на образованието на основачот, претставува ограничување на субјектите за слободно настапување на пазарот и претприемништвото, односно давање можност за монопол на основачките права за дејноста аптека само на одреден круг на лица на пазарот, а не на сите кои сакаат, можат и имаат капитал да се вклучат на пазарот како основачи на правно лице-аптека.

Имајќи предвид дека основач е секое лице кое вложува капитал при формирање и регистрирање на едно правно лице заради настапување на пазарот преку вршење на дејност, со детерминирањето кој може да биде основач на аптека, се стеснува кругот на субјектите кои ќе можат да основаат аптека, а со тоа и директно влијание по однос застапеноста на аптеките на пазарот, бидејќи не сите лице со завршено високо образование од областа на фармацијата го имаат потребниот капитал, волја и управувачки можности да се јават на пазарот како основачи и управувачи на правно лице аптека.

Правата и обврските на основачот на едно правно лице, се различни и не можат да се поистоветат со правата и обврските на вработените во правно лице, за кои со закон се уредуваат условите кои тие треба да ги исполнат како вработени во одредено правно лице соодветно на дејноста која се врши преку правното лице.

Пред воведувањето на оспорената законска одредба, основач на аптека може да биде секое лице со кое и да било образование, со обврска да вработи во аптеката лица со соодветна стручна подготовка, како што впрочем уредува членот 82 став 1 од Законот со кои се утврдени условите кои треба да ги исполни правното лице за вршење на промет на мало со лекови, односно аптека, помеѓу кои и да има вработено соодветен број лица со високо образование од областа на фармацијата (постојано присутно во аптеката) и со средно образование од областа на фармацијата.

Суштината на основачот е да вложи капитал и средства за регистирање на правно лице-аптека, што значи неговите својства не можат да се изедначат со лицата кои не вложуваат средства туку како вработени вршат аптекарска професија, за што со Законот за здравствената заштита се уредени условите под кои тие можат да ја вршат својата професија, меѓу кои и одреден вид и степен на образование.

Основачот на правното лице-аптека, е само лице кое вложило капитал за основање на правно лице-аптека, со свои права и обврски кои произлегуваат од својството основач, односно лице кое треба да ги обезбеди сите услови уредени со Законот за непречено, квалитетно, професионално вршење на дејноста од страна на правното лице, уредени со членот 82 од Законот (обезбедување соодветни простории, опрема и кадар за промет на мало во согласност со количеството и видот на лековите што се ставаат во промет, да има вработено соодветен број лица со високо образование од областа на фармацијата (постојано присутно во аптеката) и со средно образование од областа на фармацијата и други). Според тоа, основачите на аптеките кои вложуваат средства заради основање на оваа здравствена установа, немаат законска обврска да мора нужно и да се вработени во аптеките.

Во оваа смисла, неспорно е дека не постои забрана основач на аптека да биде лице вработено во аптека, но, во таков случај основач кој сака да врши аптекарска професија, треба да ги исполни сите услови потребни за вршење на аптекарска професија (вид и степен на образование, полагање на стручни испити и лиценци), кое е уредено со член 115 од Законот за здравствена заштита.

При ова Судот, го имаше предвид мислењето од предлагачот на Законот, дека со ваквото уредување се постигнува позитивен ефект во однос на подигнувањето на нивото на професионалното управување со аптеките од страна на основачите доколку тие се дипломирани фармацевти, односно истото се оправдува со целта да се пресретнат потенцијални опасности што ги носи употребата на лекови. Меѓутоа, за таа цел законодавецот со член 82 од Законот за лековите и медицинските помагала ги уредил условите под кои правно лице може да врши промет на мало со лекови односно правното лице да има вработено соодветен број лица со високо образование од областа на фармацијата (постојано присутно во аптеката) и со средно образование од областа на фармацијата. Правото на работа на вработените во аптеките е различно од правото на основачот на аптеките. Во Законот нема обврска за негово должно вработување во аптеката од каде би произлегол непосреден контакт со корисниците на аптекарските услуги.

Оттука, при состојба на уредени услови за вршење на оваа дејност, од аспект на простории, опрема, кадар и друго, непоседувањето на соодветен вид и степен на образование од страна на основачите кои се лица кои вложиле средства за вршење на таа дејност, според Судот не може да биде основа за нивно исклучување од пазарот.

Според Судот, со ограничувањето, останати субјекти да не можат да основаат аптека заради непоседување на бараниот вид и степен на образование, се повредува уставната гаранција на слободата на пазарот и претприемништвото и не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, во поглед на слободното движење на капиталот и слободното уживање на сопственоста.

Воведениот услов за вид и степен на образование на основачот на аптека, ја ограничува слободата на претприемништвото на основачот, кој во конкретниот случај е претприемач, надвор од уставните можности за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, поради што Судот оцени дека оспорениот член 81 став 4 од Законот не е во согласност со член 8 став алинеите 1 и 3, член 9 и член 55 од Уставот.

Од анализата на оспорените ставови 9 и 10 од членот 81 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил можност, не само во аптеките, туку и во продавници и бензински станици да може да се врши промет на мало со лекови, меѓутоа не, на сите лекови, туку само на лековите што се продаваат без рецепт, со тоа што законодавецот уредувајќи ја оваа можност, во зависност од бројноста на населението, ги уредил и потребните технички услови (посебни полици за лекови) за правилно и непречено вршење на оваа дејност, односно квадратната површина на просториите за вршење на оваа дејност, за што министерот за здравство согласно Законот за лековите и медицинските помагала и Законот за трговските друштва, го издава одобрението за промет на мало со лекови што се продаваат без рецепти.

Со иницијативата се наведува дека причините поради кои се оспорува членот 74 ставови 2, 3 и 4 од Законот, се однесуваат и за овие оспорени одредби, поради што правното мислење изразено за наведените оспорени законски одредби, соодветно се однесува и за оспорениот член 81 ставови 9 и 10 од Законот.

Со член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), Законот е дополнет со оспорените членови 81-а и 81-б.

Со оспорениот член 14 од наведените измени и дополнувања на Законот, одредбата од членот 6 од овој закон ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

Од анализата на оспорениот член 81-а став 1 од Законот, произлегува обврска за правното лице кое врши промет на мало со лекови-аптеки, ако има две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина, на секои две организациони единици аптеки во негов состав да отвори и организациона единица-аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.

Од анализата на став 2 од оспорениот член 81-а од Законот, произлегува обврска за правното лице кое врши промет на мало со лекови, кое нема две или повеќе организациони единици аптеки во негов состав на подрачјето на иста општина и има повеќе од пет или повеќе организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија, на секои пет организациони единици аптеки на територијата на Република Македонија, да отвори и една аптека или аптекарска станица во населено место во рурална средина.

Од анализата на став 3 од оспорениот член 81-а од Законот, произлегува овластување за министерот за здравство да ги определува населените места и рокот во кој треба да бидат отворени аптеките или аптекарските станици, согласно со потребите утврдени во мрежата на здравствени установи и врз основа на бројот на жителите во населените места, оддалеченоста и достапноста на населените места.

Од анализата на став 4 од оспорениот член 81-а од Законот, произлегува дека правното лица кое вршат промет на мало со лекови во аптеки, кое нема да отвори аптека или аптекарска станица согласно со ставот 3 на овој член, поточно, доколку, правното лице не отвори аптека или аптекарска станица согласно определените места и рок за отворање на истите, определени од страна на министерот за здравство, ќе му бидат одземени дозволите за работа за сите аптеки или аптекарски станици, освен на една аптека.

Од анализата на целината на оспорениот член 81-а од Законот, произлегуваат две обврски за аптеките опфатени со ставовите 1 и 2 од наведениот оспорен член од Законот, едната се состои во обврска за отворање на аптека во рурално населено место, а другата се состои во обврска за отворање на аптека, исклучиво во населените места во рурални средини кои се определени од страна на министерот за здравство согласно критериумите од наведениот оспорен законски член.

Подносителот смета дека тоа биле неуставни одредби, односно со ваквото уредување под сила и притисок, без разлика дали тоа економски му одговарало и му се исплатувало на правното лице, се пропишувала таква обврска, а спорно било и законското овластување на министерот за здравство да ги одзема дозволите за работа, доколку не се постапело согласно оспорените одредби од Законот, без предвидена било каква законска постапка за тоа и правен лек, со што според подносителот се повредувала темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 54 став 1, член 96 и Амандманот XXI од Уставот на Република Македонија.

Со член 13 став 1 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014 и 188/2014) е определено дека здравствената дејност се врши во мрежа на здравствени установи и надвор од мрежата на здравствени установи.

Според ставот 2 од членот 13 од Законот за здравствената заштита, Република Македонија е надлежна за остварувањето на здравствената заштита во мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност под услови утврдени со овој закон, а според ставот 3 од истиот член од Законот, здравствената дејност во мрежата ја вршат јавни и приватни здравствени установи, кои вршат дејност врз основа на лиценца.

Според ставот 4 од член 13 од Законот за здравствената заштита, здравствената дејност надвор од мрежата ја вршат приватни здравствени установи под услови утврдени со овој закон и се финансира од здравствените услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства.

Според член 15 точка 19 од Законот за здравствената заштита, „мрежа на здравствени установи“ е определување на потребниот број здравствени установи и видовите на здравствена дејност, односно специјалност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита, кои треба да се обезбедат во согласност со потребите за здравствена заштита на населението на територијата на Република Македонија.

Со член 25 став 1 точки 1-4 од Законот за здравствена заштита е определено дека средствата за вршење на здравствената дејност во мрежата се обезбедуваат од: Буџетот на Република Македонија; Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот); учество со лични средства на осигурените лица согласно со прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување и здравствени услуги кои пациентите ги плаќаат со лични средства под услови утврдени со закон.

Согласно член 46 став 2 од Законот за здравствена заштита, здравствените установи надвор од мрежата вршат здравствена дејност во која стекнуваат средства само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства.

Според тоа, здравствените установи меѓу кои и аптеките, можат да бидат во мрежата на здравствени установи и надвор од мрежата. Оние кои се надвор од мрежата, (немаат склучено договор со Фондот по однос услугите спрема пациентите и лековите кои се продаваат), средствата ги стекнуваат исклучиво само од пациенти кои здравствените услуги ги плаќаат со лични средства.

Со точката 20 од членот 15 од Законот, е определено дека „непрофитност на вршењето на здравствена дејност во мрежата“ значи целиот вишок на приходи над расходите здравствените установи во мрежата да го наменуваат за развој на здравствените услуги и здравствената дејност.

Според точката 21 од член 15 од Законот за здравствена заштита, „ниво на здравствена дејност“ е организираност на здравствената дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита, зависно од нејзините задачи и сложеност.

Според член 17 став 1 од наведениот закон, со мрежата на здравствени установи согласно со овој закон (во натамошниот текст: мрежа) се утврдуваат:

– видовите на здравствена дејност кои се обезбедуваат во определени географски подрачја според местото на живеење на корисниците на здравствената заштита;
– кадровските, просторните и сместувачките капацитети на болниците за вршење на одделен вид здравствена дејност, односно специјалност;
– видот и бројот на технички сложена дијагностичка опрема и
– просторниот распоред на вршењето на здравствената дејност, вклучувајќи определување на видот и обемот на здравствените услуги.

Според ставот 2 од членот 17 од законот за здравствената заштита, мрежата од ставот 1 на овој член се состои од мрежа на здравствени установи на:

– примарно ниво на здравствена заштита за вршење на дејностите од примарна здравствена заштита и фармацевтска дејност;
– секундарно ниво на здравствена заштита за вршење на специјалистичко – консултативна и болничка здравствена дејност и
– терцијарно ниво на здравствена заштита за вршење на најсложените здравствени услуги во специјалистичко-консултативната и болничката здравствена дејност кои не е можно или не е добро да се вршат на пониските нивоа на здравствената дејност.

Согласно ставот 3 од член 17 од Законот за здравствена заштита, мрежата од ставот 1 на овој член ја утврдува Владата врз основа на следниве критериуми:

– потребите на населението од здравствени услуги;
– бројот, возраста, полот, социјалната структура и здравствената состојба на жителите на подрачјето за кое се определува мрежата;
– обезбедување на рамномерна достапност на здравствените услуги, особено за амбулантски третман и итна медицинска помош;
– минималниот број на здравствени услуги по здравствени установи, кој е потребен за одржување на квалитетот и сигурноста на практичните вештини и искуства;
– обезбедувањето на централната улога на примарната здравствена заштита;
– поделбата на работата меѓу здравствената дејност на примарно, секундарно и терцијарно ниво на здравствена заштита;
– обезбедувањето на здравствени капацитети, согласно со обемот на правата од задолжителното здравствено осигурување и економската оправданост;
– технолошкиот и научниот развој во областа на здравствената дејност;
– степенот на урбанизираност на подрачјата, специфичностите на населеноста, сообраќајните поврзувања, миграциите на населението и достапноста до здравствените установи и
– посебните услови на демографски загрозените подрачја.

Со член 19 од Законот за здравствената заштита е определено дека мрежата на примарно ниво на здравствена заштита (во натамошниот текст: примарно ниво) е поделена на одделни географски подрачја, кои можат да опфатат една или повеќе општини, а согласно со критериумите од членот 17 став 3 од овој закон (став 1). За секое подрачје од ставот 1 на овој член се обезбедува вршење на сите видови здравствена дејност на примарно ниво, односно специјалност која согласно со разграничувањето на вршењето на здравствената дејност се вршат на примарно ниво во здравствен дом и во приватни здравствени установи кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца на примарно ниво во мрежата (став 2).

Согласно член 28 став 1 од Законот за здравствената заштита, здравствената дејност во мрежата, што ја обезбедува и организира Република Македонија, се состои од јавни здравствени установи и приватни здравствени установи, кои вршат здравствена дејност врз основа на лиценца (во натамошниот текст: носители на лиценца), во кои се врши здравствена дејност под еднакви услови и кои се вклучуваат во интегриран здравствен информатички систем согласно со прописите за евиденциите од областа на здравството.

Според член 30 став 1 точка 18 од Законот за здравствена заштита, здравствената дејност ја опфаќа и фармацевтската дејност, а според ставот 2 од членот од Законот, фармацевтската дејност од ставот 1 точка 18 на овој член се врши согласно со овој закон и прописите од областа на лековите и медицинските помагала.

Со член 31 од Законот за здравствена заштита е определено дека здравствената дејност од членот 30 од овој закон во мрежата на примарно ниво се врши во ординации и поликлиники, заботехнички лаборатории, здравствени домови и аптеки.

Со членот 60 од Законот, се определени условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа.

Согласно членот 62 став 1 од Законот за здравствена заштита, министерството за здравство го оценува исполнувањето на условите во однос на просторот и/или опремата од членот 60 од овој закон за основање на здравствена установа и донесува решение за основање на здравствената установа во мрежата или решение за основање здравствената установа надвор од мрежата на здравствени установи во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето.

Според ставот 2 од член 62 од Законот, врз основа на решението од ставот 1 на овој член се врши упис на здравствената установа во Централниот регистар на Република Македонија.

Со ставот 3 од членот 62 од Законот, е определено дека решение за дозвола за работа на здравствена установа (во натамошниот текст: дозвола за работа) се донесува по исполнување на условите во однос на просторот, опремата и стручниот кадар од членот 60 од овој закон во рок од дена од денот на приемот на барањето, внимавајќи со вработувањето на стручниот кадар во здравствената установа да не се наруши вршењето на здравствената дејност во здравствената установа во мрежата од каде што доаѓа стручниот кадар.

Според ставот 4 од членот 62 од Законот, дозволата за работа се одзема доколку настанат промени со кои се отстапува од условите утврдени со решението од ставот 3 на овој член.

Во член 65 од Законот за здравствената заштита, се содржани одредби по однос престанокот со работа и одземањето на дозволата за работа на здравствена установа.

Според член 66 од наведениот закон, во постапките за основање, статусни измени (спојување, припојување, поделба или издвојување) и дозволи за работа за здравствени установи се применуваат прописите од областа на општата управна постапка, ако со овој закон поинаку не е определено.

Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби, според кои фармацевтската дејност како дел од здравствената дејност, е дејност од јавен интерес која се врши во мрежата и надвор од мрежата на здравствени установи, како и уредувањето дека вршењето на здравствената дејност во мрежата (член 15 точка 20 од Законот), значи целиот вишок на приходи над расходите, здравствените установи да ги намени за развој на здравствените услуги и здравствената дејност, произлегува дека здравствената дејност која се обавува во овие установи не потпаѓа под режимот на пазарните законитости и вредности, својствени за правните субјекти кои дејствуваат во пазарни услови.

Од изнесеното произлегува дека фармацевтската област е високорегулирана, што говори за нејзиното значење како дејност од јавен интерес за граѓаните. Лековите се нераздвоен дел од здравствените процедури преку кои се обезбедува фармацевтска грижа за пациентите.

Од содржината на оспорениот член 81-а од Законот, произлегува дека законодавецот уредил, обврската за отворање на аптеки/аптекарски станици во рурално населени места, да се однесува на оние правни лица кои ја имаат развиено аптекарската дејност и имаат повеќе од две аптеки во иста општина или повеќе од пет аптеки во Република Македонија. Во таа смисла, законодавецот оценил за потребно, овие правни лица дел од профитот што тие го оствариле во високодоходовните подрачја, да го наменат и за вршење на оваа дејност во руралните средини, со цел да се обезбеди побрза и поголема достапност на лековите и за граѓаните на Република Македонија, кои живеат во населени места во рурални средини, кои поради оддалеченоста до поголемите населени места се соочени со потешкотии со снабдувањето со потребната терапија.

Имајќи во вид дека при уредувањето на обврската за отворање на аптека и во рурална средина, законодавецот истата ја уредил во зависност од развиеноста на аптекарската дејност, а не за сите правни лица кои ја вршат оваа дејност, произлегува дека неосновани се претпоставките со иницијативата, дека законодавецот не водел грижа за економската исплатливост на правните лица кои вршат дејност во аптека.

Тргнувајќи од значението кое го има вршењето на оваа дејност, во однос на заштитата на здравјето на граѓаните на Република Македонија, по мислење на Судот, оспорениот член 81-а од Законот, од аспект на изнесените наводи, не имплицира повреда на слободата на пазарот и претприемништвото, имајќи ја во вид суптилноста на проблематиката на лековите, сфера која е најтесно поврзана со здравјето на луѓето, од која причина уставно загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото како темелни вредности на уставниот поредок, не може да се сфати во апсолутна смисла на зборот, односно како работа само на субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на пазарните текови, особено во областите чии дејности се од јавен интерес и се од особено значење за човековото здравје како витално заштитено правно добро.

Што се однесува до приговорот со иницијативата дека во отсуство на пропишана постапка за одземање на дозвола за работа на аптека и правни средства за тоа, се одземале дозволи за работа на аптеките во случај на непостапување согласно ставот 3 од оспорениот член 81-а од Законот, при оспорувањето не се земени во предвид одредбите од законите со кои е регулирана оваа област. Конкретно одредбите од член 81 став 3 и 6 од Законот за лековите и медицинските помагала кој утврдува дека основањето и дејноста на аптеките се врши во согласност со овој закон и Законот за здравствената заштита, како и дека одобрението за вршење на дејноста на аптеката го издава министерот за здравство во согласност со овој закон и Законот за здравствената заштита. Потоа одредбите од член 65 од Законот за здравствена заштита кој помеѓу другото предвидува дека министерот за здравство донесува решение за престанок со работа и одземање на дозволата за работа на здравствената установа во зависност од условите утврдени со закон.

Исто така, имајќи предвид дека на постапките кои се однесуваат на дозволите за работа, согласно член 66 од Законот за здравствена заштита, се применуваат одредбите од прописите од областа на општата управна постапка, неспорно произлегува дека има законска постапка за одземање на дозволата за работа, како и обезбедено право на правни лекови.

Од анализата на оспорениот член 81-б од Законот, произлегува уредување по однос должноста на правното лице кое врши промет на мало со лекови – аптека да обезбеди работа во најмалку две смени, а во општина со над 30.000 жители и во трета смена, со тоа што распоредот на аптеките кои ќе работат во трета смена го утврдува министерот за здравство, а исто така од анализата на овој оспорен член од Законот, конкретно на ставот 3, произлегува дека, законодавецот допуштил можност, на правното лице кое врши промет на мало со лекови во аптека, да му се издаде лиценца за вршење на таа дејност и со 24 часовна работа, согласно со прописите за здравствена заштита, во интерес на непрекинато обезбедување на снабдување на лекови на населението во општина со над 30.000 жители. Во секој случај оспорената законска одредба не наложува задолжителна 24 часовна работа на сите аптеки.

Обврската за работа во две, односно три смени на аптеките во зависност од бројноста на населението, со можност да им дозволи на некои аптеки и 24 часовна работа за континуирано обезбедување на достапност на лекови на граѓаните, е дел од здравствената политика на државата, која во рамките на севкупната грижа и заштита за здравјето на населението, е должна да обезбеди ефикасна, брза и континуирана фармацевтска заштита, како нужна компонента во здравствениот систем, со која се означува крајната фаза при заштитата на пациентите.

Поради наведеното, според Судот не може да се постави прашањето на согласноста на оспорениот член 81-б од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Според оспорениот член 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), одредбата од членот 6 од овој закон ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година.

Со членот 6 од наведените измени и дополнувања на Законот се уредува дека по членот 81 се додаваат два нови члена 81-а и 81-б, за кои погоре е изнесено наше правно мислење по однос нивната согласност со одредбите од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 14 од измените и дополнувањата на Законот, бил нејасен и непрецизен член, бидејќи со него се предвидувал почетокот на примена на одредбите од оспорените членови 81-а и 81-б од Законот, но, не го предвидувал крајниот рок до кога ќе треба субјектите да ги спроведат оспорените членови, што значи нивна нејасност, непрецизност, односно правна несигурност на граѓаните и повреда на уставниот принцип на владеењето на правото.

Според Судот, околноста што законодавецот не го уредил крајниот рок за постапување на правните лица по наведените законски одредби, не ја прави уставно неиздржана конкретната оспорена одредба од членот 14 од Законот, бидејќи Уставниот суд согласно член 110 од Уставот е надлежен да одлучува за согласноста на уредената содржина од законската норма со одредбите на Уставот, а не она што во неа не е содржано.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Подносителот ја оспорува целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), но, со иницијативата не се изнесени аргументи и образложени причини по однос оспорувањето на целината на овој закон, туку само по однос конкретно оспорените законски одредби, поради што Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел.

7. Имајќи го предвид погоре изнесеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала со одредбите од Уставот, а по однос на оспорените: член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8, член 74 ставови 2, 3 и 4, член 81 ставови 9 и 10, член 81-а и член 81-б од Законот за лековите и медицинските помагала, како и по однос на оспорените членови 12, 13 и 14 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата. Во отсуство на аргументи и образложени причини во иницијативата по однос оспорувањето на целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), Судот оцени дека се исполнети процесните претпоставки од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативата во тој дел.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точите 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението во однос на: член 81 став 4 од точката 1 од решението, како и член 73 став 7 во делот: “или роднински” и ставот 8 и член 81-а од точката 2 од решението, од Законот за лековите и медицинските помагала, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.121/2014
08 април 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.121/2014