Издвоено мислење по предметот У.бр.109/2015

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по нашето гласање против Решението У.бр.109/2015 донесено на 13.04.2016 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 233 став 1 алинеја 3 и на член 284 ставовите 1 и 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016) го издвојуваме и писмено го образложуваме следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 233 став 1 алинеја 3 и на член 284 ставовите 1 и 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016). Решението наведува дека оспорените законски одредби се однесуваат на автошколите како правни лица кои вршат оспособување на кандидати за возачи по однос на нивните возила кои мораат да бидат опремени со камера за видео и аудио запис (член 233 став 1 алинеја 3), додека член 284 став 1 и 2 исто така ја регулира употребата на камерата за аудио и видео запис при практичното оспособување на кандидатите во училницата и во возилото. Во случај камерата да не била вклучена, или да се исклучила, или пак да не постои аудио и видео доказ дека е спроведено оспособување, автошколата мора да го повтори наставниот час на свој товар.

Правното мислење на Решението по однос на наводите наведени во иницијативата дава одговор единствено од аспект на член 55 од Уставот (слободата на пазарот и претприемништвото и можноста оваа слобода да се ограничи со закон од страна на законодавецот) а врзано со член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Ставот на мнозинството судии е дека оспорените одредби не се во спротивност со Уставот бидејќи тие се однесуваат на законските обврски на правни лица кои вршат дејност оспособување на кандидати за возачи (автошколи) а кои воедно во име на јавниот интерес толкуван во поширока смисла, мора да обезбедат доказ дека се грижат за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата.

Спротивно на искажаниот став на мнозинството судии во погоре наведеното Решение, сметаме дека Судот по однос на овој предмет дал мошне оскудна аргументација без елаборирано образложение и не се осврнал на сите аспекти кои се покренуваат како правни прашања во иницијативата по однос на Уставот, конкретно на член 18 (сигурност и тајност на личните податоци и повреда на личниот интегритет преку регистрирањето на информации и обработка на податоците) и член 25 (гаранција на заштитата на приватноста, личниот живот, достоинството и угледот на секој граѓанин), а врзани и со член 8 од Европската конвенција за човековите права (право на почитување на приватниот и семејниот живот). Сметаме дека Судот имал обврска да даде издржан одговор и по овие уставни одредби и тоа не единствено од аспект на законските обврски кои ги има автошколата како стопански субјект туку и од аспект на положбата на граѓанинот и повредата на неговите права. Во таа смисла правно прашање е дали ова законско решение го повредува правото на приватност на граѓаните кои долготрајно без нивна согласност, ако сакаат да се стекнат со возачка дозвола, мораат безусловно да се согласат да бидат снимани аудиовизуелно додека је следат обуката за која приватно плаќаат.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016) детално уредува бројни прашања во врска со основањето на автошколите и условите кои тие треба да ги исполнуваат, издавањето на лиценци, обезбедувањето на стручен кадар кој работи во автошколите (стручен раководител, предавач и возач – инструктор), опремувањето на автошколите и бројни други прашања за чие евентуално неисполнување се предвидени глоби. Напоменуваме дека оспорените одредби се однесуваат единствено на видео и аудио записите при оспособувањето на кандидатите за возачи, со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот. Тоа значи дека не е оспорен видео и аудио записот при полагањето на возачкиот испит, туку видео и аудио записот при самиот процес на едукација односно оспособување (теоретско и практично) на кандидатите за возачи тоест самите граѓани како примачи на услугата.

Во дописот од страна на доносителот на актот се наведува дека “преку видео надзорот се постигнува поголем степен на квалитет во полагањето и оспособувањето на кандидатот за возачки испит, а истовремено се избегнуваат одреден број на пропусти и злоупотреби во работењето на автошколите.“ Исто така законодавецот смета дека со овие мерки ќе се подобри и безбедносната состојба за сите учесници во сообраќајот на патиштата во Република Македонија. Владата исто така наведува дека “ваков вид нормативни решенија компаративно споредено се широко застапени во позитивната законска рамка во Република Македонија да при полагање на стручни испити се постави видео надзор, со цел подобрување на квалитетот а истовремено одбегнување на секаков вид злоупотреби.“ Со изложеното, всушност сметаме дека се оправдува јавниот интерес за сметка на ограничувањето на правото на приватност во оспорените одредби.

За да се даде одговор на наводите во иницијативата по однос на заштитата на приватноста на граѓаните сметаме дека би требал да се земе предвид и Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/05, 103/08, 124/08, 124/10, 135/11 и 153/15) по однос на кој (член 5) тие се обработуваат правично и во согласност со Закон, за конкретни, јасни и со закон утврдени цели а на начин што е во согласност со тие цели. Согласно член 6 став 1 алинеја 3 обработката на личните податоци се врши за исполнување на законската обврска од контролорот.

Според член 9а од Законот, одредбите се однесуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видео надзор, освен ако со друг закон не е поинаку предвидено. Контролорот е должен да истакне известување кое мора да биде јасно, видливо и истакнато на начин што им овозможува на субјектите на лични податоци да се запознаат со вршењето на видео надзорот (став 1 и 2). Информацијата мора да содржи дека се одвива видео надзор, кој го врши видео надзорот и начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видео надзор (став 3). Став 5 од истиот член наведува дека контролорот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен.

Во овој конекст би требал да се наведе и член 9б кој регулира дека “Контролорот може да врши видео надзор во неговите службени или деловни простории ако е тоа потребно за: заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории. Контролорот го уредува начинот на вршењето на видео надзор со посебен акт и задолжително ги известува за тоа и вработените за тоа“. Видно од содржината на овој член, самото видео и аудио снимање во автошколата не спаѓа во ниеден од наведените можности таксативно наброени во него.

Оценувајќи го степенот на јавниот интерес кој законодавецот би требал да го промовира и заштитува, мора да се води сметка дека истиот варира во неговиот интензитет по однос на различни правни дејствија. Конкретно, може да се процени дека постои извесна легитимна оправданост за контрола (видео и аудио запис) при самото полагање на возачкиот испит за да се докаже дека кандидатот навистина го има потребното знаење и подготвеност за да се стекне со возачка дозвола. Наспроти ова, подолготрајното вршење на видео и аудио запис кој трае значително подолго време споредено со полагањето заради што може да смета дека е нарушена приватноста на кандидатите, нема “објективно и разумно оправдување“. Зад ова законско решение според јазикот на меѓународната јуриспруденција, проблематично е да се утврди “легитимна цел“ а евидентно отсуствува и “пропорционалност на употребените средства наспрема целта која треба да се постигне“.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија
Д-р Гзиме Старова

Решение У.бр.109/2015