У.бр.109/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 април 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 233 став 1 алинеја 3 и на член 284 ставовите 1 и 2 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015 и 55/2016).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорените законски одредби биле нови и прв пат воведени правила во сферата на безбедност на сообраќајот на патиштата, но дека тие биле неодржливи во правниот поредок на Република Македонија од уставно-правен аспект поради: несогласност со Амандман XIX на Уставот (со кој се гарантира слободата и неповредливоста на сите облици на комуницирање); несогласност со член 18 во врска со член 11 од Уставот (со кои се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци во врска со физичкиот и моралниот интегритет на човекот); несогласност со член 25 од Уставот (со кој се гарантира заштитата на приватноста на личниот живот на граѓанинот) и несогласност со член 54 став 1 од Уставот (според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а не и со закон). Покрај тоа, оспорените законски одредби не биле во согласност ниту со Преамбулата на Повелбата на Обединетите нации, со член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и со член 8 од Европската конвенција за човековите права, со што оспорените законски одредби не биле во согласност ниту со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот (според кои основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија), како и со член 51 од Уставот (според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот и секој е должен да ги почитува Уставот и законите). Понатаму, со оспорените законски одредби се воспоставувале немали парични издатоци на автошколите заради обезбедување на скапи камери, со што таквите законски одредби не биле во согласност ниту со член 1 став 1 од Уставот (според кој Република Македонија е и социјална држава) и со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот (според кој хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се исто така темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија).

Во иницијативата се наведува дека „ние сме единствена европска земја во која се спроведува обука со вперена камера во лице на возач-инструктор и уплашениот кандидат за возач, каде поголемиот дел од кандидатите за првпат седнуваат на возачкото седиште. Бесцелно е самото снимање на обуката на кандидатот за возач бидејќи кандидатот подлежи на оценка кај надлежен орган (испитен центар), каде што по завршувањето на обуката кандидатот го полага возачкиот испит пред тричлена испитна комисија. Оттука, камерите се непотребни и ќе отворат само проблеми во поглед на заштитата на приватноста на кандидатот за возач и личноста и интегритетот на возачот-инструктор и нивната меѓусебна комуникација, како ќе се врши проверката на веродостојноста на квалитетот на снимениот материјал и неговото префрлување во архивата, како и начинот на кој истиот ќе биде чуван. Патем користењето на вакви уреди подлежи низ многу правни процедури и изготвување на подзаконски акти за нивната употреба од самото поставување, преку прегледувањето и чувањето на снимениот материјал, а на крај и негово бришење од архивата на автошколата. За секојдневно внесување и преглед на снимениот материјал секоја автошкола мора да вработи уште по едно лице (не сметајќи ги редовно вработениот стручен раководител и редовно вработениот предавач). А сето тоа скапо чини, за што не е водено сметка при нормирањето на оспорените законски одредби. Потоа, возачите инструктори не се стручно подготвени околу ракувањето со камерите и префрлувањето на снимениот материјал, како и чувањето на истиот во текот на целата обука која е можно да се развлече во текот на целата година па и подолго, а да не зборуваме за бришење на снимениот материјал за кој треба да се формира посебна комисија.“

Подносителот на иницијативата предлага укинување или поништување на оспорените законски одредби, а до донесувањето на конечна одлука предлага запирање од извршување на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби бидејќи би можеле да настанат тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.

3.а) Судот на седницата утврди дека во член 233 став 1 од Законот се определува дека: „Возилата од членот 231 став 1 алинеја 5 од овој закон, задолжително треба да бидат: алинеја 3 опремени со соодветен уред (камера со двострано снимање со сопствен извор на напојување) кој овозможува видео и аудио запис со можност за архивирање и документирање на снимените податоци кои се чуваат во автошколата 90 дена од денот на издавањето на потврдата за оспособеност на кандидатот за возач.“

Во член 284 став 1 од Законот се определува дека: „Автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, да има вклучено камера во:
-просторијата од членот 231 алинеја 2 од овој закон и
-возилото од членот 241 став 1 алинеја 5 од овој закон.“

Според став 2 од истиот член, „Автошколата е должна за време на оспособувањето на кандидатот за возач, во случај кога во просторијата и возилото од ставот 1 на овој член, не се вклучени камерите или истите се исклучиле, односно не постои соодветен доказ дека е спроведено оспособување, истото по тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.“

б) Судот исто така утврди дека оспорените законски одредби се систематизирани во Глава VI „Кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи“ од Законот.

Оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 е сместен во наведената глава под Оддел 2. „Автошколи“, Отсек 2.1.„Основање и работа на автошколи“. Тој отсек определува дека правно лице кое има лиценца од МВР односно кое ги исполнува законските услови, се запишува во Регистарот на автошколи на МВР, па по уписот во Централниот регистар на Република Македонија може да започне со спроведување на оспособување на кандидат за возач (членовите 229 и 230). Автошколата мора да има стручен кадар, опремена училница, сообраќаен полигон, најмалку две сопствени возила од категорија „Б“ и информатичка опрема (членовите 231 и 232), а во врска со возилата на автошколата член 233 став 1 од Законот определува дека тие треба да бидат регистрирани во Република Македонија, опремени со двојни команди, опремени со соодветен уред-камера (оспорената одредба) и опремени со две надворешни огледала.

Оспорениот член 284 ставовите 1 и 2 е сместен во Глава VI, Оддел 5. „Услови за стекнување право на управување со возило“, Отсек 5.3. „Практично оспособување на кандидат за возач“ од Законот. Тој отсек најнапред определува дека оспособувањето на кандидатот за возач на моторно возило се врши на уреден простор-автодром односно полигон (член 283), а потоа во оспорениот член 284 ставовите 1 и 2 се пропишува дека за време на оспособувањето на кандидатот за возач, автошколата мора да има вклучено камера во опремената училница и во возилото, а ако камерата не е вклучена, ако се исклучила или не постои доказ дека е спроведено оспособување, тој наставен час од програмата ќе се повтори на товар на автошколата.

Од изнесената поширока законска рамка, во која се систематизирани оспорените законски одредби, произлегува дека член 233 став 1 алинеја 3 од Законот се однесува на автошколите како правни лица кои вршат оспособување на кандидати за возачи, и тоа на возилата на тие правни субјекти, при што тие возила мораат да бидат опремени со камера за видео и аудио запис, а членот 284 од Законот се однесува исто така на автошколите како правни лица, тие да ја имаат вклучено камерата за видео и аудио запис при практично оспособување на кандидатите за возачи во училницата и во возилото и ако камерата не е вклучена или ако се исклучила или не постои доказ дека е спроведено оспособување, автошколата на свој товар мора да го повтори наставниот час од програмата за кој не постои запис. Според тоа, оспорените законски одредби се однесуваат на правни лица при вршење на дејност оспособување на кандидати за возачи, која дејност е регулирана со Законот.

4. Според член 55 став 1 од Уставот, „се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.“ Според став 2 од истиот член „слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека пазарот и претприемништвото се слободни и дека нив законодавецот може да ги ограничи со закон во ситуација кога тоа е потребно за одбрана на државата, зачувувањето на природата, зачувувањето на животната средина или за зачувувањето на здравјето на луѓето. Притоа, обемот на опфатот на законодавецот во ограничувањето на слободата на пазарот и претприемништвото, според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, го определува самиот законодавец.

Со оглед на тоа што содржината на оспорениот член 233 став 1 алинеја 3 од Законот всушност значи обврска за автошколата, како правно лице кое врши оспособување на кандидати за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување на кандидатот за возач, што во поширока смисла значи автошколата да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека таквата законска одредба има уставна основа во наведените одредби од Уставот. Исто така, содржината на оспорениот член 284 ставовите 1 и 2 од Законот значи обврска за автошколата, како правно лице кое спроведува практично оспособување на кандидатите за возачи, да обезбеди видео и аудио запис како доказ дека спровела оспособување, а ако нема таков доказ автошколата има обврска на свој товар да го повтори наставниот час од програмата, што повторно во поширока смисла значи да обезбеди доказ за грижата за зачувување на здравјето на луѓето, на животната средина и на природата, Судот оцени дека и овие законски одредби имаат уставна основа во наведените одредби од Уставот. Оттука, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се во несогласност ниту со другите уставни одредби наведени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2015
13 април 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.109/2015