Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.78/2016 донесено на 08.02.2017 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста Законот за дополнување на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот Закон за дополнување на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013) образложувајќи дека целта на ваквото законско дополнување е да се овозможи на студентите кои при студирањето имале послаб резултат (просек во првиот и вториот циклус на студии од минимум 7,5) преку повторно полагање на најмногу пет предмети, да остварат просек 8 или над 8, со што им се дава можност за упис во јавни установи со цел прием и стручно усовршување на кандидати, каде како услов за прием во обуката е постигнатиот просечен успех на студиите во прв и втор циклус. Мнозинството судии во Уставниот суд смета дека оваа законска можност е во склад со Уставот бидејќи е поповолна за граѓаните, а правната последица од успехот кој би се постигнал со добивањето на додатокот на диплома важи од преполагањето на испитите па натаму, односно по влегувањето во сила на Законот. Исто така, се смета дека не е повредена и автономијата на Универзитетот (член 46 од Уставот) заради овозможувањето на граѓаните да дојдат до поповолни критериуми со преполагање на одреден број на предмети, како и определувањето на границата за потребниот просек, кои законодавецот како креатор на законите ги уредува, бидејќи тоа е негово легитимно право.
По однос на оспорените одредби, во одговорот кон предметот Владата на Република Македонија, повикувајќи се на член 32 став 2 од Уставот дека секому по еднакви услови му е достапно секое работно место, е на став дека бидејќи според член 125-а од законот за високото образование како еден од условите за засновање на работен однос на високообразовна установа е кандидатот да има остварено просечен успех од најмалку 8,50 на прв и втор циклус на студии (нов услов за избор на асистенти-докторанти), се смета дека се ставиле во нерамноправна положба но без нивна вина лицата кои имаат завршено студии од прв и втор циклус пред влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование. Наведено е дека “токму врз основа на принципот на невршење дискриминација на сите кандидати за асистенти докторанти законодавецот…дозволил можност универзитетот институтот или самостојната висока школа на лицата кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршување на студиите да може на нивно барање да дозволи повторно полагање на одреден број на предмети, но не повеќе од пет предмети.“ Одговорот пак на Секретаријатот за законодавство при Владата на Република Македонија наведува дека можноста за преполагање е “да се даде можност за упис на јавни установи за прием и стручно усовршување на кандидати како на пример на Академијата за судии и јавни обвинители, Академијата за наставници и други установи, каде како услов за прием во обуката е постигнатиот просечен успех на студиите во прв и втор циклус.“, додавајќи дека притоа, правната последица од успехот кој би го постигнал со добивањето на додатокот на диплома е од преполагањето на испитите па натаму, односно по влегувањето во сила на законот.
Моето спротивно мислење по горенаведеното Решение го темелам на претходна анализа на Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011 и 15/2013) односно законските одредби кои се во корелација со оспорените наспроти Уставот на Република Македонија. Имено, член 2 точка 7 од Законот регулира дека “Диплома“ е јавен документ издаден од високообразовна установа со кој се докажува стекнато високо образование од прв, втор или трет циклус, потребно за продолжување на образованието или за започнување со вршење на соодветна професија, додека точка 8 наведува дека “Додаток на диплома (Diploma Supplement)” е составен дел на дипломата која содржи податоци за имателот на дипломата, информации кои поблиску ја определуваат квалификацијата, нивото на квалификацијата (стручниот, односно научниот назив) системот и содржината на студиите и постигнатите резултати, како и податоци за академските и професионалните можности кои ги дава квалификацијата за натамошни студии и професионален статус, дополнителни информации според природата на студиската програма и нивниот извор, датум и потпис и информации за националниот високообразовниот систем.
Наведеното јасно покажува дека дипломата претставува завршен јавен документ кој во идниот правен промет лицето кое ја поседува може да ја употребува таква каква што е финално стекната како резултат на дотогашното негово студирање со цел да се вработи или да го продолжи своето образование. Законското дефинирање пак на “Додаток на диплома (Diploma Supplement)” воопшто не го содржи вклучувањето на “..и просекот на лицето остварен заклучно со дополнително положените предмети согласно со членот 113 ставови 23 и 24“, кое е замислено да претставува додаток на дипломата според оспорените законски дополнувања (член 2 од Законот за дополнување на Законот за високото образование).
Според член 116 од Законот за високото образование “Студентот кој ќе ги изврши сите обврски по студиската програма за добивање на високо образование во кој било циклус на образование универзитетот и единицата на универзитетот, односно самостојната висока стручна школа врз основа на евиденцијата што се води за него му издава диплома. Со дипломата се потврдува дека студентот завршил студиска програма од прв, втор или трет циклус и се стекнува со соодветен стручен или научен назив. Составен дел на дипломата е додаток на дипломата. Диплома и додаток на дипломата на универзитетот ја потпишува ректорот и деканот односно директорот на единицата на универзитетот и се оверува со сув печат на универзитетот…“. Оваа одредба постоеше во правниот поредок пред оспорените законски дополнувања и ја потврдува конечноста на добиената диплома и додатокот на диплома како документ по завршувањето на студиите. Евидентно, начинот на стекнување на дипломата и нејзиниот додаток кои се уредени со оваа одредба укажува дека обете се стекнуваат како резултат на еден заокружен и завршен едукативен процес кој претходел на нивното добивање.
Според член 120 од Законот за високото образование, “На високообразовните установи се водат матична книга на запишани студенти и главна книга на дипломирани студенти и досие на секој студент. Формата и начинот на водењето (во материјална и електронска) и содржината на матичната книга на запишани студенти и главната книга на дипломирани студенти ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование. Матичната книга на запишани студенти и главната книга на дипломираните студенти се документи од трајна вредност. За издадените дипломи од страна на високообразовните установи во Република Македонија од нивното основање министерството надлежено за работите на високото образование води Регистар. Формата, содржината и начинот на водење на Регистарот од став 3 на овој член го пропишува министерот надлежен за работите на високото образование.“ Член 110-а став 7 се надоврзува, уредувајќи дека “Високообразовните установи, двапати годишно, и тоа еднаш по запишување на студиите и еднаш на крајот на академската година, имаат обврска да достават список на запишани и дипломирани студенти во тековната академска година, по факултети и студиски програми до министерството надлежно за високото образование, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија.“
Ако се земе предвид дека според закон главната книга на дипломирани студенти е документ од трајна вредност и дека за издадените дипломи Министерството за образование води Регистар, сметам дека оспорените одредби сериозно и нелегитимно упаѓаат во системот на издавање на валидни дипломи и на нивната конечност односно се нарушува принципот на владеење на правото. Преку дополнително изменување на состојбата со успехот на лицето кое бара преполагање на испити, – а кое всушност не е повеќе активен студент кој кога би го имал сеуште тој статус би имал регуларна можност да преполага испити- се релативизира правниот статус на дипломата и нејзиниот додаток како конечни документи. Ваквата состојба предизвикува правни последици кои не секогаш можат да се категоризираат како “поповолни за граѓаните“ со оглед на тоа што генерираат нефаворабилни правни импликации кон други граѓани, односно лица кои не преполагале испити и не го корегирале својот просек, со што се намалила нивната конкурентност при понатамошниот упис или вработување, што крајно резултирало во нивна индиректна дискриминација.
Правната рамка на било кои конкурсни услови би се применувала нееднакво спрема апликантите, бидејќи некои би ја имале привилегијата да го подобрат својот пласман наспроти другите кои не го сториле тоа односно стартните конкурентни позиции на кандидатите не би биле поставени на еднаква основа. Апсурдноста е дека закондавецот сметал дека токму со ваквото решение врши недискриминација, но всушност тој уредува начин за да ја премости “дискриминацијата“ која претходно самиот ја поставил со условено барање за повисок просек во различни закони при упис, кандидирање, вработување на определени позиции во бројни институции.
Оспорените одредби 3 и 4 уредуваат дека ваквата можност за преполагање на испити ќе се применува за лица кои завршиле високо образование “пред влегувањето во сила на овој закон“, а според оспорениот член 6 самиот закон влегува во сила со денот на неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија“. Тоа практично значи дека една правна состојба која допрва ќе следи, ќе се применува на сите состојби односно дипломирани лица пред влегувањето во сила на законските дополнувања, а така стекнатите додатоци на дипломи и нов просек ќе имаат правен ефект неограничено во иднина. Повеќе од јасно е дека овие одредби се во потполна и сериозна спротивност со принципот на владеење на правото кој бара законите обврзно да бидат јавно објавени односно обзнанети пред да се применуваат, а повратното дејство кое тие го произведуваат во овој случај не обезбедува поголема поволност за сите засегнати граѓани.
По однос на повредата на автономијата на универзитетот како уставен принцип уреден со член 46 од Уставот, сметам дека и ова прашање се надоврзува во низата на такви повреди нотирани во издвоените мислења кон Решението У.бр.53/2013 за Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011 и 15/2013) и Решението У.бр.98/2011 за Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011 и 51/2011). Тука треба да се имаат предвид и следните членови: “Универзитетот ги интегрира функциите на своите единици (функционална интеграција) и со своите органи го обезбедува нивното усогласено дејствување, преку…донесување стандарди, нормативи и правила за организација и вршење на високообразовната и научно – истражувачката дејност;…. критериуми за избор и напредување во наставни, наставно-научни и научни звања; ……развој и организирање на студиите; систем за обезбедување и контрола на квалитетот; стандарди во наставата;….издавање дипломи; ….издавање обрасци и други документи за потребите на студентите;…“ (член 18 став 2 од Законот); како и дека Сенатот “донесува правилник за издавањето на дипломи, додаток на дипломи, стручниот, односно научниот назив и други документи за завршени студии на високо образование и за условите и постапката за одземање на издадената диплома“ (член 52 став 2 алинеја 25 од Законот) и “…го уредува издавањето на дипломи и други документи за завршени студии на високо образование“ (член 57 алинеја 6 од Законот). Од овие причини, сметам дека упадот во автономијата на универзитетот се огледа во можноста законодавецот преку оспорените одредби да наметнува односно целосно да ја уредува измената на официјално стекнати оценки, стекнат просек односно дипломи, на сметка на законски уредената и уставно загарнтирана автономија.
Според целата горенаведена аргументција, сметам дека оспорените одредби во својата целокупност ги повредуваат член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото), член 9 став 2 (еднаквоста), член 46 (автономија на Универзитетот), член 52 став 4 (повратно дејство на законите и другите прописи) од Уставот.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска