У.бр.78/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2013).

2. Дејан Недев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот закон не бил во согласност со членовите 8, 9, 44, 46, 51 и 52 став 4 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што оспорениот закон, поточно членовите 3 и 4 од истиот, предвидувале дека Законот ќе се применува пред неговото влегување во сила, односно пред неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“. Оттука, според подносителот на иницијативата, оспорениот закон имал ретроактивно дејство бидејќи тој можел да дејствува само врз новите правни ситуации, а не и пред неговото донесување.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека како една од гаранциите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот во член 52 став 4 од Уставот била утврдена забрана на повратното дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Според наводите во иницијативата, од содржината на оспорените членови 3 и 4 од Законот произлегувало дека оспорениот закон се применувал пред неговото објавување во “Службен весник на Република Македонија” и пред да влезе во сила при што со него не се предвидувало решение кое е поповолно за граѓаните, со што се повредувал член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 44, член 46, член 51 и член 52 став 4 од Уставот.

Според иницијативата, оспорениот закон имал ретроактивно дејство од причина што тој закон можел да дејствува само врз новите правни ситуации и односи кои настапувале по неговото влегување во сила, но претходно настанатите правни ситуации не можеле да запрат како што се предвидувало во овој закон.

Со оспорениот закон, исто така, бил извршен упад во автономијата на универзитетот гарантирана со член 46 став 1 од Уставот, бидејќи не се признавале веќе утврдените оценки од страна на универзитетот, институтот или самостојна висока стручна школа, што било преседан во правниот поредок на Република Македонија.

Поради наведените причини се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот закон и истовремено да донесе и решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на РМ“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012 и 15/2013), во членот 113 по ставот 22 се додаваат два нови става 23 и 24, кои гласат: „Универзитет, институт или самостојна висока стручна школа на лица кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршување на студиите може на нивно барање да дозволи повторно полагање на одреден број предмети, но не повеќе од пет предмети. Повторното полагање на предметите од ставот 23 на овој член може да се изврши само еднаш“.

Во членот 2 од истиот закон се предвидува дека во членот 116 по ставот 3 се додаваат два нови става 4 и 5, кои гласат: „Додатокот на диплома издаден од страна на универзитет, институт или самостојна висока стручна школа, покрај податоците уредени од членот 2 точка 8 од овој закон, го содржи и просекот на лицето остварен заклучно со дополнително положените предмети согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон. Во додатокот на диплома за лицата кои ќе остварат дополнително полагање на одреден број предмети, согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон, се внесува оцената само за оние кои оствариле просек 8 и над 8. Ставовите 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 стануваат ставови 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12.

Согласно член 3 од Законот, одредбата од членот 1 од овој закон која се однесува на членот 113 ставови 23 и 24 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон.

Членот 4 од Законот предвидува дека одредбата од членот 2 од овој закон која се однесува на членот 116 ставови 4 и 5 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон.

Според член 5 од Законот, се овластува Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија да утврди пречистен текст на Законот за високото образование.

Членот 6 од оспорениот закон предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во смисла на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 44 од Уставот, секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Согласно член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 52 став 4 од Уставот се предвидува дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Оспорениот Закон за дополнување на Законот за високото образование, во член 1 од истиот предвидува дека во членот 113 по ставот 22 се додаваат два нови ставови 23 и 24, кои гласат: Универзитет, институт или самостојната висока стручна школа на лица кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршување на студиите може на нивно барање да дозволи повторно полагање на одреден број предмети, но не повеќе од пет предмети.

Повторното полагање на предметите од ставот 23 на овој член може да се изврши само еднаш.

Според член 2 од овој закон, во членот 116 по ставот 3 се додаваат два нови става 4 и 5, кои гласат:

Додатокот на диплома издаден од страна на универзитет, институт или самостојната висока стручна школа, покрај податоците од членот 2 точка 8 од овој закон, го содржи и просекот на лицето остварен заклучно со дополнително положените предмети согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон.

Во додатокот на диплома за лицата кои ќе остварат дополнително полагање на одреден број предмети, согласно со членот 113 ставови 23 и 24 од овој закон, се внесува оцената само за оние кои оствариле просек 8 и над 8.

Ставовите 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 стануваат ставови 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12.

Во член 3 од истиот Закон е утврдено дека, одредбата од членот 1 од овој закон која се однесува на членот 113 ставови 23 и 24 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегување во сила на овој закон.

Согласно член 4 од Законот, одредбата од членот 2 од овој закон која се однесува на членот 116 ставови 4 и 5 ќе се применува за лица кои завршиле високо образование пред влегување во сила на овој закон.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани од следниве причини:

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека целта на предметното дополнување на Законот за високото образование е овозможување на флексибилност и можност за повторно полагање на одреден број предмети на кои студентите во текот на студиите покажале послаб резултат, односно чиј просек во првиот и вториот циклус на студии бил минимум 7,5. Со ова се дава можност истите да го подобрат просечниот успех и да остварат просек 8 или над 8, а со тоа им се дава можност за упис на јавни установи за прием и стручно усовршување на кандидати, како на пример на Академијата за судии и јавни обвинители, Академијата за наставници и други установи, каде како услов за прием во обуката е постигнатиот просечен успех на студиите во прв и втор циклус. Со предметниот закон, според Судот, се дава можност на лицата кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон на студиите од прв и втор циклус и оствариле просек од минимум 7,5 на нивно барање да им се дозволи повторно полагање на одреден број предмети, со цел остварување на повисок просечен успех на студиите.

Според Судот, предложеното законско решение е дадено како можност и по сопствена волја да одлучува лицето кое има завршено високо образование пред влегувањето во сила на овој закон, а заради остварување на негови потреби за запишување на втор и трет циклус на студии или за негово стручно усовршување доколку му е потребен повисок просек од тој што веќе го имал постигнато од завршеното високо образование, а кое како такво решение е поповолно за граѓаните. При тоа, правната последица од успехот кој би го постигнал со добивањето на додатокот на диплома е од преполагањето на испитите па натаму, односно по влегувањето во сила на законот.

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите (член 52 став 4 од Уставот) значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Исклучок од ова уставно начело е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неосновано е тврдењето во иницијативата дека со оспорениот закон се повредувал член 52 став 4 од Уставот. Ова затоа што особено членовите 3 и 4 од Законот се однесуваат на лица кои завршиле високо образование пред влегувањето во сила на овој закон и кои оствариле просек од минимум 7,5 од прв и втор циклус по завршувањето на студиите и истото е исклучиво по барање на странката, а ќе се впише исклучиво само повисоко добиената оцена и како таква истата ќе влијае на одредување на постигнатиот просек. Според Судот, легитимно право е на законодавецот да го определи лимитот, односно границата за просекот и можноста за преполагање на определени испити, поради што не може да се прифати како решение кое е понеповолно за граѓаните.

Оттука, според Судот, со оспорените одредби од Законот не се пропишува повратно дејство на законот кое е понеповолно за граѓаните, што би водело кон повреда на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот закон со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот.

Наводите во иницијативата дека со оспорениот закон се повредува автономијата на Универзитетот , која е загарантирана со член 46 од Уставот, според Судот се неосновани. Ова од причина што со овозможувањето на граѓаните да дојдат до поповолни критериуми со преполагање на одреден број на предмети кои законодавецот како креатор на законите ги уредува, не се навлегува во автономијата на универзитетот.

По однос на барањето Судот до донесување на конечна одлука, со времена мерка да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорениот закон, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за изрекување на таква мерка.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.78/2016
8 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.78/2016