Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.182/2009 од 9 септември 2009 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Врз основа на членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членот 51 од Деловникот на Уставниот суд, коишто се изнесени во Решението, сметам дека се целосно исполнети условите за воспоставување на надлежноста на Судот во овој предмет. Со оглед на тоа што овој предмет отвора прашања од принципиелна природа, во ова издвоено мислење сакам да ги образложам основите за различниот став.
За Судот никогаш не било спорно дека слободата на вероисповеста и правото на нејзино манифестирање поединечно или во заедница со други, во смисла на член 16 од Уставот, е само еден посебен облик на слободата на уверувањето, мислата и јавното изразување на мислата, гарантирана во членот 19 од Уставот, за чијашто заштита, според членот 110 од Уставот, е надлежен Уставниот суд. Според тоа, во принцип, кога некој “граѓанин“ (што, инаку, е претесен поим во светлината на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, во чиј контекст Уставниот суд ги интерпретира соодветните одредби од Уставот) ќе поднесе барање за заштита на слободата на верското уверување, Судот е надлежен да одлучува за тоа. Судот и во овој случај не го тврди спротивното. Меѓутоа, мнозинство судии сметаат дека постојат околности коишто налагаат барањето да биде отфрлено.
Најпрво, мнозинството судии сметаат дека барањето за заштита на слободата на вероисповест, иако е поднесено од поединец, всушност било поднесено во име на религиозна група на која и припаѓа подносителката на барањето. Јас не се согласувам со ваквата презентација на ова фактичко прашање, а освен тоа, таа му противречи на диспозитивот на Решението во којшто се отфрла барањето токму на определено лице. Неспорно е дека барањето е поднесено од лицето Олимпијада Мижимаковска. Воспоставувањето на правна фикција дека тоа не е така не би било можно дури и кога барањето би било поднесено во име на група лица на којашто тоа лице и припаѓа, затоа што тоа не би го исклучило фактот дека барањето е поднесено и во свое име. Не е можно да се тврди дека подносителката на барањето го поднела барањето во име на други, а не и во свое име. Оттука, во случајов е исполнет условот барањето за заштита на слободите и правата да биде поднесено од поединец, “граѓанин“, и по тој основ тоа не може да се отфрли.
Во еден поширок контекст, во овој предмет се отвора прашањето за признавање на активна легитимација во постапката за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд, во случаи кога се работи за заштита на слободи и права што имаат колективни аспекти, како што се слободата на вероисповед (“Се гарантира ..поединечно или во заедница со други, изразување на верата.“ – член 19 од Уставот) и слободата на политичко организирање и дејствување што ја заштитува Уставниот суд во согласност со член 110 од Уставот. Во вакви случаи заштитата на слободите и правата што се остваруваат преку формирање на религиозна заедница или политичка партија и нивно дејствување, не може да се сведе на еден единствен поединец, како што нивната повреда не може да постои во однос на едно лице, а да не постои истовремено и за другите лица од таа организација. Во таа смисла, на пример, забраната за регистрација на една политичка партија или забраната за нејзино дејствување има последици врз поединечните права на политичко организирање и дејствување, но, според моето мислење, ја легитимира и организацијата, а не само поединецот, да биде подносител на барање за заштита на ова право. Сметам дека тој пристап во принцип е валиден и во случај на основање, регистрација и дејствување или забрана на дејствување на религиозни заедници. Оттука, дури и кога во конкретниот случај како подносител на барањето би се појавила религиската заедница чиешто регистрирање било одбиено, тоа не би било причина за отфрлање на барањето.
Исто така, не се согласувам со констатацијата дека подносителката на барањето “само формално и декларативно се повикува на заштита на слободите и правата, без притоа да наведе аргументи, ниту докази и факти во што се состоела дискриминацијата и повредата на правото на вероисповест, односно верско изразување“, како основ за отфрлање на барањето. Коректно е да се каже, како што е наведено и во Решението при презентацијата на содржината на барањето, дека со него не се бара заштита на правото на недискриминација, туку се бара заштита на слободата на вероисповест, односно верско изразување. Според тоа, нема зошто да се бараат докази дека била вршена дискриминација по некој основ.
Во барањето се наведува дека повредата на слободата на вероисповед била сторена со самото одбивање на регистрација на религиозната заедница на која и припаѓа подносителката на барањето, а дека тоа одбивање било резултат на погрешна примена на Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група. Во ваков вид на барање, единствените докази и факти што може да се наведат се конечниот судски акт со кој регистрацијата била одбиена, неговиот фактички материјал, неговата аргументација и законот врз чија основа било решавано за барањето за упис во регистарот. Уставниот суд, пак, треба да одговори, прво, дали и под кои услови регистрацијата има значење за суштинско остварување на верската слобода, односно дали одбивањето на регистрацијата може да биде фактор за повреда на суштинските аспекти на слободата на вероисповест и, ако одговорот е потврден, второ, дали одбивањето на регистрацијата на религиозна заедница било засновано врз закон или не, дали се потпирало на определени правила или било арбитрерно. Тврдењето во барањето дека законот не бил правилно применет, во Решението се зема како последен основ за отфрлање на барањето, затоа што “..Уставниот суд не е надлежен да ја цени и испитува примената на законот од страна на судовите во редовната судска постапка“. Се разбира дека Уставниот суд нема таква надлежност, меѓутоа кога се тврди дека повредата на слободата или правото настанала токму со судска одлука, тогаш нема друг начин да се утврди дали таква повреда постои или не, освен да се испитува нејзината правна заснованост, нејзините разлози и нејзините ефекти. Без тоа Уставниот суд не може да ја оствари својата надлежност за заштита на уставните слободи и права.
Врз основа на изнесеното, сметам дека во овој случај беа исполнети сите услови Уставниот суд да ја прифати надлежноста за одлучување по барањето за заштита на слободата на верско уверување и изразување. Дали, пак, во случајов постоела или не постоела наводната повреда, е сосема друго прашање.
Скопје, 17.09.2009
Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски